Лавров по разговорот со шефот на германската дипломатија: Не требаше воопшто да се сретнеме - Канал 5

Лавров по разговорот со шефот на германската дипломатија: Не требаше воопшто да се сретнеме

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул се сретна со својот руски колега Сергеј Лавров во Њујорк, што беше прва билатерална средба меѓу двајцата министри од почетокот на војната на Русија во Украина во 2022 година.

Лавров по разговорот со шефот на германската дипломатија: Не требаше воопшто да се сретнеме

Средбата се одржа на маргините на Генералното собрание на ОН, во руската сала за состаноци, траеше повеќе од 20 минути и заврши со ракување меѓу двајцата министри.

Лавров: Средбата беше непотребна

Лавров рече дека средбата со Вадефул била непотребна и дека не видел никаков напредок во споредба со претходните разговори со него. Тој изјави за новинската агенција ДПА дека „не слушнал ништо различно“ од она што Берлин јавно го кажува секој ден.

„Можевте само да ми се јавите и да ми кажете „прочитајте ја мојата изјава“, раскажа Лавров за разговорот со германскиот министер.

Германија побара средба еден ден претходно, „во последен момент“, рече Лавров. Тој додаде дека разговорот со германскиот министер изгледал „како да имал некоја скриена порака - дојдов кај вас, ве почестив со моето присуство“.

Тој рече дека имал впечаток дека Вадефул очекува отстапки од Русија во врска со Украина и навигацијата на Црното Море во замена за состанокот.

Вадефул: Длабоки несогласувања околу завршувањето на војната

По средбата со Лавров, Вадефул рече дека сè уште има длабоки несогласувања околу напорите за завршување на војната на Русија во Украина.

„Беше интензивен разговор. Секако, не се согласувавме по клучните точки“, изјави конзервативниот политичар за германскиот радиодифузер ZDF. Тој рече дека „понудил деескалација, особено во однос на ситуацијата во Украина, но дека не нашол слушател“.

За него беше важно да стави до знаење дека Германија „не прифаќа работи како нападот со беспилотни летала во Лајпциг, дека ова е неприфатлива ескалација“, рече тој, додавајќи дека ја предупредил Русија да не продолжува во таа насока.

„Можеме да се одбраниме и ќе го сториме тоа“, рече Вадефул.

Германската влада ја смета Русија за одговорна за инцидентот со неексплодираното беспилотно летало на аеродромот во Лајпциг, тврдење што Москва го негира.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Марко Џорлев го освои светскиот врв – злато за Македонија на СП во Полска

Македонскиот карате репрезентативец во кадетска конкуренција Марко Џорлев го освои златниот медал на Светското првенство во Полска, триумфирајќи во финалето со 4-1 против унгарецот Адам Баги.

Марко Џорлев го освои светскиот врв – злато за Македонија на СП во Полска

Македонското карате доби нов светски шампион! Марко Џорлев се искачи на највисокото место на пиедесталот на Светското првенство за кадети, јуниори и У-21, кое се одржува во Бјелско-Бјала, Полска, откако во финалната борба во кадетската конкуренција до 63 килограми го совлада Адам Баги од Унгарија со 4-1.

Со сигурен настап, одлична тактичка подготвеност и контрола врз финалната борба, Џорлев го потврди својот квалитет и го заокружи настапот на светскиот шампионат на најдобар можен начин. Овој резултат претставува исклучително достигнување за младиот македонски репрезентативец и значаен успех за македонското карате на меѓународната сцена.

Пет победи до светскиот врв

Патот до светската титула беше исполнет со одлични настапи. Џорлев забележа пет победи, совладувајќи ги сите противници со убедливи резултати.

Во почетните фази од натпреварувањето, македонскиот каратист беше поуспешен од Алехандро Перез од Куба со 10-6, Хозе Андрес Гарсија од Гвајана со 6-1 и Леонс Акоповс од Латвија со 6-0.

Во полуфиналето следуваше уште една доминантна изведба, во која Џорлев го совлада Јан Мата од Панама со 8-0, обезбедувајќи пласман во големото финале. Таму, со победата од 4-1 над унгарскиот претставник Адам Баги, македонскиот репрезентативец го потврди својот статус на најдобар во светот во својата возрасна и тежинска категорија.

Резултати на Марко Џорлев – кадети, -63 кг:

Марко Џорлев – Алехандро Перез (Куба) 10-6

Марко Џорлев – Хозе Андрес Гарсија (Гвајана) 6-1

Марко Џорлев – Леонс Акоповс (Латвија) 6-0

Полуфинале: Марко Џорлев – Јан Мата (Панама) 8-0

Финале: Марко Џорлев – Адам Баги (Унгарија) 4-1

Успех зад кој стојат континуитет и квалитетна подготовка

Светската титула е продолжение на одличната натпреварувачка година за Џорлев. Тој претходно го освои златниот медал на натпревар од Светската младинска лига на Светската карате федерација (WKF) во Пореч, а на Европското првенство го освои петтото место. Неговите резултати го позиционираа и на врвот на светската ранг-листа во неговата категорија.

Зад овој успех стојат посветената работа, натпреварувачкиот напредок и искуството стекнато на меѓународните турнири. Со триумфот во Полска, Џорлев направи уште еден голем чекор во својата спортска кариера и испрати силна порака за потенцијалот на младата македонска карате-генерација.

Важна улога на ова светско првенство одигра и неговиот селектор Дејан Ристески

Посебно значајна улога во настапот на македонскиот репрезентативец има селекторот во борби за кадети Дејан Ристески, кој ја предводеше македонската кадетска репрезентација во борби на ова светско првенство и го следеше Џорлев во овој важен натпреварувачки предизвик.

Настапот на најголемата светска младинска сцена бара не само физичка и техничка подготвеност, туку и тактичка зрелост, концентрација и правилен пристап кон секоја борба. Освојувањето на златниот медал е големо признание за самиот натпреварувач, но и значаен момент за стручниот тим што ја подготвува и ја води македонската репрезентација на меѓународните натпреварувања.

Успехот на Џорлев претставува силен поттик за сите македонски каратисти кои настапуваат на шампионатот и потврда дека македонските спортисти можат да се борат за највисоките одличја и во најсилната светска конкуренција.

Македонската репрезентација продолжува со настапите

Светското првенство во Бјелско-Бјала собра 2.022 каратисти, со вкупно 1.970 натпреварувачки влезови, од 114 држави, што дополнително ја нагласува тежината на постигнатиот резултат.

Македонските репрезентативци продолжуваат со своите настапи, а вниманието е насочено и кон Реџеп Рушити, кој во конкуренцијата до 21 година, во категоријата до 84 килограми, ќе се бори за бронзениот медал.

Златото на Марко Џорлев е голем ден за македонското карате и потврда дека со посветена работа, квалитетна подготовка и вистински натпреварувачки пристап може да се стигне до светскиот врв.

Честитки до Марко Џорлев за историскиот успех, до селекторот Дејан Ристески и до сите членови на македонската репрезентација кои ја претставуваат државата на ова големо натпреварување.

Огромен придонес во развојот и подготовката на Џорлев секако имаат и неговите клупски тренери Сашко и Жарко Арсовски, кои со својата долгогодишна работа придонесуваат за напредокот на младите каратисти и за постигнувањето значајни резултати на меѓународната сцена.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Акциски контроли на возачи на електрични тротинети – 871 прекршок констатиран во септември

При спроведените контроли констатирани се вкупно 871 прекршок, од кои најголем дел, односно 377, се однесуваат на некористење заштитен шлем (кацига).

Акциски контроли на возачи на електрични тротинети – 871 прекршок констатиран во септември

Во текот на септември 2026 година, на територијата на целата држава, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе зајакнати акциски контроли насочени кон откривање и санкционирање на прекршоците што ги прават возачите на лесни електрични возила (електрични тротинети).

При спроведените контроли констатирани се вкупно 871 прекршок, од кои најголем дел, односно 377, се однесуваат на некористење заштитен шлем (кацига).

Најголем број на прекршоци се констатирани на подрачјето на СВР Битола - 290 прекршоци, потоа Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата констатирала 167 прекршоци, СВР Охрид 125 прекршоци, СВР Струмица 113, додека другите прекршоци се констатирани на подрачјето на другите сектори за внатрешни работи.

Во рамки на контролите евидентирани се и осум случаи на кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик. Исто така, во текот на контролите одземени се 17 електрични тротинети.

Дополнително, констатирани се и 5.362 прекршоци што ги направиле други учесници во сообраќајот.

За сите констатирани прекршоци преземени се соодветни мерки согласно законските прописи.

Министерството за внатрешни работи продолжува со зајакнатите сообраќајни контроли и апелира до возачите на лесни електрични возила задолжително да користат заштитен шлем, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да се движат на површините предвидени за нивно безбедно учество во сообраќајот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Универзитетска клиника за психијатрија: Расте бројот на пациенти кои побарале помош поради претрпено семејно насилство

Во пораст е бројот на пациенти кои побарале помош од ЈЗУ Универзитетската клиника за психијатрија поради стрес поврзан со претрпено семејно или партнерско насилство.

Универзитетска клиника за психијатрија: Расте бројот на пациенти кои побарале помош поради претрпено семејно насилство

Психијатри од клиниката ретроспективно ги прегледуваа електронските здравствени записи во системот „Мој Термин“ за периодот од јануари 2025 до јули 2026 година, за дијагнозите F.43 (растројства поврзани со стрес ), со цел идентификување на случаите на семејно или партнерско насилство поврзани со оваа дијагноза.

Податоците покажуваат дека во 2025 година биле евидентирани 79 лица кои имале потешкотии поврзани со трпење семејно или партнерско насилство, а само во првите седум месеци од 2026 година – 101. Ова покажува дека вкупните 101 случај во првите седум месеци од годинава веќе ја надминуваат бројката за целата 2025 година.

Оваа медицинска евиденција ја претстави проф. д-р Славица Арсова на предавањето „Форензички аспекти на семејното насилство: епидемиологија, последици врз менталното здравје и терапевтската и форензичката улога на психијатарот“, во рамки на Меѓународната конференција за форензичка психијатрија 2026 што викендов се одржува во Охрид.

Најголем број случаи во 2026 година биле евидентирани во март - 27, април - 23 и во јуни - 21. Токму овој период се поклопува со трагичниот настан кога мајка заедно со своето дете скокна од балкон во Скопје, како последица на претрпено долготрајно семејство насилство.

Проф. д-р Арсова посочи дека бројките од Клиниката треба да се толкуваат како податоци за евидентирани случаи во медицинската документација и тие сами по себе не мора да покажуваат дека насилството во општеството се зголемило. Промената може да биде поврзана и со подобро препознавање, документирање или упатување на пациентите или со поголема ажурност на институциите кога станува збор за случаите поврзани со семејно насилство.

Анализираната медицинска документација покажува дека психолошките потешкотии поврзани со семејно или интимно-партнерско насилство, во вид на акутен одговор на стрес ,пострауматско растројство или потешкотии во адаптација се евидентирани кај пациенти од различни возрасни групи. Просечната возраст во анализата е 40 години. Евидентирани се 19 пациенти помлади од 18 години и 29 пациенти на возраст од 60 години или повеќе. Во однос на полот, три пати повеќе се застапени жените.

Податоците од Клиниката за психијатрија се надоврзуваат на пошироката слика во државата. Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, пријавите за семејно насилство се зголемиле од 4.421 во 2022 година на 5.436 во 2025 година, што е раст од 23 проценти.

Во 2025 година, во категориите на МВР најчесто како жртви биле евидентирани сопруги – 1.438, родители – 1.000 и поранешни брачни партнери – 708. Во истиот период биле регистрирани 1.195 кривични дела поврзани со семејно насилство, наспроти 1.117 во 2022 година..

Во предавањето беше нагласена потребата здравствените професионалци да поставуваат прашања за безбедноста на пациентите, обезбедувајќи сигурен простор, систематски да ги документираат видот и траењето на насилството и да ги следат протоколите за вклучување на сите надлежни институции. Препознавањето на насилството е важно за соодветна психијатриска поддршка, процена на ризикот и поврзување на пациентите со потребната заштита.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер