Косово се заблагодари, Вучиќ се налути за Петер Хандке

Петер Хандке синоќа ја прими Нобелова награда за литература, го подели Балканот и одново ги оживеа сенките на минатото. 

Бојкотот на церемонијата на шесте балкански земји, на кој се приклучи и Македонија, ги доби првите политички реперкусии за земјава. Српскиот претседател Вучиќ, кој Хандке го доживува како српски великан, упати директна и помалку контроверзна порака до македонската влада, особено по образложението на министерот Димитров дека отсуството на Македонија во Стокхолм е чин на спротивставување на негирањето на геноцидот.

-Изненаден сум од образложението на луѓето од С.Македонија, но како да ви кажам... Секој нека си ја тера својата работа. Нека си ја врши својата работа и им покажаа на Србите во С.Македонија како и за кого треба да се определат, како и за кого треба да гласаат. Мислам дека нивниот проблем е многу поголем отколку нашиот., изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.

Со пораката на Вучиќ, Македонија практично се најде меѓу два огна, откако вчера косовскиот министер за надворешни Пацоли изрази јавна благодарност до Димитров. Синоќешното доделување на наградата на австрискиот нобеловец го бојкотираа и Косово, Албанија, Босна, Хрватска и Турција, а церемонијата во Стокхолм мина со протести против одлуката на Нобеловиот комитет. Чинот на незадоволство кулминираше, но покрена и многу контроверзи, откако шведската лекарка Кристине Доктаре, во свое име ја врати Нобеловата награда за мир од 88-та, како дел од колективот мировници на Обединетите Нации.

-Додека сум жива ќе сведочам за вистината за ужасната војна никогаш да не биде негирана. Нобеловиот комитет му честиташе и му ја даде наградата. Сега својата јас ќе ја вратам, Кристина Доктаре, лекарка од Шведска

77—годишниот Хандке е драмски писател, романсиер и поет, кој за време на војните во екс Југославија отворено го негираше геноцидот во Босна и јавно го поддржуваше режимот на Милошевиќ, на чиј погреб одржа и говор.

Мицкоски и Ахмети на едночасовна средба во Собранието

Попладнево во Собранието се сретнале лидерот на ВМРО – ДПМНЕ , Христијан Мицкоски со претседателот на ДУИ , Али Ахмети.

Средбата се оддржала во Собранието и траела еден час. Било дискутирано за можностите за заедничка соработка и формирање на ново парламентарно мнозинство.

Други детали од средбата засега не се откриваат.

Рита Ора повторно го запали Инстаграм со жешка поза (ФОТО)

Рита Ора позира во минијатурен костум за капење и ги воодушеви фановите со својот изглед.

Пејачката објави неколку фотографии во златно бикини со деколте во преден план и собра многу комплименти.

„Прекрасна си“, „Леле“, „Гориш“, ја пофалија нејзините воодушевени обожаватели. Патем, 29-годишната Рита во моментот е на одмор на Ибица со своето десет години постаро момче, Ромеин Гаврас. Таа е во врска со него веќе четири месеци.

Спречен обид за шверц на 200 килограми марихуана на граничниот премин „Блато" кај Дебар

На граничниот премин „Блато" на албанско – македонската граница кај Дебар спречен е обид за шверц на 200 килограми марихуна.

– Дрогата е откриена во возило со албански сообрајќајни ознаки и со лого на производител на мебел, управувано од лицето Флориан Алимани (26) од пограничното албанско село Ѓурица, но жител на Драч. Наркотичното средство било наменето за нарко пазарот во Македонија, стои во соопштението на Полицискиот комесаријат од Пешкопеја.

Дрогата била откриена при втората контрола, а била скриена во посебен простор поставен над подот на возилото.

Од првичните сознанија на полицијата дрогата била натоварена во Пешкопеја.

Според полицијата, успешната акција е резултат на засилените контролни мерки со цел спречување секаков обид за шверц на дрога, како и спречување на какви било меѓугранични криминални дејствија.

Ова е најголема количина дрога запленета на двете страни од овој граничен премин, а секогаш била откривана при влез на нашата територија./МИА

притисни ентер