Ковачевски: Нема ништо тајно во Договорот со „Бехтел и Енка“

Јавноста ќе биде запознаена за секој исплатен денар.

Изградбата на коридорите 8 и 10д е стратешки национален интерес за државата со кој ги поврзуваме градовите, ја поврзуваме нашата со околните земји и со светот со модерна патна инфраструктура и првпат се поврзуваме со запад и со исток што никогаш не било случено досега, бидејќи досега имавме поврзување само север-југ, со што само неколку фирми држеа монопол на транспортот и на Солунското пристаниште, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на собраниската седница за пратенички прашања.

Во одговор на прашањето од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски во однос на Договорот со „Бехтел и Енка“, околу последиците по државата доколку измените на Законот за експропријација не се донесат во предложената форма во Собранието, со кои по експропријацијата одземениот имот веднаш се доделува во владение на компанијата, премиерот истакна дека вакви одредби има и во сегашното законско решение, потенцирајќи ја при тоа важноста на овој проект.

- Од кружен тек на Балканот со изградбата на коридорите, Македонија конечно станува вистинска крстосница на Балканот, можност да биде сообраќајна и економска важна делница на картата на Европа. Овие инфраструктурни инвестиции се траен влог во создавање на наследство за идните генерации, потенцира Ковачевски.

Тој посочи дека економските придобивките од изградбата на овие коридори се 8000 нови работни места и нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на бруто домашниот производ од два проценти на годишно ниво во наредните пет години и изградба на 110 километри нови автопатишта.

Во однос на транспарентноста на Договорот со „Бехтел и Енка“, тој посочи дека нема ништо тајно бидејќи процесот траел две години, а сите клучни точки и елементи се достапни на јавноста и никогаш не биле тајна - вредноста на Договорот, начинот на реализација на проектот и трошењето на парите на граѓаните.

- ЈПДП по барање на Јавното обвинителство ја има доставено целокупната документација за избор на јавна набавка за надзор и правен трансакциски советник за овој голем проект, а во постапка е и доставување на Договорот за градба и инфраструктурните коридори потпишан со „Бехтел и Енка“. Исто така, веќе го информиравме и претседателот на Собрание дека во соодветна собраниска процедура сите детали од овој Договор ќе бидат презентирани и пред пратениците со соодветен сертификат и пратениците ќе можат да се уверат дека тој во сите детали соодветствува со Специјалниот закон што го имаат донесено. Важно е и да се истакне дека секој исплатен денар од државата за изградба на коридорите ќе биде јавно објавен и достапен на отворени финансии, рече премиерот Ковачевски.

Во однос на промената на законските решенија, тој рече ќе се овозможи нивно доуредување заради побрзо и поквалитетно реализирање на проектите. Ова, рече Ковачевски, не е непознат процес оти веќе се менувани закони со кои се унапредени повеќе области во државата.

- Измените на законите се единствено ажурирање на детектираните точки кои досега правеле успорување, односно институциите да можат побрзо да ги изведуваат работите на терен, за по овие модерни патишта да можат да се возат сегашните генерации а не генерации кои се уште не се родени. За пример ако го земеме Кичево - Охрид, за кој проектот беше репроектиран, со постоечките законски решенија на институциите им требаа пет години за да ги изменат проектите, да ја изменат трасата, да ги проектираат клучките и да завршат со експропријација на земјиштето. Сите овие измени се забрзуваат, но ниту една не е на штета на граѓаните. За потсетување за автопатот Кичево - Охрид досега се потрошени 600 милиони евра, а ниту еден сантиметар автопат не е пуштен заради лошото проектирање на трасата, вели премиерот.

Во однос на тајноста на Договорот со „Бехтел и Енка“, Ковачевски рече дека документот поседува клаузули на доверливост и приватност, како и секој друг потпишан со ЕБОР и со други изведувачи, а се однесува на технолошките процеси.

Премиерот наведе дека нема никакви пенали, а државата има опција автопатите да се градат во рок од четири години и седум месеци, што го зададе Владата или да прифатиме да се градат по постојната регулатива, која ќе значи подолго време на градба.

- Првата исплата во однос на овој договор е за авансот за почеток на градежните работи и секоја исплата од државата кон ЈПДП и потоа кон изведувачот ќе биде објавена на отворени финансии и граѓаните ќе знаат точно за што се плаќаат парите. Во однос на експропријацијата, предложените измени кои се во собраниска процедура важат и во моментов ги има во сегашното законско решение. Значи и сега градбата на делницата продолжува без второстепена постапка. Со измените на Законот за градба има нова постапка со која прво се одобрува урбанистичкиот проект што ќе ја утврди трасата, по што ќе започне постапката за експропријација на земјиштето, рече Ковачевски.

Пратеникот Стојаноски укажа дека не е задоволен од одговорот на премиерот, наведувајќи дека со измените се додава нов став кој гласи дека за изградба на стратешки инфраструктурни проекти на стратешкиот партнер експроприраниот имот ќе му се даде во владение веднаш штом одлуката стане конечна, без таа да стане правосилна. При тоа тој упати на одлука од Уставниот суд со која ваква слична одредба е оценета како неуставна, што според неговото толкување, значи дека државата презела обврски за кои ќе плаќа пенали на компанијата изведувач.

Со кабинетот на претседателката на Македонија ќе раководат Божинов и Момировски

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова за генерален секретар на својот кабинет го именувала Ѓорѓи Божинов, правник кој работел во министерството за земјоделство, а за негов заменик новинарот Горан Момировски.

Од функциите се разрешени генералниот секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров, кои беа ангажирани во мандатот на доскорешниот претседател стево Пендаровски.

Од кабинетот на претедателката соопштија дека генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, процесите на јавни набавки, програмите за финансиска поддршка, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области.

Момировски пак, е долгогодишен новинар, соработник на Сиљановска во нејзината претседателскa кампањa за изборите во 2019 година.

Фонсека подготвен да стане нов тренер на Милан

Тренерот на Лил, Пауло Фонсека се согласи да го води Милан од следната сезона, објави новинарот Николо Шира на Икс.

Италијанскиот клуб е подготвен да потпише договор со 51-годишниот Португалец до 2026 година.

Конечната одлука ќе биде донесена следната недела.

Фонсека е во Лил од 2022 година. Под негово водство тимот оваа сезона постигна 58 бодови и пред одигрување на последното коло се наоѓа на 3. место во поредокот. /МИА

Во Црвено Море нападнат танкер со нафта

Британската безбедносна фирма „Ембреј“ (Ambrey) денеска соопшти дека во Црвеното Море е нападнат танкер со нафта, што пловел под знамето на Панама, на 10 наутички милји југозападно од јеменската Мока.

Танкерот е погоден со проектил, што предизвикал пожар. Сè уште ниту една група не презела одговорност за нападот.

Претходно Агенцијата за поморски трговски операции на Велика Британија (УКМТО) објави дека добила извештај за инцидент во Црвеното Море, 76 наутички милји северозападно од градот Ходеида во Јемен.

Хутите уште од ноември минатата година ги напаѓаат трговските бродови во Црвено Море во знак на солидарност со Палестинцитеи оти тоа ќе го прават сè додека Израел не ги запре нападите врз Појасот Газа./МИА

притисни ентер