Добро е што ја минавме оваа прва препрека со убедливо мнозинство, жестоко ќе се бориме во следните две недели, кажа премиерот Мицкоски коментирајќи го гласањето на извештајот на известувачот Томас Вајц кој го помина првиот филтер во комитетот за надворешни работи во ЕП. Според него македонската и европската јавност сега јасно виделе дека во 21 век во Европа се уште има борба за македонските идентитетски прашања и јазик Прашан дали тој лично бил информиран дека некој од европратениците од ЕПП чиј дел е ВМРО-ДПМНЕ ќе побара во амандманите да се доддаде терминот „современ“ пред македонскиот јазик и идентитет, Мицкоски кажа дека тоа било здружен предлог на 4 групи на ЕП, но не е изненаден што имало вакви амандмани бидејќи бугарски европратеници се исто така дел од ЕПП.
„Андреј Ковачев е член на ЕПП. Дали сме очекуваме, нормално дека сме очекувале, Ковачев е дел од Европската народна партија. Како беше гласањето, 15 пратеници беа за извештајот на Вајц, пратеници од ЕНП, вклучително и претседавачот на комитетот Мекалистер, тројца беа против и двајца воздржани, тоа се грчките пратеници. Ги имаме сите, знаеме како се гласало. Добро е што ја поминавме оваа прва препрека и добро е што сите видоа, дека не е суштината неколку стотини Бугари, туку подлабока е суштината. Следат две недели во кои жестоко ќе се бориме, изјави Мицкоски.
Од опозициската СДСМ пак денешното однесување на претставниците од ЕПП го оценија како историски шамар за ВМРО-ДПМНЕ од сопствените сојузници во европскиот парламент. За СДСМ дополнително загрижувачки е што од ЕПП најавиле дека ќе го поднесат истиот амандман и на пленарната седница.
-Предлог-амандманот за воведување на формулацијата „модерен македонски јазик“ не само што доаѓа од редовите на ЕПП, туку е поднесен токму од нејзиниот координатор Михаил Галер – член на германската ЦДУ, партија која ВМРО-ДПМНЕ со години ја нарекува свој стратешки и идеолошки партнер. Овој амандман претставува сериозен удар врз позициите на Македонија, но и суштинско понижување за ВМРО-ДПМНЕ, која се претставува како „бранител“ на македонскиот јазик. Наместо поддршка, од своите европски пријатели добија дипломатска шлаканица што го доведува во прашање влијанието на ВМРО-ДПМНЕ во својата матична групација., изјави Кузеска.
Извештајот, првично, требаше да биде ставен на гласање на 4 јуни, но беше одложен на барање на Вајц поради притисоците од бугарските европратеници, кои не се согласуваа со тоа што во дoкументот децидно се наведуваат македонскиот јазик и идентитет. Сега за него ќе се расправа на пленарното заседание на ЕП кое е закажано за од 7 до 10 јули во Стразбур.