Мицкоски: Македонија не е создадена за да стои во место, Македонија е создадена за да победува - Канал 5

Мицкоски: Македонија не е создадена за да стои во место, Македонија е создадена за да победува

Денес стоиме пред историјата на еден народ кој низ вековите поминал низ премногу искушенија, премногу неправди, премрежија, но никогаш не се откажал од своето право да биде слободен, да биде свој, да има сопствен дом и сопствена држава.

Мицкоски: Македонија не е создадена за да стои во место, Македонија е создадена за да победува

Драги пријатели, драги кумановчани,

Денес стоиме пред историјата на еден народ кој низ вековите поминал низ премногу искушенија, премногу неправди, премрежија, но никогаш не се откажал од своето право да биде слободен, да биде свој, да има сопствен дом и сопствена држава.

Стоиме пред историјата на државата. Земја која не ја добила слободата на подарок. Земја чија државност не е производ на случајност, ниту пак нашето постоење е инцидент. Земја чие постоење не е резултат на туѓа милост, туку на генерации кои имале храброст да се спротивстават на неправдата, да го победат стравот и да го направат невозможното возможно.

Пред точно 85 години, во темнината на една октомвриска ноќ, се случи нешто што засекогаш го промени текот на македонската историја.

Во Прилеп и Куманово започна организираното востание против фашистичкиот окупатор. Востание кое прерасна во голема народноослободителна борба, во која илјадници наши предци ги положија своите животи за слободата што денес ја живееме. Тие луѓе немале гаранција дека ќе победат, дека ќе го дочекаат утрешниот ден. Немале големи армии, немале богатства, немале сигурност.

Но имале нешто многу посилно. Имале вера. Имале идеал. Имале љубов кон татковината. И имале храброст да кажат дека постојат моменти во историјата кога молчењето не е избор, кога стравот не смее да биде посилен од достоинството и кога иднината на еден народ е поважна од личната судбина.

И затоа денес, кога ги наведнуваме главите пред нивната жртва, имаме обврска да поставиме едно многу сериозно прашање.

Дали ние, генерацијата која ја наследи нивната слобода, сме подготвени со истата решителност да ја изградиме иднината?

Дали сме подготвени да ги надминеме поделбите, да се соочиме со сопствените слабости, да ја промениме државата таму каде што промените се најтешки? Дали сме подготвени да одиме по потешкиот, но исправен пат. Да веруваме во себе, не на туѓите зборови, да се трошиме себеси за заедничката иднина.

И дали сме подготвени да оставиме зад себе татковина посилна од онаа што ја наследивме?

Мојот одговор е јасен и недвосмислен.

Да! Да! Подготвени сме.

Иако не сите од политичкиот спектар, иако не сите веруваат, а има и такви, од историјата и денес кои работат против, но ние сме подготвени. Ние го немаме правото да не успееме.

Затоа што нашата татковина е поголема од секоја политичка генерација!

Затоа што државата е поголема приказна од сите кусогледни и лични интереси. Затоа што татковината се брани со принципи, вера и резултати, не со навреди, договори под маса.

ЗАТОА ШТО МАКЕДОНИЈА Е ПОГОЛЕМА ОД СЕКОЈА ПОЛИТИЧКА ГЕНЕРАЦИЈА

Затоа што државата не е само знаме, химна и граници.

Државата е доверба. Таа е и систем.

Државата е ветување кон секој граѓанин дека неговата иднина нема да зависи од нечии лични интереси, туку од неговата работа, неговото знаење и неговите способности.

И токму тука лежи нашата најголема одговорност.

Да изградиме татковина која нема само да ја слави својата историја.

Туку држава која ќе создава нови победи за историја. Историја на економски успех, на институционална правда, на национално достоинство. Историја на развој и напредок.

ДОСТА Е ОД МАЛИ АМБИЦИИ – НАМ НИ ТРЕБААТ ГОЛЕМИ ЦЕЛИ. Доста е од мали амбиции и изгубени можности. Предолго се задоволуваше со просечност. Време е да поставиме големи национални цели, да носиме храбри одлуки и да создадеме држава која нема да преживува, туку ќе напредува.

Не смееме да бидеме заглавени, заробени помеѓу мочуриштето и талогот насобран со децении. Лошата вест е што тие го окупираат просторот внесувајќи лаги, сомнежи, подметнувања, создаваат немир и постапуваат лукаво. Се радуваат на секоја лоша работа, а посакуваат и работат на неуспех. Се продаваат на оние кои немаат добри намери кон државата, за нивни најверни слуги, ортаци во намерата да ја видат државата на колена. Добрата вест е што се прочитана книга и им се гледа крајот. Народот победува. А татковината не само што не паѓа на колена, туку се враќа на народот. Предолго државата живееше во рамките на мали очекувања.

НАЈГОЛЕМАТА БОРБА НА НАШАТА ГЕНЕРАЦИЈА Е БОРБАТА ЗА ИДНИНАТА НА ДЕЦАТА. Најголемата национална битка е битката за младите. Мора да изградиме иднина во која младите нема да избираат меѓу татковината и сопствената иднина. Земја во која ќе остануваат, ќе создаваат семејства и ќе ги остваруваат своите соништа. Секој ден легнувам и станувам со прашањето дали успеваме и дали можеме подобро?

Точно е дека е многу тешко. Иако гласно не зборам, за тоа сочувствувам со секоја тешка судбина која ќе ја слушнам низ разговори или медиуми. И би дал сè за да го решам секое прашање и мака на народот. И сигурен сум дека може повеќе, но исто така сигурен сум дека успеваме и го давам последниот атом од силата да направиме многу повеќе, да донесеме ред во безредието, да донесеме реформи во хаосот кој го затекнавме, да подигнеме цврст дом на темелите кои одново ги ѕидаме. И во таа наша борба резултатите се видливи. Да создадеш успех ако имавме нормален систем ќе беше лесно, но да направиш раст во бура и руиниран систем каков наследивме и во светска криза каква имаме е пеколно тешко. И тоа го говорат бројките кои не се само статистика туку реален факт и показател. Во вториот квартал од 2026 година остваривме раст на бруто-домашниот производ од 4,3 проценти, номинален раст од повеќе од 8%. Државниот завод за статистика излезе со нивелирани резултати за она коешто го постигнавме во 2024 година и во позитивна насока го коригираше растот на БДП од 3% на 3,8%.

Тоа е показател за економија која се движи напред, создава нова вредност и отвора простор за повисок животен стандард. Две завршени години, 2024 и 2025, а во таа насока продолжуваме и во 2026 година, номиналниот раст е најголем во регионот и е над 8%.

Извозот во првите осум месеци од годината достигна 5,74 милијарди евра, со раст од 8,7 проценти. Тоа значи поголем пласман на македонските производи на странските пазари, повеќе економска активност и нови можности за домашните компании. Просечната нето-плата во јули достигна 48.499 денари, со годишен номинален раст од 7,1 процент.

Целта на оваа Влада е до крајот на мандатот да се приближиме кон онаа бројка од просечна плата од 1.000 евра или нешто повеќе од 60.000 денари.

Би сакал од тука неколку зборови и за стандардот и трошоците за живот на граѓаните. Ако во минатото нè убедуваа дека растот на трошоците за живот и инфлацијата се увезена категорија, дека така била состојбата во Европа, така била состојбата во светот, па ние, бидејќи не сме биле изолиран случај — што е точно — сме морале да имаме двапати поголеми трошоци на живот и двапати поголема инфлација од таа којашто во тоа време беше во Европската Унија.

Последните три месеци, откако макроекономски се консолидиравме во услови на бујна, тешка светска криза, гледаме еден антипод и спротивен пример од тоа што нè убедуваа до пред некоја година. Денеска гледаме дека трошоците за живот растат, но растат многу побавно од оние коишто растат кај нашите соседи и во Европската Унија.

Последните месеци, или трите месеци од третиот квартал — тоа се јули, август и септември — трошоците за живот пораснаа од 2,3 до 2,7% или нешто повеќе од 2,5%, во услови кога просекот во Европската Унија е повеќе од 3,8%, или 25% помалку од она кое што расте во рамките на Европската Унија. Значи, не била точна таа теза дека инфлацијата била увезена и трошоците за живот морале да растат затоа што тие растеле и на други места во рамките на Европската Унија.

Ако ги погледнеме соседите, ќе видите дека во септември, ако кај нас инфлацијата е 2,6... 2,7, септември 2,7%, ќе видите дека кај нашиот јужен сосед таа е повеќе од 5%, кај нашиот источен сосед таа е 5,6%, се очекува и кај другите соседи инфлацијата да биде повеќе од 4%. Значи, можело и подобро да биде откако ќе се консолидира состојбата дома.

Затоа велам дека полека, но сигурно, напорната работа и напорниот труд којшто го вложуваме даваат резултати и првите индикатори се појавуваат.

Нашата цел е економскиот раст сè посилно да се претвора во подобри примања и поквалитетен живот за граѓаните.

Но, нема да кажам дека овие резултати се доволни. Сè уште има семејства кои тешко ги покриваат месечните трошоци, млади кои бараат подобри можности и компании на кои им е потребна поголема поддршка. За нас економскиот успех нема да биде само бројка во статистички извештај. Вистински успех ќе биде кога растот на економијата ќе се почувствува во секој дом. Затоа што држава се гради со работа, инвестиции, производство, нови работни места и резултати. Нашата амбиција е татковината да напредува така што секоја следна генерација ќе живее подобро од претходната.

И затоа се нервозни од опозицијата. Затоа навредуваат. Овие успеси коишто не можат, од маглата којашто ја сеат, да го видат сето ова. И затоа, единствената работа којашто им преостанува е да навредуваат. Најлесно им е да лажат и да манипулираат. Немаат ниту визија, ниту пак програма. Единствено нешто кое што го имаат и тука се светски шампиони — да потпишуваат сè што ќе им биде ставено на маса, секој бел лист хартија, само нормално тоа ако можат да го платат граѓаните. Нив ги интересира само фотелја и власт, ништо повеќе.

А што се однесува до овие предизвици или до отворените прашања коишто ги имаме, пред сè мислам на отвореното прашање коешто го имаме со нашиот источен сосед, ние не бараме светот да се прилагодува на нас. Ние бараме да бидеме третирани со иста почит со која ние ги третираме останатите.

И затоа сакам јасно да кажам: Нема да ја градиме иднината врз омраза. Нема да ги претвораме разликите во непријателства. Нема да дозволиме минатото да биде пречка за соработка. Но нема ниту да се откажеме од сопственото достоинство. Бидејќи вистинското пријателство не бара откажување од себе. Вистинското пријателство се темели на заемна почит. И вистинската европска иднина мора да биде иднина во која државата ќе влезе со исправена глава. Не со чувство на пораз. Туку со чувство на припадност.

Нашата цел е европска иднина. Но држава која е сигурна во себе, во својата историја и во својата иднина.

Достоинство не е предмет на преговарање. Сакаме европска иднина, силни сојузништва и пријателства, но со исправена глава. Македонскиот идентитет, јазик и историја се нашето наследство, нашата гордост и нашата обврска кон идните генерации.

Нашата татковина е поголема од секоја партија и секоја влада. Политичките разлики не смеат да бидат посилни од заедничката одговорност. Потребно ни е национално единство околу големите стратешки цели. Пред нас е деценија на големи промени. Не смееме да ја трошиме иднината на оправдувања. Потребни се реформи, инвестиции, инфраструктура, современо образование, силно здравство и институции што ќе им служат на граѓаните. Нашите предци не ни оставија слободна држава за ние да се плашиме од нејзината иднина. Ни ја оставија за да имаме храброст да ја градиме. Слободата што ја наследивме не е наша заслуга. Но државата што ќе ја оставиме зад нас ќе биде наша одговорност. На 11 Октомври не се одлучувало само како ќе се живее утре. Се одлучувало дали идните генерации ќе имаат право сами да одлучуваат за својата судбина. Со нашиот источен сосед нè поврзуваат соседството, историјата и иднината на овој регион. За минатото можеме да имаме различни толкувања. За иднината мора да имаме заедничка одговорност – да изградиме односи во кои никој нема да мора да го негира другиот за да го потврди себеси. Нашиот јазик не е пречка за европската иднина. Тој е дел од европското културно богатство. Нашиот идентитет не е проблем што треба да се реши, туку достоинство што треба да се почитува. Не бараме Европа да избира меѓу нас и нив. Бараме европските принципи да важат еднакво и за сите. Не сакам генерациите што доаѓаат да ја наследат нашата недоверба. Сакам да ја наследат нашата храброст да ги решаваме проблемите.

Еден ден нашите деца нема да нè прашуваат колку силно сме зборувале за државата. Ќе нè прашуваат каква татковина сме им оставиле.

Нашите предци имаа храброст да се изборат за држава. Ние мора да имаме мудрост да ја зачуваме, сила да ја развиеме и одговорност да ја предадеме на идните генерации посилна отколку што ја наследивме.

И мора секој еден да знае дека алтернативата на оваа наша борба е пукање на последната брана кон сите непринципиелни политики против кои се бориме. Или принципи, или тие со нивната трговија. Или силна татковина или држава на продажба. Тоа е изборот. Татковината не е создадена за да биде заробеник на нивните слабости!

И ќе ги слушнете за сѐ да зборат, само од народ бегаат. Затоа и за избори не зборат.

Драги пријатели,

Нашите предци се изборија за слобода.

Генерацијата на независноста создаде суверена држава. Нашата генерација има обврска да создаде успешна, економски силна и достоинствена држава.

Доста беше со поделби. Доста беше со изговори. Доста беше со изгубени можности и мали амбиции.

Време е за големи одлуки. Време е за големи дела. Време е за нова национална самодоверба. Државата е создадена за да се развива, да напредува, да создава и да победува! Не да победува други народи, туку да ги победи сиромаштијата, корупцијата, неправдата, поделбите и иселувањето.

Нашите предци ни ја оставија слободата. Нашите родители ни ја оставија независноста. А ние на нашите деца мора да им оставиме успешна држава!

Почитувани граѓани,

Пред осумдесет и пет години, во една од најтешките ноќи на нашата историја, имало луѓе кои не знаеле дали ќе го дочекаат утрото. Но знаеле дека татковината мора да дочека подобро утро. Тие немале гаранција дека ќе победат. Немале сигурност дека ќе се вратат во своите домови. Немале можност да знаат како ќе изгледа светот што ќе го остават зад себе. Но имале нешто посилно од стравот. Имале верба дека слободата вреди повеќе од сопствениот живот.

И затоа денес, кога стоиме пред нивното дело, мора да си поставиме едно прашање.

Што ќе кажат генерациите по нас за времето во кое живеевме?

Дали ќе кажат дека сме биле генерација која се плашела од предизвиците? Дека сме ги одложувале одлуките? Дека сме дозволиле поделбите да бидат посилни од нашата заедничка иднина?

Или ќе кажат дека токму во нашето време државата нашла сила да оди напред?

Дека сме ја зачувале државата, сме ги зацврстиле нејзините институции, сме ја развивале економијата и сме создале нови можности за нашите деца?

Историјата нема да нè памети по зборовите што сме ги изговориле.

Ќе нè памети по делата што сме ги оставиле.

И затоа, денес, од ова место, сакам да упатам неколку пораки.

Тука сме родени, оваа е земјата за која сме одговорни.

Таа е во споменот на оние кои ги положиле своите животи за слободата.

Во рацете на работникот кој секое утро тргнува на работа.

Во надежта на земјоделецот кој ја обработува својата земја.

Во знаењето на наставникот кој ги подготвува идните генерации.

Во пожртвуваноста на лекарот кој спасува човечки живот.

Во соништата на секое дете кое заслужува да расте во сигурна, достоинствена и просперитетна држава.

Не само минато што го почитуваме.

Туку сегашност за која одговараме.

И иднина што заедно ја создаваме.

Нашите предци го направија она што во нивното време изгледало невозможно. Ја отворија вратата на слободата. Нашата должност е таа врата никогаш да не се затвори и низ неа да поминат генерации кои ќе живеат подобро, послободно и подостоинствено.

Затоа нека овој 11 Октомври не биде само ден на сеќавање.

Нека биде ден на нова одговорност.

Одговорност да ја чуваме слободата. Затоа што слободата не е завршена приказна. Слободата е дело што секоја генерација мора да го продолжи.

И кога еден ден нашите деца ќе погледнат назад кон ова време, нека можат со гордост да кажат:

Тие не се откажаа.

Тие не ја изгубија надежта.

Тие не заборавија од каде доаѓаат.

И имаа храброст да одлучат каде сакаат да стигнат. Нашите предци ни ја оставија Македонија како завет. Ние им ја должиме на нашите деца како иднина.

Нека е вечен споменот на борците за слобода!

Нека е честит 11 Октомври!

Нека е вечна и Бог да ни ја благослови Македонија!“

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Познати фудбалер го освои срцето на фатална кантри пејачка

Фудбалерот на Милан, Американецот со потекло од балканот Кристијан Пулишиќ има нова девјка, мегапопуларната канти пејачка Меган Морони.

Познати фудбалер го освои срцето на фатална кантри пејачка

Љубовните животи на познатите спортисти и нивните партнерки повторно се во центарот на вниманието, а две убавици од светот на шоу-бизнисот веќе се шегуваат дека припаѓаат на новата генерација на таканаречени „WAG“ девојки.

За време на гала-настанот „Time100“ во Њујорк, 29-годишната кантри-пејачка Меган Морони се сретна со својата пријателка Еиза Гонзалез. Двете ѕвезди разговараа за своите партнери за време на настанот. Гонзалез е во врска со тенисерот Григор Димитров најмалку од април 2025 година, додека новата романса на Меган Морони со фудбалската ѕвезда Кристијан Пулишиќ (28) неодамна стана предмет на јавен интерес.

„Ние сме новата генерација девојки на познати спортисти“, се пошегува Гонзалез во разговор со Меган.

Само една недела претходно, фановите со остро око забележаа значаен детал дека пејачката на „6 Months Later“ и фудбалерот се во врска.

Меган потоа се појави на модната ревија на „Victoria's Secret“ за 2026 година и беше фотографирана со телефон во раката, на чиј екран можеше да се види фотографија во позадина.

На фотографијата, Меган изгледаше како да е прегрната со ѕвездата на американската фудбалска репрезентација.

Уште во јули, Меган наводно била видена со Пулишиќ во бар во Нешвил, додека пак, профил на обожавател посветен на фудбалерот објавил фотографија од него на нејзиниот концерт на Флорида, заедно со неговиот братучед, пренесува „Пипл“ (People).

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кејт Мидлтон објави досега невидена фотографија од принцот Луис за Ноќта на вештерките

Сопругата на британскиот престолонаследник, принцот Вилијам, Принцезата од Велс, Кејт Мидлтон ги изненади следбениците на кралското семејство, споделувајќи досега невидена фотографија од нејзиниот најмлад син, принцот Луис. 

Кејт Мидлтон објави досега невидена фотографија од принцот Луис за Ноќта на вештерките

Фотографијата е направена за време на Ноќта на вештерките пред неколку години, кога принцот имал само една година.

Фотографијата е направена од самата принцеза во Норфолк и на неа се гледа насмеаниот, едногодишен Луис покрај голема тиква. На сликата, принцот носи син мантил за дожд, темни фармерки и светлоцрвени гумени чизми.

Фотографијата, објавена на официјалните профили на социјалните мрежи на принцот и принцезата од Велс, е придружена со натписот:

„Среќна Ноќ на вештерките! Принцот Луис, 1 година – фотографиран од принцезата од Велс.“

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ТОК бара инспекција на Алта банка и на одговорните лица во НБС поради можен одлив на пари во странство.

Јавното обвинителство за организиран криминал (ЈТОК) на Србија соопшти дека побарало од полицијата да го провери работењето на „Алта банка“ (Alta Banka), како и одговорните лица во Народната банка на Србија (НБС)

ТОК бара инспекција на Алта банка и на одговорните лица во НБС поради можен одлив на пари во странство.

Јавното обвинителство за организиран криминал (ЈТОК) на Србија соопшти дека побарало од полицијата да го провери работењето на „Алта банка“ (Alta Banka), како и одговорните лица во Народната банка на Србија (НБС), во врска со можни одливи на пари од сметките на банката и трансфери во странство. Исто така, денеска по електронска пошта до Обвинителството пристигна кривична пријава против „Алта банка“ како правно лице, како и против неколку одговорни лица во таа банка.

Од Министерството за внатрешни работи, односно од Службата за борба против организиран криминал (СБПОК), е побарано итно да постапат и да го проверат целокупното работење на банката, како и сите околности што довеле до одземање на дозволата за работа. Од Обвинителството наведоа дека на 27 октомври, поради написи во медиумите и на социјалните мрежи за одливи на средства од сметка на банка кон странство, испратиле барање до НБС за прибирање на потребните информации и податоци за сите трансакции извршени кон странство во периодот од 27 септември до денот на доставување на извештајот.

Постапувајќи по тоа барање, на 30 октомври, НБС ги достави податоците со кои располага во своите квартални извештаи, заклучно со 20 септември.

„Извештајот за бараниот период, како што наведоа од Народната банка на Србија, ќе биде доставен по 4 ноември 2026 година“, соопштија од Обвинителството.

На 29 октомври до НБС беше испратено ново барање за прибирање податоци, кое се однесуваше на конверзија и одлив на средства од сметката на „Алта банка“ АД Белград кон странство. Еден ден подоцна, на 30 октомври, обвинителството до СБПОК достави барање за проверка на работењето на „Алта банка“ и на одговорните лица во НБС, во врска со можни одливи од банкарски сметки и трансфери на пари во странство. Од Обвинителството соопштија дека денес добиле кривична пријава од НБС против банката и неколку нејзини одговорни лица, при што побарале полицијата итно да го провери целокупното работење на банката, како и околностите што довеле до одземање на дозволата за работа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер