Леао ги одби саудиските милиони

Португалецот Рафаел Леао одбил примамлива понуда од саудиски Ал Хилал и останува на ставот да продолжи во Милан, пишува италијанскиот весник „Кориере дело спорт“.

Дваесет и пет-годишниот фудбалер минатата сезона со миланскиот гигант постигна 15 гола и 14 асистенции на 47 натпревари.

Во последните недели, зголемен интерес за Леао беше забележан од неколку клубови во Саудиска Арабија, кои се подготвени да платат околу 100 милиони евра за неговиот потпис и му нудат плата од 20 милиони евра по сезона.

Сепак, Португалецот не планира да го напушти Милан ова лето.

Италијанскиот клуб би се разделил со Рафаел Леао само по активирање на неговата ослободителна клаузула, која е во вредност од 175 милиони евра.

Мицкоски: „Борбата против корупцијата е главен приоритет на Владата“

Премиерот Христијан Мицкоски во објава на Фејсбук истакна дека борбата против корупцијата и организираниот криминал е еден од главните приоритети на неговата Влада. 

Тој нагласи дека ќе одржи важна средба со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, со цел да се адресираат овие значајни прашања.

„Испраќам јасна порака. Никој не е над народот, законот и Уставот. Ќе има одговорност за криминалот кој ја уништува нашата заедничка иднина. Таа одговорност мора да биде со име и презиме, без оглед на позадината на лицето“, нагласи премиерот.

Оваа иницијатива на Мицкоски е дел од пошироките напори на Владата за подобрување на правниот систем и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите.

Двајца велешани префрлени на Инфективна клиника - змија „поскок“ ги каснала додека работеле

Двајца велешани биле каснати од змија отровница додека работеле на лозје вчераутро кај селото Војница, а откако им се влошила состојбата се префрлени на Инфективната клиника во Скопје.

Од таму за Канал 5 информираат дека мажите на возраст од 76 и 64 години денеска се во релативно подобра состојба.

Според информациите што ги кажале, двајцата налетале на змиско гнездо, а змијата, според нивно кажување поскок, го каснала прво едниот на дланката, вториот притрчал да помогне па го каснала и него исто така на дланката.

Веднаш тргнале кон Велес, и побарале итна помош, која ги престанала по патот и веднаш им дала серум против отровот. Кратко биле хоспитализирани во велешката болница, но откако попладнето состојбата им се влошила биле донесени на инфективна.

МНР остро реагира за „северномакедонци“

Министерството за Надворешни Работи на Република Македонија со сериозна загриженост ги нотира објавените прелиминарни резултати од Пописот одржан во Република Албанија во 2023 година.

Техничките нерегуларности во начинот на реализација на истиот, на кои континуирано укажуваа македонските здруженија во Република Албанија во пресрет на Пописот, но и во текот на неговата реализација резултираа со објава на прелиминарни податоци кои што за жал не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата.

Дополнително, Министерството изразува незадоволство и остро реагира на употребата на термин „северномакедонци“ и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница.

Министерството ќе го повика амбасадорот Данчо Марковски на итни консултации во насока на прецизирање на недостатоците и недоследностите во овој процес, разгледување на можностите за соодветна корекција на направените пропусти и изнаоѓање на најадекватни начини за понатамошно заедничко дејствување и унапредување на билатералните односи со Република Албанија.

Министерството во претстојниот период интензивно ќе соработува со надлежните претставници на властите во Република Албанија и со претставниците на Македонската заедница во Република Албанија во насока на нивна културна и социјална промоција во рамките на албанското општество, што за жал и повеќе од очигледно било целосно запоставено од страна на претходната политичка гарнитура во нашата држава.

Сите отворени прашања меѓу две соседни држави треба да се решаваат преку дијалог и меѓусебно разбирање и почитување на правилата, принципите и вредностите на меѓународниот правен поредок.

притисни ентер