Македонија утре го почнува скрининг процесот за преговорите со ЕУ

 Македонија в четврток го започнува скрининг процесот за пристапување во Европската унија.

Во Европската комисија во Брисел утре заминува 40 члена делегација составена од претставници на повеќе министерства и институции, предводена од вицепремиерот Бујар Османи, која ќе го започне скринингот за поглавјето 23 - правосудство и фундаментални права. Во делегацијата ќе биде и министерката за правда Рената Дескоска.

Вицепремиерот Османи во неделата на прес-конференција рече дека почетокот на т.н. објаснувачки скрининг е пресвртната точка со која Македонија и формално го почнува последниот дел од патот кон ЕУ.

Отворањето на првото од 33 поглавја од првата фаза значи дека ќе има 33 посети на Брисел или над 1.000 луѓе кои ќе земат учество во овој објаснувачки скрининг. Потоа ќе се подготвува втората фаза или т.н билатерален скрининг што ќе биде уште покомплексен и пообемен.

Процесот се очекува да заврши до јуни 2019 година по што треба да започнат и преговорите за членство во ЕУ.

Со цел да можат да се вклучат сите кои сакаат и можат да помогнат во скринингот и преговарачкиот процес, Владата распиша оглас за создавање Регистар на надворешни експерти. До 10 октомври заинтересираните треба да достават работна биографија и мотивациско писмо со наведено поглавје или подтема за која има експертиза.

Администрацијата и институциите ќе бидат носители на овој процес, но неопходно е активно учество и вклучување на сите чинители на општеството и мобилизација на сите човечки ресурси со кои располага државата.

Советникот за евроинтеграциите Бојан Маричиќ кој е и главен технички преговарач вели дека целта е создавање база на експерти од едно или повеќе поглавја во правото на ЕУ за ангажирање на краток или долг рок, во текот на целиот процес.

Европската комисија во извештајот за земјава на 17 април годинава препорача Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.

Европскиот совет на 26 јуни ја поддржа одлуката за условен почеток на преговори со Македонија, што треба да се отворат во јуни 2019. Тоа ќе зависи од исполнување на четири услови - спроведување на итните реформски приоритети, спроведување на Договорот за името, позитивен извештај на Европската комисија и одлука на Советот на ЕУ.

Мироцветна порака и песна во Охрид и Струга со Цветин и Хорот „Вања Лазарова"

„Со мироцвеќе и песна по љубовниот пат на јагулата".

„Со мироцвеќе и песна по љубовниот пат на јагулата", вака е насловен денешниот настан кој ќе се одржи во Струга и Охрид, во организација на уметникот Живко Поповски- Цветин, Македонското здружение за култура обичаи и традиции "Гороцвет" и Хорот на Ансамблот „Вања Лазарова" од Скопје.

Тој ќе се содржи мироцветни цртежи, песна и поезија, и ќе се одвива во Паркот на поезијата во Струга и на Дрвениот мост, каде ќе се читаат познати стихови од славни учесници на Струшките вечери на поезијата- Ален Гинсберг, Томас Шапкот, Влада Урошевиќ, Матеја Матевски, Хјусто Хорхе Падрон, Десанка Максимовиќ, Булат Окуџава, Блаже Конески, Гилвик, Андреј Вознесенски, Генадиј Ајги и други...

Во пресрет на празникот на сесловенските просветители, на 24 Мај, кој се слави во Охрид како патронат на градот, поезија и песна ќе се изведат и на брегот на Охридското езеро покрај спомениците на Браќата Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски и Григор Прличев.

Педесеттина златни грла од Хорот на ансамблот "Вања Лазарова" ќе одекнат, пеејќи познати македонски традиционални песни „Ја излези Ѓурѓо" на Стража, „На Струга дуќан да имам" во Струга, „По пат одам", „Железар", „Брала мома капини" и други во Охрид.

Хорот е под диригентство на маестро Лазо Трпковски - Ласко. /МИА

Нетанјаху го обвини Ганц дека „му дал ултиматум на премиерот, наместо на Хамас"

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини својот коалициски партнер, израелскиот министер и член на воениот кабинет Бени Ганц дека „му дал ултиматум на премиерот, наместо на Хамас".

Ганц на прес-конференција вчера рече дека неговата опозициска Партија на национално единство ќе се повлече од коалициската Влада доколку планот за повоено управување со Газа не биде консолидиран и одобрен до 8 јуни, што фрла сомнеж за иднината на израелската Влада.

„Ако Нетанјаху избере да ја одведе нацијата во пропаст, ние ќе се повлечеме од Владата, ќе се свртиме кон народот и ќе формираме влада која може да донесе вистинска победа“, рече Ганц.

Кабинетот на израелскиот премиер, одговарајќи на Ганц, соопшти дека барањата на Ганц се „празни зборови“ што ќе значат „крај на војната и пораз на Израел, напуштање на повеќето заложници, оставање на (палестинскиот) Хамас на власт и создавање палестинска држава“, пренесува „Тајмс оф Израел“./МИА

Саудискиот крал Салман бин Абдулазиз на медицински прегледи поради висока температура и болки

Саудискиот крал Салман бин Абдулазиз на медицински прегледи поради висока температура и болки во зглобовите

Кралот на Саудиска Арабија, Салман бин Абдулазиз (88) денеска ќе биде подложен на медицински прегледи поради висока температура и болки во зглобовите, објавија државните медиуми.

Кралот на Саудиска Арабија ќе биде подложен на прегледи во Кралската клиника во палатата Ал Салам во пристанишниот град Џеда на Црвеното Море, објави државната саудиска новинска агенција.

Како што се наведува, лекарскиот тим одлучил да изврши лекарски прегледи за да се утврди здравствената состојба на саудискиот крал, но не се соопштуваат детали. Саудискиот монарх беше примен во болница на лекарски прегледи во април, а подоцна беше отпуштен.

Тој е на власт од 2015 година, но се верува дека неговиот син, престолонаследникот Мохамед бин Салман е задолжен за секојдневните државни работи./МИА

притисни ентер