Ковачевски: До следната недела работен материјал за законот за функционерските плати

До следната недела работен материјал за законот за корекција на функционерските плати, најави Ковачевски.

До следната недела треба да има работен материјал за законското решение за корекција на функционерските плати. Откако вчера е отворена дискусија во Владата, работна група од економските ресори треба да подготви издржано решение што нема да биде поништено од Уставниот суд, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Ковачевски рече дека не може да има еден коефициент за пресметка на платите бидејќи различни носители на функции од различни области, имаат различни коефициенти.

-Не може да се каже кој ќе биде коефициентот за пресметка и дали решението е во коефициентот или во основицата. Се покажа дека основицата на двапати беше оспорена на Уставен суд и на двапати беше укинато едно такво решение како неуставно и неусогласеност со Уставот во однос на тоа дека се дерогира системот на плати. Затоа треба да се работи на решение кое што ќе биде издржливо. Кога зборуваме за коефициенти тогаш се работи за поголем број на коефициенти за различни носители на функции од различни области на управувањето со државата бидејќи имаат поделени надлежности – Собранието, Владата, обвинителството, судството и нормално локалната самоуправа. До идната недела очекуваме да имаме работен материјал, рече Ковачевски.

Потсети дека зголемувањето на функционерските плати за 78 проценти беше направено врз основа на одлуката на Уставниот суд во март годинава со којашто се укина одредбата за замрзнување на основицата на платите на 1050 избрани и именувани функционери.

- Вчера е отворена дискусија во однос на тоа како би требало да изгледа тој модел. Во текот на наредните денови министрите ќе работат со цел да дојдат до решение што ќе мора да биде консултирано и од правен аспект дали е одржливо со оглед на тоа што сакаме да се постигне усогласување на платата на ниво што ќе биде поприфатливо, а истовремено ќе биде и одржливо. Министрите работат и штом ќе завршат, сметам дека во текот на наредната недела или две, ќе можат да излезат со решение што ќе може да биде презентирано на Влада, а подоцна и да биде пратено во собраниска процедура, рече Ковачевски.

Тој потсети дека пред одлуката на Уставниот суд беше најавен закон за плати со којшто треба да се стави ред во платите во јавниот сектор, да се знае која е највисоката плата, како и останатите нивоа согласно одредени критериуми.

-Во МИОА исто така во изминатиот период работеа на тоа решение. Тоа решение исто така мора да биде усогласено со повеќе различни страни бидејќи зборуваме за плати што се однесуваат не само на 21 член на Влада, туку и на 120 пратеници, на 80 градоначалници, на скоро 600 судии, обвинители, итн. Министрите работат на тоа и сметам дека во догледно време ќе има решение, посочи Ковачевски.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи претходно најави дека на вчерашната седница на Владата ќе бидат предложени измени на Законот за платите на функционерите, а од корекцијатата на износот, дел од средствата ќе се пренаменат за антикризни мерки за најранливите категории граѓани.

Фон дер Лајен ќе ја посети Македонија до крајот на месецот

Претседателката на Европската комисија ќе ја посети Македонија Урсула фон дер Лајен до крајот на месецот, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски додавајќи дека имало такави најави и од францускиот претседател Емануел Макрон, кој беше во посета на Албанија по Самитот на Берлинскиот процес.

-Претседателката на Европската комисија ќе ја посети Македонија, до крајот на месецов, а претседателот Макрон неколку пати изрази желба и тоа јавна дека во некоја од неговите посети ќе ја посети нашата земја. Јас имав неколку средби со него, како и претседателот на државата, рече Ковачевски, кој беше во посета нa компанијата „Вивакс“.

Одговарајќи на новинарско прашање дали Македонија и Албанија ќе бидат одвоени во декемврскиот самит, Ковачевски рече дека ние еднаш се разделивме од Хрватска кога не носевме одлуки и оти истите тие кои не ги носеа одлуките сега се против одлуките за европските интеграции. Ние со Хрватска, додаде тој, почнавме заедно, тие се сега дел од ЕУ, воведоа евро и се дел од Шенген зоната.

Зборувајќи за позицијата на Франција рече дека таа е за проширување во овој геополитички момент во Европа.

-Ако погледнете во однос на поддршката која ја дава Франција тогаш да не заборавиме дека нашиот предлог за преговарачка рамка е изработен во рамки на француското претседателство по цели 17 години чекање така што ако зборуваме за курсот на Франција за проширувањето тогаш од сите изјави на претседателот Макрон и од министри кои ја посетија Македонија се работи за држава која е за проширување во овој геополитички момент во Европа, рече премиерот Ковачевски.

Процесот на проширување, според него, е отпочнат и се надева дека ќе биде завршен. Посочувајќи на пораките од Самитот на Берлинскиот процес во Тирана, Ковачевски рече дека сите можевме да се увериме во она што го кажаа сите претставници на ЕУ, како и на прес-конференцијата што ја имаше францускиот претседател Емануел Макрон за време на неговата билатерална посета на Албанија, дека процесот е отворен, дека на него се работи и тој ќе биде практично во две патеки – едната е ЕУ да се подготви до 2030 за прием на нови земји членки со оглед на тоа дека треба да функционира со повеќе земји - членки, а од друга страна државите да ги исполнат своите обврски.

-И тоа значи дека оние коишто побрзо ќе ги извршат, направат своите обврски, коишто побрзо ќе ги направат реформите тие први ќе влезат во ЕУ. Јас се надевам дека Македонија ќе ја задржи својата лидерска позиција во делот на европските интеграции во регионот и дека нема да се случи она што не посакувам да се случи, а тоа е да другите земји отидат пред нас, а ние да останеме во група на Косово и БиХ. Со сета почит кон државите, меѓутоа сметам дека ние како држава согласно сите перформанси сме на повисоко ниво и заслужуваме да бидеме земја која прва ќе влезе во 2030 година во ЕУ. Повторувам уште еднаш, сега од нас зависи, не зависи од никој друг, истакна премиерот Ковачевски.

Гнабри неизвесен за ЕУРО2024 поради повреда на тетивата

Напаѓачот на минхенски Баерн и на германската репрезентација, Серж Гнабри ја повреди тетивата, што ќе го остави надвор од теренот до крајот на сезоната, а би можел да го пропушти и настапот на ЕУРО 2024 на домашен терен, објави денеска баварскиот клуб

Гнабри се повреди во средата во поразот од Реал Мадрид во полуфиналето во Лигата на шампионите и ќе ги пропушти последните два натпревари во Бундеслигата во сезоната, се вели во соопштението на неговиот клуб.

Баварците не прецизираа колку време ќе отсуствува 28-годишниот фудбалер, но за рехабилитација од ваков тип на повреда вообичаено се потребни неколку недели.

Гнабри, кој последен пат играше за репрезентацијата во ноември во поразите од Турција и Австрија, веќе неколку пати оваа сезона беше надвор од терените поради проблеми со колкот, скршеница на подлактницата, кратко боледување и проблеми со мускулите.

Германија го отвора ЕУРО 2024 против Шкотска на 14 јуни. /МИА

Волстрит џурнал: САД ќе ги зголемат тарифите за кинеските електрични возила

САД планираат да ги зголемат тарифите за кинеските производи за чиста енергија, јавија американски медиуми, при што се очекува да се зголемат давачките за електричните возила приближно четирипати.

Тој потег, како што објави Волстрит џурнал, доаѓа на крајот на долгоочекуваната анализа на царините што беа наметнати за време на трговската војна меѓу Вашингтон и Пекинг. Тогашниот претседател Доналд Трамп воведе царини на стоки од Кина во вредност од околу 300 милијарди долари.

Официјалните лица оттогаш иницираа преглед на активностите, при што од трговскиот претставник на САД се бара да го разгледа влијанието на давачките -- првпат воведени во 2018 година -- по четири години.

Одлуката, што се очекува во наредниот вторник, според извештаите, ќе дојде додека претседателот Џо Бајден се подготвува за реванш со Трамп на претседателските избори во ноември.

Минатиот месец тој побара тројно зголемување на тарифите за кинескиот челик и алуминиум додека држеше говори во државата Пенсилванија.

Тарифната стапка за електричните возила, исто така, треба да се зголеми од 25 проценти на околу 100 проценти, се додава во извештајот./МИА

Палестински власти: Гласањето во ОН покажува дека „Палестина заслужува полноправно членство“

Палестинските власти велат дека гласањето во ОН покажува дека „Палестина заслужува полноправно членство“

Палестинското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека гласањето на Генералното собрание на ОН за давање дополнителни права на Палестинците во светската организација покажало дека тие заслужуваат „полноправно членство“.

Гласањето „потврдува дека Палестина ги исполнува сите барања пропишани во Повелбата на Обединетите нации... Така таа заслужува, и е квалификувана да добие полноправно членство во Обединетите нации“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Палестинската управа. /МИА

притисни ентер