Ковачевски: Техничката влада е дефинирана со закон

Секое импровизирање може да фрли дамка врз целиот изборен процес, вели Ковачевски.

Техничката влада е дефинирана согласно закон и точно се знае кој предлага министри. Законска обврска е и најголемата опозициска партија, ВМРО - ДПМНЕ да предложи министри и заменици во предвидените министерства, во спротивно, тоа ќе стави дамка на целиот изборен процес, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски.

По презентацијата на нова апаратура за генетско испитување при МАНУ, прашан за можноста во техничката влада да има министри и од албанската опозиција, Ковачевски нагласи дека согласно законот точно се знае кои министерства ќе ги предводи парламентарното мнозинство, а кои од најголемата опозициска партија.

Тоа, како што нагласи, значи дека од партијата ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат министри во Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, а власта да предложи дополнително заменици министри во овие министерства.

- Од ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат дополнителен заменик-министер во Министерството за финансии, во Министерството за земјоделство и во Министерството за информатичко општество и администрација. Ова се работи коишто се дефинирани согласно со закон, подвлече Ковачевски.

Во однос на тоа дали ВМРО - ДПМНЕ ќе предложи министри и заменици за техничката влада, тој повтори дека тоа е законска обврска исто како што е законска обврска и претседателот на Владата да поднесе оставка 100 дена пред одржување на изборите.

- Тоа е законска обврска, како што е законска обврска на 100 дена пред одржување на изборите претседателот на Владата да поднесе оставка. Јас ќе ја исполнам мојата законска обврска исто како што и другите претседатели на влада пред тоа ја исполниле својата законска обврска, и како што другите политички партии пред тоа ја исполниле својата законска обврска. Сметам дека не постои причина во овој случај ВМРО-ДПМНЕ да не ја исполни својата законска обврска, бидејќи тоа предлагање произлегува од Закон за Влада и од Закон за избори, изјави Ковачевски.

Доколку опозициската ВМРО - ДПМНЕ не учестува во техничката влада, според него, тоа става само една дамка на целиот изборен процес.

- Ние од 2016 година наваму имаме изборни процеси коишто се од сите оценети како исклучително демократски и од ОБСЕ/ОДИХР и од меѓународните партнери, од меѓународните организации, така што сметам дека не постои никаква пречка или причина тоа да не биде направено и Северна Македонија на 24 април и на 8 мај да има демократски избори на коишто граѓаните ќе ја изразат својата демократска волја, додаде претседателот на Владата.

Секое импровизирање кога се реализираат законски одредби, нагласи, може да фрла дамка врз целиот процес . Сепак, се работи за влада која што треба технички да ги подготви изборите во 100 дена.

Премиерот Ковачевски посочи и дека има координација со коалициските партнери, но и дека со сите останати политички партии во Собранието, како што рече, имале успешна лидерска средба на која со најширок консензус било договорено дека ќе има избори на 24 април и на 8 мај.

-Ден пред одржување на седницата на Претседателството на ДУИ јас имав интервју за МРТВ во кое што кажав дека не сме разговарале, меѓутоа тоа не значи дека после моето интервју не сме разговарале и дента пред да се одржи седницата на претседателството на ДУИ. Што значи дека - да, јас со коалициските партнери имам координација исто како што имавме координација со сите останати политички партии во Собранието и имавме успешна лидерска средба на која што можевте да видите дека со најширок можен консензус беше договорено дека ќе имаме избори на 24 април и на 8 мај, дека Изборниот законик, координаторите на пратеничките групи ќе го поднесат во Собранието во којшто се имплементирани забелешките на ОБСЕ/ОДИХР и дека воопшто не стана збор за укинување на техничката влада со оглед на тоа дека се работи за многу краток период пред изборите и доколку за такво нешто се разговара ќе треба да се разговара за некои наредни избори, истакна Ковачевски.

„ВРЕДИ“ славеше победа на тетовскиот плоштад - за ДУИ Европскиот фронт е втора сила во државата

За разлика од првиот круг кога интегративците славеа пред седиштето коалицијата Вреди на плоштадот Скендербег во Скопје, синоќа останаа само празните барикади, полициското обезбедување и медиумските екипи.

Здружената албанската опозиција Вреди одржаа една прес конференција во скопското седиште. Ги обвинија од ДУИ за бојкот на изборите и им порачаа дека следи политичка ротација.

-Од утре Македонија ќе се подготвува за политичка ротација. Новата влада ќе ја одразува волјата на мнозинството албански гласачи,- изјави – Изет Меџити – Коалиција Вреди.

Потоа со зурли, тапани, факели и огномети се славеше на плоштадот во Тетово откако претходно ги преплавија улиците во центарот на градот. Велат дека иако очекувале да имаат помалку гласови, разликата со ДУИ според нив е минимална и тоа го сметаат за победа и можност да бидат дел од идната Влада.

-Од утре почнуваат преговори за нова влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди, кажа претседателот на БЕСА, дел од коалицијата Вреди. Анализата што ја имаме, најверојатно ќе бидеме подеднакво со коалицијата на ДУИ. Разликата во гласови нема да надмине 10.000 гласови,- изјави – Билал Касами – Коалиција Вреди.

Арбен Таравари на прославата дојде со лек „ефридол“ како своевидна реплика на неодамнешните провокации на Артан Груби кој пред стартот на изборната кампања истиот лек ѝ го препорача на албанската опозиција.

-Реков дека сум доктор и дека на крај ги давам лековите! 2 пати на ден после леб. Промените доаѓаат!

....напиша Таравари со фотографијата која ја објави на социјалните мрежи.

ДУИ, пак, славеше во партиското седиште во Мала Речица. Откако веќе стана извесен изборниот резултат, прес конференција одржа партискиот лидер Али Ахмети. Прашан дали со победата на ВМРО-ДПМНЕ значи дека ДУИ оди во опозиција и каква опозиција ќе биде, Ахмети не одговори прецизно и рече дека на државата и треба стабилност.

-Легитимитетот ни го дадоа граѓаните, мнозинството Албанци и малите заедници како Турците, Бошњаците и Ромите, на кои им се заблагодарувам. Ова е првиот чекор кон долгите етапи на Фронтот за Европа до полноправно членство во ЕУ. Мислам дека не ме разбравте кога реков дека на државата и треба стабилност и иднина,- изјави – Али Ахмети – Претседател на ДУИ.

Ахмети во обраќањето не го спомена ставот на Бујар Османи, кој пред една недела рече дека освен мнозинство од 61 пратеник, за формирање влада неопходно било и бадентерово мнозинство.

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија според резулатите од ДИК освои 6 пратенички мандати

Движењето ЗНАМ, За наша Македонија вечерва испиша историја, истакна синоќа лидерот на партијата Максим Димитриевски на пресконференција од централниот штаб во Скопје каде заедно со членовите и симпатизерите ги дочекаа изборните резултати.

Потврдивме минимум пратеничка група, рече Димитриевски, заблагодарувајќи се граѓаните кои гласаа за Движењето ЗНАМ, кое според резулатите од ДИК освои 6 пратенички мандати со 55.539 гласови. Одговорајќи на новинарско прашање во однос на можните идни коалиции, посочи дека дополнително ќе ги разгледат опциите, но ќе бидат на располагање на која било идна власт кога се работи за државните и национални интереси.

„ Ние строго ќе се држиме до нашите црвени линии. Што се однесува до коалиции и идни соработки секогаш ќе бидеме на располагање на било која идна власт, кога се работи за државни и национални интереси, но дополнително партиското раководство ќе ги разгледа сите опции и можности за евентуалното партиципирање во власта или останување да работиме како констртуктивна опозиција.“-Максим Димитриевски – ЗНАМ.

Максим Димитриевски упати и честитки за победата и им посaка успешен мандат на ВМРО-ДПМНЕ и на Гордана Сиљановска Давкова, а воедно посочи дека овие избори ќе бидат дополнителна поука за сите остaнати политички субјекти.

За тоа дали ќе остане градоначалник на Куманово или размислува за трансфер во Владата, Димитриевски одговори дека нема никакви размислувања, но ќе остане доследен на ветувањата на кумановци.

Шесте пратенички места ЗНАМ ги освои од првата до петтата изборна единица, од кои двајца пратеници во втората изборна единица.

Членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ славеа до доцна во ноќта

Патриотски песни, знамиња, шалови, факели и чадори, синоќешниот дожд не ги поколеба симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ да се соберат на плоштадот Македонија.

Се славеше двојната победа до доцна во ноќта.

Присутни беа дел од симпатизерите, а поголема група пристигна заедно со раководството, по што се обрати и лидерот на партијата.

Граѓаните велат дека не се изненадени и очекувале ваков резултат.

Но сега, побитно е велат, да се остварат предизборните ветувања со цел земјата да се изведе на вистионскиот пат.

Славјето на плоштадот беше дополнително збогатена и со музичка програма која ја изведуваа дел од естрадните уметници.

На централната прослава на плоштадот и претходеше еуфорија и пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, каде ечеа зурли и тапани, а се лепеше и по некоја пара на музиката.

На целиот настан забележително беше и полициското присуство кое постојано преку радио врските се координираа за безбедноста. Се славеше и во останатите градови, претежно пред партиските штабови.

притисни ентер