Ковид-19 предизвика масовна посетеност на Тиквешкото Езеро - Канал 5

Ковид-19 предизвика масовна посетеност на Тиквешкото Езеро

Пандемијата на Ковид-19 предизвика голем број домашни туристи да останат во земјава.

Ковид-19 предизвика масовна посетеност на Тиквешкото Езеро

Масовно е посетено Тиквешко Езеро, од кавадарчани како локални жители, но и од посетители од целата држава. Крсте Соколов, раководител на Одделение за угостителство и туризам при Општина Кавадарци за МИА потврди дека зголемен е и интересот на сопствениците на сместувачки капацитети покрај езерото, да ги издаваат на туристи.

-Претходно имало интерес за езерото, но луѓето едноставно не знаеле што можат таму да очекуваат. Полошкиот манастир оваа година можеби добива експанзија на интерес. Во историјата на Кавадарци, не се случило да има толку многу домашни посетители. Во суштина, ако беше се нормално, немаше да има толку голем интерес за Тиквешко Езеро. Тој процес на вистинско откривање на езерските убавини ќе одеше многу години. Сега тој процес се забрза. Впрочем, целата оваа ситуација со вирусот, придонесе да се истражи не само Тиквешко, туку и останатите богатства во нашата земја, нагласи Соколов.

А крај езерото, од речиси дрвени шупи, преку вили, дворци, до цели хациенди и своевидни сараи.

Цените за сместување зависат од понудата и побарувачката, условите што се нудат. Тие се движат од 500 денари за кревет дневно, без јадење, до 4.000 денари. Двокреветна соба може да се изнајми по цена од 3.000 денари за ден.

-Претпоставувам дека догодина уште повеќе ќе одат работите во позитивна насока. Затоа што љубителите на природата веќе го знаат Тиквешко и сакаат повторно и повторно да дојдат. Тие што доаѓаат кај нас најмногу се интересираат за сместување и се распрашуваат околу тоа што се можат да видат во Кавадарци и околината. Можам да кажам дека туризмот е гранка која на овој простор од скоро започна да се развива, пред тоа не се обрнувало толку внимание на овој сектор. Годинава првпат почнаа да се регистрираат мали семејни винарии, што е, исто така, позитивна работа. Веќе е регистриран интерес за нивна посета и дегустација на вина. Со оглед на ситуацијата со вирусот, тој интерес се зголемува. Винскиот туризам станува се поинтересен за македонските туристи, додаде Соколов.

Тиквешкото Езеро е атрактивно и за спортските риболовци кои доаѓаат од разни краеви на државата. Езерото нуди богат фонд на риба. Ако се движите по езерото со чамец, имате можност да набљудувате повеќе видови ендемски видови птици.

-Преку интернет 3Д презентација, Кавадарци му ги нуди на светот своите убавини. Природни, културни, историски. Се подготвува веб-страница за туризам, „Посети го Кавадарци". Во изработка е мобилна апликација и со еден клик, туристот ќе може да се информира за сместувачки капацитети, настани и манифестации, други интересни содржини кои треба да го заинтересираат, од мноштвото туристички дестинации на туристичката мапа, да се избере токму Кавадаречко како регион, познат по квалитетни вина и езерска риба. Со виртуелна прошетка и ставање на дланка на сите богатства, полека, но сигурно одиме кон врвот на листата на македонски општини, во однос на промоција на потенцијалите за туризам кои ги нудат, дециден беше мојот соговорник.

И покрај сево ова, Соколов кажа дека се уште постојат одредени нејаснотии кај посетителите од земјава, кога е во прашање функцијата на туристичкото информативно биро, смесетно на кавадаречкиот градски плоштад. Тоа постои околу две години.

-Туристичките информативни бироа се реткост во државата. Странците ја знаат нивната улога и со самото влегување во градот, автоматски доаѓаат кај нас и се интересираат околу тоа што можат да посетат и да видат, да доживеат. Значи прво кај нас, па во обиколка. За жал, се уште има многу домашни посетители кои не ја разбираат суштината на овие бироа. Тие се однесуваат обратно. Прво сами се шетаат низ регионот, па доаѓаат во градот кафе да пијат и кај нас да се информираат. А има и такви кои се чудат кога слушаат дека ете постои и такво биро. Преку непосреден контакт, им помагаме на луѓето да стигнат побрзо и поквалитетно до саканата дестинација, без да лутаат, појасни Соколов.

Тој кажа исто така дека се бара кревет повеќе во приватни објекти. Тоа го зголемило интересот за нивна категоризација, со цел во иднина да се најдат на туристичката мапа на Кавадарци. Организирани биле и тури за посета на Тиквешко, од страна на туристички агенции.

Ги напуштаат градовите и се населуваат крај Тиквешко

При мојата прошетка низ Тиквешко Езеро, сретнав повеќе луѓе од разни краеви, кои привлечени од мирниот живот и природата околу езерото, решиле да станат постојани жители тука. За разлика од многумина кои копнеат по живот во главниот град, има и скопјани кои го го напуштиле бетонот и асфалтот на метрополата и живеат на Тиквешкото Езеро.

-Езерото го открив како рибар. Рибари сме сите. Јас, жената, децата. Ми се допадна и затоа изградив куќа тука. На синовите им го оставив бизнисот и се закотвив крај езерото. Сакам во иднина годините колку и да се, тука да ги поминам. Тука е рај. Си имаме градина која ја обработуваме. Не ни е жал за Скопје и кога треба да се оди како сега по документи, се убедуваме со жената кој да оди. Ние постарите одлучивме да живееме овде, а помладите да доаѓаат повремено. Така ќе бидеме и помили оти станува збор за разлика во генерации, па добро е да ги оставиме малку на мира. Што да кажам, во Скопје одам само за слави, свадби. Езерото е прекрасно не само за рибари, туку и за сите вљубеници во природата. Си одиме на кафе со соседите, мора да се дружиме, кога веќе сме тука постојано. Не сме близу, ама како за на езеро, близу сме. Со чамец си одиме на кафе. И се додека е така, се додека се оди само со чамец до најголемиот дел од викендичките, ќе биде атрактивно. Ќе се изгуби магијата ако направат пат околу езерото, ми рече еден од нив.

Тој кажа дека неговата викендичка е на 15 минути пловење со чамец од Полошкиот манастир. Околу еден час и 25 минути плови со својот чамец од приодот до езерото до таму. Купил нов мотор со повеќе „коњи", па ќе му биде полесно.

Ми потврди дека рибарите се фалат со своите приказни, но и дека тиквешките сомови понекогаш може и да ги исплашат риболовците оти, како што рече, може да бидат и многу големи. Тој ги вика тиквешки ајкули. Тие се заштитен знак на езерото.

Снимени 118 птичји песни

Природната ризница на земјава во минатото се промовираше само од уста на уста, иако луѓето што го знаат птичјиот јазик сонуваат за добро развиена туристичка понуда. Нашата држава има и до десетпати побогата понуда за орнитолошки туризам од соседните земји, но треба да го промовира тоа свое природно богатство и да обезбеди услови за привлекување туристи чија пасија е набљудувањето на птиците.

Ова ми го кажа претседателот на Фондот за заштита на дивата флора и фауна со седиште во Кавадарци, Томе Лисичанец, додека со група љубители на природата пловевме по езерото. Но, иако недоволно промовирана во изминатиот период, македонската природна ризница не останала незабележана. Вљубениците во птиците ја откриле нашата земја како царство на орнитолошкиот свет. Доаѓале, престојувале и по неколку дена овде. Задоволни од тоа што го виделе, им раскажувале на свои блиски, па и тие доаѓале. Лисичанец се согласува дека индиректната реклама од уста на уста е најдобра.

Пензионираниот професор кој има 85 години, вели дека не му е тешко да им биде своевиден туристички водич на авантуристите.

– За тешко не ми е, оти ми се чини дека сега го доживувам она што целиот живот го посакував. Џипови, глисери, телескопи двогледи, фотоапарати. Придружен со луѓе кои на сличен начин ја доживуваат природата. Да се кампува во шатори некаде далеку во дивината. Како на „Дискавери". Една мудра мисла вели, најдете си професија што ја сакате и цел живот ќе уживате. Работата нема да ви претставува напор, рече Лисичанец.

Раскажа дека странци утврдиле и снимиле 118 песни на птици-пејачки крај Тиквешко Езеро, 180 видови птици. Недопрена природа. Лисичанец сонува орнитолошкиот туризам на македонско тло еден ден да стане стварност. Да се вработат луѓе кои ќе ја познаваат природата и територијата и да чувствуваат каде да го однесат гостинот, во зависност од неговиот интерес. Да имаат нерв за туризам. Да изникнат комплекси како во соседството, со сместувачки капацитети и предавални во кои се проектираат филмови. Да се организира настава во природа за ученици и студенти. Тоа е големо доживување за оние кои живеат во големи градови и кои освен згради и асфалт не виделе ништо друго, нагласи овој пријател на птиците, кој децении од животот, заедно со своето семејство, им посвети на ретките птици грабливки.

Трагаат по сомови џинови

Тиквешкото Езеро, до пред неколку години најголемо акумулационо езеро во државата, отсекогаш било најмистичното езерско пространство во државата. Ако некогаш мистеријата ја правеа вистината за удавените сватови кои оделе по невеста преку езерската шир и кажувањата за големи мистериозни дупки на дното од езерото, настанати откако поранешните долишта се наполниле со вода од вештачката акумулација, денес вниманието на авантуристите го привлекуваат сознанијата за присуство на сомови и до 300 килограми, долги и над два метри во езерото. Во потрага по таа вистина, одлучив да ги „поминам" триесетте километри од должината на „Тиквешко" со глисер.

– Нуркачи кажуваат дека навистина во езерото има сомови капиталци. Јас сум спортски риболовец и не верувам дека со трска би можел да фатам сом од 300 килограми, ама би сакал да уловам барем еден од педесетина килограми. Нормално дека очекувам еден таков улов, нема човек што не сака да улови што поголема риба, ни рече еден од рибарите.

Според концесионерот Аце Митев од „Селекта", стручни екипи кои со посебна апаратура го набљудувале животинскиот свет во езерото, потврдиле дека во него навистина има и сомови, своевидни џинови. На некои места буквално вриело од сомови.

– Со трска обичен рибар може да улови до педесетина килограми. Потежок сом може да се фати само со струк ама за тоа треба да се има посебна дозвола за стопански риболов. Но, греота е, а и не е дозволено во комерцијални цели да се ловат сомови капиталци. Оти тие даваат огромен број на подмладок и најдобро е ако се фати, да се фотографира и повторно да се пушти во езерото, објасни Митев.

Најголемите сомови живеат на местото каде што реката Црна се влева во езерото, но и на другиот крај, кај браната на хидроцентралата „Тиквеш". На длабочина до стотина метри. Но, за да се уловат, било потребна посебна опрема. На Тиквешко рибарат и жени и тоа некогаш подобро дури и од мажите. Една жена вели дека и е криво што за некои луѓе Тиквешко се уште важи само како диво место каде што има само пусти карпи и змии и дека таму не е убаво ами опасно. Дека е тука дивиот Запад.

– На сите им порачуваме да дојдат и да видат колку е тука убаво. Преубаво е овде, прекрасна убавина. Згора на тоа ние веруваме дека оваа вода овде е лековита, има висок процент на јод, богата е со алги и лечи рани. Водата снижува притисок и шеќер, лечи синуси, вели таа.

Наспроти нивната викендичка е една од најголемите атракции на езерото која човек не смее да не ја види ако оди на Тиквешко. Имено, самата карпа е во форма на легната девојка. Убаво се разликуваат главата, носот, градате, стомакот на девојката. Глетката е прекрасна. Како впрочем и езерската вода, карпите во кои гнездат ретки птици грабливки, романтичните колиби на брегот, луксузните вили со базени. На Тиквешко има над две илјади викендички. Во нив викендуваат, но и постојано живеат, луѓе не само тиквешани, ами и од други региони на земјава. Дел од нив се пофалија дека имаат септички јами и дека не ги исфрлаат фекалиите во езерото. Со чамец си одат на кафе. Сите имаат градини посадени со здрава храна./МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Утре променливо облачно со сончеви периоди

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди.

Утре променливо облачно со сончеви периоди

По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 15 степени.

Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 14 степени.

До сабота времето ќе биде релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во недела поради продор на постудена воздушна маса од север ќе има заладување и стабилизирање на времето. Ќе дува слаб до умерен, а во петок повремено засилен до силен ветер од јужен правец.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

За шест часа контролирани 870 возила – утврдени 73 неправилности кај возилата и 186 прекршоци кај возачите

За сите констатирани неправилности и прекршоци преземени се соодветни мерки согласно законските прописи.

За шест часа контролирани 870 возила – утврдени 73 неправилности кај возилата и 186 прекршоци кај возачите

На 06.11.2026 година, во периодот од 14:00 до 20:00 часот, на територијата на целата држава, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе општа акциска контрола на возачи и возила, насочена кон зголемување на безбедноста во сообраќајот и откривање на неправилности и прекршоци.

Во рамки на контролата биле контролирани вкупно 870 возила, при што констатирани се 73 неправилности во однос на возилата. Од нив, 48 возила биле упатени на технички преглед, при што кај 37 е утврдена техничка неисправност.

Во однос на возачите, констатирани се 186 прекршоци, од кои најголем дел се однесуваат на користење мобилен телефон при управување со возило, некористење сигурносен појас, непрописно паркирање и други прекршоци.

Дополнително, евидентирани се и три случаи на кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик, како и 137 прекршоци од друг вид.

За сите констатирани неправилности и прекршоци преземени се соодветни мерки согласно законските прописи.

Министерството за внатрешни работи продолжува со спроведување на сообраќајни контроли и апелира до возачите редовно да ја проверуваат техничката исправност на возилата, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да придонесат за побезбеден сообраќај.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Учество на претседателката Сиљановска-Давкова на 9. Париски мировен форум

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во работна посета на Француската Република, по повод учеството на деветтото издание на Парискиот мировен форум.

Учество на претседателката Сиљановска-Давкова на 9. Париски мировен форум

Сиљановска-Давкова утре, 10 ноември 2026 година, вторник, ќе присуствува на отворањето на форумот којшто годинава се одржува под наслов „Здружување на силите за она што е најважно“.

Таа ќе се обрати на панел-дискусијата „Одбрана на линијата: Суверенитет во ера на хибридни закани“, а ќе биде дел и од свечената вечера, којашто во чест на шефовите на држави и влади – учесници на Парискиот мировен форум, ќе ја приреди претседателот на Француската Република, Емануел Макрон.

Парискиот мировен форум, основан во 2018 година, e меѓународна платформа за унапредување на глобалното управување, мирот и мултилатералната соработка.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер