Левичарските партии во Франција заедно излегуваат на избори против Макрон и Ле Пен

Левичарската опозиција во Франција најави дека заедно ќе оди на предвремени парламентарни избори подоцна овој месец за да се бори против партијата на претседателот Емануел Макрон и десничарското движење на Марин Ле Пен.

Социјалистите, зелените, комунистите и екстремно левичарската партија ЛФИ во заедничка изјава повикаа на алтернатива на Макрон и борба против расистичкиот проект на екстремната десница. Најавија и дека ќе поддржат заеднички кандидат во првиот круг од изборите во сите изборни единици.

Француската левица и претходно соработуваше, но во последните две години тие се разидоа поради различните позиции во однос на војната во Украина, но и она што се случува во Појасот Газа.

Францускиот претседател Макрон повика на вонредни парламентарни избори откако неговата партија претрпе тежок пораз на европските избори во неделата.

Според првите анкети, досега водство има Националниот собир на Марин Ле Пен. /МИА

Човек уживал додека јадел сладолед, кога наеднаш се шокирал- во него имало отсечен човечки прст

Бизарна приказна доаѓа од Мумбаи, каде Орлем Брендон Серао тврди дека пронашол дел од отсечен прст во сладолед.

Неговата сестра нарачала три корнети од позната марка, кои и биле доставени на домашна адреса на 13 јуни, пишува Дејли мејл.

Орлем едвај чекал да се разлади со вкусното уживање.

„Изедов половина од сладоледот и почувствував нешто тврдо во устата. Мислев дека е орев или парче чоколадо, но сепак го исплукав“, рекол тој.

Човекот истакнува дека работи како лекар и знае „како изгледаат делови од човечкото тело“.

„Погледав внимателно за што се работи и јасно ги видов ноктот и отпечатокот на јаболчната коска. Се чини дека е палец“, тврди Орлем.

„Чудната работа“ ја спакувал во најлонска кеса и заедно со пријавата ѝ ја предал на полицијата.

„Примерокот е испратен на вештачење за дефинитивно да се утврди неговото потекло“, соопштија надлежните.

Локалните медиуми јавуваат дека е покрената истрага во компанијата што го произведува ледениот десерт.

Морбидно: Жена украла погребално возило заедно со покојникот, го оставила на необично место

Жена од Тексас е уапсена оваа недела бидејќи наводно украла погребна кола пред болница, во која се наоѓало тело на починатиот.

Валери Треглор-Елис (36) од Ајсл, рурално предградие на Форт Ворт, е обвинета за кражба на автомобил и злоупотреба на труп, според полицискиот оддел во Форт Ворт, пренесува Law&Crime.

Инцидентот се случил во вторникот вечерта околу 19 часот, кога полицијата првпат добила дојава за украдено возило од еден од бројните паркинзи на блиската болница, позната по итните служби и психијатриските служби.

Кога полицајците пристигнале, дознале дека возачот на погребната кола го оставил своето возило - и починатиот - за да извадат друго тело од болницата, се вели во полицискиот извештај. Меѓутоа, кога се вратил, и возилото и починатиот внатре ги немало.

„Додека возачот бил во болница, осомничената, возрасна жена, влегла во возилото без возачка дозвола и побегнала од паркингот“, изјави за Law&Crime портпаролот на полицијата во Форт Ворт.

Возилото било пронајдено набргу потоа на околу две милји западно на долга, стрмна и ридска споредна улица што формира голем дел од источната граница на огромната зоолошка градина Форт Ворт од 64 хектари.

„Украденото возило и телото на починатиот подоцна се пронајдени и вратени недопрени, без оштетувања“, соопшти полицијата.

Наводно, безбедносните камери ја покажале осомничената како излегува од возилото и бега.

„Осомничената набрзо е пронајдена и без инциденти приведена и пренесена во градскиот затвор“, соопштија од полицијата.

„Возилото и починатото лице се вратени на возачот на погребалното.“

Мотивот за инцидентот засега е непознат, а органите на прогонот јавно не шпекулираат за наводната кражба, наведува овој портал.

Чудо во Тајланд: Слоница роди близнаци (ВИДЕО)

Азиски слон во централниот дел на Тајланд роди близнаци, што вработените го опишаа како чудо.

Никој не очекуваше дека мајката, 36-годишната Чамчури, ќе роди близнаци, а кога минатиот петок таа првпат роди машко младенче, вработените во палатата за слонови Ајутаја и фармата за слонови Крал Краал сметаа дека раѓањето завршило, објави Би-Би-Си.

Додека го чистеле првото младенче и му помагале да стане, слушнале силен удар и виделе дека Чамчури родила второ младенче, овој пат женско. По второто раѓање, персоналот морал да ја спречи мајката да не го згази женското младенче, откако ја фатила паника и повредила негувателка.

Близнаците се случуваат само кај еден процент од раѓањата на слонови, а паровите близнаци машко-женски се уште поретки, според истражувачката организација „Спасете ги слоновите“.

„Отсекогаш сакавме да видиме близнаци слонови, но не секој може да го види тоа бидејќи тоа не се случува често“, изјави за Би-Би-Си ветеринарот Лардтонгтар Мипан, која пораснала на оваа фарма за слонови и самата е мајка на близнаци.

Шарин Сомванг, 31-годишна негувачка на слонови, т.н махут, ја скршила ногата додека го задржувала слонот.

„Бев толку среќна што дури и не почувствував никаква болка“, изјави таа за Би-Би-Си, додавајќи дека степенот на повредите го сфатила дури кога била пренесена во болница.

Слоновите се сметаат за свети во Тајланд, каде што мнозинството од населението се будисти. Тие се и национален симбол. На посетителите на паркот, вклучувајќи ги и децата, им е дозволено да ги видат близнаците, но само откако ќе им ги дезинфицираат чевлите и рацете.

Младенчињата ќе бидат именувани седум дена по раѓањето, во согласност со тајландските обичаи. Со тежина од 55 килограми, женското слонче е малку помало од вообичаеното и мора да стои на столче додека се храни од мајка си. Нејзиниот брат со 60 килограми е потежок.

притисни ентер