Мицкоски: Лагите на СДСМ околу црните листи се последица на рејтингот на Заев кој паѓа

Лагите на СДСМ околу црните листи се последица на рејтингот на Заев кој драматично паѓа поради криминалот и корупцијата, вели Мицкоски.

Во продолжение целосноот обраќање на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на 30-тата Годишна конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ:

Ви се обраќам овде од Хераклеа, од местото кое не само што сведочи за историјата, туку од денес натаму ќе покажува светоглед кон иднината, затоа што од тука започнува големата победа на ВМРО-ДПМЕ и затоа слоганот на овој 30 роденден на УМС е „Ние сме иднината". Запаметете го овој слоган „Ние сме иднината", Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Кога се договaравме со Сергеј за одржувањето на оваа годишна конференција, еден од соработниците ми посочи дека можно е времето да е врнежливо и постои ризик луѓето да се поколебаат поради можната бура. Бев сигурен дека Хераклеа ќе биде полна, но и дека ќе грми, ќе грми од млади грла чии срца татнат за Македонија, за промени и за нова, сигурна иднина.

А што е еден дожд, кога Македонија е во прашање? Затоа УМС – Ние сме иднината, наша е оваа борба која е битка на нашата генерација, судбоносна борба за правдини, за подобар живот и за она што е наше право, наш долг и наш завет, а тоа е ни помалку, ни повеќе Македонија.

Ако ВМРО е чуварот на Македонија, Унијата на младите сили е чуварот и моторот на ВМРО-ДПМНЕ цели 30 години. 30 години расадник на кадри, двигател и енергија на промените, авангарда која трае, иднината на нашата партија, но поважно - иднината на нашата Македонија. И затоа и за мене, но и за секој еден член УМС е повеќе од тело во партијата, таа е емоција, спомени, дружби, арчење за идеја. Први на барикадите, протестите, први во судирот со мафијата. Први во бунтот за нашата Македонија!

Затоа, УМС, честит и вековит да ти е роденденот! Сакам да ви го посакам да продолжите да бидете свои, да бидете слободни, дабидете бунтовни. Да не престанете да сонувате и да се борите за свои идеи. Да ја сакате слободата, правдата, да се борите за промените во земјата, да се борите за она што е ваше право, но и обврска. И секогаш, секогаш ќе ја имате мојата поддршка. Бидете силни, бидете енергични, народот во нас гледа шанса за промени и решенија од тешкиот живот. И не смееме да ги разочараме. Едноставно не смееме и го немаме тоа право. Затоа ќе бидеме заедно на улиците и на теренот, заедно ќе се бориме, ќе тагуваме, но многу повеќе ќе се радуваме и заедно ќе победиме. Ќе победиме и заради сите удари што ги добивме и не' направија посилни. Ќе победиме за сите сопки, потценувања, омаловажувања кои не направија подостоинствени и посигурни. Заради сите скептици, платени или не, но ќе победиме највеќе за сите чесни луѓе кои во нас гледаат надеж. Топката е во наши нозе, а ние ќе даваме голови.

УМС, Дали сте подготвени? Дали сте подготвени да ве прашам уште еднаш? За кого? За кого да не слушнат?!

Драги пријатели, браќа и сестри,

Гледам во изминативе неколку дена почна еден чуден вештачки натпревар во дел од медиумите, за тоа кој бил со едните или кој бил со другите. Па дури и дел од оние пара-аналитичари почнаа да ни редат и зборови во уста, па тие самите да пишуваат некаква црна листа. И нормално во вештачкиот лажен амбиент создаден од лажните кујни на власта на прво место им е ВМРО-ДПМНЕ па 10 празни места, демек тоа е тоа. А делот во одлуката на претседателот Бајден каде јасно кажува дека се однесува и на корупција и криминал која се знае дека е широко распространет, стимулиран и заштитен од власта, не кажуваат ниту збор. Нема толку хартија, колку што има криминалци и корумпирани политичари во власта за таа црна листа.

Не ќе е ниту до тоа и дека не ги знаат нашите прозападни ориентации, или пак до толку да се незнајковци по историја па да не ја знаат генезата на ВМРО и дека во својата основа ја има борбата за своја Република, во време кога во Европа владеаја монархии и дека слободата и човечките правдини се нашето ново верују.

И ми стана јасно што е причината за таквиот натпревар. Нема тешка филозофија, до рејтингот е.

Заев драматично губи, а разликата се зголемува. Нема човек кој мисли добро за оваа Влада и кој не е разочаран. И токму затоа адутот на Заев се парите за поткуп, заштита на криминалот и лагите за опозицијата.

Но, да се вратам кусо и на надворешната политика и ќе одговорам директно. ВМРО-ДПМНЕ ги почитува стратешките интереси на стратешките партнери. Заедно со ЕУ тоа се системите кон кои ние единствено се стремиме, но воедно тоа не значи дека немаме право да ги почитуваме и да се бориме за нашите македонски, повторувам македонски национални интереси кои се нашиот базичен темел, наше право и долг кон Македонија. Таа борба за мене е завет. ВМРО-ДПМНЕ е народна партија и секогаш била и ќе остане народна партија.

Главното прашање е колку со договорите се подобри квалитетот на живот и дали народот е задоволен неколку години потоа, каде се ветувањата на Заев дека ќе дојдат високите плати, бесплатното и квалитетно здравство, отворање на границите и бесконечни можности? Јас сум реалист и треба реално да се говорат работите.

Ајде да зборуваме за тоа дека ниту една голема афера нема правна разрешница. Кој човек од власта лежи казна затвор? Зошто Заев го брани Рашковски, а судот испорачува и го ослободува? Каде се парите од рекет? Зошто се дозволи да избега Ден Дончев иако на камери видовме како зема туце со пари? Што е со пасошите давани за криминалци и аферата Мафија? Таму лежат службеници, а нема истрага за Спасовски. Зошто никој не го викнал Вице за рекетот од 250 илјади евра во РЕК, додека Ковачевски за зделката е унапреден од директор на РЕК Битола во директор на ЕЛЕМ? Има уште стотици и стотици други скандали, афери, криминали, кражби, неправди и измами.

Ајде да зборуваме кога станува збор за бранењето на стратешки интереси. Кој може подобро да ги брани или застапува, јас кој едно пенкало во својот живот не сум позајмил или Заев аболиран политичар кој украде цела држава? Јас кој што се школував овде и во центри во Европа, или Заев кој во тоа време создаваше клановска крими империја во Струмица и продава во Русија? Јас, кој работам според чест, принципи и вредности или Заев кому свитканата кичма, лажењето и тапкањето по рамо му е секојдневие. Се знае кој е тука изборот.

Па драги пријатели, да ви поставам неколку прашања и самите ќе си дадеме одговори. Кој го потпиша договорот за Стратешко партнерство со САД? ВМРО-ДПМНЕ. Кој донесе визна либерализација? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Кој доби договор за стабилизација и асоцијација? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Кој доби десетина препораки за почеток на преговори со ЕУ и заштитени национални интереси? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Епа, ова е најдобриот демант на тезите на домашните пара-аналитичари кои сами прават некакви црни листи во името на Зоран Заев.

Токму затоа власта на Заев преку ограничување на слободата, диктирањето на тези преку ваквите пара-аналитичари и со силно присуство и замешателство на државни полициски структури создава лажен амбиент во кој бранењето на националите интереси треба да биде нешто што е погрешно. Нивната цел е кога ќе се каже зборот патриот или Македонија, секој оној кој тоа го збори да се оцрни дека е квази патриот кој брани некаков криминал. А вистината не е таква таа е сосема спротивна.

Ваквите стереотипи на оцрнувања и лаги и лажни вести Власта ги прави за да ја деградира нашата борба, а на тој начин да го заштити сопствениот криминал. Тие сакаат да мислите дека сите сме извалкани со истата кал. Постојано да сте разочарани од политичарите со девизата што да правиме „сите се исти". А, не сме исти. Дури ни тие во СДСМ не се исти, туку се заглавени и киднапирани од триесетина души, на чело со Зоки, Бучко, Рашко, Путерот, Оли и сличните ним.

Е, затоа народот треба да биде високо свесен за лагите кои ги пласира и пропагандата на власта и нивните полициски инсталации во македонското ткиво, преку силен притисок за националните, општествените или економските прашања. И тука сакам да направам една споредба, дека тоа што го правеа преродбениците во 19-тиот век и создаваа нација, го продолжија Илинденците и Асномците кога создадоа своја држава. А, денеска е на нас, на Унијата на млади сили, на ВМРО-ДПМНЕ во 21 век да ја сочуваме оваа наша држава, да ја направиме богата и просперитетна држава на вештачка интелигенција и нови технологии, роботика и трансфер на знаење.

Но исто така, почитувани браќа и сестри, оваа наша генерација се соочува со истите предизвици на тие кодоши кои што кон крајот на 19-тиот век ги кодошеа комитите и Илинденците, на тие полициски удбашки душкала кои што секогаш беа помеѓу Македонците патриоти во дијаспората за време на поранешната држава и на почетоците на создавањето на ВМРО-ДПМНЕ, кои што стенограмски известуваа од состаноците на партијата, на новата национална партија ВМРО-ДПМНЕ. А, денеска имаме такви полициски инсталации на седниците на состаноците на општинскиот комитет кои што снимаат, слушаат и преслушуваат. И само две прашања имаат задолженија да ги постават и на мене и вам, а тоа е - „Што направивте ние, додека Заев ја продаваше Македонија? И што направи ВМРО-ДПМНЕ во опозиција во услови на хибриден режим?"

Еве, ќе ви дадам одговор: Се боревме и ќе продолжиме да се бориме. Ете тоа е одговорот. А, нашиот интерес е да го зачуваме не само народот туку државата. Тоа е иднината која мораме да ја обезбедиме, и ќе ја обезбедиме доколку постапуваме мудро на секое поле и национално останеме освестени. А, после победата, јас ви ветувам одговорност на сторителите заедно со овие полициски душкала и кодоши помеѓу нас. И ви ветувам дека ќе ги исправиме стратешки национални грешки на оваа Влада предводена од Зоран Заев.

ВМРО-ДПМНЕ и јас, заедно со моите соработници, заедно чекоревме по улиците, маалата, се бориме со пратениците и заедно со народот против секоја неправда.

ВМРО-ДПМНЕ има избистрена слика за националните и стратешки интереси на Македонија како никој друг во државава. Ние сме Македонци со македонски јазик, идентитет и историја, засебност, со заслужено членство во НАТО и заслужуваме брзо членство во Европската Унија. И тука ја затворам оваа дебата, оваа дебата еднашка треба да заврши и тука да ја завршиме оваа дебата. Било кој, дали овие полициски душкала кои што имаат за цел да создадат раздор во македонското ткиво силно платени од фамилијата Заеви на власт. Било кој да има дилема, сега и во иднина дека треба да се заштитат националните интереси воопшто не ме прашувајте дали ќе се приклучи ВМРО-ДПМНЕ, планирајте го првото место на самото чело и јас сум таму, деноноќно, колку и да треба, каде и да треба.

ВМРО-ДПМНЕ го има дефинирано ова поглавје, и во наредниот период ќе продолжи да биде приоритетно посветено на се друго што е огромен дел од реалниот живот, а тоа се проблемите со стандардот, економијата и тешката живеачка, грабежот и неправдите кои се прават на секој чекор. Земјава е се подалеку од Европската Унија, а тоа е така не само затоа што не блокира Бугарија, туку затоа што немаме завршено ниту една домашна задача, која што требаше оваа корумпирана и криминална влада на Зоран Заев и СДСМ да ја завршат.

4 години украден живот. 4 години на силна политизираност на судството и недостижност на правдата. Македонија треба веднаш да почне преговори со Европската Унија. Овие луѓе овде, но и тие кои што денеска не се со нас, македонскиот народ, нација и држава заслужуваат веднаш без дополнителни условувања, без дополнителни анекси, стратешки документи или како сакате наречете ги, веднаш следниот понеделник или вторник да добие почеток на претпристапните преговори со ЕУ. Овој народ тоа го заслужува, вредностите кои што овој народ ги споделува се исти како и вредностите кои што ги споделуваат жителите на земјите членки од ЕУ. Така беше и во минатото, кога се боревме против фашистите, така беше и сега кога ја браневме Европа од налетот на мигрантите, ние ја споделуваме идејата на Де Гаспери, Шуман и Аденауер за Обединета Европа. Не одолговлекувајте, немојте да бидете жртва на хегемониските барања на Бугарија, дајте да ги поченеме тие преговори еднашка, тоа не е за Зоран Заев, Бујар Османи и останатите криминализирани политичари, тоа е за овој народ, овој европски народ.

Искуството и делата велат дека на Заев не може да му се верува. За тоа сме на улица, за тоа сме на овие протести и за тоа ќе продолжиме и во понеделник, и во вторник следната недела. За тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе биде заедно со народот на улица.

Ја користам оваа прилика да им се извинам, на нашите сограѓани кои што заглавуваат во метежот, да им заблагодарам на трпението изминатите денови што беа со нас. Но едноставно кога нема како, во услови на медиумски мрак мора да излезе вистината на виделина. За тоа што на Зоран Заев едноставно не може да му се верува.

Се сеќавате кога лажеше, и кога викаше дека додека дишел, додека талкал изгубен низ времето, ќе го барал семето, а Македонија ќе си останела да биде Македонија.

Затоа, почитувани присутни, овој пат народот излегува на улиците и покажува што може и што ќе биде доколку Зоран Заев ги помине црвените линии. А, црвените линии се нашите македонски, тоа е идентитетот, посебноста, историјата, јазикот, културата, обичаите, традицијата вековни, не тие од 44-та па наваму, вековни тоа што претставува колективна свест, тоа што баба на внукот, колено на колено го пренесувала. Тоа е таа наша посебност, македонска посебност што не прави различни од сите останати.

Не смееме да дозволиме уште едно национално предавство.

Драги пријатели, национален интерес е и да се бориме за здрава економија, просперитет и развој. А, состојбите се повеќе од алармантни. Би рекол - катаклизмични. ЕДНА милијарда евра во буџетот ја нема, а нема проекти. Парите се извлечени преку задолжување и се искористени во поткуп и кражба. Се сеќавате ли на прес конференциите на оној Драган Тевдовски кој што се истакна со споредбите на Данска и Кире Наумов, кои паѓаа во несвест велејќи дека долгот бил цели 38 осто кога ВМРО имаше влада? А, сега тој изнесува ни помалку, ни повеќе 63%, или секој човек, секој жив човек должи повеќе од 3.500 евра. Наместо 500 евра плата во 2017-тата, денес сите имаме по 3.500 евра долг. А, само со новиот ребаланс владата ќе го задолжи секое семејство во земјата со нови дополнителни 500 евра. Воедно, со ребалансот се предвидува и нова давачка, а тоа е поскапување на дизел горивата за скоро 4 денари, што ќе биде директен удар за сите граѓани, а особено за земјоделците и транспортерите, што ќе предизвика ценовен шок и нов бран поскапувања на сите производи. Е оваа давачка ја викаат „еколошки данок". Така, поатрактивно да делува.

А, откако ДУИ и Заев се свртеа кон зеленото ќе поскапе дизелот, среде Скопје направија масакр со дрвата на улица „Орце Николов", со увезување на загаден мазут го трујат воздухот, што значи кај и да е овие брзо ќе го напуштат зеленото и ќе се вратат на основните занаети, а тоа е криминалот и корупцијата. Тука се најдобри морам да признам, 111-ти сме според скалата на Транспаренси Интернешнл или најкорумпирани и најкриминализирани благодарение на Заев и оваа Влада на СДСМ во Европа. Но, народот вели дека зеленото најбрзо пожолтува, а ќе пожолтат кога на избори ќе чујат народот што мисли за нив, за тоа ја користам оваа прилика да го повикам народот масовно на следните локални избори да излезе и да гласа. Со седење дома, мој македонски народе, со седење дома добрите луѓе бираат лоши политичари. За тоа излезете и масовно гласајте да дојдат добри политичари. Како вие што сте добри луѓе.

Браќа и сестри,

Ова е дијагнозата на нашето општество. А, излезот е победа на обединет опозициски блок. Имаме разлики во опозицијата, ама целта ни е иста. Пораз на Заев и вадење од катастрофа на Македонија. Во изминатиот период имав контакти со повеќе лидери и партии и чувствувам силно опозициско расположение и еве тука, од Битола, во името на ВМРО-ДПМНЕ подавам рака кон секоја опозициска партија и сила, да ни се приклучат. Ако целта ви е промена на власта, пораз на мафијата на Заев, СДСМ тогаш сте добредојдени со нас.

Опозициски блок најдобро ќе ги штити државните интереси, ќе се бори за економски прогрес и ќе ја победи мафијата. Сега повеќе нема никакви изговори, ова е моментот за обединување и подавање на рака. А, сите тие кои што ќе останат надвор и кои ќе се колебаат, бараат изговори или се спротивставуваат на обединувањето со сите оние кои што тоа го посакуваат и за тоа за нив можам да кажам дека се слуги во скутот на Заев и се инсталирани од власта за да ја слабеат опозицијата. Многу јасно и прецизно ќе се видат кои се тие. А, опозицискиот блок, обединетата опозиција ќе ја собори власта. Овде се работи за нашата иднина и за иднината на сите нас. Се работи за иднината на нашата Македонија.

А, што ќе направи ВМРО-ДПМНЕ, како ВМРО-ДПМНЕ ќе се проектира наредниот период, и каква сила ќе бидеме ќе видите многу скоро, почекајте – 16-ти јуни е датумот. 16-ти јуни е вистинската најава за пресврт, за еден голем новитет, во пресрет на одбележување на формирањето на нашата партија од Охрид ќе го соопштиме нашиот новитет. На посебен настан. ВМРО-ДПМНЕ е стеблото, ВМРО-ДПМНЕ е покривката која обединува луѓе. ВМРО-ДПМНЕ е на вистинските патеки, а запаметете 16-ти јуни е она што сите го очекуваат. Бидете трпеливи.

Почитувани присутни,

Јасно е, мирисот на промените се чувствува тука, од нашата Битола. А, гласот на овие локални избори за секој еден градоначалник на СДСМ е глас за Зоран Заев. Гласот за градоначалник на СДСМ е глас за бизнисите на Вице, Трајче, и Зоки, глас за плантажите марихуана, за рекет. Глас за Заев е глас за урнисана економија, украдена иднина, држава која што се распаѓа, загадена Битола, уништен Пелистер, за бркање работници од РЕК. Гласот на овие избори не е за кандидатите на градоначалници на СДСМ, тоа е глас да продолжи Зоран Заев да пустоши низ Македонија. Гласот на овие избори за кандидатите за градоначалници на СДСМ е глас за Зоран Заев да ја стави Македонија уште подолу на листата за корумпирани, криминализирани држави. Гласот на овие избори на градоначалници на СДСМ не е глас за нив, туку е глас да продолжи Македонија да се посрамотува, да се понижува, срами и опсутошува.

Велат од власта дека „најдоброто за нашата општина" било СДСМ. Јас ќе речам најдоброто за нашата општина е да си одат СДСМ. Да си одат од сите општини. Најдоброто за Битола е наместо за табла шах, лампиони и крив дрвен мост, битолчани да се радуваат за вистински проекти и развој.

И сосема на крај, ме прашуваат во колку општини ќе победите на овие избори. Ќе победиме во онолку општини колку што е потребно следниот ден заедно со народот да отсвириме крај на оваа неславна ера на СДСМ и Зоран Заев.

А, ќе победиме за Македонија. Ќе победиме со срце и со жар, со љубов и посветеност каква што ќе покажат модерните херои, македонските фудбалски репрезентативци, кои се нашата радост и гордост. Да ги поздравиме и да навиваме овие денови за нив.

Ќе победиме за Македонија. Да сте живи и здрави. Да живее УМС, да живее вечно и вековито ВМРО-ДПМНЕ и да ни е вечна Македонија!

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Кикбоксерот Бобан Илиоски светски првак во ВАКО ПРО

 Најдобриот македонски кикбоксер Бобан Илиоски е нов светски професионален првак во кикбокс на ВАКО ПРО во дисциплината К1, до 88,6 кг, откако синоќа во борба за титулата го совлада Берк Дузенли од Турција.

Бодрен во СЦ „Јане Сандански“ од домашната публика и навивачката група „Комити“, Илиоски го совлада актуелниот аматерски светски првак со судиска одлука од 2-1.

Илиоски во ноември лани го освои златниот медал на Светското ВАКО првенство во категоријата лоу кик до 86 килограми и ја обедини светската и европската титула.

За своите успеси на меѓународната сцена Илиоски беше избран за спортист на Македонија во 2023 година.

Свечена промоција на нови полициски службеници во Центарот за обука на МВР во Идризово

Свечена промоција на нови полициски службеници - генерација 2023-2024 година, ќе се одржи денеска во Центарот за обука на МВР во Идризово, со почеток во 11:00 часот.

На промоцијата обраќања ќе имаат премиерот на техничката Влада Талат Џафери, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев и Сузе Трајковска, раководител на Центарот за обука на МВР.

Настанот ќе биде пренесуван и во живо на официјалната страница на Министерството за внатрешни работи.

В понеделник ќе се знае дали ќе поскапи полисата за задолжителното авто осигурување

 Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност в понеделник на седница треба да го разгледа Извештајот од Националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на донесените одлуки за зголемување на цената на полисата .

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност в понеделник на седница треба да го разгледа Извештајот од Националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното авто осигурување од страна на осигурителните компании и да преземе соодветни чекори во насока на заштита на крајните потрошувачи.

Комисијата за автомобилска одговорност која е именувана од страна на Владата согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот ја сочинуваат членови од Министерството за финансии (МФ), Националното биро за осигурување (НБО) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО). Таа е надлежна за утврдување на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица. Комисијата ја утврдува премијата за осигурување која ја плаќа договорувачот на осигурувањето-осигуреникот, a која се состои од техничка премија, која ја утврдува Владата на предлог на Комисијата и дел на премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци) што ги утврдуваат осигурителните друштва самостојно со посебна одлука на Друштвото за осигурување.

Од Министерството за финансии нагласуваат дека техничката премија останува непроменета, а со донесените одлуки од страна на осигурителните друштва е извршена корекција на цената во делот на премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци).

Министерството за финансии претходно вчера заради донесените одлуки од страна на осигурителните компании за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност ја свика Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која одржа седница на која ги разгледа сите аспекти од носењето на овие одлуки и заклучи в понеделник на нова седница да донесе одлука. Врз основа на добиеното известување од страна на АСО, која е регулатор на осигурителниот сектор, Министерството вчера се обрати и до Комисијата за заштита на конкуренцијата, со цел да се испита дали се прекршени правилата на фер и конкурентно однесување согласно oдредбите од Законот за заштита на конкуренцијата.

Токму АСО го информира Министерството дека мнозинството друштва за осигурување донеле одлуки и доставиле известување до нив за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност на 23 април 2024 година со примена од 25 април 2024 година, а со интервенција во делот на премијата за вршење на дејноста осигурување (режиските трошоци) кои осигурителните друштва самостојно ја утврдуваат.

Од АСО сметаат дека зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување е неоправдан чекор на осигурителните компании.

-По добиените известувања од осигурителните компании дека ќе ја зголемат цената направени се актуарски пресметки за проверка. По извршените актуарски пресметки утврдено е дека зголемувањето на цената, со дадените образложенија, не е оправдано, велат од АСО.

Затоа, додаваат, во рамите на своите надлежности доставиле предлог до Министерството за финансии да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност и со тоа да го ограничи износот на режискиот додаток што ќе овозможи намалување на цената на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.

Од НБО, пак, велат дека актуелните пазарни услови предизвикаа неопходност од промена на цената на полисата за задолжителното авто осигурување и додаваат дека процентот на пораст секоја осигурителна компанија сама го дефинира, зависно од деловната политика и направената анализа. Оттаму објаснуваат дека се работи за европски компании кои одлуките ги носат врз основа на сериозни повеќегодишни анализи, кои покажуваат дека бизнисот за осигурување на автоодговорност е неодржлив со сегашните цени.

-Порастот на цената е предизвикан од континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, порастот на цената на резервните делови, порастот на платите и постојаната голема инфлациона тенденција. Општиот пораст на цените од 2008 до 2023 година изнесува 61,56 отсто. Истовремено цената за осигурување од автомобилснка одговорност не е променета веќе 15 години и е единствената категорија во нашата земја која не претрпела зголемување на цена, посочуваат од НБО и додаваат дека имаме најниска цена во регионот на осигурување од автоодговорност.

Нагласуваат дека досегашната цена на задолжителното авто осигурување била непазарна, прениска, меѓу најниските во регионот, непроменета уште од 2008 година и дека ја доведува во прашање исплатливоста на работењето на осигурителните компании.

-Без поскапувањето овој бизнис е неодржлив и ќе биде полека напуштен од страна на осигурителните компании. Финансиските институции имаат обврска да работат по строго дефинирани одржливи параметри, со цел зајакнување на стабилноста на финансискиот систем. Како потсетување, во 2008 година цената на автомобилската одговорност беше намалена за 30 отсто, но, денес условите за работење се променети и неодржливо е за Осигурителните компании да работат со цени на ова ниво, прецизираат од НБО.

Зголемувањето на цената за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании вчера на својот Фејсбук профил го коментираше и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

-Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на владина седница. Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните, напиша Битиќи.

Тој ги повика Министерството за финансии и Комисијата за заштитата на конкуренција да постапат по овој случај.

-Го повикувам ресорното Министерство за финансии и Комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата, порача Битиќи на Фејсбук.

Со донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното авто осигурување од страна на осигурителните компании за 15,44 отсто поскапува полисата што ја плаќаат граѓаните при регистрација на нивните возила со моќност од над 44 киловати. Поскапувањето е од 840 па до скоро 1.600 денари во зависност од моќноста на возилото.

притисни ентер