Македонски и руски слависти дискутираат за ликот и делото на Блаже Конески - Канал 5

Македонски и руски слависти дискутираат за ликот и делото на Блаже Конески

Македонски и руски слависти дискутираат за ликот и делото на Блаже Конески

Во соработка со Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј", Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, денеска се одржува тркалезна маса на тема „Конески – мостот што ги поврзува македонските и руските слависти", во чест на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески.

На дебатата, што се одржува онлајн, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" – Скопје Никола Јанкуловски потсети дека оваа тракалезна маса се одржува како дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески", што се одвива под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука.

Ректорот Јанкуловски се осврна на ликот и делото на Блаже Конески, на оваа, како што рече, стожерна личност. Ја нагласи значајната улога на Конески, како професор, декан, ректор и почесен доктор, прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), основач на Институтот за македонски јазик.

-Зборувајќи за Конески неизбежно е да кажеме дека тој е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, преведувач и прв професор, автор на фундаментални дела од областа на македонскиот јазик и македонската литература, вонсериски лингвист и меѓународно реномиран славист, потенцира Јанкуловски.

Целта на оваа тркалезна маса, како што рече, е да се расветли творештвото на Конески од уште еден аспект, како алка, мост што ги поврзува македонските и руските слависти.

Амбасадорот на Руската Федерација во земјава Сергеј Александрович Баздникин посочи дека е голема улогата што ја одиграл Блаже Конески во кодификацијата на македонскиот литературен јазик.

-Руската амбасада традиционално ја поддржува соработката со Факултетот каде рускиот јазик се изучува од 1947 година, со Катедрата за славистика и со Рускиот центар. Убедени сме дека со поддршка на раководството на Универзитетот и на Факултетот нашата работа ќе продолжи успешно да се развива, рече Баздникин.

Амбасадорот се осврна на изучувањето на македонскиот јазик на руските универзитети и додаде дека има потенцијал за соработка меѓу двете држави, вклучително и во хуманитарната област, што, како што рече, целосно им одговара на клучните интереси на двата братски словенски народи.

-Врзани сме со врски на пријателство, длабока духовна и културна блискост. Насочени сме кон натамошен сеофатен развој на односите во различни области, толку интензивно колку што за тоа се подготвени нашите македонски партнери, а тоа се разбира врз основа на еднаквост и заемно почитување, рече Баздникин.

Директорката на Рускиот центар и модератор на тркалезната маса проф. д-р Биљана Мирчевска-Бошева нагласи дека Конески е врвен поет, прозаист, истакнат научник, извонреден педагог и професор, угледен лингвист и афирматор на македонската култура или, како што рече, нашиот великан Блаже Конески.

Таа информира дека во 2021 година се одбележуваат 100 години од раѓањето на Блаже Конески, 75 години од формирањето на Филолошкиот факултет „Блаже Конески" – Скопје и пет години од постоењето на Рускиот центар.

Во чест на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески, во текот на тркалезната маса учесниците од земјава и од Руската Федерација ќе зборуваат за личноста и делото на Блаже Конески, низ призмата на македонско-руските јазични, литературни и културни врски. Ќе се дискутира за руските мотиви и влијанието на руските поети во творештвото на Конески, за патувањата на Конески во Русија и за неговото значење и улога во развојот и афирмацијата на македонистичките студии во Москва.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Продолжение или крај на ерата на Вучиќ?

Продолжение или крај на ерата на 14-годишната доминација на Александар Вучиќ? Србија го живее последниот ден од кампањата, пред изборите в недела.

Продолжение или крај на ерата на Вучиќ?

Продолжение или крај на ерата на 14-годишната доминација на Александар Вучиќ? Србија го живее последниот ден од кампањата, пред изборите в недела, на кои како никогаш претходно владеачка елита не се соочува со можност за пораз од студентско движење кое прерасна во најсилна опозициска сила. И студентската листа и листата Обедината Србија последните пораки ќе ги испрат од Белград, пред стапувањето на изборниот молк. Александар Вучиќ кој влезе во трката за премиер, синоќа од Ниш ги повика граѓаните на масовност, за како што рече, да докаже дека не стравува од голем одѕив, кој според анализите би им одел во прилог на студентите. Поддршка му дадоа и поранешните претседатели на Србија и на Републкика Српска, Томислав Николиќ и Милорад Додик.

-Кога ќе ги прашате дали ќе ѝ воведете санкции на Русија: „туц“, „мух“, „ух“, „их“, но одговор нема. Ја покажавме разликата меѓу нас и нив, и така треба да се однесуваме во недела. Ајде, победа во недела, убедлива победа, победа во Ниш, победа во цела Србија. , изјави Александар Вучиќ.

И додека Вучиќ го држеше говорот во Ниш, реки студенти и граѓани марширајќи од повеќе српски градови, допатуваа во Белград, пред денешниот главен митинг на плоштадот Славија. Илјадници граѓани френетично ги поздравија на улиците студентите, предводени од носителот на нивната листа, кадиологот Илија Срдановиќ.

-Екслозија на повеќедецениското акумулирање на среќа, на нашата несреќа, гнев, очај, сега конечно излегува на виделина.

-Мислам дека ова е фантастичен настан. Нема веќе назад. Ова е победа и пред гласањето. Мислам дека во недела само треба да потпишеме и тоа да се потврди.

-Немам зборови, затоа сум тука. И мислам дека допрва ќе биде добро. , изјавија жители на Белград.

Анкетите во Србија во изминатиот период покажаа спротивставени бројки. Последното истражување на „Нова српска политичка мисла“, објавено вчера, покажа предност за студентите во однос на Српската Напредна партија на Вучиќ од два процента, но и прогноза за огромна излезеност од 80 проценти. Токму поради тесните бројки во дел од анкетите, експертите по безбедност очекуваат атмосферата да се вжештува во текот на 48-часовниот молк, која би кулминирала на денот на изборите.

-Веројатно некои поединци ќе се одлучат на такви чекори да излезат и да кажат дека изборите се „украдени“ и на некои места да предизвикаат хаос, треба да знаат дека ќе има голем број припадници на безбедносните сили. Тоа е воиграна тактика и тие активности се подготвуваат однапред. , изјави за Курир, Мирослав Беговиќ, професор по безбедносни науки

Изборниот молк почнува на полноќ и ќе трае до 20 часот в недела. За 250 места во Собранието се натпреваруваат 18 изборни листи. Право на глас имаат речиси шест и пол милиони гласачи.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Вакцинацијата против сезонски грип во „Бит пазар“ се одвива без застој и со строго закажани термини

Втор ден од вакцинацијата против сезонски грип. Во поликлиниката „Бит Пазар“ вакцинацијата тече без застој, а граѓаните пристигнуваат еден по друг на закажаните термини. 

Вакцинацијата против сезонски грип во „Бит пазар“ се одвива без застој и со строго закажани термини

Вчера се вакцинираше медицинскиот персонал, а денеска граѓаните пред нашата камера кажаа зошто се одлучиле на вакцинација.

Во првите денови од имунизацијата приоритет имаат најранливите категории граѓани. Кој сè има право на бесплатна вакцина и како се одвива процесот, објаснува доктор Соња Ралева.

„Вакцинацијата поминува со уреден тек, закажаните граѓани си доаѓаат во регуларните термини. Од Мој термин се закажани на 10 минути и нема ниту гужви ниту чекања.Во првите неколку дена се закажани најризичните граѓани, возрасни од 65-годишна возраст и во оваа група припаѓаат и ризичните групи, пациентите со хронични заболувања, бремените жени и малите деца од шест месеци до петгодишна возраст – за оваа група вакцинацијата е бесплатна.“- изјава – д-р Соња Ралева.

Доктор Ралева дополнително појаснува дека поради големиот интерес, особено кај повозрасната популација, граѓаните мора претходно електронски да се пријават преку веб-страницата vakcinacija.mk. Без регистрација и закажан термин, не е можно директно да се дојде на вакциналниот пункт и да се прими вакцина.

Интересот за вакцинација е голем. За само една недела се пријавиле над 55 илјади граѓани. Во земјава пристигнаа првите 30 илјади вакцини, а дополнителни количини се очекуваат во ноември. Здравствените работници апелираат граѓаните да немаат страв од вакцинацијата, посочувајќи дека досега не се пријавени сериозни несакани реакции и дека вакцината го намалува ризикот од компликации од сезонскиот грип.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Повеќе од половината судови во државата со зголемен број нерешени предмети

Половина од судовите во земјава добиле оценка дека се неажурни, над 134 илјади предмети останале нерешени, недостасуваат 163 судии и околу 3000 судски службеници.. 

Повеќе од половината судови во државата со зголемен број нерешени предмети

Ова се дел од податоците за 2025 година од извештаите на судскиот буџетски и на Судскиот совет, кои денеска беа разгледани на комисиска седница во Собранието. Претседателот Александар Камбовски потенцираше дека сето ова е резултат на бројните кадровски проблеми – лани од министерството за финансии немале одобрено ниту едно редовно вработување, и покрај тоа што недостасуваат стручни соработници, записничари, службници во писарници, курири, информатичари.. За ефикасно судство се потребни услови, а ако нема суштински мерки, и во иднина ќе се зголемува бројот на предмети кои се одолговлекуваат, алармира Камбовски.

-Во моментов судството ни функцнионира во хроничен кадровски дефицит. Недостаток на судии и судски службеници е најголема закана за ефикасноста на судскиот систем. Финансиската зависност ја ограничува реалната независност на судството. / Без суштинско подобрување на кадровската и финансиската состојба, постои ризик од дополнително влошување на ажурноста, зголемување заостатоци и натамошно намалување на довербата на граѓаните во судството,- Александар Камбовски – претседател на Судски совет.

Пратениците си ја префрлаат топката за тоа кој е виновен за поразителните податоци. Според опозицијата, актуелната власт треба да ги тргне рацете од судството и да им овозможи независна работа, додека од ВМРО-ДПМНЕ велат дека актуелната состојба е последица на претходната власт.

Во текот на минатата година до Судски совет пристигнале 425 претставки од граѓани, а само 13 биле оценети како основани, најголем дел поднесени поради незадоволство од донесени судски одлуки. Имало и 90 барања за поведување постапка за утврдување одговорност, во кои биле опфатени 161 судија.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер