Костадинов: ВМРО-ДПМНЕ со илјадници амандмани ги блокира демократските процеси во државата

 ВМРО-ДПМНЕ продолжува со деструктивното работење и однесување во Собранието, кочејќи ги важните закони. 

Партијата работи на штета на граѓаните и на штета на демократските процеси во нашата држава, изјави денеска на прес-конференција пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов.

– Во еден ден ВМРО-ДПМНЕ поднесува илјадници амандмани на повеќе законски предлози со единствена цел да ги блокира реформските процеси во Северна Македонија. ВМРО-ДПМНЕ со 970 амандмани сака да го блокира Предлог-законот за Академијата за судии и јавни обвинители за да обезбеди заштита на криминалот што го правеа функционерите на оваа партија и да спречи какви било реформи во правосудството, изјави Костадинов.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ поднела над четири илјади амандмани за Предлог-законот за јавнообвинителска служба, со што, како што рече, ги загрозува доказните материјали во процесите што се водат против нејзини членови. Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски се против секоја реформа во правосудството и оти со илјадници амандмани ВМРО-ДПМНЕ ја блокираат собраниската дебата за измени во Изборниот законик.

Прашан за големиот број амандмани поднесени од ДУИ за Изборниот законик, Костадинов ги повика сите политички партии и политичари да размислат и сите да се вложат во, како што рече, име на демократијата и демократизацијата на изборните процеси во државата кои ги бараат граѓаните.

– Апелираме амандманите да се повлечат. Да влеземе во суштинска дебата и конечно да го промениме Изборниот модел за кој се залагаме сите во изминативе години, посочи Костадинов.

Тој повика и нивниот коалициски партнер – ДУИ да размисли, да го преиспита чекорот и да ги повлече амандманите до почеток на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и да има суштинска дебата.

– Со промена на изборниот модел сите добиваме, пред се граѓаните, затоа треба сите да се ставиме во функција на граѓаните, смета Костадинов.

Коалицијата „Вреди“ слави во Тетово

Здружената албанска коалиција „Вреди“ вечерва слави во изборниот штаб на коалицијата во Тетово. Присутни се тројцата лидери Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, Африм Гаши од Алтернатива и Изет Меџити од Демократското движење.   

На првата прес-конференција во Скопје одржана по затворањето на гласачките кутии, Меџити рече дека „Вреди“ е новиот политички фактор кој достоинствено ќе ги застапува Албанците.

Од друга страна шефот на Изборниот штаб на Европскиот фронт предводен од ДУИ Арбр Адеми вечерва на втората прес-конференција во мала речица соопшти дека од половина од обработените гласови, водат со над 30 илјади гласови во однос на коалицијата „Вреди“.

Фото: МИА

МВР: Изборите поминаа во фер, демократска и слободна атмосфера, можеби најмирни досега

Во рамки на надлежност на МВР не се констатирани посериозни прекршувања на изборниот процес во текот на целиот ден. 

Се одржаа можеби најмирните, најдемократските и најфер избори кои што кога било се случиле, особено од безбедносен аспект, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на заедничка прес-конференција со дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, по завршувањето на двојните избори.

Тошковски изрази благодарност до сите полициски службеници, набљудувачи и македонските граѓани кои, како што нагласи, на мирен, фер и демократски начин покажаа дека заслужуваме да бидеме дел од европското семејство.

- Огромна благодарност до сите кои што помогнаа овој ден да биде таков како што беше. Да се живи и здрави македонските граѓани, да ни е вечна Македонија, порача Тошковски.

Според, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, како што помина првиот круг од претседателските избори, така и денешниот втор круг и парламентарните избори поминаа во една фер, демократска и слободна атмосфера.

- Граѓаните можеа слободно да го изразат своето право да гласаат. Македонската полиција беше и овој пат на висина на својата задача и ги створи сите предуслови за денешниот ден да се одржи во еден демократски чин, изјави Бојмацалиев.

Ужас во САД: Ја убил сопругата, зашто не можел да ги плати болничките трошоци

Маж од Мисури, обвинет за убиство со задавување на својата сопруга во болница, рече дека го направил тоа затоа што не можел да ѝ ги плати медицинските сметки, соопшти полицијата во соопштението за печатот.

Наводно, Рони Вингс ѝ рекол на полицијата дека ја задавил сопругата и ѝ ги покрил носот и устата за да не вреска.

„Таа беше во болница каде добиваше нова терапија за дијализа“, рече детективот Тод Винборн.

Винборн рече дека Вингс го признал убиството откако му биле прочитани неговите права.

Во петокот, медицинскиот персонал во болницата бил предупреден за срцев удар на пациентката околу 20:30 часот по локално време. Тие ја пронашле жртвата која не дишела и немала пулс, се вели во соопштението.

Жената не беше прогласена за мртва во тоа време, но немала функција на мозокот, што го натерало медицинскиот персонал да ги прекине сите мерки за спасување живот, се вели во соопштението.

Тој додава дека тогаш медицинските работници го слушнале сопругот на жртвата како го признава убиството.

„Јас го направив тоа, ја убив, ја задавив“, повторил тој.

Вингс на крајот во болницата бил уапсен од полицаец кој не бил на должност.

Во соопштението се вели дека Вингс признал дека ја задавил својата сопруга, ѝ ги затворил носот и устата за да не вреска, а потоа ја напуштил болницата.

Подоцна се вратил со братучед.

Според соопштението, Вингс му рекол на полицаецот дека се обидел да ја убие жената уште два пати додека била во болница, додавајќи дека бил во депресија и ја убил бидејќи не можел да ги плати болничките сметки.

Тој се соочува со обвинение за убиство од втор степен и е задржан со кауција од 250.000 долари.

Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува казна затвор до 30 години или доживотен затвор.

притисни ентер