Мицкоски објави инвестиција од 100 милиони во енергетиката - Канал 5

Мицкоски објави инвестиција од 100 милиони во енергетиката

Овие инвестиции имаат и значаен економски ефект, преку отворање нови работни места, ангажман на домашната индустрија, развој на локалните заедници и зголемена конкурентност на националната економија, вели Мицкоски.

Мицкоски објави инвестиција од 100 милиони во енергетиката

„Почитувани,

Во Владата денес беа потпишани договори, настан кој има значење и оди многу подалеку од формалниот чин на потпишување на договори. Всушност денес донесовме одлуки коишто ја обликува иднината на државата, ја зајакнуваат нејзината стабилност и ја дефинираат нашата визија за економски развој, безбедност и суверенитет.

Со потпишувањето на договорот за реализација на фотонапонската електрана „Битола 3“ и за ревитализацијата на хидроелектраните – Фаза 3, испраќаме јасна и недвосмислена порака: енергетиката е еден од клучните национални приоритети и инвестиција од највисок стратешки интерес. Станува збор за инвестиција од вкупно 97 милиони евра, од овие, 50 милиони евра се од КФВ се за фотонапонска „Битола 3“, 10 за ревитализација на хидроелектрани, а 37 од ЕБОР се за ФЕ „Битола 3“. Со овие проекти, инвестициите во енергетскиот сектор се приближуваат до 100 милиони евра.

Во современиот свет, енергетиката е прашање од суштинско значење за националната безбедност, економската конкурентноста и социјалната стабилност. Сигурниот, стабилен и сопствен енергетски систем е предуслов за отпорност на економски и геополитички предизвици, како и за долгорочен развој. Затоа, нашата определба е јасна: систематско, континуирано и одговорно инвестирање во енергетски капацитети, со цел да ја зајакнеме енергетската независност и да обезбедиме долгорочна сигурност за граѓаните и за стопанството.

Фотонапонската електрана „Битола 3“ е симбол на таа определба. Таа претставува чекор кон модерна, чиста и одржлива енергетика, која ја користи силата на природата во служба на јавниот интерес. Со ваквите инвестиции ја намалуваме зависноста од увоз на електрична енергија, го стабилизираме енергетскиот биланс и создаваме предуслови за предвидливи и пониски трошоци на долг рок.

Истовремено, преку ревитализацијата на хидроелектраните – Фаза 3, покажуваме дека знаеме да управуваме мудро и со постоечките ресурси. Наместо да ги оставиме капацитетите да стареат, вложуваме во нивна модернизација, зголемена ефикасност и продолжен работен век. Ова е пристап кој носи најголем поврат за државата и за граѓаните.

Овие инвестиции имаат и значаен економски ефект, преку отворање нови работни места, ангажман на домашната индустрија, развој на локалните заедници и зголемена конкурентност на националната економија. Стабилниот енергетски систем е основа за стабилна економија и подобар животен стандард за граѓаните.

Владата изразува благодарност до Министерството за финансии, АД ЕСМ за нивната професионалност, експертиза и посветеност во спроведувањето на овие стратешки инвестиции. Посебна благодарност како Влада упатуваме до нашите меѓународни партнери – КФВ Банка и Европската банка за обнова и развој, за поддршката и довербата во реформските политики и визијата која е препознаена и дека нашите политики се кредибилни, одржливи и насочени кон иднината. Ова партнерство е пример како државата и меѓународната заедница можат заедно да градат проекти од стратешко значење.

Оваа цел на Владата не е краткорочен ефект, туку долгорочна трансформација. Градиме енергетски систем кој ќе биде отпорен на кризи, флексибилен кон идните предизвици и усогласен со европските стандарди. Но, исто така систем кој ќе обезбеди енергетска сигурност денес, но и за генерациите кои доаѓаат.

Затоа денес не зборуваме само за мегавати и инфраструктура. Денеска зборуваме за суверенитет, за одговорност и за визија. За држава која самоуверено ја гради својата иднина.“- вели премиерот Христијан Мицкоски.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Град на духови“ на Кавказ- порано бил рударски рај, а сега шума ги проголта зградите (ФОТО)

На југоистокот на Абхазија, во градот Ткварчали, се наоѓа Акармара, некогаш просперитетна рударска населба, а денес една од највпечатливите напуштени локации во поранешниот СССР.

„Град на духови“ на Кавказ- порано бил рударски рај, а сега шума ги проголта зградите (ФОТО)

Денес, еден вид „град на духови“ привлекува туристи и урбани истражувачи, но е создаден од сосема различни причини.

Важен дел од рударската индустрија

Историјата на Акармара започнува во 1938 година, кога е основана рударска населба, првенствено за експлоатација на јаглен потребен на советската индустрија.

Важноста на оваа област дополнително се зголемила за време на Втората светска војна, кога залихите со јаглен станале уште поважни за СССР, и откако Донбас паднал под германска окупација.

Во 1942 година, Ткварчали добил статус на град, а во неговиот состав биле вклучени околните рударски населби, вклучувајќи ја и Акармара. По завршувањето на војната, во изградбата на населбата учествувале и германски воени заробеници.

Со текот на времето, биле изградени бројни згради што ѝ дале на Акармара изглед на развиен рударски град. Имало станбени згради, болници, училиште, кино, ресторан и хотел.

Пред распадот на Советскиот Сојуз, населбата беше густо населена и претставуваше важен дел од локалната рударска индустрија.

Војна, опсада и несигурност

Во раните 1990-ти, распадот на СССР и политичките конфликти на Кавказ доведоа до големи промени. Војната во Абхазија започна на 14 август 1992 година.

Градот Ткварчали беше под опсада 413 дена. Долгорочната блокада и прекинот на рударството на јаглен - што беше основа на локалната економија - имаа сериозно влијание врз животот во областа.

Така, жителите на Акармара почнаа да ги напуштаат своите домови, а населбата остана без луѓе и објекти што некогаш ја правеа живо место.

Повеќето од зградите беа напуштени со текот на времето, додека само неколку семејства останаа да живеат во Акармара.

Со текот на годините, поранешната рударска населба почна сè повеќе да го менува својот изглед. Без редовно одржување, зградите почнаа да се распаѓаат, а вегетацијата постепено ги зафаќаше дворовите, улиците и напуштените згради.

Комбинација од напуштена архитектура и природа

Дрвјата и бујната вегетација сега ги опкружуваат станбените блокови и старите јавни згради, создавајќи необична сцена што ја навела Акармара да биде наречена „град на сталкери“.

Оваа комбинација од напуштена архитектура и природа што полека презема контрола е една од причините зошто местото го привлече вниманието на посетителите.

Сепак, Акармара не е целосно без жители. Неколку семејства сè уште живеат во областа, додека туристите доаѓаат да ги истражуваат напуштените улици и да ги видат остатоците од поранешниот рударски живот.

Друга интересна карактеристика се познатите водопади во областа, кои привлекуваат посетители желни за природна убавина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Шокантен пресврт по нападот во Краков: Полицаецот, кој беше прогласен за херој, сега е на распит во Обвинителството

Случајот со полициската интервенција во Краков доби нов пресврт откако еден од полицајците кои го совладаа вооружениот напаѓач дојде под истрага на обвинителството. 

Шокантен пресврт по нападот во Краков: Полицаецот, кој беше прогласен за херој, сега е на распит во Обвинителството

Имено, поднесена е официјална жалба против полицаецот Јакуб Кулик за начинот на кој го користел службеното оружје, објавува Fakt.pl.

Подносителот на жалбата бара истрага за тоа дали полицаецот законски го користел своето оружје против напаѓачот. Како што дознава полскиот портал Onet.pl, жалбата ја поднел Полјак кој живее во Лондон. Обвинителството потврди дека ќе ја разгледа жалбата, но тоа не значи автоматски дека ќе отвори истрага против полицајците.

Жалбата прво ја примило Окружното обвинителство во Краков, кое потоа ја препратило до надлежното одделение кое го истражува нападот. Раководителот на тоа одделение, Ерик Стасиелак, потврди дека жалбата е примена.

„Таква жалба навистина ни е поднесена и, како и во случај на секоја слична жалба, ќе покренеме соодветна постапка“, изјави тој за Onet.

Што вели обвинителството?

Стасјелак истакна дека обвинителството не покренало постапка по сопствена иницијатива во врска со постапувањето на полицајците, бидејќи не забележало никакво основано сомнение дека е сторено кривично дело во нивните постапувања.

„Не видовме никакво основано сомнение во постапувањето на полицијата дека е сторено кривично дело“, рече обвинителот.

Самото поднесување на пријава не значи дека автоматски ќе се отвори истрага. Обвинителството прво мора да ја разгледа нејзината содржина, а доколку заклучи дека полицаецот не го прекршил законот, може да одлучи да не презема понатамошни чекори.

Поранешниот полицаец и инструктор по стрелаштво, Дариуш Томишек, исто така, коментираше за постапувањето на полицајците. Според него, полицаецот дејствувал во рамките на своите законски овластувања, а полицајците кои го совладале напаѓачот заслужуваат да бидат наречени херои.

Друг испитаник на порталот Онет изрази сомнеж дека пријавата може да претставува провокација од страна на лице кое и самото има проблеми со судството.

Кој ја поднел пријавата?

Полскиот портал Онет, исто така, доби дополнителни информации за лицето кое ја поднело пријавата. Според нивните информации, нејзините лични податоци, датумот и местото на раѓање се совпаѓаат со оние на маж кого го бара полската полиција.

Мажот наводно е поврзан со неколку случаи, вклучувајќи измама, возење под дејство на алкохол или дрога и упатување кривични закани.

Сепак, самото совпаѓање на деталите не потврдува дека станува збор за истото лице. Оваа информација покрена дополнителни прашања за идентитетот на подносителот на жалбата и неговите мотиви.

Обвинителот ги брани полицајците

Обвинителот од Краков, Пјотр Космати, исто така, јавно зборуваше за случајот, поддржувајќи ги постапките на полицајците и објаснувајќи зошто верува дека употребата на оружје била оправдана, дури и откако напаѓачот паднал на земја.

„Со оглед на прашањата што се појавија во врска со постапките на полицајците кои совладаа вооружен терорист во Краков, верувам дека пукањето во напаѓачот кој лежел на земја било целосно ОПРАВДАНО И ВО СОГЛАСНОСТ со важечките законски прописи. Не е важно дали напаѓачот лежел на земја. Ако оружјето сè уште било во неговиот дофат, постоела реална можност да се употреби, што претставувало непосредна опасност за животите на другите луѓе, вклучително и полицајците“, напиша тој на социјалните мрежи. Извештајот сега ќе го разгледа обвинителството, кое ќе одлучи дали постојат основи за понатамошни дејствија. Сепак, засега останува на сила ставот на обвинителот Стасиелак дека нема основано сомнение за сторување кривично дело во дејствијата на полицајците.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

На Исар–Марвинци е откриен монументален комплекс на римска бања со зачуван систем за загревање (ВИДЕО)

Археолошките истражувања на локалитетот Исар–Марвинци кај Валандово во 2026 година донесоа исклучителни откритија, кои отвораат нови сознанија за урбаниот развој и секојдневниот живот во античкиот град.

На Исар–Марвинци е откриен монументален комплекс на римска бања со зачуван систем за загревање (ВИДЕО)

Во рамките на истражувањата на комплексот на јавната римска бања, откриен е монументален базен со димензии поголеми од 4,5 × 2,5 метри и длабочина над 1,5 метри, обложен со повеќе од осум различни видови мермер.

Особено значајно е откривањето на исклучително добро зачуваниот систем за загревање под базенот, кој функционирал преку посебна печка и циркулација на топол воздух. Комплексот е поврзан и со градската цистерна, а се наоѓа на длабочина од околу седум метри под денешната површина.

Покрај монументалната архитектура, откриени се и значајни движни наоди: сребрена монета на Ихнајците (500–480 г. пр. н. е.), бронзени монети од хеленистичкиот и римскиот период, мермерна биста со претстава на воен командант, фрагменти од скулптури и епиграфски споменик од син мермер со посветен натпис.

Овие откритија сведочат за развиената јавна инфраструктура, економската моќ и значењето на античкиот град, а овозможуваат и нови сознанија за неговиот урбан и општествен живот.

Истражувањето на комплексот ќе продолжи во 2027 година, во рамките на Годишната програма на Министерството за култура и туризам.

Со истражувањата раководеше кустос-советник Јане Клековски, а во стручниот тим учествуваа Игор Ширтовски, Сања Битрак, Андриана Петковска, Стефан Трајковски, Васил Николовски, Елена Рафајловска и Славица Бабамова.

Националниот археолошки музеј изразува благодарност за поддршката и соработката на Министерството за култура и туризам, Управата за заштита на културното наследство, НУ Завод и музеј – Струмица и Општина Валандово, објавија на ФБ од Националниот археолошки музеј.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер