Мариа Габриел: Верувам дека ќе се надминат политичките тензии околу роамингот

 Европската комесарка за дигиталното општество и економија зборува за нејзината претстојна посета на Северна Македонија, но и за политичките проблеми кои преостануваат околу имплементацијата на роамингот на западниот Балкан со земјите на ЕУ.

Европската комесарка за дигиталното општество и економија во интервју за МИА зборува за нејзината претстојна посета на Северна Македонија, но и за политичките проблеми кои преостануваат околу имплементацијата на роамингот на западниот Балкан со земјите на ЕУ, пред сѐ блокадите помеѓу Белград и Приштина. Таа верува дека ова ќе се реши и дека од јули 2019 ќе започне првото драстично намалување на цените на роамингот.

Кој е поводот за вашата посета идната недела во Македонија, со кого ќе се сретнете и кои се вашите пораки?

Пред сѐ ми е чест и задоволство што ќе бидеме првиот член на Европската Комисија кој ќе ја посети Северна Македонија, тоа е охрабрувачки знак дека пречките се надминуваат со политичка волја, и уште еднаш ја потврдува европската перспектива за земјата.

Во рамките на оваа посета, во центарот ќе биде дигиталната агенда за западниот Балкан која ја инициравме минатата година. Правам тура на регионот за да видиме до каде сме. Затоа што идејата не е само да имаме стратегија, туку пред сѐ да имаме акциски план кој беше усвоен лани во Софија, и сега да го констатираме напредокот и заедно да продолжиме да ги дефинираме нашите цели.

Ќе се сретнам со премиерот Заев, министерот Манчевски, ќе имаме прилика да видиме до каде сме со дигиталната агенда. Потоа ќе го посетиме идниот научно-технолошки парк, на земјата и се потребни вакви проекти, вакви центри на иновација. Особено што во дигиталната агенда тие "хабови" се интегрален дел. За нас ова е важно, не само за привлекување приватни и јавни инвестиции, туку и за да се задржат талентите, да им се даде можност на старт-апите во земјата и регионот да се развиваат, и преку финансирања да можат да создаваат производи и услуги.

Има повеќе точки во дигиталната агенда. Северна Македонија направи одличен дигитален самит лани, следниот ќе се одржи во Белград во април. Целта е јасна: да имаме регионален договор за роаминг на шесте земји, за да напредуваме и да се намалат цените. Сакам да ја поздравам Северна Македонија затоа што е многу активна во овој процес. На крајот, најголем бенефит ќе имаат граѓаните, компаниите, да можат да комуницираат и тие контакти да им бидат од корист во нивните проекти.

Сакам исто така да разговарам за желбата на Северна Македонија да создаде регионална академија за кибер-безбедност. Знаете дека е многу важна тема. Ќе биде ова прилика да видиме до каде сме и што уште ќе биде потребно за да може да се создаде.

Ќе инсистирам уште еднаш на инвестициската рамка за западен Балкан и триесетте милиони евра кои ги ставивме на располагање на регионот за дигитална инфраструктура. Знаеме сега дека повикот продолжува до 1 март, искористете ја приликата да направите студии за изводливост, да добиете техничка помош, за во иднина во рамките на ИПА 3 да имате повеќе средства.

Што се однесува до дигиталните компетенции, сакам да ја продлабочиме дискусијата, од една страна за да ја поздравиме земјата за нејзиното учество во европската недела на кодирање. Благодарение на дигиталната агенда успеавме да го вклучиме западниот Балкан во овој проект. Идната година очекувам уште поголема мобилизација затоа што сега амбицијата е 50 отсто од училиштата да бидат вклучени во оваа иницијатива. Оваа година ја постигнавме целта, над два милиони учесници се приклучија, што е огромна бројка. И задоволна сум да кажам дека пилот проектот за дигитална обука исто така го вклучи западниот Балкан. Тоа се стажеви, платени од ЕК, кои им даваат прилика на студентите, и не само ИТ специјалисти да прават стаж од неколку месеци во друга земја. И многу сум задоволна што успеавме да го вклучиме регионот во оваа иницијатива. Со комесарот Наврачич испративме писмо до секоја земја да укажеме на специфичностите на секоја од нив, затоа што некои се понапредни, но сега на нив е да направат добра кампања за да се дознае за ова. Сакам да кажам дека првиот одговор стигна од министерот Манчевски, кој заедно со универзитетите, приватниот сектор и владата креираа платформа каде максимално ја популаризираа иницијативата. Ова е одлична прилика затоа што студентите и фирмите се во директен контакт, а стажот го плаќа Европската Комисија.

Прво околу роамингот, бидејќи тоа е најконкретно нешто за јавноста, до каде сме со овој проект, има ли сега јасни временски рокови?

Има две работи кои одат паралелно. Првата е дека лани со операторите, за време на самитот во Софија, се договоривме за јасен патоказ. Од јули 2019 ќе почнеме со намалување на цените на мегабајти, цената ќе биде 0,70 евра од мегабајт. Моментално е 12,14 евра, што е повеќе од десет пати поскапо. Од јули 2020 ќе биде 0,45, а од јули 2021 0,20 евра. Ова е патоказот договорен со операторите, но операторите поставија како предуслов, за да се покаже дека пристапот е регионален и дека на сите ќе им користи, да се има регионален договор за роаминг. Затоа што веќе има еден договор за роаминг од 2014, но тој е склучен само помеѓу четири земји. Албанија и Косово не се вклучени. Ако сакаме да бидеме кохерентни и да работиме на регионален пристап, важно е партнерите да покажат дека имаат иста волја. Затоа почнавме работа за нов регионален договор за роаминг, идејата е да се потпише на 4 и 5 април на самитот во Белград. Огромна техничка работа се води. Европското биро на регулатори, од своја страна, врши мониторинг и помага да се координира. Сега сме во фаза на финализација на техничкиот дел. Се наоѓаме во тешка фаза во смисла на она што се случува во регионот. Но јас останувам уверена дека ќе можеме да потпишеме на самитот во април. Затоа сакам да и се заблагодарам на Северна Македонија, затоа што е многу активна и многу помага. Ако го склучиме овој регионален договор, намалувањето на цените ќе стапи на сила од јули 2019, помеѓу регионот и ЕУ. Условот е ЕУ да може да работи со целиот регион, намалувањето на цените да се однесува на целиот регион, но со сегашниот договор помеѓу четири земји само, тоа не соодветствува со нашите цели. Сакам да потсетам дека работата што се врши сега е интензивна. Во ЕУ требаше над десет години да се постигне. Овде сакаме за три, четири години да успееме.

Претпоставувам дека главниот проблем е во дијалогот помеѓу Белград и Приштина...

Да. Не би рекла дека е проблем, но дека поради таа политичка тензија, се забави техничката работа. Но, сакам да кажам дека сите се присутни на техничките состаноци, иако некои одлуки се суспендирани, сите се околу масата, и тоа е многу добар знак и имам доверба.

Со операторите нема покрупни проблеми?

Соработката е добра со операторите. На секоја посета се сретнувам со регулаторите за да зборувам за тие прашања. Има технички прашања и законски, но сме во добра рамка и можеме да дадеме јасни одговори и да и помогнеме на земјата со експертиза за, кога ќе дојде време, одлуката да биде соодветна.

Во однос на кибер-безбедноста, па и лажните вести, бидејќи сето тоа е поврзано, прво да ве прашам каква е вашата проценка за Македонија?

Забележуваме добар напредок со националната стратегија за кибер-безбедност 2018-2020, има и акциски план, значи за нас сега е важно да ја продлабочиме соработката за да има подобро усогласување со европското законодавство, ќе имаме сега прилика сега да видиме кои се потребни кога има кибер-инциденти, затоа што реакцијата мора да биде брза. Затоа ми е важен предлогот на министерот Манчевски за регионална академија за кибер-безбедност. Бидејќи кибер нападите и лажните вести не познаваат граници, и ако имаме добра соработка, си даваме себеси повеќе шанси да успееме.

Сметате ли дека обуката и образованието во Македонија во дигиталната област се доволно добри?

Знаете, тоа е предизвик за сите нас. Има сѐ поголемо освестување дека дигиталната област не е само прилика за нашите деца, млади и компании, туку дека носи ризици. Затоа толку инсистиравме на кампањата за безбеден интернет во ЕУ, неделата на кодирањето. Но, внимавајте, образовната политика во ЕУ е национална политика. ЕУ нема надлежности. Ние можеме да бидеме трибина за да го привлечеме вниманието кон важните аспекти и потоа да ја олесниме соработката. Тоа и го сторивме со акцискиот план за дигитално образование, објавено со комесарот за образование, Наврачич во јануари 2018. Таму рековме дека има европска рамка, со акцент врз информативните кампањи, потребата од поголема застапеност на жените, повеќе обука за наставниците. Се фокусираме на младите, но наставниците се големиот предизвик. Ако сакате да мотивирате млад човек да се обучува дигитално, треба да има впечаток дека тој што му предава ги владее исто толку добро и подобро тие технологии, и многу често ова не е случај. Констатирам дека има освестување и оваа посета ќе биде прилика да потсетам дека Северна Македонија може да ни се придружи во иницијативите, таа ни се придружи за неделата на кодирањето, би сакала да имаме повеќе амбасадори во иницијативата за "побезбеден интернет за ЕУ", повеќе учесници во ваквите информативни кампањи на сензибилизација.

Македонија има посебно проблем со лажните вести, има безброј интернет сајтови, тешко е да се регулираат, лажните вести многу лесно се шират. Кој е вашиот совет до владата, новинарите, општеството за справување со овој феномен, со оглед на тоа дека медиумската сфера е посебно чувствителна на било каков обид за цензура или контрола врз слободата на информирање? Како се решава овој проблем без да се загрозат медиумските слободи?

Она што јас би го кажала е дека ова е прашање кое мене ми е при срце и ќе имам прилика да кажам што правиме ние на таа тема, ова е прашање кое од целосно непостоечко на европската агенда стана едно од најважните. Ние изодевме голем пат. Тргнавме со експертска група која ни предложи заедничка дефиниција, и не го кажувам ова случајно, затоа што е тешко да се дефинира овој феномен. Ако не знаеме што регулираме, за што ќе произведуваме закон? Тоа беше важно. Потоа рековме дека не постои волшебно решение: не се само новинарите, факт-чекерите, платформите, граѓанското општество, треба да имаме повеќе симултани акции на повеќе нивоа. И тоа го направивме. Прво го презентиравме кодексот на добри пракси на интернет, што беше невидено во светот, каде заедно со платформите, новинарите, граѓанското општество се постигна договор за број ангажмани кои ќе ја намалат видливоста на лажните вести. Имаме јасно идентификувани точки: што е со транспарентноста на содржината на политичките реклами? Што е со лажните профили? Со ботовите? Што е на располагање на граѓаните за сами да можат да изберат? Како што рековте прашањето е деликатно и комплексно. Црвената линија е да се сочува слободата на изразување, правото на пристап до информации, не смее да име "министерство на вистината", не смее да има цензура. И почнуваат да се појавуваат првите резултати. До европските избори мониторингот ќе биде месечен. Секој месец ќе излегувам и ќе давам проценка за напредокот, мерките на располагање. Паралелно сакаме да креираме независна мрежа на европски факт-чекери, нешто што не постои. Во март за прв пат ќе организираме европска недела за медиумско образование, сметам дека ова е клучно. Медиумската писменост да има поголема видливост за добри пракси. Да им се објасни на младите кои се рефлексите што треба да се имаат за да сфатат дека лажните вести не се вистински вести. 75 отсто од младите меѓу 15 и 24 години денеска не се способни да направат разлика помеѓу лажни и вистински вести, ова е огромен предизвик. Би била многу среќна ако земјите од западниот Балкан можат да ни се придружат. И останува прашањето за повеќе поддршка за квалитетно информирање. Ова е секојдневен предизвик со многу алармантни последици. Проблемот со лажните вести е дека тие делуваат врз емоциите. Според наша студија, видовме дека луѓето се посебно чувствителни на теми како здравјето, вакцините, животната средина, работи кои нѐ допираат секојдневно. Секој напор е напор за нашите вредности. 83 отсто од европските граѓани сметаат дека дезинформацијата е закана за демократијата.

Впрочем, Македонија има сериозен проблем со дезинформациите за вакцините, моментално се соочува со епидемија на морбили која се должи во голем дел на лажните вести... како да се справи владата со овие феномени без притоа да наметне регулација на медиумите?

Треба прво да се помине преку саморегулацијата. Истакнавме четири важни елементи: транспарентноста, диверзитетот на информациите, кредибилитетот и инклузивноста. Пред да се регулира мора да се имаат темелни информации. Што знаеме за механизмите на ширење? За моделите на финансирање? Немаме доволно податоци за сето тоа, и затоа сум среќна што за прв пат во нашата иницијатива платформите се согласија за ред услови за да им дадат пристап на истражувачите и факт-чекерите. Ова е нешто кое ни е потребно. И потоа да може да се интервенира со законски предлог онаму каде имаме податоци. Предизвикот е што зборуваме за дигиталната трансформација, дигиталната сфера длабоко го менува начинот на функционирање на традиционалните медиуми, начинот на кој се шират информациите и затоа мораме да зборуваме за тоа. Една работа за која малку се зборува се рекламите. Имаме низа сајтови кои произведуваат само лажни вести, но рекламите таму се сосема легални и затоа мора подетално да навлеземе во тој дијалог со огласувачите.

Може Македонија да се инспирира од тој кодекс, но може ли да стане дел од него?

За сега е само за ЕУ, но мислам дека би било логично во иднина да се прошири и прво би го прошириле кон западниот Балкан, како што правиме за многу други иницијативи, зборуваме за лажните вести, но ќе инсистирам и за регионот да се придружат во иницијативи за блокчејнот, за вештачката интелигенција, нешто што допрва ќе влијае врз ширењето на лажните вести, следниот чекор е "дип фејкот". Затоа се важни овие посети за мене, затоа што не само што зборуваме за тековните иницијативи, туку е прилика и да споменеме кои се проблемите на терен со кои ќе треба да направиме нешто за да се продлабочи соработката. /МИА

Левица со антикорупциска платформа ќе се бори против неказнивоста на функционерите

Денес, носителот на листа од Левица - Јована Мојсоска ја презентираше предизборната програма меѓу жителите во Ресен.

Левица, како партија на нова генерација политичари без криминален багаж, на овие избори настапува со своја антикорупциска Платформа, како единствен механизам против корупцијата која го разјадува македонското општество.

Народот доволно беше сведок како политичките елити три децении се амнестираат, како што беше случајот со последните измени на Кривичниот Законик, каде беа амнестирани над 80 функционери од поранешната и актуелната власт!

Антикорупциската платформа на Левица се темели на неколку клучни точки:

- Итно носење на Закон за потекло на имот на сите носители на јавни функции, од осамостојувањето до денес (1991–2024) – како lex specialis;

- Незастарување на кривичните дела поврзани со т.н. економски криминалитет и корупција извршени од страна на јавните функционери;

- Трикратно зголемување на рокот на застареност во Кривичниот законик за делата сторени од носителите на јавни функции, поврзани со т.н. службенички криминалитет.

-Проширена конфискација (кривична или граѓанска) на нелегално стекнатиот имот на досегашните владејачки структури и олигарси – не само од нив лично, туку и од нивни блиски роднини, пријатели/партнери или трети лица.

- Разрешување на судија по сила на закон на кој му застареле три предмета во кариерата и поради кои Република Македонија ќе изгуби спор пред Судот во Стразбур со цел ставање крај на партизацијата на судството.

На криминалното и анти-македонско владеење на СДС и ДУИ ќе им пресуди народот на 8 Мај, а потоа мора да има ригорозна одговорност за економскиот, социјален и национален пустош кој го оставија во нивното катастрофално владеење!

Сектор за медиуми и односи со јавност на ПП Левица

Лопетеги го менува Пиоли во Милан

Шпанскиот фудбалски стратег Јулен Лопетеги би можел да го предводи Милан од следната сезона.

Како што денеска објави италијанскиот новинар Фабрицио Романо, раководството на миланскиот клуб ја разгледува кандидатурата на 57-годишниот Шпанец како замена за Стефано Пиоли.

Самиот Лопетеги, исто така, е во преговори со Вест Хем, но го претпочита италијанскиот тим.

Лопетеги е без ангажман од август лани кога ја напушти клупата на Вулверхемптон.

Герасимовски: Дебар Маало го прослави роденденот на најпознатиот центарец Горан Стефановски

„Моето име е Горан Герасимовски, неговото Горан Стефановски. Навистина сум среќен што денес, заедно со вас, во маалото каде што и двајцата сме растеле, уште еднаш ќе го прославиме роденденот на великанот на македонската драматургија“.

„Моето име е Горан Герасимовски, неговото Горан Стефановски. Навистина сум среќен што денес, заедно со вас, во маалото каде што и двајцата сме растеле, уште еднаш ќе го прославиме роденденот на великанот на македонската драматургија“, вака градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски го отвори културно-музичкиот настан „Прослава на животот на Горан Стефановски“ по повод роденденот на најпознатиот македонски драматург.

Во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. Присутните ја проследија промоцијата на книгата „Пофалба на обратноста и други есеи” од проф- др. Иван Додовски, и уживаа во изведба на култните песни на „Леб и сол” во изведба на бендот Сешн Селекшн. Градоначалникот Герасимовски на синот Игор Стефановски му врачи карикатура со ликот на Горан Стефановски во чест на неговите безвременски дела со кои пренесуваше универзални пораки за сите граѓани.

„Во чест на денот на раѓањето на бардот на македонската драма Горан Стефановски денеска повторно уживавме во неговите драми. За потсетување на сите нас и за оставање траен белег на едно прекрасно време, Општина Центар и јас како Градоначалник, сакавме да оставиме видлива трага преку создавање мини културни простори под ведро небо што ќе се користат за промоција на младите и неафирмирани уметници. Овие културни сцени што ќе никнуваат низ Центар, збогатени со мурали и графити, ги изразуваат поддршката и трудот што Општината ги вложува во областа на културата. Чест ми е што првото центарско ќоше ќе го носи токму името на легендата од Дебар Маало – Горан Стефановски. Кога ќе поминеме низ Боемска улица, верувам дека секој еден ќе го сврти погледот и ќе се потсети на славните реплики од неговите драми. Можеби овој агол е мал, во споредба со големината на целокупното негово творештво, ама сигурен сум дека ќе влијае врз уметноста во нашето Скопје.“, рече денеска Герасимовски.

На настанот граѓаните можеа да го видат и надополнетиот мурал на Горан Стефановски со најпознатиот рефрен на песната „Скопје“ од Леб и сол „Насмевни се, не бери гајле, намигни ми, ајде на здравје, Скопје, нацртан од уметниците Драш и Мачка.

Со овој настан, со кој Општина Центар им оддава признание на најдобрите меѓу најдобрите, нека биде поттик за сите, заедно да создаваме трајни културни вредности што ќе станат нераскинлив дел од нашиот културен идентитет.

притисни ентер