Коѕијас: Потребна е активна политика и иницијативи од Грција по ветото од Макрон

Грција треба да преземе иницијативи и да се сретне, да разговара, да се координира со земјите кои што го делат истиот став за стабилноста на Балканот ,рече поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас.

Коѕијаас говореше на конференцијата „За прогресивна надворешна политика", организирана од Институтот за алтернативни политики „ЕНА".

За аспектите на грчката надворешна политика, за позициите на актуелната влада, но и за последните случувања по француското вето за европската перспектива на Македонија и Албанија, на конференцијата заедно со Никос Коѕијас дискутираа и поранешниот вицепремиер и министер за економија во владата на СИРИЗА, а сега пратеник, Јанис Драгасакис и професорката по компаративна политика Марилена Копа.

Поранешниот шеф на грчката дипломатија упати критики до актуелната влада за политиката што ја следи, рече дека „гледа кон внатрешноста, како што во голема мерка гледаше и Макрон" и објасни дека надворешна политика не се води гледајќи кон внатрешноста на земјата. Порача дека се потребни иницијативи и активности.

-Јас верувам дека Грција треба да преземе иницијативи. Грција треба да одржи средби со други држави кои се со истиот став за стабилност на Балканот. Треба да ја поддржи италијанската иницијатива, рече Коѕијас и истакна дека и тој лично заедно со неговите пријатели министри за надворешни работи и поранешни министри ќе преземат иницијативи за европската перспектива на Северна Македонија.

Говорејќи за последниот Самит на ЕУ, Коѕијас објасни дека Унијата не донесе одлука против интеграција, беше за, но на крајот одлуката беше блокирана од Французите и истакна дека е потребна активна надворешна политика со цели и конкретни мерки.

-Кога одиш на самит на ЕУ не одиш да ги следиш и да ги регистрираш ставовите на другите, туку знаеш да кажеш мислења и се грижиш да преземеш такви мерки за да се зголеми веројатноста да помине твојот став или ако не помине, да има цена за оној поради кој не поминува, рече Коѕијас, пренесе МИА.

Објасни дека она што требало да се направи пред состанокот е сојузништво на земјите што ја поддржуваат интеграцијата на Северна Македонија, односно земјите од Вишеград, од Балканот и од балтичките земји, како што рече, да се формираше цврст фронт на 15 земји кои ќе настапеа со ставот дека „ако Франција стави вето, ќе наиде на вето од овие земји".

-Ако Макрон ја изразува неговата лутина кон Германците, бидејќи не направија продлабочување на европското обединување, ако ја изразува неговата лутина кон Европскиот парламент, бидејќи министерката за одбрана на Германија ја избра за претседател на комисијата, а неговата министерка одби да ја избере за член на комисијата, ако е лут, и со право, што Американците не го известија дека ќе се повлечат од Сирија, ако ги видиме неговите внатрешни случаи и стравот од Ле Пен итн,зко ги видиме сите овие работи, зошто да не стави вето? Јас ги прашав луѓето што ги знам во Франција, како реагира општеството на ветото на Макрон и ми велат одушевени се, задоволни се, истакна Коѕијас анализирајќи ја позицијата на францускиот претседател во однос на европската перспектива на Северна Македонија и Албанија.

Коѕијас изрази мислење дека само ако се смени ситуацијата благодарение на италијанската иницијатива, Македонија може да има доверба во Европската Унија.

Во однос на Договорот од Преспа, за време на конференцијата, поранешниот шеф на грчката дипломатија анализираше дека сега, Грција и Македонија, освен спроведувањето, може да следат неколку насоки.

-Едната е да се обидат да го поништат договорот. Ви велам од сега, дека тоа не е лесно. Северна Македонија некаде во февруари, почеток на март ќе влезе во НАТО. Под кое име ќе влезе? Под Северна Македонија. Република Македонија веќе не постои, рече Коѕијас објаснувајќи дека земја под името „Република Македонија" не постои ниту во Обединетите нации и истакна дека во меѓународното право не се толку едноставни работите.

Втората насока, според Коѕијас, за која рече стравува дека е дека може да ја следи дел од владата во Грција и опозицијата кај нас е „парализирање, односно да не се прави ништо".

-Нешто што го прави сегашната влада. И што прави сегашната влада? Не е активна за спроведување на Договорот од Преспа, обвинува за последниците од неактивноста и резултатите од договорот, но не како производ на нејзиното поткопување на договорот, туку како производ на слабоста на договорот, истакна Коѕијас.

Поранешниот вицепремиер и министер за економија во владата на СИРИЗА, а сега пратеник од опозициската партија, Јанис Драгасакис, упати критики до надворешната политиката што ја води актуелната грчка влада, рече дека „наместо да е протагонист, пасивно ги следи случувањата", истакна дека исходот од последниот Самит на ЕУ, има негативни не само за Македонија, туку и за сите.

Со сличен став е и професорката по компаративна политика Марилена Копа, која рече дека одлуката на Европскиот совет „ја поткопува на најлош начин стабилноста на Балканот", а за целото прашање Грција остана рамнодушна.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер