Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека идејата на Украина да се приклучи на НАТО е „голема закана“ за Русија, што „ја нагласува важноста и итната потреба да се обезбеди нашата безбедност и националните интереси“.
Пред Русија да испрати илјадници свои војници во Украина во февруари, Москва бараше правни гаранции дека Украина никогаш нема да биде примена во Организацијата на Северноатлантскиот договор.
Вчера украинската влада ги претстави безбедносните гаранции што ги смета за неопходни за нејзината земја по завршувањето на конфликтот со Русија.
Планот беше претставен во Киев од страна на шефот на администрацијата на претседателот, Андриј Јермак и поранешниот генерален секретар на НАТО Андерс Фог, а тој предвидува оружје и обука што Украина ги бара од своите западни сојузници за да може во иднина да се брани нејзиниот суверенитет.
Во планот се предлага неколку европски земји, заедно со САД, Канада, Австралија и Турција, да бидат гаранти на безбедноста на Украина и да продолжат напорите за влез во НАТО.
Иако на почетокот на руската инвазија, Украина се понуди да се откаже од својата уставно загарантирана цел за приклучување кон НАТО во замена за прекин на огнот, Киев сега вели дека е заинтересиран само за полноправно членство, а не за полабави безбедносни гаранции.
Но, поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, кој стана еден од најгласните поборници за војна меѓу политичарите во Русија, рече дека барањата на Украина може да резултираат со „трета светска војна“. Медведев на Телеграм нагласи дека приклучувањето на Украина во НАТО ќе ги обврзе другите членки да ја бранат Украина.
Тој исто така додаде дека ако НАТО се надева дека ќе ја ослабне Русија на овој начин, може да очекува „Земјата да гори и цементот да се топи“.