„Државата ќе инвестира нешто повеќе од 8 милијарди евра како помош за автомобилскиот сектор“, рече Емануел Макрон за време на посетата на фабриката за опрема Валео во местото Етаплес .
„Нашата цел е Франција да стане прва земја што произведува чисти возила во Европа, што би го зголемило производството на повеќе од милион електрични и хибридни возила за пет години“, додаде тој.
За да се зголеми продажбата која падна за време на кризата, Макрон најави зголемување на државниот бонус на 7.000 евра за набавка на електричен автомобил за приватни лица и на 5.000 евра за компаниите, како и бонус од 2.000 евра за хибридни возила.
Планирано е да се зголеми и бонусот при купување електричен автомобил по принцип ново за старо.
"Тоа е план да се одбранат работните места во нашата индустрија што се соочува со една од најтешките кризи во својата историја. Тоа е план за независност на автомобилската индустрија. Значи, тоа е план за иднината на автомобилите од 21 век", рече францускиот претседател.
Тој прецизира дека француско-германскиот план за реконструкција од околу 500 милијарди евра, што го претстави минатата недела со Ангела Меркел, треба да ги поддржува најзагрозените сектори, како што е автомобилскиот.
Макрон побара од Рено да гарантира за иднината на вработените во две фабрики на северот на земјата, Маубеж и Дуаи, каде се зголемува загриженоста.
Тој предупреди дека заемот од 5 милијарди, ветен од државата на Рено, нема да може да биде одобрен пред крајот на преговорите, што ќе започнат во понеделник, со учество на министерот за економија Бруно Ле Маир.