Лазарополе – село што се сака со цело срце - Канал 5

Лазарополе – село што се сака со цело срце

Лазарополе е повеќе од село – тоа е чувство што се буди длабоко во стомакот секогаш кога патот ќе нè поведе кон Бистра.

Лазарополе – село што се сака со цело срце

На секој патник-намерник срцето почнува да му чука побрзо во оној миг кога пред него ќе се простре Мавровското Езеро – сино и мирно како здив пред средба со сакано лице. Патот се свива покрај манастирот „Свети Јован Бигорски“, покрај светоста која не само што бдее, туку и благословува. А долу, како тајна што не секогаш се открива, Радика шепоти за својот пат низ карпите и шумите.

И токму таму почнува трпеливото исчекување. Пет кривини, само пет – што ние како деца ги броевме небаре одбројуваме до полноќ на Нова Година. Со секој нов свиок, душата се исправа, како да знае што следи.

А, кога ќе ја одминеме Миревичина, пред нас – како слика од сонот – се простира Лазарополе. Камените куќи, склопени како зборови во стара песна. А, над него, тивок и сигурен, Цуцул стои – не како стражар, туку како родител што со љубов го следи растењето на своето чедо.

Да имав време и простор, ќе ви зборував за нарцисите што напролет го преплавуваат пределот – како да земало Сонцето огледало и се огледува во цветовите. Ќе ви раскажев и за елеганцијата на стадата диви коњи што се појавуваат ненадејно – како сенки на слобода и за најубавиот вкус на дивите јаготки. Можеби некому ќе му послужеше да дознае за волшебните својства на Ѓурепи и на Јорска (мошка) вода. Овде нема ни да го спомнам вкусот на храната во „Калин хотел“, ниту пак атмосферата во „Т’га за југ“, каде душата сама си порачува музика. Нема да зборувам ни за мирот кога снегот го покрива селото и сè ќе стивне како во бајка. Ниту пак за сирењето и кашкавалот од кои, штом вкусиш, растеш барем два сантиметри – ако не по висина, тогаш сигурно по љубов. Се колнам, ниту збор за величенствениот поглед од Соколица. Би можела да кажам и дека тука, на 1350 метри надморска височина, ѕвездите се толку блиску што ако ги испружиш прстите – ќе ги почувствуваш како трепкаат под кожата.

Но, за ништо од тоа нема да ви кажам ниту збор. Зашто оваа приказна е за нешто друго.

Високо на Бистра, меѓу облаци, стари дабови и сиви камени куќи, лежи Лазарополе – село што не го мерат по бројот на жители, туку по тоа колку љубов собира за Илинден. Од мај до октомври, селото пулсира, но на 2 август – срцето на Мијачијата најгласно чука токму овде. Во ритамот на зурлите и тапаните.

YouTube video

Кога зурлата, во квечерината на 1 август ќе одекне на сретсело, почнува крвта да жуборка во вените и морници да лазат по грбот. Дум, дум, дум - звукот на тапаните отвора портал во минатото и ја буди ДНК-та на комитите. Ритамот нè потсеќа на јуначкото срце на Ѓурчин Кокалески - Кокале, кој е еден од првите македонски преродбеници и општественици, роден во 1775 година во Лазарополе. Неговата автобиографија „Наказание“, напишана во 1823 година, е првиот македонски автобиографски текст на народен јазик и со словенско писмо. Напишана на мијачки дијалект со старословенски букви, ја прави вреден извор за проучување на јазикот и етнографијата. Текстот е објавен во А. Белиќовата „Галички дијалект“ во Белград во 1935 година, презентиран со македонска азбука. Кокале е значаен за многу аспекти, но овде се задржуваме за неговата нераскинлива врска со Лазарополе и Иликден (како што лазаровци го нарекуваат Илинден).

Таткото на Ѓурчин Кокале, како што раскажува за МИА, 94-годишниот Петре Коловски, автор на книгата „Лазороските зографи“, побегнал од Албанија, каде Османлиите се обидувале да го наметнат исламот. Подоцна, Ѓурчин се стакнал со богатство и меѓу другото имал околу 30.000 овци и 600 коњи, кои во зимските месеци неговите помошници ги носеле на пасење во Солунско. Една зима заминал самиот да ја провери стоката и бил сместен во куќата на локалниот поп. Набрзо, неговиот домаќин му ја раскажал маката: Во близина има одметнат генерал од турската војска, за кого султанот распиша награда. Тој постави шатори, заедно со својата единица и бара секоја ноќ по една девојка да му носат. Денеска е редот на мојата ќерка, раскажал попот. На тоа, Кокале станал, се истопорил пред шаторот на разбојникот и го предизвикал на двобој. Му рекол да не ги вмешуваат своите дружини, туку проблемот да го решат меѓу себе. Во борбата Кокале бил ранет, но сепак успеал да го собори од коњот одметнатиот генерал и со сабја да му ја пресече главата, која потоа ја однел кај султанот во Стамбол. Султанот стоел на зборот и ги исполнил барањата на Кокале и издал три фермани - го поставил за член на обласниот Меџлит (Собрание), да не се дозволи изградба на кула и турски аскер во селото (што било почитувано само додека бил жив Кокале) и ферман за дозвола за изградба на црква во Лазарополе. Благодарните селани сакале црквата да ја крстат свети Илија, по таткото на Ѓурчин, но Кокале инсистирал црквата да го носи името на постојната мала црквичка - свети Ѓорѓија. Но, им порачал на селаните дека доколку сакаат да му укажат чест да го земат празникот свети Илија за селска слава. Така и било, па во 1832 година почнала изградбата на црквата Свети Ѓорѓија, раскажува Коловски, додавајќи: но, со три скалила в земја, како и сите други цркви во тоа време, бидејќи не смееле да бидат повисоки од џамиите.

За момент се враќам во сегашноста и ги гледам куќите накитени со македонски знамиња, старо и младо на оро и секако неизбежните сеирџии отстрана. Лазоровци се познати играорци (сетете се на „Танец“ и Дојчин Матевски). Зурлата со тага го пара небото и не опоменува да не ја заборавиме 1943 година и зулумите на Џемо балистот.

- Да, тоа е настанот кој имал најголемо влијание на животот на селото. За време на војната, Лазарополе беше под италијанска воена, а албанска цивилна власт. Карабињерите беа многу пријатни луѓе. Но, со капитулацијата на Италија, тие си заминаа. Инаку, на почетокот на војната во училиштето ни донесоа албански учител кој требаше да нè научи албански јазик. Претходно учевме на српски. Но, после една-две недели речиси ниедно дете не остана в училница, па тој виде - не виде си замина во Албанија. Тогаш, еден четврток дојде Џемо балистот (Џемаил Хасани) од село Симница, гостиварско и ги собра сите мажи на сред село и им порача за една недела да заминат или ќе бидат живи запалени. Речиси сите заминавме. Ние имавме коњ, а од двете страни по еден кош и во секој од нив - дете. Во селото останаа само неколку старци кои сведочеа дека после една недела Џемо се вратил и неговата дружина запалила оган за да ги запали преостанатите, но во последен момент му било јавено дека партизаните го напаѓаат неговото родно село, па морал да оди да го брани. И така куртулиле, раскажува дедо Петре, инаку дипломиран педагог кој целиот работен век го минал во училница.

Раскажува дека по војната следувале подобри денови за селото. Била формирана Мијачко - текстилна кооперација, која подоцна ќе прерасне во селската задруга „Кочо Рацин“. Но, некои работи се промениле. Пред војната, вели Коловски, во селото никој не славеше роденден, туку сите славевме само имендени. И оние што имаа и оние што немаа исто принесуваа на маса: ракија, леблебија и суво грозје. Но, во годините по војната, со зајакнувањето на комунизмот, луѓето се плашеа и веќе не славеа имендени. Вели дека негови блиски завршиле на Голи оток поради, меѓу другото и венчавка во црква. Еднаш, комунистите сакале црквата Свети Ѓорѓија да ја претворат во штала, но црковниот одбор, чиј член бил и таткото на Коловски и селаните се собрале пред црквата и спречиле такво нешто.

А што е Лазарополе без црквата Свети Ѓорѓија и без Иликден. Утрото на 2 август камбаните најсилно бијат и ги повикуваат селаните на утринската литургија.

Во свечена атмосфера, облечени (порано) во нови алишта, но и ден денес, ако веќе не се нови, сите се убави, дотерани. Селаните, со свеќи в рака оддават почит на оние пред нас и се молат за добри денови за оние по нас.

Потоа следува фамилијарен свечен ручек. Сите со лазороски корења се обидуваат барем на Илинден да се таму. Кога бевме деца, во една куќа знаеше да има по десетина и повеќе луѓе, а сега во истите куќи собира само по тројца, четворица (што ли се случило во меѓувреме).

И тамам кога доаѓа време за лубеницата, се слушаат наследниците на Мајо и Исо, поколенијата на едниот брат специјализирани за зурли, а на другиот на тапани, кои со својата музика уште ја раскажуваат приказната за мајовци, египѓани, врвни мајстори - ковачи.

YouTube video

Е, токму нивните внуци и правнуци го разгоруваат жарот во Лазоровци. Па и денес, штом ќе одекнат првите звуци на „Тешкото“ занемуваат сите, гледајќи ги најстарите мажи како го играат ова оро, кое само оние од Мијачијата вистински го чувствуваат во коските.

А, Мијаците отсекогаш се задевале меѓу себе, па едните се фалеле со Тресонечка, други со Гарска Река. Секако имале што да кажат и оние од Селце, Росоки, Сушица, Осој и Могорче. Но, најголемото ривалство на лазоровци отсекогаш било со Галичник. - Галичник беше познат по богатсво (и скржавост), Тренсонче по интелектуалци, а Лазарополе по култура, уметност и боеми, вели Коловски. - И тие почнаа со организирање Галичка свадба, иако таа е всушност мијачка свадба. Тогаш, на времето се собравме од сите мијачки села и предложивме секоја година да се одржува во друго село, но Галичник, ете, не прифати, појаснува Коловски. Но, она што го радува е што годинава го прославивме Илинден подобро од кога и да е. - Селото полно млади луѓе, вели тој, додавајќи дека иако е повеќе туристичка населба отколку село, бидејќи не живее цела година, сепак, она што дава надеж е дека од најмало до најстаро негуваат огромна љубов за оваа заедница. Дури и странците заминуваат со восхит и ветување дека ќе се вратат барем уште еднаш во животот.

Топаните се пакуваат и заминуваат, а селаните продолжуваат да го прославуваат Илинден со забава во своите домови, при тоа не заборавајќи да им раскажат на децата за обичаите што биле, за песните што се пееле, за традицијата, за истрајноста, за маките и успесите на претците, со само една молба: раскажете им и вие на вашите чеда за тоа што значи и како се сака Лазарополе. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Николовски: Владата го одби амандманот на СДСМ за над една милијарда денари дополнителна поддршка за земјоделците

Владата го одби амандманот на СДСМ со кој се бараа над една милијарда денари дополнителна финансиска поддршка за земјоделците, исплата на заостанатите субвенции и исполнување на обврските кон земјоделските производители. 

Николовски: Владата го одби амандманот на СДСМ за над една милијарда денари дополнителна поддршка за земјоделците

На собраниската седница, пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски, посочи дека одбивањето на амандманот доаѓа во услови на драстично намалување на субвенциите, натрупани долгови од 10 милијарди денари и 10.000 земјоделци помалку пријавени за субвенции во 2026 година.

Николовски посочи дека официјалните завршни извештаи на Платежната агенција покажуваат дека во 2025 година се исплатени околу 6,2 милијарди денари субвенции, наспроти повеќе од осум милијарди денари во 2023 и 2024 година.

„Тоа значи 50 до 60 милиони евра помалку исплатени субвенции во 2025 година, што е основниот индикатор за катастрофалната состојба и незадоволството кај земјоделците“, рече Николовски.

Тој додаде дека годинава има 10.000 земјоделци помалку пријавени за субвенции, што е последица на импровизациските политики и промените во условите за добивање финансиска поддршка.

„Зошто не се тие ловци, како што ги нарекуваат? Затоа што ако го речете тоа, ќе се соочите со гневот на производителите. Се работи за промени и импровизациски политики за кои нема ниту усогласеност помеѓу премиерот и министерот за земјоделие“, истакна Николовски.

Николовски потсети дека министерот за земјоделство најавувал укинување на условот за предадени 30 проценти од производството, но дека тој услов останал, поради што неколку илјади земјоделци не аплицирале за субвенции. Дополнително, зголемени се праговите за исполнување на условите кај поледелството и лозарството, од 0,2 на 0,5 и од 0,5 на 0,7, а воведена е и поддршка само за сертифициран семенски материјал, со што дополнително се ограничува бројот на корисници.

„Долгот којшто го имате кон земјоделците е 10 милијарди денари. Точно 10 милијарди денари се обврските што се натрупани од 2024 и 2025 година. Затоа го поднесуваме овој амандман од над една милијарда денари, со цел да помогнеме сите заедно да се исплатат млекото, градинарските производи, пчеларството, живинарството и останатите субвенции“, нагласи Николовски.

Тој додаде дека укината е и авансната исплата на субвенциите, која претходно овозможувала земјоделците да добијат 30 проценти од поддршката предвреме. Според него, претходно бил воспоставен јасен календар за исплата, со утврдени рокови и динамика, без селекција на земјоделците.

„Во Европската Унија се знае точно во кој ден и како мора да се исплаќаат субвенциите, како што државата си го собира данокот. Ние таквата динамика комплетно ја нормализиравме, со факти, докази, кога, во кој ден и во кој рок се исплаќани субвенциите, неселективно, за сите земјоделци. Вие направивте еден хаос. Се гледа незадоволството секаде на терен. Завршуваат дел од земјоделските производи на буништа, имаме протести“, рече Николовски.

Николовски посочи и на промените во поддршката за сточарството, наведувајќи дека субвенциите за говеда се намалени од 12.000 на 8.000 денари, додека истовремено се зголемени лимитите за големите производители. Укинати се повеќе програми наменети за малите земјоделци, а прагот за поддршка на големите е зголемен од 300.000 на еден милион евра.

Николовски посочи дека преку интервентниот фонд се креирале мерки наменети за мал број фирми, наведувајќи го примерот со 10 милиони евра поддршка за откупувачите на грозје преку Македонската банка за поддршка на развојот, додека лозарите останале без директна финансиска помош.

„Како може да има 10 милиони евра за откупувачите, грозјето да скапува, а да нема ниту еден денар за лозарите? Ниту еден денар, а имаме заостанати субвенции од 10 милијарди денари“, истакна тој.

Тој ги посочи и ниските откупни цени на земјоделските производи, особено кај оризот, каде што, како што рече, цените се преполовени, како и состојбата со јаболкопроизводителите.

„Кај јаболката ви се потребни 750 килограми јаболка на еден овоштар за да плати дневница за еден берач во текот на сезоната. Многу се поразителни показателите. Тоа верувам дека сте свесни заради тоа што земјоделството не е приоритет на оваа Влада, а ние имаме обврска да зборуваме за тој приоритет и за потребата од поддршка“, рече Николовски.

Дополнително, тој посочи дека со последната владина измена на програмата не е укинат условот за предадени 30 проценти од производството, како што било најавувано од министерот, туку се скратени над 250 милиони денари во делот на зелената нафта.

Николовски предупреди и дека веќе две години нема нови повици за ИПАРД-програмата, која ја оцени како една од најважните алки за модернизација на македонското земјоделство, во која земјата претходно била лидер. Тој направи споредба и со повиците од Програмата за рурален развој, посочувајќи дека во претходните седум години, од јануари до септември, биле објавувани по 12 повици, додека сега има само еден.

„Знаете дека две години оваа Влада нема доделено ниту еден трактор по свој повик. Еден трактор. Досега требаше да има 2.000 до 3.000 трактори коишто ќе беа доделени ако го следевме просекот на претходната Влада. Еден трактор во овие две години не е доделен, а на новиот министер му го поништивте огласот за набавка на механизација. Ако за нешто треба пари во буџетот, тоа се за земјоделците, за да го зачуваме достоинството, да се цени нивниот труд и таа поддршка да се зголемува. Без домашна национална поддршка и без европски фондови, може само да претпоставиме дека одлуката или политиката на Владата е комплетно да биде запоставено земјоделството и да се ориентираме кон други гранки“, порача Николовски, се наведува во партиското соопштение.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Аларм во Хапоел – Мициќ и Итудис не разговараат?

 Српскиот плеј Василије Мициќ не настапи во победата на Хапоел против Ефес поради повреда на зглобот, но се чини дека во самиот тим постојат подлабоки проблеми.

Аларм во Хапоел – Мициќ и Итудис не разговараат?

Според „Спорт 5“, шефот на стручниот штаб на Хапоел ТА, Гркот Димитрис Итудис и репрезенативецит на Србија, Василије Мициќ не се во добри односи.

До неодамна беа многу блиски, но ситуацијата се промени, па наводно речиси и да не разговараат повеќе. Наводно, комуникацијата е сведена на апсолутен минимум.

„Тоа не е нешто што може да помине незабележано. Тензијата јасно се чувствува. Нешто се случи меѓу Васа и Итудис и нивниот однос веќе не е онаков каков што беше“, велат извори од Хапоел. Според сведочењата, Мициќ потврдил дека односите со Итудис западнале во сериозна криза и станале многу лоши.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Јаневска: Условите во студентскиот дом „Стив Наумов“ се најсовремени, СДСМ ја манипулира јавноста

Министерката за образование и наука Весна Јаневска ги отфрли обвинувањата на СДСМ за лошите услови во студентскиот дом „Стив Наумов“.

Јаневска: Условите во студентскиот дом „Стив Наумов“ се најсовремени, СДСМ ја манипулира јавноста

Министерката за образование и наука Весна Јаневска ги отфрли обвинувањата на СДСМ за лошите услови во студентскиот дом „Стив Наумов“, посочувајќи дека студентите престојуваат во современ и реновиран објект, а евентуалните технички недостатоци ќе бидат отстранети навремено од изведувачот, со оглед дека објектот е под гарантен рок.

Јаневска денеска изврши непосреден увид во домот, откако претходно беа поканети медиумите, но и претставнци на политичката партија СДСМ, кои не се одзваа на поканата. При посетата на домот, министерката порача дека тврдењата за рушење ѕидови, протекување покриви и други сериозни недостатоци не одговараат на реалната состојба.

„Денес видов дека СДСМ држеше прес. Партијата синоним за лицемерство, рече дека е со студентите. Еве како СДСМ во негово време беше со студентите. Живееја во ужасни услови во домовите. Сега е сосема поинаку, оваа Влада навистина се грижи за младите. Имавте можност да влезете во домот и да видите“, изјави Јаневска.

Министерката нагласи дека студентскиот дом „Стив Наумов“ е реконструиран од австриска компанија во соработка со Европската Унија и дека европските претставници при посетите го оценија како еден од најмодерните на Балканот.

„Не само ние туку и европретставниците потврдија дека ова е еден од најубавите и најмодерни домови на Балканот, а во споредба и со некои други земји пошироко“, истакна министерката.

Во однос на забелешките за одредени технички недостатоци, Јаневска рече дека кај новоизградени објекти може да се појават поединечни проблеми, но нагласи дека домот е под гаранција и дека изведувачката компанија ќе мора да ги отстрани сите утврдени дефекти.

„Дали може да се случи некаков инцидент? Да, може да се случи, домот е нов и стан кога купуваат граѓаните, може да се случи нешто да не е баш како што треба. Домот е под гаранција, фирмата е позната, сè што треба да поправи ќе се поправи и ние ќе се држиме до тоа. Но, дека се рушат ѕидовите, дека течат покириви или дека се случува нешто друго, не е точно. Вие сами видовте“, изјави таа.

Министерката апелираше до семејствата на студентите да не подлегнуваат на обидите на политичките партии и други злонамерници да ги вознемируваат со информации дека нивните деца се сместени во небезбедни услови.

„Децата им живеат во убави услови кои досега ги немало во оваа земја и ќе продолжат во исти такви услови да живеат. Доколку имаат каква било забелешка за живеењето во домот, ние тоа ќе го поправиме“, рече Јаневска.

Министерство за образование и наука

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер