Кој колку донирал во првиот дел од кампањите на претседателските кандидати ?

На веб-страницата на Државната комисија за спречување корупција се објавени финансиските извештаи на партиите за првите десет дена од претседателската кампања. 

Според извештаите, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски досега има потрошено речиси половина милион евра, односно околу 480 илјади евра, Блерим Река 25 илјади евра, а Гордана Силјановска- Давкова пак досега за кампањата потрошила 167.400 евра.

Според деталните извештаи за изборната кампања на Пендаровски донирало само едно лице - Павле Дукадиновски и тоа сума од 150 илјади денари. Десет лица донирале услуги во вредност од 2 до 6 илјади денари. Во изборната кампања се пласирани и 10 милиони денари приходи од членарина.

На неколку страни во документот е листата на донатори кои уплаќале за изборната кампања на кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.

Многу од донаторите давале по 20.000 до 30.000 денари но има и такви кои донирале по многу повеќе. На пример, Александар Николовски кој е потпретседател на партијата уплатил 180.000 денари, а Антонио Милошоски дал 150.000 денари. Донирале и Трајко Вељановски, Коце Трајановски, Ане Лешоска и други - сите над илјада евра.

Вкупните приходи за изборната кампања на кандидатот за претседател на Беса, Блерим Река изнесуваат околу 18 илјади евра. Според извештајот ниту едно лице не донирало пари за неговата кампања, а како донатори се јавуваат Беса и Алијанса за Албанците од Тетово.

Словенецот Винчиќ ќе го суди финалето во Лигата на шампиони

Европската фудбалска федерација (УЕФА) одлучи денеска 44-годишниот Словенец Славко Винчиќ да го суди финалето во Лигата на шампиони меѓу Реал Мадрид и Борусија Дортмунд.

За Винчиќ ова е второ европско клупско финале, откако беше главен судија и во финалето во Лига Европа во 2020 година во Севиља меѓу Ајнтрахт Франкфурт и Глазгов Ренџерс.

Винчиќ оваа сезона судеше на седум натпревари во Лигата на шампиони, вклучувајќи го и реваншот во четвртфиналето меѓу Борусија Дортмунд и Атлетико Мадрид.

Финалето во Лигата на шампиони е на програмата на 1 јуни на стадионот Вембли во Лондон со почеток во 21 часот. /МИА

Милановиќ: Тврдењата на Додик за хрватската историја се неприфатливи и невистинити

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска ги отфрли како невистинити и неприфатливи тврдењата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик дека само мал број Хрвати не се солидаризирале со злосторствата на усташкиот режим.

– Милорад Додик, освен повторената невистина за бројот на жртвите во Јасеновац, рече дека „има многу малку припадници на хрватскиот народ кои не се солидаризирале со злосторствата на усташкиот режим“, што апсолутно не е точно и е навреда за сите хрватски антифашисти и хрватскиот народ, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот.

Српските политичари од Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора вчера одржаа комеморација за жртвите од концентрациониот логор Јасеновац во Долна Градина. /МИА

Стејт департмент: САД остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа

САД остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и евроатлантските интеграции на Македонија.

САД се целосно посветени на Преспанскиот договор и повикуваат на негово почитување, изјави портпарол на Стејт департментот по положувањето на заклетвата од страна на избраната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во Собранието кога таа не го употреби уставното име на земјата, што предизвика реакции од ЕУ, од грчкото МНР и од Американската амбасада во Скопје.

-САД остануваат целосно посветени на Преспанскиот договор и евроатлантската интеграција на Македонија. Додека новата влада се формира и се избира премиер ние ќе продолжиме да го зацврстуваме значењето на почитувањето на меѓународните договори и бенефициите од целосно членство во ЕУ, изјави денеска за МИА портпарол на Стејт департментот.

Тој истакна и дека САД продолжуваат со поддршка на безбедноста, просперитетот и евроатлантската интеграција на Македонија и со нетрпение очекуваат да работат со новата влада што наскоро ќе биде формирана како и со претседателот Гордана Сиљановска-Давкова во продолжување на унапредувањето на многу споделени цели.

Тој додаде и дека САД се и остануваат лојален партнер на Македонија во остварување на главните цели на земјата.

-Ние отскекогаш сме биле и ќе бидеме лојален партнер во остварување на вашите главни цели – просперитетна демократија и стабилна економија вкотвена во евроатлантската заедница. Ќе продолжиме со подршката за Македонија во нејзините напори да го зазеде заслужното место како безбеден и просперитетент член на евроатлантската заедница, рече портпаролот.

САД исто така охрабруваат продолжување на дијалогот меѓу Скопје и Софија.

-Го охрабруваме продолжувањето на дијалогот меѓу Македонија и Бугарија, во рамките на заедничките заложби за идното полноправно членство на Македонија во ЕУ, посочи портпаролот на Стејт департментот

-Како што се формира нова влада и се избира премиер, очекуваме билатералната соработка меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија да остане силна и фокусирана на важноста од зајакнување на демократските институции, реформите на владеењето на правото и регионалната енергетска безбедност. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ја поддржуваат безбедноста, просперитетот и целосната евроатланска интеграција на Македонија., укажаа од Стејт департментот. /МИА

притисни ентер