Кој е Петер Маѓар, новиот премиер на Унгарија? - Канал 5

Кој е Петер Маѓар, новиот премиер на Унгарија?

Кога Петер Маѓар бил дете, на ѕидот во својата спална соба залепил фотографија од Виктор Орбан, тогаш антикомунистички бунтовник, воодушевен од првите демократски избори во Унгарија во 1990 година.

Кој е Петер Маѓар, новиот премиер на Унгарија?

Само пред неколку години, Маѓар му аплаудираше на говорот на Орбан од првиот ред, пред да се појави како најсериозен предизвикувач на националистичкиот лидер во неговото 16-годишно владеење. Денеска, тој му стави крај на владеењето на Орбан на избори со рекордно висока излезност, што се очекува да ја потресе Русија и да предизвика шокови низ десничарските кругови на Западот, вклучително и во Белата куќа на американскиот претседател Доналд Трамп. Делумните резултати покажуваат дека партијата на Маѓар, „Тиса“ (Tisza) — чие име е акроним од зборовите за почит и слобода — ќе освои 137 пратенички места, односно двотретинско мнозинство во 199-члениот унгарски Парламент.

Унгарец по презиме

Роден во семејство на истакнати конзервативци, Маѓар, чие презиме буквално значи „Унгарец“, уште од рана возраст бил фасциниран од политиката. Имал само девет години кога паднал комунизмот. Маѓар раскажува дека во семејниот дом во Будимпешта ги украсувал ѕидовите со фотографии од водечки политички личности.

Орбан, тогаш млад адвокат, стана херој на унгарското продемократско движење кога во 1989 година јавно побара советските трупи да ја напуштат земјата. „Имаше бран енергија околу промената на режимот што ме понесе уште како дете“, изјави Маѓар минатата година за подкастот „Фокус-група“ (Fokuszcsoport).

За време на студирањето се спријателил со Гергељ Гуљаш — актуелниот шеф на кабинетот на Орбан во заминување — и ја запознал Јудит Варга, со која се оженил во 2006 година, а која подоцна стана министерка за правда во владата на Орбан. По краткиот период во Брисел, каде што Маѓар работел како дипломат за прашања поврзани со ЕУ, семејството се вратило во Унгарија во 2018 година. Тогаш Маѓар станал директор на државната институција за студентски кредити и член на управните одбори во повеќе други државни компании.

Речиси непознат за јавноста, Маѓар брзо се прослави кога скандалот со помилувањето на соучесник на осуден педофил ја потресе владата на почетокот на 2024 година, што доведе до оставка на претседателот, како и до повлекување на Варга од политиката. Иако тогаш Маѓар го отфрли прашањето за своите политички амбиции како „лоша идеја, дури и како шега“, само неколку недели подоцна го организираше својот прв митинг на кој присуствуваа десетици илјади луѓе.

Маѓар набрзо почна да се перцепира како „храбар, ориентиран кон акција и подготвен да презема лични ризици“, изјави за „Франс прес“ медиумската експертка Вероника Ковешди од универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Неговото обраќање преку социјалните мрежи „емоционално резонираше“ кај неговите следбеници, што му донесе „невиден органски досег“, додаде Ковешди, истакнувајќи дека многу негови поддржувачи го гледаат како „херој кој неуморно се бори за нив“.

Поранешниот инсајдер ја презеде дотогаш непознатата партија „Тиса“ за да може легално да учествува на европските избори во 2024 година, на кои го освои второто место, веднаш зад владејачката коалиција. Како што неговата популарност нагло растеше, Маѓар се соочи со „цунами од омраза и лаги“, како што самиот рече, исмејувајќи одредени обвинувања и негирајќи други, вклучително и оние за семејно насилство врз Варга. Овие напади „дополнително го легитимираа како лидер кој навистина е способен да донесе промена“, смета Ковешди.

Повремено, Маѓар имаше жестоки расправии со медиумите, обвинувајќи ги за погрешно насочување на фокусот. Луѓето кои лично го познаваат велат дека е перфекционист со „краток фитил“, но дека знае да се извини за своите недостатоци. Прашан во декември како се променил откако влегол во политиката, Маѓар алудираше на медиумските извештаи во кои го опишуваат како избувлив, велејќи: „Сега бројам до десет“.

Маѓар како лидер

Поразот на Орбан има значителни импликации не само за Унгарија, туку и за Европа и нејзината популистичка крајна десница. Од 2010 година, Орбан се обидуваше да создаде она што тој го нарекуваше „нелиберална демократија“, ограничувајќи ги медиумските слободи и активностите на невладините организации и слабеејќи ја независноста на судството. Тој изгради цврсти односи со рускиот претседател Владимир Путин, како и со Трамп, но постојано се судираше со ЕУ, која му замрзна милијарди евра поради загриженост за демократските стандарди во Унгарија.

За разлика од него, Маѓар вети дека ќе ја обнови западната ориентација на Унгарија и ќе ја прекине зависноста од руската енергија до 2035 година, истовремено стремејќи се кон „прагматични односи“ со Русија. Тој вети и дека ќе ги „отклучи“ замрзнатите средства од ЕУ, што би помогнало во оживување на стагнирачката унгарска економија.

Вешт комуникатор — како на социјалните мрежи, така и на терен за време на кампањата — 45-годишниот конзервативец вети промени, велејќи дека „цигла по цигла“ ќе го расклопи целиот политички систем на Орбан, систем со кој и самиот имал длабоки врски сè до неодамна. „Уште првиот ден треба да донесеме антикорупциски мерки и да поднесеме апликација за пристапување кон Европското јавно обвинителство“, изјави Маѓар вчера наутро откако гласаше. Сепак, за време на изборната кампања тој внимателно чекореше, внимавајќи да не ги одврати поконзервативните гласачи.

Политиките на Маѓар

Во надворешната политика вети дека ќе ја направи земјата сигурен сојузник во НАТО и ЕУ, истовремено критикувајќи ја Русија, со која Орбан бараше блиски врски и покрај нејзината инвазија врз Украина. Сепак, како и Орбан, Маѓар исто така одбива испраќање оружје во Украина и се спротивставува на нејзиното брзо интегрирање во ЕУ, иако не ја споделува непријателската реторика на Орбан кон Киев. Аналитичарите велат дека тензиите меѓу Унгарија и ЕУ — дополнително засилени од ветото на Орбан за пакетот помош од 90 милијарди евра (149 милијарди долари) за Киев — би можеле да се намалат под власта на „Тиса“.

Тој има и построги антиимигрантски ставови од Орбан и вети дека ќе ја укине владината програма за „гостински работници“. Ставот на Маѓар за правата на ЛГБТК+ лицата е нејасен, но тој нагласува дека ја поддржува еднаквоста пред законот.

Маѓар во овие избори користеше методи од „прирачникот“ на Орбан, водејќи теренска кампања која го однесе и во руралните упоришта на Фидес. Неговите митинзи беа исполнети со голем број национални знамиња, во стилот на Орбан, апелирајќи до патриотизмот на унгарските гласачи. Неговите конзистентни и јасни пораки, како и вештата употреба на социјалните мрежи, придонесоа за неговиот брз подем, вели Габор Тока, постар истражувач во Архивите на отвореното општество „Вера и Доналд Блинкен“.

„Многу луѓе се успокоени од приказната за некој кој неповратно влегол во конфликт со системот и за кого нема враќање назад“, рече тој, мислејќи на раскинот на Маѓар со Орбан.

„Бидејќи е социјализиран во Фидес, постојат и сомнежи дали тој може да обезбеди вистински прекин со владеењето на Орбан“, изјави Анджеј Садецки, главен аналитичар во варшавскиот Центар за источни студии (OSW).

„Левичарските гласачи можеби нема да бидат целосно задоволни со неговата агенда, но сепак го поддржуваат бидејќи тој претставува најголема шанса за промена“, додаде тој.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Жена, прогласена за мртва се разбудила во мртовечница- доктор потоа ја убил за да си ја прикрие грешката

73-годишна Русинка била прогласена за мртва во декември 2025 година од страна на лекар за реанимација, но два часа подоцна покажала знаци на живот во мртовечницата. 

Жена, прогласена за мртва се разбудила во мртовечница- доктор потоа ја убил за да си ја прикрие грешката

Докторот е обвинет дека ѝ инјектирал смртоносен лек за да ја прикрие својата грешка. Тој е уапсен и е задржан во притвор.

Можеби мислите дека ова е сценарио за ТВ серија. Сепак, оваа приказна навистина се случила во Русија минатата година. Лекар за реанимација е осомничен дека ѝ инјектирал смртоносен лек на 73-годишна пациентка, која погрешно била прогласена за мртва, за да ја прикрие својата грешка, објави оваа недела рускиот новински портал Газета.ру. Против него е покрената истрага.

На 17 декември 2025 година, Галина, 73-годишна жена, била примена во болница во Северодвинск, Архангелска област, поради акутна тромбоза. Сепак, за време на третманот, нејзиното срце застанало. Речиси половина час, Олег Г., 29-годишен лекар, се обидувал да ја реанимира, но без успех. Потоа специјалистот ја прогласил за мртва.

Тој ѝ инјектирал пропофол

Сепак, според првичните резултати од истрагата, срцето на жената наводно повторно почнало да чука без лекарот да забележи. Кратко потоа, 73-годишната жена, која била прогласена за мртва, била однесена во мртовечница. Сепак, два часа подоцна, еден од вработените забележал знаци на живот и го известил лекарот.

Потоа случајот добил сосема поинаков пресврт. Наместо да ѝ пружи итна медицинска помош, лекарот за реанимација ѝ инјектирал пропофол, интравенски анестетик што се користи за индуцирање и одржување на анестезија и кој може да предизвика респираторна депресија. Истражителите веруваат дека Олег Г. ѝ го дал овој смртоносен лек за да ја прикрие својата првична грешка.

Покрената е истрага за „убиство на лице во беспомошна состојба“. Олег Г., кој дипломирал во 2023 година, бил уапсен и потоа задржан во притвор. Тој ги негира обвиненијата и тврди дека постапил во согласност со медицинскиот протокол.

На телото на жената ќе биде спроведен токсиколошки тест за да се утврди со сигурност причината за смртта на 73-годишната жена.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Студентка во Калифорнија брутално убила бездомник, па побарала помош од мајка ѝ

Студентка од колеџ во Сан Хозе и нејзината мајка се осомничени дека избоделе маж до смрт, а потоа го скриле неговото тело во клисура во близина на Ливермор! 

Студентка во Калифорнија брутално убила бездомник, па побарала помош од мајка ѝ

Двете се уапсени, соопшти полицијата, откривајќи детали за грозоморното злосторство.

Алесија Ниевес Солас (22) и нејзината мајка, Вероника Рангел (55) се уапсени под обвинение за убиство, соопшти полициската управа во Сан Хозе.

Жртвата, идентификувана како Марселино Перез Хименез (44), престојувал во засолниште за бездомници во Сан Хозе, објави „Меркјури њуз“.

Последен пат бил виден на 22 август, кога влегол во стан во апартманите „Павона“ на Северната 7-ма улица во Сан Хозе, соопшти канцеларијата на шерифот.

Влегол во станот со Солас, носел пакување пиво од 24 парчиња. Следниот ден, безбедносните камери во комплексот наводно ги снимиле Солас и нејзината мајка како се борат со голема, тешка кутија.

Според судските документи добиени од „Меркјури њуз“, мајката и ќерката користеле рачна количка за да ја пренесат кутијата до нивниот изнајмен автомобил.

Шерифската канцеларија соопшти дека подоцна го следела движењето на автомобилот од станбениот комплекс до улицата Тесла.

Мистеријата почнала да се одгатнува попладнето на 25 август, кога возач го запрел својот автомобил за да направи пауза во близина на улицата Тесла и улицата Иглс Ран.

Погледнал во клисура и видел нешто што личело на човечко тело, па се јавил во канцеларијата на шерифот на округот Аламеда.

Полицајците го пронашле телото скриено под ѓубрето што луѓето го фрлале од автомобилите што минувале. Мажот бил избоден со нож, соопшти канцеларијата на шерифот.

Солас била уапсена во Лос Анџелес, а подоцна екстрадирана назад во Сан Хозе, каде што е притворена во затворот во округот Санта Клара. Нејзината мајка била уапсена истиот ден во Сан Хозе.

Ренџел, која работи во болница, била ослободена од затвор под надзор. Таа рекла дека верува оти нејзината ќерка дејствувала во самоодбрана.

Не е јасно како Солас и Хименез се познавале. Мотивот за наводното убиство е под истрага, соопштија властите на Калифорнија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Американската влада објави документи за суштеството „Бигфут“, деталите го зачудија светот (ВИДЕО)

Американската влада објави документи поврзани со едно од најпознатите митски суштества од локалниот фолклор - Бигфут, познат и како Саскуч.

Американската влада објави документи за суштеството „Бигфут“, деталите го зачудија светот (ВИДЕО)

Тие содржат извештаи за необични траги, сведоштва на ловци и детали од истраги кои привлекуваат внимание на јавноста со децении, објави Пипл.

Случаи од Монтана и Орегон

Следејќи го примерот на Пентагон, кој на почетокот на 2026 година ја прошири јавно достапната архива за неидентификувани летечки објекти, Шумската служба на својата веб-страница објави и помала збирка документи за мистериозното суштество.

Федералната агенција, која работи во рамките на Министерството за земјоделство на САД, објави документи со наслов „Bigfoot/Sasquatch Records“ на 15 октомври, во согласност со Законот за слобода на информации.

Според веб-страницата, историските документи потекнуваат од нивната канцеларија во Вашингтон, но се однесуваат на средби и случаи поврзани со Бигфут во сојузните држави Монтана и Орегон.

Меѓу нив е исечок од весник од 2003 година за мистериозни отпечатоци пронајдени во Монтана. Текстот, преземен од изданието на Clark Fork Valley Press, опишува „стотици неидентификувани траги“ пронајдени во близина на патот. Вклучува и интервјуа со локалните жители кои ги откриле.

Заедно со написот беа објавени и фотографии од наводните стапалки, за кои жителите претпоставуваа дека „припаѓаат на Сасквач“.

„Што друго би можело да биде? праша еден од нив.

Вториот документ ја претставува истрагата на американското Министерство за земјоделство за пријавени „траги пронајдени во шумата во Орегон во 1982 година“.

YouTube video

„Чудни индиции“

Извештајот се занимава со друго наводно откритие на стапалки од Бигфут во сливот на Мил Крик, во Националната шума Уматила во Орегон. Документот, од 18 јуни 1982 година, опишува три случаи во кои биле забележани наводните траги и вклучува фотографии од тие наоди.

Според извештајот, во текот на истрагата биле направени и гипсови од отпечатоците, пренесува People.

Родни Џонсон, идентификуван во документот како биолог на дивиот свет, напишал дека заклучил дека големите отпечатоци „не биле направени од суштество кое оди на две нозе и тежи повеќе од 136 килограми“, опис кој многу наликува на вообичаените поими за Бигфут.

Во извештајот од 1982 година, Џонсон исто така изјавил дека, доколку траките се лажни, некој ќе мора „да вложи извонреден напор и внимание во нивното создавање“.

„За малку ќе се посомневав дека за да се направат тие „лажни“ стапала, мора да се употреби гипс направен од вистинско стапало. Меѓутоа, ако беше така, другите набори на стапалото треба да се видат“, се наведува во документот.

Третиот документ претставува лично сеќавање на уште една средба со „невообичаени траги“ во Монтана, за време на ловечка експедиција во 1949 година. Историски извештај од областа Пети Крик беше составен од Лео Кини, кој се сеќава дека видел „низа отпечатоци“ во таа прилика.

Група од четворица ловци верувале дека трагите му припаѓаат на суштество кое украло елен што го застрелале за време на претходниот лов.

YouTube video

Наводни средби во Охајо

Кини најпрво напиша дека мислеле дека е „голема мечка“, бидејќи заедно со отпечатоците забележале „силен мирис“ и „грчење звук“.

„Меѓутоа, мечките не одат само на задните нозе, освен на кратки растојанија, и нормално би влечеле толку голем труп“, напиша тој.

„Што и да беше, го крена лосот целосно, така што не ја допираше земјата“, додаде Кини.

Сепак, иако објавувањето на документите е ново, тие не мора да претставуваат нов доказ дека Bigfoot всушност постои.

Дејвид Дејглинг, професор по антропологија и автор на книга за наследството на Бигфут во американската култура, изјави за Њујорк Тајмс дека документите објавени од Шумската служба се „вообичаената приказна за Бигфут“.

„Објавувањето на овие документи во никој случај не е револуционерно“, рече тој.

Објавувањето доаѓа неколку месеци откако серијата наводни средби со мистериозното суштество во Охајо повторно го разгореа интересот за Бигфут претходно оваа година. Таму случаите беа најбројни од крајот на седумдесеттите.

Отприлика во исто време, документарецот Марк Еванс сними филм, чија премиера беше прикажана на фестивалот SXSW, за кој тврди дека конечно докажува дека најпознатата снимка од Бигфут на сите времиња е всушност „неверојатна измама“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер