Мицкоски од Тирана: Планот за раст е повеќе од иницијатива, тој е заложба за вистинска промена - Канал 5

Мицкоски од Тирана: Планот за раст е повеќе од иницијатива, тој е заложба за вистинска промена

„За Македонија Планот за раст е многу повеќе од иницијатива“, посочи премиерот Христијан Мицкоски на Самитот на лидерите од Западен Балкан за планот за раст во Тирана. 

Мицкоски од Тирана: Планот за раст е повеќе од иницијатива, тој е заложба за вистинска промена

„За Македонија Планот за раст е многу повеќе од иницијатива“, посочи премиерот Христијан Мицкоски на Самитот на лидерите од Западен Балкан за планот за раст во Тирана. „Тоа е приказна за претворање на заложбата во вистинска промена“, продолжи Мицкоски, нагласувајќи дека Македонија беше првата земја од регионот што го операционализираше Инструментот за реформи и раст и првата што доби пред-финансирање согласно Планот.

„Ова беше резултат на посветена работа и на цврсто верување во европските вредности. Нашата реформска агенда, одобрена од Европската комисија, се фокусира на она што навистина е важно – добро владеење, чиста енергија, образование, развој на бизнисот и владеење на правото. Ова не се апстрактни цели. Тие се темелите на современата европска држава, секојдневната реалност што сакаме да ја обезбедиме за нашите граѓани“, посочи Мицкоски.

Мицкоски во обраќањето наброи дел од промените коишто веќе се спроведуваат.

„Оваа година поднесовме две барања за исплата на средства, со кои се поддржуваат приоритетните реформи на Владата – особено во областа на дигиталните услуги, зајакнување на деловната клима и подобрување на енергетската ефикасност. Досега се исплатени околу 24 милиони евра, комбинација од заеми и инвестициски грантови.

Продолжуваме со натамошни реформски чекори во сите сектори: управување со јавните финансии, дигитална трансформација, развој на бизнисот и реформи во правосудството. Завршувањето на овие чекори ќе отклучи дополнителна поддршка од ЕУ во износ од над 134 милиони евра. Но, ова не се само бројки, ова се приказни за промена“, додаде Мицкоски, којшто го потенцираше приклучувањето на Македонија кон Единствената евро-зона за плаќања (SEPA) меѓу првите партнери од Западен Балкан интегрирани во овој европски систем, потоа проектот WiFi за Западен Балкан (WiFi4WB), којшто се спроведува во 63 општини, Дигиталниот самит во Скопје како потврда на заложбата за интероперабилност, безбеден дигитален идентитет и за поблиско усогласување со европските дигитални стандарди, како и програмата Хоризонт градиме национална Антена на Фабриката за вештачка интелигенција која ја поврзува Македонија со европскиот екосистем за ВИ и со капацитетите за суперкомпјутери.

Мицкоски се осврна и на поврзаноста како врвен приоритет, зборувајќи за модернизација на три гранични премини – Деве Баир, Блаце и Богородица во рамките на иницијативата Зелени ленти, со што Европа физички станува поблиска до граѓаните.

„Нашата зелена транзиција, од енергетски ефикасни студентски домови до нови инвестиции во транспорт и железничка инфраструктура, покажува дека растот и одржливоста можат да одат рака под рака. Вкупно, проекти во вредност од околу 1,1 милијарда евра се во текот на Планот за раст, од кои над половина милијарда се ЕУ грантови“, нагласи Мицкоски, кој зборуваше и за продлабочената регионална соработка преку Заедничкиот регионален пазар и Берлинскиот процес создаваме простор кој го одразува Европскиот единствен пазар.

„Овие чекори се доказ дека кога ги интегрираме нашите пазари, кога ги поврзуваме патиштата и кога ги усогласуваме правилата, веќе ја практикуваме Европската унија и нејзините вредности“, заклучи Мицкоски.

„Нашата порака денес е едноставна, но цврста: Македонија исполнува. Не реформираме затоа што тоа се очекува од нас, туку реформираме затоа што веруваме во европската идеја. Ние ја градиме Европа дома со нашите политики, со нашите дела и со нашите вредности.

Сега очекуваме од нашите партнери истото, правичен, меритократски пристап кој ги наградува резултатите и ја препознава посветеноста. Заедно да го претвориме овој План за раст во вистински напредок и промена; Да биде доказ дека европската идеја продолжува да инспирира, да обединува и да дава резултати, не утре, туку денес“, посочи премиерот Христијан Мицкоски на Самитот на лидерите од Западен Балкан за планот за раст во Тирана.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кошаркар во инвалидска количка е обвинет за 11 случаи на силување- се соочува со доживотен затвор

Ли Фрајер (26), член на британскиот тим кој освои сребро на Параолимписките игри во 2024 година, се појави на суд за серија напади врз истата жена во период од пет години.

Кошаркар во инвалидска количка е обвинет за 11 случаи на силување- се соочува со доживотен затвор

Спортистот од Јоркшир, Англија, кој неодамна стана татко, е обвинет и за воајеризам, намерно давење, напад и контролирачко и принудно однесување во врска, објавува „Њујорк пост“.

Фрајер, кој ги загуби обете нозе, првпат беше уапсен во јули, по што беше суспендиран од британскиот кошаркарски тим во инвалидски колички. Подоцна беше обвинет и за поседување кокаин и попречување на правдата.

Обвиненијата за силување се однесуваат на наводни напади што се случиле во Шпанија, Јужна Африка и во неговиот дом во Англија. Првиот инцидент датира од мај 2021 година, додека најновиот наводен напад се случил оваа година.

Доколку биде осуден, Фрајер се соочува со доживотна казна затвор.

„Свесни сме за кривичните обвиненија против Ли Фрајер и ја признаваме сериозноста на обвинувањата. По неговото апсење, тој е суспендиран од тимот на Велика Британија и од сите активности на Британската кошарка во инвалидски колички, во исчекување на завршувањето на независна истрага. Со оглед на тоа што судските постапки се во тек, не би било соодветно да се даваат дополнителни коментари во овој момент“, се вели во соопштението на Британската кошаркарска федерација. Фрајер, кој стана татко во февруари, се изјасни за невин по сите обвиненија освен за воајеризам, за што не се изјасни, објавува Би-Би-Си.

Неговото судење е закажано за 22 март следната година, а тој ќе остане во притвор дотогаш. Тој се појави на суд само две години откако го имаше своето параолимписко деби како член на британскиот тим за кошарка во инвалидски колички. Тимот на Велика Британија го постигна својот најдобар резултат во последните 28 години во 2024 година. Во финалето за златниот медал, Британците загубија од Соединетите Американски Држави со 73:69.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Google Wallet“ пристигнува на „iOS“

Корисниците сега ја имаат на располагање оваа опција, доколку од која било причина претпочитаат да не го користат речиси идентичниот „Apple Wallet“.

„Google Wallet“ пристигнува на „iOS“

„Google“ и „Apple“ имаат долга историја на избегнување на воведување сопствен софтвер на хардверот на конкурентот, па затоа обично претставува изненадување кога овие компании ќе успеат да соработуваат. Неодамнешен пример е „Google Wallet“, кој сега е достапен на „iOS“ за корисниците во Соединетите Држави.

Ова е необична интеграција, со оглед на тоа што „Apple“ има своја апликација „Wallet“, која е многу слична на понудата на „Google“. И двете овозможуваат управување со дигитални средства за плаќање, чување билети и информации за патување, како и безбедно складирање на лични карти и други акредитиви.

Главната, забележлива разлика во оваа најава е позиционирањето на „Google Wallet“ како централна точка за самостојни (автономни) купувања извршени преку алатките на „Google“. Се чини дека ова е единствената област каде што корисничкото искуство би можело значително да се разликува, бидејќи „Apple“ генерално е повнимателен во однос на „агентната вештачка интелигенција“ (автономна вештачка интелигенција) во споредба со своите конкуренти.

Дополнително, верзијата на апликацијата „Google Wallet“ за „iOS“ нема да ја поддржува функционалноста за плаќање со допир („tap-to-pay“). Сепак, во објавата на блогот не е прецизирано дали оваа можност би можела да биде додадена во иднина.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Голема операција на Европол: Откриени 57 нелегални „IPTV“ услуги

Полициски сили од 11 земји, вклучително и Хрватска, учествуваа во меѓународна операција насочена против нелегални услуги за интернет-телевизија.

Голема операција на Европол: Откриени 57 нелегални „IPTV“ услуги

За време на петдневната операција, координирана со помош на Европол, беа затворени 57 нелегални „IPTV“ услуги, додека истражителите следеа трансакции со криптовалути во вредност од милиони.

Операцијата се одвиваше од 16 до 20 ноември во Севиља, Шпанија. Истражителите идентификуваа 321 веб-страница што незаконски нуделе содржини заштитени со авторски права, заедно, овие страници бележат над 7,3 милиони посети годишно.

Откриени крипто-трансакции во вредност од над 26 милиони евра

Според Европол, истражителите досега идентификувале трансакции со криптовалути во вредност од над 26 милиони евра. Анализата на финансиските текови продолжува, со цел да се утврди кој управува со овие нелегални услуги и каде завршуваат парите на корисниците.

За само неколку евра месечно, нелегалните „IPTV“ услуги нудат пристап до илјадници телевизиски канали, спортски преноси во живо и филмови – сето тоа без дозвола од носителите на авторските права.

Претплатите често се наплаќаат преку криптовалути, при што средствата потоа се пренасочуваат низ разни дигитални паричници, сметки и посредници. Овој деловен модел го отежнува идентификувањето на поединците кои остваруваат профит од овие активности.

Околу 60 милиони Европејци користат нелегални „IPTV“ услуги

Според проценките на Алијансата против аудиовизуелно пиратство (AAPA), околу 60 милиони луѓе во Европа користат неовластени „IPTV“ услуги. Годишните загуби за легалните даватели на телевизиски и други аудиовизуелни услуги се проценуваат на 4,83 милијарди евра, додека државите губат дополнителни 1,08 милијарди евра поради неплатени даноци.

Истражителите посочуваат дека зад навидум евтините претплати стои организирана нелегална операција која генерира милијарди евра годишен приход.

Полицијата сега ги следи парите, а не се фокусира само на нелегалните веб-страници

За разлика од претходните операции, кои првенствено беа насочени кон затворање на нелегалните услуги, оваа акција конкретно ја таргетира финансиската инфраструктура што овозможува нивно функционирање.

Полицијата следеше сомнителни трансакции на блокчејн мрежите, барајќи врски помеѓу нелегалните „IPTV“ услуги, дигиталните паричници и поединците кои управуваат со нив. Криптовалутите овозможуваат брзи прекугранични трансфери на пари, но овие трансакции оставаат дигитални траги. Истражителите можат да ги анализираат овие траги за да поврзат сметки, да ги откријат примачите и да идентификуваат потенцијални осомничени.

Европол напоменува дека затворањето на една нелегална веб-страница не мора да значи и крај на криминалните активности. Операторите можат едноставно да започнат нови услуги, доколку задржат пристап до средствата и системите за плаќање.

Во операцијата учествуваше и хрватската полиција

Во операцијата учествуваа приближно 40 претставници од полициски, меѓународни и приватни организации, вклучително и 30 полициски службеници од 11 земји. Покрај Хрватска, учествуваа и полициски службеници од Белгија, Бугарија, Грција, Ирска, Италија, Холандија, Португалија, Романија, Шпанија и Соединетите Американски Држави.

Операцијата беше координирана од Европол преку Координираната коалиција за криминал против интелектуалната сопственост (IPC3). Европол обезбеди аналитичка поддршка, проверка на разузнавачки податоци и безбедна размена на информации помеѓу земјите учеснички.

Меѓу другите учесници беа Канцеларијата на Европската унија за интелектуална сопственост (EUIPO), Интерпол, организацијата „AAPA“, како и компаниите „Binance“, „Coinbase“ и „Chainalysis“ – кои работат во областа на криптовалутите и анализата на трансакции на блокчејн.

Податоците собрани за време на операцијата ќе се користат во националните истраги за идентификување на осомничени, затворање на нелегални услуги и следење на средства поврзани со незаконски активности.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер