Кумановци до крај на годината ќе ја користат мерката бесплатен превоз - Канал 5

Кумановци до крај на годината ќе ја користат мерката бесплатен превоз

 Кумановци ќе се возат бесплатно до крајот на годинава, одлучија советниците на последната седница. Мерката субвенциониран превоз кој опфаќа 26 линии ќе продолжи до крајот на декември 2025 година.

Кумановци до крај на годината ќе ја користат мерката бесплатен превоз

-Методологија за пресметка е 50 денари по изминат километар, секоја линија има возен ред, има број на поаѓања, секоја линија има утврдено точна километража така што прецизно е пресметано по број на поаѓање, односно утврдениот возен ред којшто го потпишува градоначалникот. Кога ќе се помножат изминати километри по релација и по број на поаѓање се доаѓа до цифра од 6,5 милиони денари за месец декември како и 650.000 мислам за овој меѓуопштински превоз помеѓу Куманово и Старо Нагоричане, рече раководителката на секторот за комунални дејности, Лидија Ланг Спасовска.

Одлуката беше изгласана со мнозинство советници. Опозицијата смета дека мерката е прескапа, во интерес на само дел од кумановци, предлагајќи мерките да важат за учениците и ранливите категории граѓани. Дел од советниците побараа и формирање на јавно претпријатие, некои и набавка на електрични автобуси. Надлежните потврдија дека општината аплицирала на повик на Владата за набавка на 25 електрични автобуси, што би требало да донесе долгорочно решение за јавниот превоз и да го намали товарот врз буџетот.

Од Општина Куманово потенцираат дека субвенционираниот превоз е социјална и еколошка мерка која има повеќекратни позитивни ефекти. Со мерката како што укажуваат се намалуваат трошоците во семејните буџети, се редуцира сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и има придонес кон намалување на аерозагадувањето. Дополнително се наведува дека мерката најмногу им користи на жителите од приградските населби, кои во спротивно би имале значителен трошок за дневно патување. И граѓаните имаат различни коментари, додека едните ја поддржуваат, други реагираат дека има пренатрупаност на одредени линии, недоволна фреквенција на автобуси, злоупотреба од страна на поединци кои се возат без реална потреба, незадоволство кај ученици и работници поради недоволниот капацитет во одредени термини.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Гответе со Дракче“ - Копанчиња со компири

Во понеделник (16.11.2026) во емисијата гостин ни бeше Никола Станишиќ.

„Гответе со Дракче“ - Копанчиња со компири

Состојки за денешниот рецепт:

400 гр. копанчиња

4 компири

2 моркова

1 главица кромид

масло

сол и др. зачини по избор

Погледнете како се подготвува овој рецепт:

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Роденденски концерт на Филхармонија со британската трубачка Матилда Лојд

Македонската филхармонија в четврток, со почеток во 20 часот ќе го одржи својот роденденски  концерт, со кој ќе одбележи 82 години од формирањето.

Роденденски концерт на Филхармонија со британската трубачка Матилда Лојд

Концертот е насловен „Заратустра“, а како солистка ќе настапи британската трубачка Матилда Лојд. Диригент е маестро Конрад ван Алфен, а на програмата се Концерт за труба и оркестар во Ас-дур од Александар Арутјуњан и тонската поема „Така зборуваше Заратустра“, оп. 30.

Во 2026 година, Матилда Лојд стана првата трубачка која ја добила наградата за млад уметник на Кралското филхармониско друштво (Royal Philharmonic Society Young Artist Award). Признанието ѝ беше доделено за нејзината блескава музикалност, позитивната енергија што ја зрачи во сè што работи, како и за нејзината посветеност да ги инспирира младите да се занимаваат со музика. Списанието BBC Music Magazine ја опиша како „трубачка од исклучителен формат“. Со своето впечатливо присуство на современата класична музичка сцена, таа ја освојуваја публиката со беспрекорниот тон и виртуозното владеење со трубата, а истовремено придонесува и во создавањето на новите генерации класични музичари преку својата педагошка дејност како професорка по труба во Лондон. Сезоната 2026/27 за Матилда го носи нејзиниот деби-настап во Канада, каде што ќе го изведе Концертот за труба од Џон Вилијамс со Оркестарот „Метрополитен“ и диригентката Стефани Чајлдрес во Монтреал. Следуваат и концертни настапи со Симфонискиот оркестар на Лахти и диригентката Барбара Драган во Финска, со Симфонискиот оркестар на градот Бирмингем под диригентство на Казуки Јамада, како и со оркестрите Hallé и Royal Northern Sinfonia во Обединетото Кралство, под диригентство на Кристијан Салинен. Во октомври Матилда подготвува динамична програма што се протега од Хиндемит до Гершвин, која ќе ја изведе со ансамблот Ensemble 360 во рамките на концертната серија Music in the Round во Шефилд. Во пролетта следува турнеја низ Италија и Холандија со барокна програма, заедно со ансамблот Concerto di Cavalieri. Нејзините камерни музички соработки повторно ќе ја одведат во Вигмор Хол во Лондон и во Бриџвотер Хол во Манчестер, каде што ќе настапи со квартетот Goldmund. Во мај 2027 година Матилда ќе реализира турнеја во Холандија со ансамблот The Gesualdo Six. На програмата ќе биде музика од нивниот албум „Radiant Dawn“, објавен за издавачката куќа Hyperion во август 2025 година, кој во критиката на BBC Music Magazine беше оценет со пет ѕвезди и опишан како „инвентивен“. Во 2027 година Матилда ќе го има и својот деби-настап на фестивалот Kissinger Sommer, откако во 2026 година за првпат настапи на фестивалите Schleswig-Holstein, Zagreb Classic и Bregenz Summer Festival. Меѓу значајните моменти од сезоната 2025/26 се издвојува и нејзината прва турнеја во Азија, со настапи со Корејскиот национален симфониски оркестар под диригентство на Лоренс Ренес, како и изведбите на Концертот за труба „night-sky-blue“ од Хелен Грајм на фестивалот Gaida во Вилнус и со Националниот оркестар на Би-би-си на Велс. Во мај 2027 година Chandos Records ќе го објави нејзиниот следен проект – снимка на Концертот бр. 1 за пијано, труба и гудачки инструменти од Дмитриј Шостакович, со пијанистот Федерико Коли, диригентот Дима Слободениук и Бергенската филхармонија. Нејзината високо ценета дискографија за Chandos ја одразува нејзината смела уметничка визија и широкиот репертоарски опсег. Меѓу изданијата се издвојува нејзината „впечатлива нова интерпретација“ на Концертот за труба од Мечислав Вајнберг, објавена на албумот „Resonance“ со Лондонскиот симфониски оркестар во 2024 година, за која Gramophone Magazine даде особено позитивна оценка. На албумот „Casta Diva“, снимен со Britten Sinfonia во 2023 година, Матилда интерпретира италијански оперски арии. Нејзиното издание „Fantasia“ за труба и орган, објавено во септември 2025 година, ги поврзува новите транскрипции на барокна музика од Бах, Кребс и Мартини со четири нови дела нарачани од водечки британски композитори. Посветеноста на Матилда кон современата музика се огледа и во создавањето на нови концерти за труба, меѓу кои „LUCK“ од Робин Хејг, нарачан во рамките на заедничка иницијатива на фестивалот Алдебург и оркестарот Ulster Orchestra во 2024 година. Во моментов се работи и на уште два нови концерта за труба. Матилда е исклучително посветена на развојот и охрабрувањето на новата генерација музичари, како и на создавањето заедница во која музиката се доживува како простор за самоизразување, заедништво и радост. Покрај настапите ширум светот, таа одржува мајсторски курсеви на водечки музички конзерваториуми и универзитети, ги менторира младите британски дувачки музичари преку програмата Future Talent и, како амбасадорка на хуманитарната организација Brass for Africa, ја поддржува употребата на музиката како средство за општествена промена во Кампала, Уганда. Покрај техничката извонредност, Матилда подеднакво внимание посветува на менторството и педагошката работа, особено во своите улоги како професорка по труба на Trinity Laban Conservatoire во Лондон и како раководителка на одделот за труба во програмата OAcademy Global Artist Diploma, наменета за млади професионални музичари во развој. Матилда дипломирала на Trinity College, Кембриџ, и на Кралската академија за музика, а потоа се усовршувала кај Хокан Харденбергер на Академијата за музика во Малме. Во 2014 година ја освоила првата награда во дувачката категорија на натпреварот BBC Young Musician, а две години подоцна го имала својот солистички дебитантски настап на BBC Proms, со диригентот Алпеш Чаухан и Филхармонискиот оркестар на Би-би-си. Матилда е добитничка на повеќе награди на меѓународни натпревари, меѓу кои и првата награда на Меѓународниот натпревар за труба „Ерик Обије“ во Руан, Франција, во 2017 година. Во сезоната 2024/25, Матилда беше номинирана од Barbican и Konserthuset Stockholm за престижната титула ECHO Rising Star. Во рамките на оваа програма одржа 18 концерти на најзначајните европски концертни сцени, меѓу кои Concertgebouw во Амстердам, Wiener Musikverein во Виена и Elbphilharmonie во Хамбург. Во 2026 година Матилда беше одликувана со титулата Associate of the Royal Academy of Music (ARAM), како признание за нејзиниот значаен придонес кон музичката професија. Денес Матилда живее и работи во Берлин и е Yamaha Artist.

Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интенационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Бројни солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Низ изминатите години неговите соработки со Рускиот нацинален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден во 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање под раководство на Ери Клас и Роберо Бензи.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Пациент запалил болнички кревет во Берлин: 15 лица се повредени, наредена итна евакуација

Полицијата истражува случај на можен подметнување пожар, откако во неделата навечер, во болница во Берлин, еден пациент наводно го запалил својот кревет. Во инцидентот се повредени петнаесет лица.

Пациент запалил болнички кревет во Берлин: 15 лица се повредени, наредена итна евакуација

Според истражителите, пациентот го запалил креветот во соба на првиот кат од болничката зграда, која се наоѓа во берлинската населба Лихтенберг (Источен Берлин), изјави портпарол на полицијата.

Пожарникарите успеале да го изгаснат пожарот, но чадот се проширил и во други делови од зградата, поради што била неопходна евакуација на еден дел од болницата.

Тринаесет лица се здобиле со полесни повреди.

Една медицинска сестра и пациентот, кој е осомничен за предизвикување на пожарот, добиле медицинска помош поради вдишување чад. Медицинската сестра е пуштена дома по укажаната амбулантска помош, додека пациентот останува хоспитализиран.

Полицијата започна истрага за да ги утврди сите околности поврзани со пожарот.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер