МакедонијаМицкоски: Нашата национална амбиција во следните 35 години не смее да биде само да опстоиме, туку да успееме „Силно светнал ден!“ - Свеченост по повод 35 години независност на Македонија.Во теке е централната манифестација за чествување на Денот на независноста 8 Септемвски, под мотото „Силно светнал ден“ на која се обрати претседателот на Владата Христијан Мицкоски. „Почитуван сограѓани, Почитувани претставници на државните институции,В аши екселенции, Почитувани претставници на медиумите, Дами и господа, Денес, кога одбележуваме триесет и пет години од историскиот 8 Септември 1991 година, се навраќаме на еден од оние ретки мигови во историјата кога волјата, надежта и вековниот стремеж на еден народ се сретнале во една единствена одлука –самите да ја преземат одговорноста за сопствената судбина и државата да биде независна и суверена. Пред триесет и пет години нашите граѓани не гласаа само за нова политичка реалност, за нови институции, за сопствено знаме, валута или место меѓу државите во светот, тие гласаа една вековна идеја, еден историски копнеж и едно право кое многу генерации пред нив го носеле во себе, за него пишувале, се бореле, страдале и оставале завет дека еден ден на овие простори ќе постои слободна држава која самата ќе решава за својата иднина. Затоа 8 Септември е повеќе од празник на независноста. Ден кога рековме дека повеќе нема да чекаме некој друг да ја пишува нашата историја, туку дека ќе го земеме перото во свои раце. Ден кога една стара надеж доби своја адреса, свои институции и своја држава. Граѓаните на референдумот избраа независна, суверена и демократска Македонија. Имаме обврска овој јубилеј да не го претвориме во празно самозадоволство, туку искрено да погледнеме и кон нашите подеми и кон нашите падови, кон времињата кога сме биле на висина на историската задача и кон времињата кога не сме биле достојни на жртвите и идеалите на генерациите пред нас. Во овие три и пол децении изградивме институции, создадовме сопствен монетарен и економски систем, станавме членка на Обединетите нации, станавме членка на НАТО, минавме низ ембарга, кризи, конфликти, економски потреси и политички поделби, бевме исправени пред тешки прашања за сопствената иднина и во многу моменти покажавме дека една мала држава може да има голема волја за опстанок. Но имаше и моменти кога не бевме доволно добри. Имаше години што ги изгубивме, можности што ги пропуштивме. Имаше генерации кои очекуваа повеќе од нас, а добија помалку. Се донесоа болни одлуки, и направија тешки отстапки. Се смени знаме, устав, име. Премногу луѓе заминаа затоа што не видоа простор во својата земја да го остварат она што го знаат и можат, премногу чесни луѓе гледаа како пред нив поминуваат оние со подобри врски, со поголема политичка заштита или со помалку совест, а вредните, тивките и способните луѓе, оние на чии рамена всушност стои секоја држава, останаа невидливи. И токму затоа триесет и петтата годишнина од независноста мора да биде нешто повеќе од потсетување на минатото. Мора да биде пресвртна точка во начинот накој размислуваме за иднината. Затоа што секоја генерација има свој испит пред историјата 8 септември беше нашиот. Сигурната држава има сила да биде отворена кон светот токму затоа што знае која е. Таа иста идеја и сон го гледаме и кај Кочо Рацин, кој од една земја на голема сиромаштија, неправда и страдање умеел да испрати универзална човечка порака: „Куќа цел свет братски ми е.“ Да го сакаш својот дом, а да не ја затвораш вратата кон светот; да ја почитуваш својата приказна, а да имаш разбирање за приказната на другиот; да бидеш свој, без да мораш да бидеш против некого. Горан Стефановски, не нè тешеше со романтични претстави за тоа кои сме, туку нè предупредуваше дека идентитетот не е нешто што еднаш сме го наследиле и потоа можеме безгрижно да го трошиме, туку приказна која секоја генерација одново мора да ја разбере, да ја проверува и да ја раскажува. Тој напиша дека „Ниедна култура не може да опстане без точна, снажна и автентична приказна. “Не измислена приказна. Не приказна во која сме безгрешни. Не приказна во која за сите наши неуспеси секогаш е виновен некој друг. Туку вистинита приказна. Приказна во која ќе имаме храброст да кажеме и што сме направиле добро и каде сме погрешиле, што сме наследиле и што сме уништиле, колку жртви биле дадени пред нас и колку пати ние сме биле недостојни на тие жртви. Да ја сакаш државата доволно силно за да не ја лажеш. Да бидеш горд на неа, но да не ги криеш нејзините рани. Да ги славиш нејзините победи, но да учиш од нејзините порази. И наместо секогаш да прашуваме што светот ни направил нам, понекогаш да имаме храброст да прашаме што ние самите сме ѝ направиле на сопствената држава. Петре М. Андреевски пишуваше дека сме пиреј. Пирејот го корнат. Го кубат. Го газат. Но само малку повторно да допре до земјата – тој пушта корен и оживува. Таа метафора не е повик да живееме вечно во страдањето и да се гордееме со тоа колку можеме да издржиме, туку потсетување дека во овој народ постои една длабока способност да преживее и тогаш кога изгледа дека околностите се посилни од него. Но дојде време да направиме нешто повеќе од преживување. Нашата национална амбиција во следните триесет и пет години не смее да биде само да опстоиме. Мора да успееме. Затоа што народот што со векови научил како да преживува сега мора да научи како да победува во мир, како да произведува знаење, како да гради институции што нема да зависат од волјата на поединецот, како да ги задржи своите најдобри деца дома и како од мала држава да создаде место со големи можности. Тоа е нашата нова историска борба. Таа борба денес не се води со пушки по планините, ниту се мери со освоени територии. Нашата борба се води во училиштата, во болниците, во судовите, во фабриките, на универзитетите, во администрацијата, во секоја институција во која Граѓанинот мора да почувствува дека државата постои за него, а не тој за државата. Нашата борба е да создадеме земја во која едно дете, без разлика каде е родено и колку пари имаат неговите родители, ќе може со знаење и труд да стигне до врвот, земја во која еден млад лекар нема да мора да замине илјадници километри за да има достоинствен живот, земја во која еден земјоделец ќе знае дека неговата работа има вредност, еден претприемач дека законот ќе важи еднакво за сите, а еден работник дека неговиот труд не е евтина ставка во туѓ биланс. Тоа е борбата за државата денес. Борбата да се врати вредноста на чесноста. Да се врати авторитетот на знаењето, достоинството на трудот. И конечно да се прекине со онаа практика во која некои луѓе функцијата ја разбирале како привилегија, државата како плен, а народните пари како сопствена каса. Постојат оние што ќе прифатат лична жртва за да остават нешто зад себе, но и оние што се подготвени да жртвуваат сè што е заедничко за да добијат нешто за себе. И една држава на крајот е токму онаа страна која ќе ја избере да ја награди. Ако ги наградува најспособните – ќе напредува. Ако ги наградува најчесните – ќе има доверба. Ако го наградува трудот – ќе создава. Но ако го наградува талогот, тогаш талогот неизбежно ќе стане елита. А држава во која талогот станува елита е држава од која вистинската елита си заминува. Токму тоа мора да го смениме. Не од одмазда. Не заради политичка пресметка. Туку затоа што без воспоставување на основна правда нема силна држава, нема функционална економија, нема доверба и нема иднина. Драги пријатели,35 години се доволна дистанца да пораснеме и ги разбереме нашите слабости. Би рекол дека живееме во општество на длабоки контрасти, кои не живеат толку кај народот колку во политичките елити. Кога го пишувавме говорот многумина ми рекоа, сепак е оваа е свечена пригода, не се занимавај со нив. Точно е тоа, но мора да се демонтира нивниот лажен морал, за да народот знае со какви предизвици се соочуваме. Разбирам дека нивната главна задача е да извалкаат се што носи напред, да поделат да внесат сомнеж во се што се прави, дури во радоста и прославата за овој 8ми септември. Тука се безброј прашања, квалификации и одредници од кои човек треба да се разочара. Тие се фабрика за произведување безнадежност, очај и нихилизам. Омраза која го труе општеството, пера кои клеветат, навредуваат. Како на норма. Таквата губитничка политика треба да нè повлече сите надолу. Секој млад човек да почне да се колеба, да нè прикажат дека сме сите исти кога и сме толку многу различни. Жалам што ќе констатирам но таквите поединци не се достојни за времето во кое живеат и за улогата која се борат. Тие се тегот кој влече надолу, и сето ова е резултат на тоа што тие сакаат власт, поради пари и моќ, не поради идеја и концепт. Тие се против сè што оди напред. Против болници, против патишта, против нов клинички центар, против инфраструктурни објекти за општините какви градиме, против брза железница, против покачени плати и пензии. Против дата центри, против нови инвестиции. Ако се каже треба нов владин авион, тие веднаш скокаат и велат се луксузирате. А не бројат колку животи ќе се спасат бидејќи тој авион е и за таа цел. Тоа е кусогледата политика. А на крајот кога ќе заврши сето ова, ниту дата центрите, ниту болниците, ниту училиштата по општините ниту авионот ќе го земам со себе, тоа останува на граѓаните на државата, за народот. И многумина ми велат да не се повлекуваме, но јас сум разумен човек, давам шанса на дијалогот, затоа што верувам дека доброто секогаш го победува злото, и затоа што политиката е вештина на дијалогот, кој е попаметна и поцелисходно од поларизирањето и блокирањето. Ќе градам мостови, ќе подавам рака за прашања важни за нашата иднина и нема да се откажам од тоа да нудам дијалог, затоа сечија суета, па и мојата не значат ништо кога во прашање е Македонија. Но внимавајте, добро внимавајте, има и такви прашања за кои нема компромиси, за кои нема договори под маса, нема играње за она што значи наш идентитет, наше постоење, наш јазик и култура. Компромисот за овие прашања значи рушење на македонскиот АСНОМ и Илинден. А добро знаете, добро знае секој еден од вас дека ова е последната брана, дека мојот збор е најсилната брана а со зборот нема играње. Тогаш си играте со честа, а кога ќе ја изгубите честа тогаш ништо друго не ви е потребно во животот. Драги пријатели, Јас посакувам и јас работам да сме генерацијата која ќе ја внесе државата во Европската Унија. Нема друга алтернатива, точно е тоа. Но истовремено секој од вас треба да знае дека има уште еден последен предизвик кој што стои пред нас, не за да го завршиме патот туку да го почнеме. Не затоа што имаме некоја гаранција дека ќе стигнеме до целта, туку да го почнеме да го чекориме тој пат. И ќе ги слушнете сите оние лицемерни крици од немоќни од нашиот политички противници или барем дел од нив, кои што велат во една состојба на самозадоволување, решете го проблемот. А ни најмалку не се свесни дека тие се тие кои што во суштина го креираа проблемот, кој што од предлог прифаќајќи го на авантуристички начин создадоа услов за нашиот напредок кон полноправно членство во рамките на ЕУ. Истите тие кои што денеска ги слушаме како на отворена сцена не повикуваа да го решиме. И да ќе го решиме. Но треба трпение. Најпрво да се создаде доверба, а за да се создаде доверба треба да се престане да се игнорираат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница. Треба да се престане да се негира правото на мојот мајчин македонски јазик. Треба да се престане да се бараат корените на македонскиот народ како резултат на одлука на комунистичката коминтерна, туку да се прифати факт кој што е векови стар. Тоа се факти од кои што нема бегања, додека не ги прифатиме овие факти, тогаш нема доверба. А кога нема доверба нема ниту дијалог. Затоа најпрво ајде да создадеме доверба а потоа и да водиме дијалог. Дијалог без доверба не води кон никаде. Туку води кон нови проблеми и нови порази/. Тука сакам да се посветам и на една друга работа, за која мислам дека е многу важна. А тоа е процесот на носење одлуки Карактерот на еден човек е неговото воспитување, неговата личност. А личноста на човекот ја гради средината во која опстојува. Мене поважно од славата, моќта и власта ми е да не ги погрешам ниту ги посрамотам моите родители и семејство и да не оставам дамка за моите деца. И на крај, да не ги разочарам граѓаните на мојата татковина. Земјата која што на мене и моето семејство ни дала се, и нема цена по која што некогаш во животот ќе донесам одлука со која што ќе ја посрамотам и ќе ја разочарам. Верувајте секоја одлука која ја носам ја носам со длабока увереност дека мораме да направиме повеќе за државата и да ја вратиме татковината на нашиот народ. И колку и да изгледа клише јас ќе ви кажам дека за мене е повеќе од извонредна чест да се работи за народот. И да го живееме заедно сонот на многумина генерации претходно. Оваа држава, овие институциите почиваат врз нашата борба за слобода. Почиваат врз идеите на грамадни имиња и животи, врз непокорот на Гоце Делчев, врз жртвата на Гули, мудроста на Карев, долгата борба на Ѓорче Петров, Сандански, борбеноста на Шатев, визионерството на Методија Андонов Ченто, Петре Пирузе, храброста на Ибе Паликуќа, принципите и стратегијата на Михајло Апостолски. Врз тие темели е градена нашата татковина. И врз тие темели работеше првиот претседател на независната македонска држава Глигоров и првиот премиер Никола Кљусев. Под тоа знаме заврши и животот на Борис Трајковски. Сакам да ви кажам дека можеме да набројуваме имиња и имиња, настани и настани во оваа низа. И времето ќе биде недоволно, но поважно од дебатата на опозицијата чиј е Глигоров е нашата порака дека за сите има место и почит под ова небо и знаме. И не постои ваша и наша татковина, ваш и наш премиер, ваша и наша влада, ваша и наша историја. Има само една татковина, еден сон, една борба. Една идеја. Само една и единствена Македонија. И премалку сме да се делиме! По 35 години независност, можеби најважната лекција што треба да ја научиме е дека државата нема луѓе за делење. Премалку сме за да се делиме, а предолго сме се делеле за да не разбереме колку скапо нè чинат поделбите. Не мора сите да мислиме исто. Не мора да припаѓаме на иста политичка партија, да имаме исти убедувања или ист поглед за секое прашање. Демократијата значи да се разликуваме. Но државата значи да знаеме што е она што е поголемо од нашите разлики. Верувам во татковина во која државата не прашува кој си, од каде доаѓаш, на кој јазик зборуваш, на кој Бог му се молиш или за кого гласаш, туку што можеме заедно да направиме за земјата во која живееме. Ова значи држава во која Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите други имаат заеднички интерес таа да биде успешна. Држава во која различностите не се причина за поделби, туку дел од нашиот заеднички дом. Тоа значи татковина и на оној што живее во Скопје и на оној што живее во најмалото село. Држава на работникот и земјоделецот, на лекарот и наставникот, на студентот и пензионерот, на претприемачот и уметникот. Држава на оние што останале овде, но и на оние што заминале и сè уште ја носат татковината во себе. Татковина на оние што гласаат за власта и на оние што гласаат за опозицијата и на оние што воопшто не гласаат. На оние што се согласуваат со мене, но и на оние што никогаш нема да се согласат со мене. Затоа што улогата на еден премиер не е да биде премиер само на оние што гласале за него. Владата не смее да биде влада само на една партија, ниту институциите да бидат сопственост на која било политичка структура. Тие му припаѓаат на народот. Зашто власта поминува. Функциите поминуваат. Партиските победи и порази поминуваат. Татковината е таа која што мора да остане. Јас нема да барам од оние што не се согласуваат со мене да почнат да мислат како мене. Ќе барам нешто многу поважно – кога станува збор за државата, да најдеме сила да застанеме еден до друг. И затоа денеска од оваа говорница ги повикувам сите оние неистомисленици да продолжиме и понатаму да дебатираме за темите за кои имаме разлики и тоа е природно и нормално да имаме разлика. Но, ајде да се обединиме кон една работа, а тоа е да застанеме цврсто да ги браниме државните интереси на нашата заедничка татковина. Нема поголема цел од тоа. Да ја браниме државата која ќе биде на сите луѓе но не само тоа да биде како политички концепт. Треба да биде наш општествен договор. Ветување едни кон други дека никој нема да биде помалку важен затоа што е различен, дека никој нема да биде оставен зад нас и дека државата ќе биде доволно голема за сите нејзини граѓани. Да им оставиме држава во која нема да наследат стари омрази, туку нови можности. И покажавме дека можеме да победуваме. Дека владата во едни тешки услови постигнува резултати. Во вториот квартал од 2026 година забележан е реален раст на БДП од 4.3 проценти кој е еден од најдобрите во Европа. Притоа треба да се има предвид дека минатата година вториот квартал беше 3.5 проценти, исто така еден од најдобрите во Европа. Инфлацијата која што пред 3- 4 години беше галопирачка и двоцифрена 16- 17 проценти денес е под контрола и една од најдобрите во Европа. За првпат по подолг период имаме ситуација во која извозот расте побрзо отколку увозот. На тој начин се намалува дефицитот во трговската размена во првите седум месеци од годината, а тоа е особено изразено во јули, кој е прв месец од третиот квартал. И не велам дека се е идеално и дека се живее одлично. И ја разбирам секоја мака на граѓаните, но тука сме да работиме деноноќно за резултати и нашата иднина. Убеден сум и верувам во ова што го зборувам дека денес се живее многу подобро од пред 3 години и убеден сум и верувам во ова што го зборувам дека за 3 години од денес ќе се живее многу подобро од денес. Затоа што мотивирани сме како никогаш до сега, а она кое што не инспирира е поддршката која што ја добиваме од народот и ветувам дека така ќе продолжиме. Почитувани граѓани, Низ историја имало многу периоди во кои било полесно да се верува дека татковината нема да успее отколку дека ќе успее. Имало империи кои исчезнале, војни кои ги менувале границите, режими кои мислеле дека ќе траат засекогаш, времиња кога нашиот јазик бил потиснуван и времиња кога самата идеја за македонска државност изгледала недостижна. Но нешто останало. Останал зборот. Останал коренот, приказната. Останал пирејот. И останал оној непокорен дел од нашиот карактер кој, секогаш кога некој ќе помисли дека татковината веќе нема сила да стане, повторно ја крева на нозе. Тоа е нашето наследство. Но нашето наследство не е изговор да живееме само од минатото. Најголемата чест што можеме да им ја укажеме на оние пред нас не е бескрајно да зборуваме за нивните дела. Туку да создадеме свои. Мисирков ја напиша својата страница. Рацин ја напиша својата. Конески, Анте Поповски, Петре М. Андреевски ја напишаа својата. Генерацијата на независноста ја напиша својата. Сега е ред на нас. Да напишеме страница која нема да биде страница на поделби, малодушност и пропуштени можности, туку страница на работа, обновување, достоинство и успех. Да напишеме време во кое македонскиот народ и граѓани Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и сите останати повторно ќе научиме да веруваме во сопствените способности. Да градиме држава што ќе биде посилна од секоја партија, поголема од секој поединец и поважна од секоја функција. Затоа што сите ние сме минливи. Владите се минливи. Претседателите се минливи. Премиерите се минливи. Татковината останува. До секој наш човек, до секој човек што утрово станал рано за да оди на работа, земјоделец што ја обработува својата земја, лекар кој спасува живот, наставник кој предава знаење, полицаец и војник кој ја чува државата, претприемач кој ризикува за да создаде ново работно место, млад човек кој се прашува дали неговата иднина може да биде овде, до секој наш човек во Европа, Америка, Канада, Австралија и насекаде низ светот, сакам денес да испратам една едноставна порака- Верувајте во вашата татковина. Не затоа што е совршена. Туку затоа што е наша и затоа што можеме да ја направиме подобра. Не затоа што немаме проблеми. Туку затоа што имаме сила да ги решиме. Не затоа што историјата ни ветила победа. Туку затоа што ние сме подготвени да ја заслужиме. И затоа денес, 35 години подоцна, да не гледаме само назад кон патот што сме го изоделе, туку напред кон држава што допрва треба да ја градиме – посилна, обединета, достоинствена, земја во која нашите деца ќе остануваат, ќе создаваат и ќе сонуваат, и во која секој човек ќе знае дека ова е неговиот дом. Затоа што генерациите пред нас имаа сон за татковината, имаа храброст да се борат за тој сон и ни оставија држава, а сега е наш ред да покажеме дека сме достојни за нивниот аманет и дека на оние што доаѓаат по нас ќе им оставиме држава поголема од нашите поделби и посилна од сите наши искушенија. И нека се слушне од овде, не како слоган, туку како ветување на една генерација: Ќе ја чуваме. Ќе ја градиме. Ќе веруваме во неа. И ќе победуваме со неа. Зашто повторно силно светнал ден. Ден за гордост. Ден за надеж. Честит роденден Биди вечна. Бог да те благослови Македонијо! Да сте живи и здрави!“ Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
СветПутин и Трамп разговарале еден час: Бара итно завршување на војната Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп денес одржаа телефонски разговор кој траеше точно еден час, објави советникот за надворешна политика на рускиот претседател Јуриј Ушаков.Главна тема на разговорот беше ситуацијата во Украина, а Ушаков го опиша разговорот како „конструктивен и многу отворен“. Двајцата лидери разговараа и за неодамнешната посета на Москва на претставниците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Според советникот на Путин, за време на разговорот, Трамп јасно се залагал за брз крај на војната. „Доналд Трамп јасно се залагал за идејата за брз крај на конфликтот, што веднаш би отворило импресивни и далекусежни перспективи за целосно обновување на односите меѓу САД и Русија“, изјави Ушаков пред новинарите. За возврат, Путин му ја претстави на американскиот претседател „визијата“ на Русија за ситуацијата, вклучително и напредувањето на руските сили на бојното поле и постигнувањето на поставените цели во Украина, рече Ушаков. Двајцата претседатели се согласија да останат во контакт и, доколку е потребно, повторно да разговараат без одложување, заклучи Ушаков.Тагови: Владимир Путин Доналд Трамп Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
СветЗеленски: Путин би можело на Трамп да му обезбеди дипломатска победа пред меѓуизборите Американските власти ја истражуваат можноста Украина и Русија да преземат чекори за смирување на војната во текот на зимата и истовремено да ги обноват преговорите за поширок мировен договор.Американските власти ја истражуваат можноста Украина и Русија да преземат чекори за смирување на војната во текот на зимата и истовремено да ги обноват преговорите за поширок мировен договор, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „Аксиос“. Украинскиот претседател верува дека неделите пред зимата претставуваат можност за дипломатија. Иако рече дека е убеден дека рускиот претседател Владимир Путин смета на уште една брутална зима за да ја ослаби Украина, тој додаде дека Путин не сака да го налути американскиот претседател Доналд Трамп пред изборите за Конгресот. „Имам чувство дека на Путин му е потребен Трамп. Тој не сака да го вознемири“, рече Зеленски. Тој додаде дека администрацијата на Трамп би можела да изврши притисок врз Путин да преземе чекори за смирување на конфликтот дури и ако рускиот претседател не сака самиот да го стори тоа. На прашањето дали мисли дека Путин можеби сака да обезбеди дипломатска победа за Трамп пред среднорочните избори во САД, Зеленски одговори: „Да“. Американските претставници ја посетија Москва, а потоа и Киев Зеленски се сретна со претставниците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, во неделата во Киев. Тоа беше нивна прва посета на Украина откако Трамп го започна својот втор претседателски мандат. Кушнер и Виткоф отпатуваа во Киев откако разговараа со Путин три часа во Кремљ во саботата. Зеленски повтори дека пораката што ја добил од американските претставници е дека „Русите се подготвени да преговараат“. Сепак, тој останува скептичен бидејќи активностите на Русија на бојното поле и неодамнешната ескалација на нападите не покажуваат подготвеност за компромис. Сепак, по посетата на американските претставници, тој рече дека добил впечаток дека Путин е „подготвен да разговара“ за идеи за продолжување на преговорите. Зеленски истакна дека американските претставници првенствено дошле во Москва и Киев за да го „деблокираат“ дипломатскиот процес, но дека со себе донеле и некои нови идеи. Тој не сакаше да ги открие сите детали, но потврди дека некои разговори вклучуваат можни чекори од Русија и Украина за смирување на ситуацијата пред и за време на зимата. „Постојат идеи поврзани со енергетската инфраструктура и испораките на жито, електричната енергија и извозот на нафта и гас. Русија и ние имаме различни интереси“, рече Зеленски. „Целта е да се обидеме да ја направиме претстојната зима различна од претходните“ Кога беше прашан дали новиот американски пристап вклучува рестартирање на преговорите и обид за постигнување договор што ќе им овозможи на Украина и Русија да ја поминат зимата без поголема ескалација, Зеленски одговори дека таквото толкување е „многу блиску до реалноста на овие разговори“. Првата цел, рече тој, е да се обноват преговорите, а втората е да се обидеме да ја направиме претстојната зима различна од претходните, за време на кои руските напади врз енергетската инфраструктура на Украина дополнително ја интензивираа војната. Целта би била да се пронајдат чекори пред или за време на зимата „што можат да ги доближат страните до мир“. Сепак, американските претставници велат дека не знаат дали ќе биде можно да се усогласат интересите на Русија и Украина пред зимата. Бројни претходни обиди за постигнување прекин на огнот или запирање на нападите врз енергетската инфраструктура не успеаја. „Зимски пакет“ за Украина Се очекува американскиот тим да го информира Трамп, а потоа да продолжи со консултациите со украинските и европските претставници. Зеленски, исто така, истакна дека САД поддржуваат посебен „зимски пакет“ за Украина што би вклучувал воздушна одбрана и помош за енергетскиот сектор. „Не станува збор само за ракети. Станува збор и за течен природен гас, течен природен гас, а исто така и за чекори за смирување на ситуацијата“, објасни Зеленски. Тој верува дека Путин смета на зимата за да нанесе доволно штета на Украина и да го принуди Киев да направи дополнителни отстапки. „Русија навистина мисли дека оваа зима може да ѝ помогне да нè скрши“, нагласи Зеленски. Тој рече дека Москва смета на голема зимска офанзива и напади врз украинската инфраструктура што треба да претставуваат „силен удар“, по што Украина би била поподготвена за компромис. „Можеме економски да ја погодиме Русија“ Тој тврди дека Украина веќе ги направила сите отстапки што може да ги направи и дека секој дипломатски процес ќе мора да вклучува безбедносни гаранции и пакет економска помош. Тој исто така истакна дека Русија се соочува со свои ризици пред зимските месеци. Украина, рече тој, може да ја погоди и економски Русија. „Кога го нападнаа нашиот електроенергетски систем, ја блокиравме нивната можност да продаваат нафта и гас“, потсети тој. Тој исто така предупреди дека прекините во извозот на земјоделски производи би можеле да ги зголемат глобалните цени на храната и да предизвикаат недостиг. Зеленски рече дека Украина сака да ги искористи септември и октомври за рестартирање на дипломатскиот процес, а го спомена и Генералното собрание на ОН во Њујорк подоцна овој месец како можно место за продолжување на разговорите меѓу САД и Украина. „Без дијалог, нема да имаме резултат“ Постои и можност за нова трилатерална преговарачка средба меѓу САД, Украина и Русија, иако сè уште не е донесена никаква одлука. „Имаме септември и октомври да најдеме начин да разговараме. Без дијалог, нема да имаме резултат. Мислам дека претседателот Трамп може да најде начин правилно да го започне процесот на преговори пред студената зима“, рече Зеленски. Тој истакна дека Украина ќе мора да остане воено силна за време на кој било дипломатски процес и оцени дека Киев во моментов е во подобра позиција на бојното поле отколку порано, и покрај недостатокот на воздушна одбрана и континуираните руски напади со беспилотни летала и ракети. Тој, исто така, повика на дополнителни санкции од САД против Русија, опишувајќи ги како клучен извор на притисок во евентуалните преговори. „На Путин му требаат пари. Путин сака пари за да ја продолжи војната“, заклучи Зеленски.Тагови: Володимир Зеленски Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
МетеоУтре сончево со температура до 35 степени, попладне пороен дожд и грмежи Утре времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност.МАКСИМАЛНА ТЕМПЕРАТУРА 20 Попова Шапка, 24 Крушево, 27 Маврови Анови, Берово, 29 Крива Паланка, Претор, 30 Охрид, Битола, Прилеп, Виница, 31 Струмица, Гевгелија, 32 Тетово, Демир Капија, 33 Велес, 34 Скопје Петровец, Зајчев Рид. ВРЕМЕТО ДЕНЕСКА И ДО КРАЈОТ НА ДЕНОТ Времето денес беше сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Дуваше слаб до умерен ветер од јужен правец. До крајот на денот ќе биде стабилно и топло со мала до умерена локална облачност. ВРЕМЕТО УТРЕ Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Во попладневните часови ќе има услови за развој на нестабилност проследена со пороен дожд, засилен ветер и појава на грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со силен ветер, пороен дожд, грмежи и услови за појава на град. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 16, а максималната ќе достигне од 29 до 35 степени. Во Скопје, сончево и топло со мала облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за развој на нестабилност проследена со пороен дожд, засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 35 степени. ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ Утре и во четврток претпладне времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност, а попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Заради големата енергија во атмосферата локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и појава на град. До крајот на оваа седмица наместа ќе има услови за локална нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Најважни вестиМакедонија го слави 8-ми Септември, Денот на независноста15:16Македонија одбележува 35 години независност 08:0926-годишник убиен во скопски Чаир – двајца напаѓачи пукале од моторцикл и побегнале15:00Убиено е 26 годишно момче во Чаир: Двајца дошле со мотоцикл, пукале кон петмина и побегнале11:00Денеска продолжува судскиот процес за злоупотребите во Државна лотарија, во кој еден од обвинетите е Артан Груби09:18
Денеска продолжува судскиот процес за злоупотребите во Државна лотарија, во кој еден од обвинетите е Артан Груби09:18