Летно кино на отворено во Македонска Каменица

Во организација на Културно-информативниот центар „Романса” во Македонска Каменица ќе се одржи Летно кино на отворено. 

Активноста, како што информираше директорот на КИЦ „Романса”, Гоце Стојановски, ќе се одвива во периодот од 22 до 24-ти август.

– Бесплатните филмски проекции ќе се прикажуваат во Паркот на рударите пред Домот на Култура во Македонска Каменица.

Овие три вечери почнувајќи од 21 часот, публиката од Македонска Каменица, но и сите останати љубители на филмската уметност ќе може да проследат детски анимирани филмови, но и играни филмски остварувања, рече Стојановски.

Тој упати покана до граѓаните да бидат дел од активноста на КИЦ „Романса”.

– Претходно имавме детски кино проекции кои беа доста посетени, така што очекуваме така да биде и сега. Граѓаните слободно можат да дојдат и да погледнат кино проекција со своите најмали, додаде Стојановски.

Повеќе детали околу програмата и термините за филмските проекции на „Кино на отворено” од КИЦ „Романса” најавија за во следниот период. /МИА

Тупанчески на првиот академски час: Не учете за оцена! Учете да научите! Учете за да знаете!

Министерот за правда Никола Тупанчески се обрати на првиот академски час на Правниот факултет ,,Јустинијан Први”.

На идните студенти им посака да имаат среќна и успешна година, да го искористат својот потенцијал, да бидат креативни.

,,Старите Римјани рекле „Festinа lente“. Брзајте, но бавно, пополека - кон вашата цел, а тоа е кога ќе завршите со ова поглавје, еден ден да станете истакнати правници, адвокати, судии, обвинители, новинари, професори, политолози, па и политичари. Тоа ќе го постигнете само со учење. Не учете за оцена! Учете да научите! Учете за да знаете! Знаењето никој, никогаш не може да ви го одземе! А многу брзо ќе дојде времето кога кормилото ќе дојде во ваши раце и знаењето ќе треба да го примените во пракса” ,им порача на идните студенти министерот за правда Никола Тупанчески.Оваа генерација на студенти се разликува од претходните. Новиот стил на живот,рече Тупанчески , а посебно условите кои се наметнаа во изминативе неколку години, доведоа до тоа студентите да бидат постојано присутни и активни на социјалните мрежи, па дури и дел од процесот на образование да го следат по видеоконференциски пат.

Макпетрол за цената на гасот

„Макпетрол“ АД Скопје ги известува своите потрошувачи и пошироката јавност дека цената на природниот гас за месец октомври ќе се намали за околу 200 евра за 1000 нормални метри кубни, во однос на цената за месец септември оваа година.

Согласно договорот помеѓу „Макпетрол“ АД Скопје и „Гаспром експорт“, како и движењето на цената на природниот гас на светските берзи, „Макпетрол“ АД Скопје ги известува своите потрошувачи и пошироката јавност дека цената на природниот гас за месец октомври ќе се намали за околу 200 евра за 1000 нормални метри кубни, во однос на цената за месец септември оваа година.

Воедно, сакаме да информираме дека малопродажната цена на погонското гориво за моторни возила, Метан (CNG), се намалува за 20 денари за килограм, односно ќе изнесува 184 денари за килограм.

„Макпетрол“ АД

Горивата поскапуваат од половина до два денари по литар

Цената на бензините од ноќеска на полноќ се зголемува за половина денар по литар, дизелот поскапува за 1,5, а екстра лесното масло за домаќинството за два денари по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,20 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 86,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 89, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 92,5, а Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) за 89,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,46 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 50,228 денари.

Како што информираат од РКЕ, референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 0,973 отсто, кај дизелот за 0,154, кај екстра лесното масло има зголемување за 0,501, а кај мазутот намалување во просек за околу 0,187 отсто. Курсот на денарот е за околу 0,36 отсто понизок од курсот на доларот.

притисни ентер