Маврово исполнето со гости, приходите помали - Канал 5

Маврово исполнето со гости, приходите помали

Во Маврово и околните населби овој викенд има над две илјади гости. 

Маврово исполнето со гости, приходите помали

Некои се дојдени ден порано, но најголемиот број од нив дојде во петокот и саботата. Хотелите и помалите сместувачки капацитети се исполнети речиси до последното место. Така се очекува да биде и биде за наредниот викенд. Продавниците и неколку угостителски објекти се отворени и работат според протоколите за заштита. Раздвиженост и посетеност има, но како што рекоа повеќемина мавровци, приходите не ветуваат голема заработувачка.

Повеќе гости за 30%, помал приход

МИА беше викендов во Маврово. Раздвиженоста од луѓе и автомобили беше воочлива особено во Маврови Анови. Во оваа населба на брегот на Мавровското Езеро, вообичаено посетителите застануваат да испијат кафе и да се снабдат со потребните продукти. Забележавме и луѓе кои рекреираа со прошетки и возење велосипеди околу езерото. Пред неколкуте продавници имаше помали групи кои пазареа. Според регистарските ознаки на автомобилите, најмногу беа скопски и гостиварски. Во разговорите со некои од нив ни кажаа дека заради корона-кризата и топлото време решиле викендот да го поминат во викендичките кои се нивна сопственост или кај нивни пријатели.

За овој период од годината вообичаено е да има гости, но евидентно е дека нивниот број е поголем. Има интерес и за повеќе од можностите и капацитетите, смета Раде Симоски.

– Ова лето ги потврди моите тврдење дека Маврово е вториот по големина и важност туристички центар во Македонија. Од контактите со колегите имам информации дека нема слободно место во хотелите и во приватното сместување. Така беше за минатиот викенд, така е за овој. Тешко ќе се најде слободен кревет и за наредниот, вели овој туристичко-угостителски работник со над 40 години искуство во оваа област.

Како професионалец ја анализираше и состојбата. Ваквата заинтересираност која е 30-40 проценти поголема нема да донесе поголем профит. Според Симоски, недостигаат турите на странските тур-оператори. Во нив Маврово беше честа дестинација и обезбедуваа значителни приходи.

– Домашните гости се добредојдени и многу важни. Тоа се докажа токму во овој период. Сепак нивната моќ не е толку голема. Сега на тоа проблем ни создаде и кризата. Не можеме да примиме повеќе гости во ресторан заради протоколите, а и луѓето се претпазливи, некои дури и се плашат заради здравствени причини, вели Симоски.

Обиколката околу езерото на чии брегови има два поголеми ресорти потврди дека гости има. Сместувањето зависно од пакетот во пореномираните хотели е од 25 евра за полупансион до 280 евра за луксузен апартман. Сепак, може да се најде и сместување, кое во стандардизираните соби е околу 600 денари за ноќ.

Во хотелите и поголемите ресторани се забележува дека вработените, обврските ги извршуваат почитувајќи ги сите безбедносни препораки, заштитни маски, средства за дезинфекцијата често пребришување на подовите.

Се гради, ама многу се валка

Јован и Маријана, средовечен пар од Скопје, кои се рашетуваа покрај месноста „камп" во населбата Крстови ни кажаа дека во Маврово доаѓаат првпат. Ги спречила кризата и годинава да отпатуваат некаде. Изненадени се од крајоликот и како што рекоа во голема мера им наликува на одморите кои ги имале на Словенските Алпи и слично на Блед заради езерото. Имаа забелешки на хигиената од односот и менталитетот на луѓето кон природата и препорачаа да се работи на тоа, за Маврово да добие светски изглед. За Маријана е необично да биде во национален парк, а да има толку многу отпадоци, особено во планинските подрачја кон Бистра и Дешат, каде што биле деновиве.

Еден мавровец, шеговито ни објасни дека посетеноста се огледа по сметот. Вели вообичаено некои контејнери не се полнат ниту за два месеци, а сега се празнат два пати неделно.

Невообичаено делуваше глетката на неколку градилишта. Се градат помали и поголеми викенд куќи, но и два големи комплекси, што некои наши соговорници го оценија како позитивен импулс, но забележаа дека „мора да се води сметка и не може да се гради без ред!"

Стратегијата која ја спомена Симоски се однесува и на инфраструктурата. Потребни се повеќе паркинг места, новите објекти да имаат гаражи, приклучоци за струја, вода, канализација. Тие работи, вели, треба да се обезбедат пред да почне да се гради. Недостигаат и пооригинални содржини за поактивен престој.

Повеќе гости во викендичките, помалку туристичка такса

Намалениот приход од туристите и посетите, најверојатно ќе се почувствува и во општинската каса. За првите два квартали до 30 јуни во локалната самоуправа Маврово и Ростуше како туристичка такса се слеале нешто повеќе од шест илјади евра (385 илјади денари). Според анализите на општинарите, оваа година нема да се достигне износот од минатата година кога беа инкасирани над 1,6 милиони денари (1.672.245,00 денари). Прогнозите се дека домашните гости нема да ги надоместат загубите.

– Имаме намалена посета на гости од странство и тоа е евидентно. Дополнителна причина за намалувањето на приходите ќе биде и отсуството на гурбетчиите. Нашите сонародници кои работат во странство ги немаше ова лето и тоа значително влијае врз целокупниот живот. Локалната економија е во длабок пад. Селата по Долна Река и целиот регион се празни. Потрошувачката е сведена на минимум, а јули и август беа значајни месеци за приходи, кои за жал нема да се остварат, вели Фикрет Ибраими советник за односи со јавност во општина Маврово и Ростуше

Околу брегот на Мавровското Езеро има околу 1.500 викенд куќички. Од почетокот на кризата некои од нив беа втор дом за многу скопјани и гостиварци кои заради полицискиот час ги напуштаа градовите. Некои беа изнајмувани, а некои пак исполнети со пријатели и роднини.

Нашиот соговорник Раде, смета дека околу езерото во секој од последните три викенди од август има по 5-6 илјади гости.

– Ние, реално не се снајдовме со бранот на туристи. Немаме доволно капацитет и според моите колеги, многу гости се вратени, бидејќи нема сместување. Но, за ова секако е потребно да се размислува во иднина. Во тој правец треба да размислуваат и властите. Нам како никогаш досега ни е потребна долгорочна стратегија за развој на туризмот на Маврово, а не само кампањски, вели Симоски.

Раздвиженост имаше и во селото Никифорово, таму како што кажаа дваесетина куќи и викендички се отворени. Во соседното Леуново, пак, бројката е двојно поголема. Најмногу посетени ќе бидат селото Маврово и околните викенд населби.

Годинава нема да се одржат и неколку манифестации кои дополнително го исполнуваа животот во Мавровскиот крај. Нема велосипедска тура и натпревари, нема фестивал, овчарски денови, па дури ни најстарата културно-туристичка манифестација. Сепак кон крајот на оваа белешка и информацијата дека годинава ќе се одржи Галичката свадба.

Годинава без публика, со директно емитување во живо, со сосем ограничен број учесници (вкупно 90 од кои само 35 директни учесници во обичаите. Нивното учество ќе биде дозволено единствено со негативен Ковид тест, а останатите се организатори. Галичник за тоа време ќе биде затворен за посетители./МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

За шест часа контролирани 870 возила – утврдени 73 неправилности кај возилата и 186 прекршоци кај возачите

За сите констатирани неправилности и прекршоци преземени се соодветни мерки согласно законските прописи.

За шест часа контролирани 870 возила – утврдени 73 неправилности кај возилата и 186 прекршоци кај возачите

На 06.11.2026 година, во периодот од 14:00 до 20:00 часот, на територијата на целата држава, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе општа акциска контрола на возачи и возила, насочена кон зголемување на безбедноста во сообраќајот и откривање на неправилности и прекршоци.

Во рамки на контролата биле контролирани вкупно 870 возила, при што констатирани се 73 неправилности во однос на возилата. Од нив, 48 возила биле упатени на технички преглед, при што кај 37 е утврдена техничка неисправност.

Во однос на возачите, констатирани се 186 прекршоци, од кои најголем дел се однесуваат на користење мобилен телефон при управување со возило, некористење сигурносен појас, непрописно паркирање и други прекршоци.

Дополнително, евидентирани се и три случаи на кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик, како и 137 прекршоци од друг вид.

За сите констатирани неправилности и прекршоци преземени се соодветни мерки согласно законските прописи.

Министерството за внатрешни работи продолжува со спроведување на сообраќајни контроли и апелира до возачите редовно да ја проверуваат техничката исправност на возилата, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да придонесат за побезбеден сообраќај.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Учество на претседателката Сиљановска-Давкова на 9. Париски мировен форум

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во работна посета на Француската Република, по повод учеството на деветтото издание на Парискиот мировен форум.

Учество на претседателката Сиљановска-Давкова на 9. Париски мировен форум

Сиљановска-Давкова утре, 10 ноември 2026 година, вторник, ќе присуствува на отворањето на форумот којшто годинава се одржува под наслов „Здружување на силите за она што е најважно“.

Таа ќе се обрати на панел-дискусијата „Одбрана на линијата: Суверенитет во ера на хибридни закани“, а ќе биде дел и од свечената вечера, којашто во чест на шефовите на држави и влади – учесници на Парискиот мировен форум, ќе ја приреди претседателот на Француската Република, Емануел Макрон.

Парискиот мировен форум, основан во 2018 година, e меѓународна платформа за унапредување на глобалното управување, мирот и мултилатералната соработка.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ЗНАM: Не ги менуваме ставовите според дневнополитичките интереси

ЗНАМ е државотворна политичка партија. Ние не ги менуваме ставовите од денес за утре, ниту ги приспособуваме според дневнополитичките калкулации и притисоци.

ЗНАM: Не ги менуваме ставовите според дневнополитичките интереси

Движење ЗНАМ – За наша Македонија ја разбира нервозата и хистеријата кај одредени претставници на моноетнички политички партии предизвикани од јасниот и принципиелен став на ЗНАМ дека правосудниот испит треба да се полага на македонски јазик, во согласност со Уставот и законите на државата.

Очигледно, некои политички структури сè уште не можат да се помират со фактот дека времето на институционалното самоволие, селективното толкување на законите и политичкото надмудрување со државните институции е завршено. Времето кога ДУИ и СДСМ ги толерираа и практикуваа таквите политики е минато. Македонија мора да функционира како правна држава, во која Уставот и законите важат подеднакво за сите.

ЗНАМ е државотворна политичка партија. Ние не ги менуваме ставовите од денес за утре, ниту ги приспособуваме според дневнополитичките калкулации и притисоци.

Нашиот став е јасен: почитување на Уставот, почитување на законите и заштита на институционалниот поредок на државата.

Потенцираме дека во моментов не постои уставна и законска основа правосудниот испит да се полага на албански јазик. Ова не е прашање на нечии етнички чувства или политички амбиции, туку прашање на доследна примена на правниот поредок.

Особено е недозволиво преку таканаречени хибридни решенија да се создаваат преседани со потенцијално далекусежни последици за правосудниот систем и функционирањето на институциите. Токму затоа претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, побара лидерска средба со коалициските партнери, на која отворено и одговорно ќе се разговара за ова прашање, ќе се дефинираат принципите и ќе се утврдат црвените линии.

Ние не бегаме од дијалог, но дијалогот не смее да биде параван за заобиколување на Уставот и законите.

Во однос на пораките и заканите упатени кон претседателот на ЗНАМ, вклучително и алузиите за Врање и повиците да внимава што зборува, сметаме дека ваквиот речник е несоодветен, неодговорен и недостоен за избрани народни претставници.

Пратениците се избрани да ги застапуваат интересите на граѓаните во македонското Собрание, а не да испраќаат закани и да создаваат меѓуетнички тензии.

Би сакале да го потсетиме господинот Ријад Шаќири дека пратеничката плата ја добива од буџетот на Република Македонија, кој го полнат сите граѓани, и Македонци и Албанци и припадници на сите други заедници.

Затоа, наместо да упатува несоодветни пораки и да се занимава со други држави, би било одговорно својата енергија да ја насочи кон економскиот развој, подобриот животен стандард и решавањето на проблемите на граѓаните на оваа држава.

Што се однесува до навредливите квалификации на Аднан Азизи за ЗНАМ, сметаме дека тие повеќе зборуваат за политичката нервоза во неговите редови отколку за нашата политичка позиција. Резултатите од последните локални избори во Брвеница, каде што кандидатот на ВРЕДИ не успеа да се пласира во вториот круг, се доволно јасна политичка порака.

Нема потреба со навреди да се прикриваат изборните резултати и политичките слабости.

Во однос на реакциите од ДУИ и најавениот бојкот на свечената седница по повод Денот на Куманово, жалиме што една свеченост посветена на градот и неговите граѓани преку шовинистички и сепаратистички наративи се користи за дневнополитички пресметки.

Ваквиот пристап на ДУИ не е ништо ново, затоа што тие и досега никогаш не присуствувале на ваквите настани негирајќи ги придобивките од НОБ.

Куманово е град на сите негови граѓани, а почитта и соживотот се градат со меѓусебно уважување, а не со политички ултиматуми и бојкоти.

На крајот, сакаме да порачаме дека ЗНАМ нема да подлегне на притисоци, уцени и политички провокации.

Ние сме за еднаквост на сите граѓани, но еднаквост во рамките на Уставот и законите.

За нас нема селективна правда, нема привилегирани политички субјекти и нема хибридни решенија кога станува збор за функционирањето на правната држава.

Македонија мора да биде држава на закони, а не држава на политички пазарења.

Тоа е нашиот принцип, нашата одговорност и нашата црвена линија.

Центар за комуникации и аналитика

ЗНАМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер