Макрон: Русија ниту може, ниту смее да победи во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц денеска по самитот на Г7 во Германија изјавија дека руските планови во Украина ќе пропаднат.

Францускиот претседател изјави дека Русија има само една цел, а тоа е Украина да се предаде, но дека Москва нема да ја добие војната.

„Русија не може и не смее да победи во војната во Украина, а санкциите ќе траат „колку што е потребно“, рече Макрон на прес-конференцијата по самитот на Г7 во Германија.

Макрон рече дека рускиот напад на украинскиот трговски центар оваа недела е „воено злосторство“ и дека Франција ќе ја поддржува Украина онолку долго колку што е потребно. Властите соопштија дека во вчерашниот напад врз трговски центар во централниот украински град Кременчук загинале 18 лица, а 36 се водат како исчезнати.

Макрон, исто така, пред самитот на НАТО во Мадрид од денеска до четврток рече дека земјите-членки на алијансата мора да испратат порака за единство.

„Пораката што мора да се испрати од Мадрид е порака за единство и сила“, истакна тој. „Се работи за безбедноста на европскиот континент“, додаде тој.

Германскиот канцелар Шолц рече дека санкциите ќе завршат кога Путин ќе прифати дека неговите планови за Украина ќе пропаднат.

„За Путин има само еден излез, а тоа е да прифати дека неговите планови за Украина ќе пропаднат“, рече тој на прес-конференцијата по самитот на Г7.

Шолц нагласи дека лидерите на Г7 сакаат Русија да ја плати максималната цена за инвазијата на Украина.

„Г7 останува обединета во поддршката на Украина“, рече Шолц. „Ќе продолжиме да ја одржуваме и зајакнуваме економската и политичката цена“ што Путин и неговиот режим мора да ја платат, нагласи тој.

Претставник на ОН тврди дека ќе бидат потребни 14 години да се отстранат урнатините во Газа

Претставникот на Обединетите нации, Пјер Лодамар денеска изјави дека ќе бидат потребни 14 години да се расчисти огромното количество урнатини, вклучително и неексплодирани експлозивни направи, што ги остави Израел за време на војната во Појасот Газа.

Лодамар, висок офицер во Службата за мини на ОН (УНМАС), на брифинг во Женева рече дека војната оставила околу 37 милиони тони отпад во широко урбанизирана, густо населена област.

Тој истакна дека иако не е можно да се одреди точниот број на неексплодирани убојни средства се смета дека под одредени услови, би можеле да бидат потребни 14 години да се расчистат остатоците, вклучувајќи ги и урнатините од уништените згради.

„Знаеме дека вообичаено има стапка од 10 проценти за неуспех, односно неактивирање на муницијата. Станува збор за 14 години работа со 100 камиони“, рече Лодамар. /МИА

Руски новинар на „Форбс“ е приведен поради наводно ширење лажни информации за армијата

Новинарот на магазинот „Форбс Русија“, Сергеј Мингазов е приведен под сомнение дека ширел лажни информации за руската армија, објави денеска магазинот.

„Форбс Русија“ додава дека досега не успеале да стапат во контакт со Мингазов. Неговиот адвокат Константин Бубон на Фејсбук објави дека новинарот е во притвор во источниот руски град Хабаровск, каде што живее.

Адвокатот рече дека Мингазов бил приведен поради преобјавување публикации за наводни руски воени злосторства во украинскиот град Буча, каде што убиствата на украинските цивили во првите недели од војната беа пријавени од Ројтерс и други новински организации.

Профилот на Мингазов на платформата Телеграм содржи бројни објави за Буча, а засега не е јасно за која од нив новинарот е приведен. /МИА

Шведска треба да го зголеми воениот буџет за 4,6 милијарди евра до 2030 година

Шведска треба да го зголеми воениот буџет за речиси 54 милијарди круни (4,6 милијарди евра) до 2030 година за да ја зајакне противвоздушната одбрана и да го зголеми бројот на регрути, препорача Комитетот за одбрана на шведскиот Парламент.

Комитетот, составен од претставници на осум парламентарни партии, наведува дека членството во НАТО и сериозната безбедносна состојба бараат поголеми амбиции. Шведска стана членка на НАТО минатиот месец, напуштајќи ја децениската политика на воена неутралност по руската инвазија врз Украина.

Напад врз Шведска или врз нашите сојузници не може да се исклучи, истакна Комитетот во денеска објавениот извештај.

Во документот, иста така се истакнува дека шведската противвоздушна одбрана мора да се прошири за да одговори на заканите со беспилотни летала, оти треба да се набават повеќе крстосувачки ракети, а морнарицата треба да добие повеќе персонал. Исто така, се предлага постепено зголемување на бројот на регрути од сегашните 8.000 на 12.000 до 2032 година. /МИА

притисни ентер