Мицкоски: Повеќе нема простор за импровизација - Канал 5

Мицкоски: Повеќе нема простор за импровизација

Повеќе нема простор за импровизација, сите случаи кои во минатото беа „заташкани“ треба да се разгледаат повторно

Мицкоски: Повеќе нема простор за импровизација

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека покрај со лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче за реформската агенда подготвен е да разговара со лидерите на опозициските партии застапени во Парламентот, бидејќи вели станува збор за заеднички проект гласан од сите.

-Ги чекаме имињата да ги достават од страна на СДСМ во двата сектора - владеење на правото и во делот на енергетиката. Тоа беа двете теми за кои од страна на Венко Филипче беше изразена желба да учествуваат со свои претставници во изготвувањето на реформските закони, бидејќи тие во суштина се дел од реформската агенда. Кога ќе ги добијам, можеби тоа прашање треба до нив да го упатите. Инаку, тој побара средба со мене, кога ќе побараат и другите политичките партии од опозицијата би разговарал и со нив во иста насока. Реформската агенда е заеднички проект, заеднички се гласаше, така што очекувам конструктивност од сите полиитички чинители во Парламентот, рече Мицкоски на новинарско прашање за средбата со Филипче, дали очекува конструктивност од него во определбата за реформската агенда и кога може да се очекуваат првите чекори во насока на тоа што е договорено.

Мицкоски му го честита реизборот на Филипче за претседател на СДСМ, но не сакаше да ја коментира неговата изјава дека Владата не направила ништо за овие 10 месеци

-Имајќи предвид дека е ова владина говорница, јас би му го честитал реизборот и да му посакам успешна работа како претседател на СДСМ, рече премиерот Мицкоски.

Прашан за тоа што разговарале со Филипче за случаите со Беса транс, Модуларната болница и Ласкарци, тој кажа оти смета дека е потребно нивно повторно разгледување, оти вели, се чини дека биле „заташкани“ .

-Кога зборуваме за објективна истрага и одговорност, тогаш ќе треба за сите оние случаи кои што во минатото беа набрзина завршени, или народски кажано заташкани, да ги разгледаме повторно. Да видиме дали и како е стигнато до таа правда за која досега, барем во дел од случаите се завршени само во прв степен, се уште во втор степен не се завршени. Ако вистински сакаме ресет тогаш ќе треба тоа да го направиме на сите нивоа и да ја видиме одговорноста и во тие случаи - и во случајот Ласкарци, и во Беса транс, и во Модуларната болница... Има многу прашања кои што треба да бидат одговорени, ако навистина сакаме отчетност, затоа што тие случаи кога се случија завршија со нула приведени, додека во случајот во Кочани досега има 34 и огромен број на пооранешни и сегашни официјални лица се повикани од страна на Обвинителството преку МВР на информативен разговор, нагласи претседателот на Владата.

Тој посочи на идејата, односно иницијативата во рамки на Парламентот да се формира анкетна комисија за случајот Кочани која би ги разгледала и случаите со Беса транс, Модуларната болница и Ласкарци.

-Ние и нашата пратеничка група предложи и стои на тоа да се прошири и за овие други три случаи, така што таму може да има јавна дебата, да се разговара, да се отворат сите аргументи и сето тоа што претставува сомнеж таму да биде презентирано, вели Мицкоски

Тој потврди дека постои политичка волја да се даде поддршка да се расчисти и со овие три случаи.

-Со сите, нема простор повеќе за импровизација, мора со сите да се расчисти и јавноста сето тоа да го набљудува, инаку нема да имаме напредок. Ќе ни се повторуваат овие работи, убеден е премиерот.

За тоа дали може да се очекува со истрагата да бидат опфатени и актуелни владини функционери, односно одговорни функционери во полицијата и други институции и дали тие би поднеле оставка од морални причини, Мицкоски кажа дека е тоа работа на Обвинителството.

-Истрагата ја води Јавното обвинителство, а не Владата, и тоа е прашање за Јавното обвинителство. Ако цените дека јас треба да поднесам оставка од морални причини нема проблем тоа да го сторам, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ким Кардашијан има пет дадилки за своите четири деца: „Една е секогаш на должност“

Ким Кардашијан, 45-годишната основачка на брендот „SKIMS“, во ново интервју откри детали за тоа како го организира животот со четирите деца што ги има со поранешниот сопруг, Канје Вест. 

Ким Кардашијан има пет дадилки за своите четири деца: „Една е секогаш на должност“

Заедно ги имаат ќерките Норт (13) и Чикаго (8) и синовите Сејнт (10) и Псалм (7), при што Кардашијан е нивниот примарен старател.

Кардашијан за „Тајмс“ откри дека има помош околу грижата за децата, ангажирајќи пет дадилки кои се менуваат. Таа објасни дека „една е секогаш на должност“, додека „останатите четири се менуваат во смени“.

Таа секој ден ги вози на училиште

И покрај тоа што има помош, Кардашијан вели дека е активно вклучена во секојдневниот живот на своите деца. Таа лично ги вози на училиште и ги зема оттаму секој ден, а секоја вечер заедно вечераат. „Мислам дека сум умерено строга мајка. Многу сум трпелива и им давам многу љубов. Децата сè уште можат да спијат во мојот кревет кога и да посакаат, а јас им читам секоја вечер пред спиење“, рече таа.

Таа се грижи за јавното експонирање на децата

Во интервјуто, таа се осврна и на прашањето за јавното експонирање на нејзините деца – особено на најстарата ќерка, Норт, која е популарна на „TikTok“ и сè повеќе се занимава со музика. Кардашијан призна дека се грижи за учеството на децата во семејното реално шоу „The Kardashians“. „Секое дете учествува онолку колку што се чувствува пријатно. Помалите деца се појавуваат додека снимам, но немаат некои големи улоги во серијата. Норт ужива во тоа малку повеќе од другите, па морам малку да ја ограничувам“, објасни таа. Таа додаде дека Норт е најмногу заинтересирана за проекти кои нудат јавно експонирање, поради што нејзините родители се обидуваат внимателно да ги избираат можностите што таа ги прифаќа, наместо да се согласуваат на сè што ѝ се нуди.

Кога станува збор за музиката, Кардашијан вели дека подобро комуницира со Канје Вест на таа тема. Тие се погрижуваат да бидат усогласени и се осигуруваат дека Норт учествува само во проекти што и двајцата ги одобриле.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Хаос во Франција: Се затвораат до 500 средни училишта, 24 се запалени или вандализирани

Училиштата се затвораат кога не се исполнети безбедносните услови – било поради оштетување на имотот или поради тоа што вработените биле директно загрозени.

Хаос во Франција: Се затвораат до 500 средни училишта, 24 се запалени или вандализирани

Францускиот министер за образование, Жан-Мишел Бланке, денес соопшти дека утре целосно или делумно ќе бидат затворени меѓу 400 и 500 средни училишта во Франција поради последиците од насилните студентски протести, додека најмалку 24 училишни објекти биле запалени или вандализирани.

„Наставата беше прекината во меѓу 400 и 500 образовни установи во петокот, а веројатно сличен број ќе бидат затворени и во понеделник, иако со делумно и постепено продолжување на наставата“, изјави Бланке, пренесува весникот „Ле Фигаро“.

Францускиот министер наведе дека 78 вработени во образовниот систем се повредени откако започнаа протестите.

Според него, училиштата се затвораат кога не се исполнети безбедносните услови – било поради оштетување на имотот или поради тоа што вработените биле директно загрозени.

Бланке рече дека одредени припадници на крајната левица се приклучиле на протестите, обвинувајќи ги дека го злоупотребиле студентското движење и прибегнале кон насилство.

„Ова претставува ризик и за нашиот персонал и за учениците. Повредени се 78 вработени во образованието – нешто што досега не сме го виделе. Тие беа намерно нападнати бидејќи работат во образованието“, изјави министерот.

Протести низ Франција

Протестите и блокадите на средните училишта започнаа на 17 септември во регионот на Париз, а потоа се проширија низ целата земја. Ситуацијата, како што забележува францускиот весник, ескалираше во четвртокот во неколку француски градови.

Петокот беше одбележан со тензии и повеќе од 1.700 приведени лица, со што вкупниот број на приведени од почетокот на неделата достигна околу 5.000.

Организаторите повикаа протестите да продолжат и во вторник, наведувајќи дека не добиле „конкретни мерки“ од властите.

Учениците што учествуваат во протестите, меѓу другото, бараат повеќе персонал и зголемени средства за образованието, а истовремено се жалат на притисокот од системот за упис на универзитетите, недостигот на наставници-заменици, лошата состојба на училишните згради и преоптоварените распореди на часовите.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Пукање во близина на границата меѓу Норвешка и Шведска: Убиени татко и син

Татко и син загинаа, а трет маж беше тешко ранет во пукање во близина на Халден, во југоисточна Норвешка. Осомничениот, маж на возраст од околу 30 години, бил совладан од присутните на местото на настанот пред да пристигне полицијата.

Пукање во близина на границата меѓу Норвешка и Шведска: Убиени татко и син

Жртвите биле маж во седумдесеттите години и неговиот син, кој бил во четириесеттите години. Сите тројца биле дел од ловечка група собрана на имот во близина на езерото Ершеен, недалеку од шведската граница.

Напаѓачот совладан пред пристигнувањето на полицијата

Според норвешките медиуми, осомничениот не бил дел од ловечката група.

По пукањето, луѓето присутни на имотот успеале да го совладаат и да го задржат до доаѓањето на полицијата. Полицијата верува дека тој дејствувал сам и соопшти дека нема опасност за јавноста.

Според досегашните информации, во нападот била употребена ловечка пушка. Норвешките медиуми исто така известуваат дека осомничениот поседувал дозвола за две парчиња огнено оружје.

Адвокат: Тој ја признал кривичната одговорност

Адвокатот на осомничениот, Оле Ричард Холм-Олсен, изјави дека неговиот клиент ја признал кривичната одговорност за двете убиства и за ранувањето на третото лице.

Според адвокатот, осомничениот писмено ја признал кривичната одговорност и се согласил на притвор, но во моментов не сака да даде изјава пред полицијата.

Мотивот сè уште непознат

Полицијата сè уште истражува зошто осомничениот отворил оган и каква поврзаност имал со луѓето на имотот. Истражителите се сомневаат дека тој ја познавал групата или некои од нејзините членови, но според досега објавените информации, тој не бил во роднинска врска со загинатите или со ранетиот маж.

По пукањето, полицијата ја пребарала околината и блиските објекти за да провери дали има други напаѓачи или жртви. Не биле пронајдени други жртви ниту дополнителни напаѓачи.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер