Макрон: Сегашната рунда преговори со Иран не е успешна

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека сегашната рунда нуклеарни преговори со Иран во Виена не е успешна и најави дека ќе дојде до одложување пред да се одржи следната рунда.

„Мислам дека оваа рунда преговори веројатно ќе пропадне, со оглед на позициите, нема да успее", изјави Макрон во Дубаи.

Според него, „најверојатно овие преговори нема да бидат обновени на краток рок".

Во однос на либанската криза Макрон изрази надеж дека ќе биде постигнат напредок во следните часови.

„Ќе направиме се што можеме за повторно да го вклучиме регионот на Заливот во корист на Либан… Се надевам дека следните неколку часа ќе ни овозможат да постигнеме напредок", рече францускиот претседател за време на посетата на Обединетите Арапски Емирати.

Митева: Владата на СДСМ ја уништи економијата

Владата на СДСМ ја уништи економијата, поскапи цени за парно и струја се нивната прва владина мерка.

Актуелната ситуација со БЕГ отвори многу прашања за СДСМ и навидум независната регулаторна комисија за енергетика. Согласно варирањето на цената на гасот на светскиот пазар СДСМ И РКЕ не успеаја да предвидат или предвидоа но премолчеа дека БЕГ нема да има услов за функционирање во грејната сезона. Второ, врз основа на кои математички пресметки РКЕ и Владата донесоа одлука за поскапување на парното за 14%? Бислимовски убедуваше дека нема да има проблеми со компаниите, дека компаниите се обезбедени за грејната сезона, и ги држеа граѓаните во неизвесност до последниот ден. Трето, дали овие средства со кои се врши субвенционирање на БЕГ се средства кои претходно се обезбедени и планирани за оваа намена? Дополнително, оваа криза која не успеаја да ја неутрализираат за СДСМ претставуваше политичка можност да го обвинат Градот Скопје и општините кои немаат никаква улога ниту во регулирањето на цената, ниту пак во договарањето на набавките за гас. Битиќи и Бектеши се пофалија дека е решен проблемот со парното, но одбегнаа да кажат колку пари ќе ги чини граѓаните. Уште еден поразителен факт е дека ТЕ-ТО сега го дава гасот на одложено плаќање, без наплата, до обезбедување на ликвидноста и до потпишување на деловно техничка соработка што укажува на фактот дека ТЕ-ТО работи со загуба.

Почитувани,

Ценовниот шок, кризна состојба во енергетиката која е пропратена со економска и здравствена криза е дело на оваа неспособна влада предводена од СДСМ. СДСМ е извор на сите проблеми во државата кои континуирано се рефлектираат на народот.

Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Ковачевски-Лирман: Интеграцијата на МК е политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ

„Интеграцијата на Македонија е политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ“.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски денеска ја прими министерката за Европа и клима на Сојузна Република Германија Ана Лирман и со зборовите за добредојде и за успешна работна посета на нашата земја, изрази задоволство што на неговиот прв работен ден како премиер остварува средба со претставничка на Владата на земја којашто е докажан пријател на Република Македонија и искрен и силен поддржувач на европските интеграции на нашата земја.

На состанокот со министерката Ана Лирман, на кој присуствуваше и министерот Бојан Маричиќ, премиерот Ковачевски изрази благодарност што новоизбраната влада на СР Германија, предводена од канцеларот Олаф Шолц, го стави проширувањето на ЕУ со Западен Балкан високо на нејзината коалициона програма и особено што експлицитно ја нагласи потребата без натамошно одложување да се отворат првите преговарачки поглавја со Македонија и Албанија како следен чекор на проширувањето на ЕУ кон регионот.

Претседателот на Владата Ковачевски на средбата истакна дека Република Македонија, како земја кандидат за членка на ЕУ е веќе сериозно интегрирана со главните политики на Брисел, особено во Зелената агенда која што беше еден од приоритетите на Берлинскиот процес и тоа токму за време на копретседавањето со процесот од страна на Република Бугарија и Република Македонија кога регионалната соработка го постигна највисокото ниво како еден од најважните приоритети на овој процес спонзориран од Берлин.

На средбата беше потцртана економската соработка со СР Германија, со која како земја од која доаѓаат најголемите инвестиции, во иднина посебно внимание ќе биде посветено на проекти од обновливи извори на енергија.

Во разговорот со министерката за Европа Лирман, премиерот Ковачевски потенцираше дека новоизбраната Влада на Македонија е посветена да продолжи да чекори по реформскиот пат за членство во ЕУ и решително да презема активности во клучните области како што се владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Ковачевски истакна дека на утрешната посета на премиерот на Република Бугарија Кирил Петков гледа како на исчекор за изнаоѓање заемно прифатливо решение со Софија во духот на добрососедските односи за да се деблокира постапката за утврдување датум за одржување на Меѓувладината конференција со ЕУ како почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.

Премиерот Ковачевски и министерката Лирман се согласија дека целосната интеграција на Западен Балкан е во политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ како геостратешка инвестиција за стабилна и просперитетна Европа.

Антиќ: Спортот и кошарката не се бојно поле на политичарите, туку на спортистите

Спортот и кошарката не се бојно поле на политичарите, туку на спортистите и спортските работници, вели првиот човек на КФМ.

Во интервјуто за МИА првиот човек на Кошаркарската федерација одговара на повеќе прашања поврзани со актуелните проблеми, настапот на нашите репрезентативни селекции во квалификациите за Европското првенство и Светскиот куп, состојбата со клупската кошарка, но одговара и на озборувањата и шпекулациите дека се подготвува смена на ракoводството на КФСМ, кои ги отфрла како дрска игра на политичките профитери.

Машката и женската кошаркарска репрезентација веќе одработија дел од квалификациите за Светскиот куп, односно Европското првенство во 2023 година. Што може да очекуваат љубителите на кошарката во годината пред нас?

Можам да кажам дека од наша страна продолжуваме со комплетната поддршка на сите репрезентативни нивоа како што го правевме во изминатите години. Главен акцент, ако може така да се каже, ставаме на двете сениорски селекции. Зад нас се оние ноемвриски „прозорци“ во кои имавме навистина сериозен предизвик пред нас. Особено гостувањето на актуелниот светски шампион, селекцијата на Шпанија, во Скопје. Организациски максимално одговоривме на сите строги барања кои пред нас ги постави Светската кошаркарска организација. Резултатски, можеби не, но како што и напомена селекторот Драган Бајиќ, наша првенствена цел во овој квалификациски циклус е да пробаме да „направиме“ играчи кои ќе ја „носат“ најдобрата селекција во иднина. А таков пример, и тоа одличен, имаме со настапот на Теодор Симиќ. Имавме добар настап и во Киев, против Украина игравме добро цели 35 минути и само недостигот на концентрација нè чинеше пораз.

Колку раководството на Федерацијата е подготвено за овие значајни мечеви на македонската кошарка?

Не би сакал да дискутираме за подготвеност од причина што тоа се подразбира кога станува збор за една сериозна национална федерација која треба да продолжи со континуитет на добра работа во секој поглед. Реков, имаме сериозни предизвици пред нас, особено во тој репрезентативен сегмент. Не треба да се заборави дека како производ на нашата одлична работа во овие две-три години и ова лето ќе бидеме во улога на организатори на две европски младински првенства. Едното од нив е на највисокото кадетско ниво во Европа. Значи, нема време за одмор, подготовките за тие настани се веќе започнати. Сакаме да испратиме уште една порака дека нашата федерација и знае и умее.

Може ли преку овие квалификации да се очекува исчекор напред кога станува збор за нашите репрезентативни селекции?

Нашите желби се истото да го направат и девојките кои пак имаат нешто поголема пауза во оваа 2022 година. Евро-квалификациите ќе ги продолжат дури во ноември, со надеж дека конечно добрите игри во изминатиот период ќе ги наградат со еден триумф против силни селекции како Белгија, Германија и БиХ. Барем засега, за нас е особено важно што оваа наша селекција направи и голем скок на ранг листата на ФИБА. Сега сме на 37 позиција, четири погоре во однос на претходното рангирање и тука очекуваме уште поголем прогрес. Нема преголемо оптоварување кога станува збор за сениорите. Околу очекувањата, во февруари имаме двомеч со Грузија. Очекуваме да дојдеме до првата победа во светските квалификации. Тешко дојдовме до една ваква, историска прилика, да бркаме пласман на Светскиот куп, нешто за што, барем досега беше мислена именка. Реално, шанси постојат, на нашите најдобри кошаркари е да се обидат и да ги искористат во дуелите кои следуваат.

Што се случи со идејата за формирање на регионална лига? Дали со формирањето на ваква лига ќе се подобри квалитетот на кошарката?

Регионални лиги постојат и сега. Неколку наши екипи во двете конкуренции се веќе дел од нив. Пелистер и МЗТ Скопје Аеродром играат во АБА 2, Баскет Кам 2011 и Бадел 1862 се дел од „WABA-лигата“. Имаме уште три екипи, Навико Академија ФМП, Куманово 2009 и ТФТ кои се натпреваруваат во Балканската лига. И тоа во голема мерка го намалува оној „простор за маневар“ за тргнување во еден нов проект кој ни беше предложен пред извесно време. Но, мора да се земе во предвид дека и актуелната здравствена ситуација, која ја диктира вирусот Ковид-19, дополнително „делува“ во тие обиди да се дојде до некој почетен проект кој подоцна и би добил своја реализација.

Може ли да се очекува и активирање на проектот „Junior NBA“?

И тука сериозен проблем е пандемијата, која реално не дава можност за максимално развивање на сите планирани идеи кои доаѓаат од наша страна. И сега ситуацијата е далеку од идеална да се „пуштиме“ во реализација на долгорочни и сериозни проекти каков што е овој поврзан со НБА-лигата. Но, далеку од тоа дека ќе се откажеме од планираните активности во таа насока, туку напротив.

Како ја оценувате состојбата во македонската клупска кошарка и што е преземено околу подобрување на квалитетот?

Ковид-19 е нашиот проблем со кој дополнително се бориме во изминатиот период. Но, ние како федерација се приспособивме на дадените услови на функционирање. Одработен е голем дел од задачите кои беа пред нас. Успешно завршивме еден шампионат, уште подобро е отворен новиот. Имаме квалитетно првенство, во кое, на пример, лидер не е актуелниот шампион туку една друга екипа која само ги потврди претходно најавените амбиции. Истото се однесува и за оној женски сегмент. Евидентно е дека настапите во „WABA-лигата“ донесоа уште подобри моменти за двата наши претставници во тие силни натпреварувања.

Како го гледате развојот на македонската кошарка?

Промената во Регистрациониот правилник со кој се дозволува настап на странски играчи, придонесе за уште поголем квалитет во женската елитна лига, кој се прошири и во другите клубови, што дефинитивно е ветувачки момент во женската клупска кошарка. Сакаме, освен Баскет Кам 2011 и Бадел 1862 да имаме и други клубови кои ќе се вклучат во системот кој ќе треба да произведе и други кои во иднина ќе го следат нивниот пример и ќе се обидат и надвор од границите на нашата земја. За таа цел направивме и една голема измена во системот за натпреварување, односно освен осумте најдобри од минатата сезона, кои се дел од групата „А“, имаме и уште девет други клубови кои ја зголемуваат конкуренцијата, а во исто време имаат шанса преку натпреварите во групата „Б“ да преминат во најквалитетното натпреварување. Нашите првични процени беа дека треба да ја намалиме бројката на екипи кои се дел од Втората лига. Од квантитет сакаме квалитет и засега тоа се покажува како полн погодок. Имаме, пред се, доста поизедначено натпреварување во овој втор ранг. А тоа што особено нè радува сите нас е повторното функционирање на Третата лига-мажи. Натпреварување во кое се вклучени 15 екипи, поделени во две натпреварувачки групи, во кое им се дава уште поголем простор на младите кошаркари, особено битен момент во нивниот кошаркарски развој. Не смее да се заборави и тоа дека во изминатиот период уште поголемо внимание посветивме во сегментот „3х3“. Бевме коорганизатори и покровители на сите големи турнири реализирани во 2021 година. Во оваа година продолжуваме со уште посилно темпо. Во плановите е формирање и на репрезентации во „3х3“ и уште поголемо зголемување на рејтингот кој го имаме во ФИБА во овој дел од кошарката.

Каква е состојбата во младинските категории, има ли потенцијал македонскиот баскет да создаде нови славни имиња кои ќе тргнат по вашата патека и на сите други големи имиња на македонската кошарка?

Македонија имала и ќе има потенцијал кој треба да се искористи, насочи во вистинската насока. Факт е дека се соочивме со проблем кој го прави неповолната здравствена ситуација не само кај нас, туку во целиот свет и која за жал се уште не е стабилизирана. Во такви „услови“ и функциониравме во изминатиот временски период. Сепак, успеавме да ги промовираме шампионите во сите возрасни категории од младинските лиги во двете конкуренции. Со мало чекање, токму поради пандемијата, ја стартувавме и новата сезона во сите нивоа на натпреварување. На мое огромно задоволство без ниту еден посериозен проблем. Планираме така да продолжиме и во новата календарска кошаркарска година. Промовиравме и некои нови млади играчи на кои стручниот тим на нашата најдобра селекција ќе смета и во деновите кои се пред нас. Впрочем тоа е и нашата основна цел, да „правиме“ играчи за сениорската селекција.

Колку има вистина во озборувањата дека се подготвува смена на раководството на Федерацијата и доколку е точно кој стои зад тоа?

Секое мешање на одредени политички структури во спортот, посебно во кошарката, е однапред осудено на пропаст. Имено, овие структури сакаат преку овие озборувања да наметнат дека нешто не е во ред со работата на КФМ и дека тие се најдоброто решение, иако и во изминатиот период имаа време и шанса да покажат што знаат и умеат. На сите им порачувам да ги држат рацете подалеку од спортот и кошарката, бидејќи тие се на спортистите, а не на политичките профитери кои преку дворски игри и лажни ветувања сакаат да креираат нереална слика и да ја користат Федерацијата за други цели. Изминатиот период и до нас дојдоа одредени информации кои укажуваат на тоа дека одредени градоначалници ја злоупотребуваат нивната власт и им се закануваат и ги уценуваат клубовите. Тоа е нечесно, дрско и на никој не му помага такво шерифско однесување. Тие не смеат да ја водат политичката борба преку кошарката, туку таму каде е местото за тоа. Сите се добредојдени како гледачи, поддржувачи, помагатели и со добронамерни критики. Ова раководство на Федерацијата од нив не сака ништо повеќе од тоа. Најдобронамерно ги предупредувам еднаш засекогаш сите да сфатат дека спортот и кошарката не се бојно поле на политичарите, туку на спортистите и спортските работници. Нивно е да се грижат за тоа што се платени-да обезбедуваат подобри услови за сите спортови, спортска инфраструктура и обезбедување поголема помош за спортот на секој план. /МИА

притисни ентер