Кумановци, тетовци и прилепчани од денеска задолжително со маска, марама или шал

Во Прилеп, Куманово и Тетово од денеска е задолжително носење маска, марама, шал или било што за да се покријат устата и носот. 

Целта за тоа, според донесената владина мерка, е да се создадат услови за повеќе движење, а притоа да се гарантира заштитата.

– Од 22 април (среда), се воведува мерка за забрана за движење на населението на подрачјата на општините Куманово, Тетово и Прилеп, без носење на соодветна заштитна опрема (маска, шал, марама и сл.) надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници или сл, соопштија од Владата.

Властите препорачуваат граѓаните да го редуцираат излегувањето од своите домови, и тоа само од најнеопходни причини, заради одење на работа, како и излегување од својот дом на само еден член од семејството заради купување намирници и лекови од маркетите и аптеките.

– Се зајакнуваат меките за да не мора да се заоструваат рестриктивните. Во тек се подготовки за олабавување на рестрикциите. Тоа нема да се случи преку ноќ. За да може да се обезбеди олабавување, мораме претходно сите заедно да си ја обезбедиме заштитата – маска/марама, два метра дистанца, негрупирање. Целта не е да се казнува, туку да се обезбеди што е можно пошироко почитување на мерките, од сите, велат од Владата.

Министерството за правда треба законски да ги уреди казните за граѓаните кои нема да ги почитуваат мерките. Со уредбата со законска сила правно се нормира начинот, изрекувањето и висината на мандатните казни кон сите физички и правни лица кои нема да ги почитуваат одлуките, што се однесуваат на групирање на јавни места и површини на повеќе од две лица, за непочитување на минимум потребното растојание од два метра и неносење заштитна опрема.

Најпрво ќе се даваат само опомени, дури потоа казни. Ако дојде до изрекување казна, полицијата ќе има обврска да има фотографија со која ќе ја оправда мандатната казна.

Во врска со олабавувањето на рестрикциите на територија на цела држава, тоа ќе се одвива во неколку фази. Се прават планови за да се намали времетраењето на полицискиот час, но со задолжителна обврска за носење маски/марами, а остануваат и мерките за забрана на групирања и задолжителна дистанца од два метра. /МИА

Цел град во мрак: Невреме го покоси Хјустон, најмалку четворица загинати

Четири лица загинаа во силно невреме во градот Хјустон во американската сојузна држава Тексас.

Две лица загинаа кога врз нив паднаа дрвја, кои беа соборени од ветрот, кој за време на невремето достигна брзина и до 160 километри на час, пренесува АП.

Без струја останаа околу 870.000 потрошувачи. Невремето собори дрвја и искрши прозорци на високи згради, а локалните власти ги повикаа жителите да останат внатре.

Голем дел од центарот на Хјустон и неговата комерцијална област беа покриени со урнати далноводи и стакло од скршените прозорци по невремето, а сообраќајот и уличните светла беа исклучени низ градот, рече градоначалникот Џон Витмајер во интервју за локалната телевизија.

Зборувајќи од центарот за итни операции во градот, Витмајер рече дека невремето го погодило Хјустон, на брегот на Персискиот залив во југоисточната американска држава Тексас и најнаселен урбан центар во државата, со ветрови од 129-161 километар на час.

Анкети во Грција: Предност на Нова демократија во пресрет на европските избори

Споредбено со европските избори во 2019 година, кога, Нова демократија победи со 33 отсто, СИРИЗА беше втора со 23,7 проценти, а ПАСОК освои 7,7 отсто, сега, првите две партии се со намален рејтинг, додека третата партија е во подобра позиција.

Меѓу 25 и 26,5 отсто е рејтингот на грчката владејачка партија Нова демократија во пресрет на европските избори на 9 јуни и е стабилна на првата позиција, со предност од 13 до 15 проценти пред опозициската СИРИЗА, според истражувањата на јавното мислење во Грција, спроведени од агенциите „MRB“ и „Pulse“ за грчките телевизии „Опен“ и „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.

Споредбено со европските избори во 2019 година, кога, Нова демократија победи со 33 отсто, СИРИЗА беше втора со 23,7 проценти, а ПАСОК освои 7,7 отсто, сега, првите две партии се со намален рејтинг, додека третата партија е во подобра позиција.

На прашањето дали ќе гласаат на евроизборите, 74 отсто од анкетираните на едната и 83,5 проценти од другата анкета одговориле позитивно.

Анкетата на „Pulse“ за „Скај“ била спроведена помеѓу 13 и 15 мај 2024 година со учество на 1.104 гласачи, додека пак истражувањето на „MRB“ за „Опен“ од 10 до 14 мај со анкетирани 1.100 лица.

Полската армија нуди летни кампови како алтернативна сезонска работа

 Војската на Полска ја проширува доброволната програма за воена обука за граѓаните и воведува летни кампови, со цел да регрутира војници со скратено работно време во неизвесните времиња по руската инвазија врз Украина.

- Првпат летово стартува програмата наречена „Одмор со армијата“, соопшти полското Министерство за одбрана.

Мажите и жените на возраст од 18 до 35 години, кои имаат полско државјанство можат да се пријават за 27 дена основна воена обука во една од 70-те воени бази, за што ќе добијат плата од 1.520 долари.

- Понудата првенствено е наменета за матуранти, но и за студенти и лица кои бараат работа за време на празниците. Воениот рок може да стане алтернатива на сезонската работа, се наведува во соопштението.

Обуката ќе се состои од гаѓање, ориентација на терен, блиска борба, ракување со радиоопрема и воени возила.

Граѓаните кои ќе ја завршат програмата можат да одлучат дали ќе станат професионални или резервни војници или членови на волонтерски единици за национална безбедност.

Понудата е дел од проширувањето на еднодневните цивилни курсеви кои се организираат од 2022 година под името „Тренирај со армијата“ и се многу популарни.

притисни ентер