Комплетиран предлог составот на новата влада, гласањето најавено за 22 и 23 јуни

Предлог составот на новата влада е комплетиран и заедно со програмата утре треба да биде доставен во Собранието, додека гласањето се очекува да се случи претстојниот викенд.

Кандидатите за членови на владата од коалицијата „Твоја Македонија“ синоќа беа потврдени од Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Од „Твоја Македонија“ во владата ќе има 15 членови, од кои три на вицепремиерски места, кадри од коалицијата „Вреди“ ќе раководат со пет министерства и ќе имаат едно вицепремиерско место, а два министерски ресора ќе предводи партијата ЗНАМ - За наша Македонија.

-Од партиските тела добив мандат за преговори и за состав на новата влада и тие успешно завршија. Новата влада ќе биде составена од партиите кои се дел од коалицијата Твоја Македонија, коалицијата Вреди и политичката партија ЗНАМ, влада која има широка поддршка од електоратот повеќе од 600.000 гласа освоени на изборите кои што завршија на 8-ми мај, и сигурен сум во 2/3 поддршка за определени законски решенија, реформски законски решенија кои што во периодот кој што следи ќе бидат донесени во македонското Собрание, рече мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа на прес-конференција по седниците на Извршниот и Централниот комитет.

Мандатарот ги предлага досегашниот технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски за министер во овој ресор, за надворешни работи и надворешна трговија актуелниот градоначалик на Општина Аеродром Тимчо Муцуски, а за финансии потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Кочоска Димитриеска. За заменик претседател на Владата и министер за транспорт партискиот потпретседател е предложен партискиот потпретседател и пратеник во повеќе мандати Александар Николовски, во ресоротот одбрана Владо Мисајловски, пратеник и поранешен министер за транспорт, а за информатичко општество и дигитална трансформација досегашниот дополнителен заменик министер во овој ресор Стефан Андоновски. Министер за локална самоуправа ќе биде поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Пирински кој во изминатиот период го водеше и кабинетот на Мицкоски.

Во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е предложена Сања Божиновска, актуелен член на ИК и експерт во енергетиката, Цветан Трипуновски во земјоделство, шумарство и водостопанство како кадар со долгогодишно искуство во ресорот, професорката Весна Јаневска во образование и наука, во Министерството за култура и туризам актерот Зоран Љутков, а во Министерството за спорт ракометарот Борко Ристовски.

Вицепремиерски места ќе имаат и коалициските партнери Социјалистичката партија и Демократската партија на Србите. Љупчо Димовски, претседателот на СП ќе биде вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ, претседателот на ДПС вицепреиер задолжен за односи со заедниците, додека Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.

Мицкоски рече дека при изборот на кадровскиот потенцијал и решенија за состав на новата влада се водел од принципите за чесност и посветеност, како што нагласи - да бидат луѓе кои ќе дадат голема енергија во процесите и целосно ќе се вложат за реализација на амбициозните зацртани цели. - Го немаме луксузот да не се успее, ниту пак да се прават репризи на минати владеења каде ќе се загуби врската со единствениот суверен народот. Во овие луѓе кои ги предлагам имам голема надеж и заедно не чека многу работа, мора да ги засукаме ракавите од првиот ден. Состојбите се очајни и потребни се најпрвин стабилизирање на состојбата, а потоа и брзи резултати, рече мандатарот Мицкоски и порача дека имаат амбициозен план за реформи и проекти чија реализација ќе почне од првиот ден.

Кадровското решение за генералниот секретар на владата најави дека ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе се знае многу скоро и ќе биде на дневен ред на првата седица на владата.

Партиите од Коалицијата Вреди, според одлуките на партиските тела и изјавите на партиските претставници, ќе раководат со Министерството за европски прашања, каде предлог за министер е Орхан Муртезани од Алтернатива, со Министерството за животна средина за кој ресор кандидат е Изет Меџити, лидерот на Демократско движење, кој треба да биде и прв вицепремиер, како и со Министерството за социјална политика, демографија и млади и со Министерството за економија и труд, за кои се предложени кадри од БЕСА Фатмир Лимаи, односно Бесар Дурмиши. Ресорот здравство, пак, според изјавите во медиумите, ќе го раководи лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари.

Од Движењето ЗНАМ - За наша Македонија, пак, утврдени кандидати од партиските тела се Игор Филков за министер за правда и Горан Минчев за министер за јавна администрација.

Мицкоски очекува денеска да ги добие и официјално предлозите од коалиционите партнери и до Парламентот утре да ги достави предлог составот и програмата за работа на владата за да се гласа претстојниот викенд.

-Очекувам успешна реализација односно гласањето да заврши во текот на следниот викенд 22-23 јуни, изјави Мицкоски.

За измените на Законот за локална самоуправа со кои се предвидува да нема предвремени избори во општините чии градоначалници ќе преминат во извршната власт смета дека ќе се гласа безусловно од сите, иако како што вели.

- Законот е доставен во Парламентот, очекувам дека сите пратеници безусловно ќе го гласаме, затоа што, иако на ВМРО-ДПМНЕ политички сега му одговара да има избори, ние сакаме да бидеме влада која што ќе биде одговорна и нема да има двојни аршини или двојни стандарди. Цениме дека не треба дополнително да се трошат парите на граѓаните, тие избори во некои општини можеби би чинеле милион евра, наведе Мицкоски.

Новата влада ќе има 20 министерства, четири повеќе од сегашната, откако пред една недела беа усвоени измени за реаорганизација на државата управа, за кои беше обезбедено двотретинско мнозинство со дел од пратениците од Европскиот фронт. На парламентарните избори што се одржаа минатиот месец коалицијата „Твоја Македонија“ освои 58 пратеници, „Вреди“ 14, а ЗНАМ шест. /МИА

Поднесена кривична пријава против Самка Ибраимовски за закани и повици за насилство кон судија

Поднесена кривична пријава против Самка Ибраимовски за закани и повици за насилство кон судија на Уставниот суд.

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против Самка Ибраимовски за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ откако на својот фејсбук профил упатил сериозни закани и повици за насилство кон судија на Уставниот суд.

Од МВР денеска информираа дека целосно го расчистиле случајот пријавен до Секторот за компјутерски криминал на 24.06.2024 од страна на претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, кој пријави закани по животот и безбедноста на судија на Уставен суд упатени од С.И. преку социјална мрежа.

- Веднаш по добиената пријава, МВР презеде соодветни мерки и беше извршен службен разговор со С.И. во СВР Тетово. Денеска (26.06.2024) Секторот за компјутерски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против С.И. (69) за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ чл.144 ст.5 предвиденo и казнивo според Кривичниот законик. Пријавениот С.И. на својот фејсбук профил упатил сериозни закани и повици за насилство кон судија на Уставниот суд, информираат од МВР.

Борисов: Договорите, особено меѓународните, мора да се почитуваат

Договорите, особено меѓународните и вклучени  во преговарачката рамка на ЕУ, треба да се почитуваат, изјави денеска лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер Бојко Борисов.

Договорите, особено меѓународните и вклучени во преговарачката рамка на ЕУ, треба да се почитуваат, изјави денеска лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер Бојко Борисов, коентирајќи ја изјавата македонскиот премиер Христјан Мицкоски дека доколку има политичка волја можно е решение со Бугарија и промена на преговарачката рамка со ЕУ.

Борисов вели дека и покрај добрите односи меѓу него и партнерите во ЕУ, договорите мора да се почитуваат.

- Какви било толкувања не се добри за колегите од Македонија. Без нашата и поддршката на Грција, РСМ нема шанси за ЕУ. Сега треба да бидат одговорни. Како што ја добија нашата поддршка, сега веќе не можат да се потпрат на неа, смета Борисов.

Тој нагласи дека ќе иницира средба со Мицкоски доколку формира влада и повторно стане бугарски премиер.

Синдикатот на полиција во Македонија поднесе кривична пријава против поранешниот министер

Синдикатот на полиција во Македонија поднесе кривична пријава против поранешниот министер за внатрешни работи.

Синдикатот на полиција во Македонија денеска до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против лицата О.С., во момент на сторување на кривичното дело министер за внатрешни работи, и Д.Ч. во моментов актуелна претседателка на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, заради основано сомнение за сторени две кривични дела – „повреда на право од работен однос“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.

-По претходно спроведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на работник во МВР за полесна повреда на кршење на работна дисциплина првопријавениот во својство на министер изготвил решение што во ниту еден случај не смеел да го изготви, а после тоа изготвил и решение со кое на работникот В.Р. и врачил отказ, изјави Орце Коцевски, претседател на Синдикатот на полиција во Македонија, на денешната прес-конференција пред ОЈО Скопје.

Второ пријавената, пак, како што кажа, во својство на претседателка на Комисијата, решавајќи по приговор изготвила решение со кое приговорот по незаконското решение го одбила како неосновано.

-Бараме ОЈО Скопје да ја земе во предвид оваа и сите наши претходни пријави, сериозно да ги разгледаат и веќе конечно да поведат постапка против наведените лица, односно да дадат обвинителен предлог и да почне да се спроведува правдата во Македонија, рече Коцевски.

Нагласи дека како синдикат во јавноста веќе две-три години зборуваат дека во последните неколку години во времето на владеење на поранешниот министер за внатрешни работи незаконски се издадени преку 25 илјади решенија.

-Станува збор за преку 25 илјади решенија за распоредување од чие изготвување според официјалната пресметката е сторена штета на буџетот на МВР од преку 25 милиони евра. Се надевам дека ОЈО ќе има сериозна работа пред себе, сериозен предизвик и дека сета оваа работа вклучително и денешнава ќе излезе пред јавноста за многу брзо време, посочи Коцевски.

притисни ентер