Кочанските риболовци пуштија 400 килограми крап во акумулацијата Гратче

Членовите на спортско-риболовното здружение „Кочански рибар" денеска пуштија 400 килограми крупен и ситен крап во акумулацијата Гратче, како дел од нивните активности за збогатување на рибниот фонд во езерото.

Ова е второ порибување годинава за кое риболовното здружение инвестираше околу 90 илјади денари, сопствени средства собрани од членарина и од продажба на риболовни дозволи, како и со финансиска поддршка од Општина Кочани.

-Почитувајќи ги законските обврски со концесискиот договор, во езерото пуштивме 100 килограми рибен подмладок, а останатата количина е крап со тежина од 1,5 до четири килограми. Во моментот во важност е целосна забрана за риболов што почна пред две недели и ќе трае до 15 јуни, а новина е тоа што годинава има намалување на тежината по примерок за улов, односно ќе биде дозволено да се лови риба до три килограми, истакна Димитар Димитров, претседател на риболовното здружение „Кочански рибар".

На порибувањето на езерото Гратче присуствуваше и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев при што упати благодарност до риболовците кои се грижат за одржување на рибниот фонд и животната средина.

– Општина Кочани ќе продолжи да поддржува вакви и слични акции, што овозможуваат дополнителна можност за развој на туристичките и рекреативните потенцијали. Освен тоа, ние како локална самоуправа го вклучивме просторот околу акумулацијата во проектот „Планински велосипедски рај", со што во наредниот период тој ќе биде уреден и ќе добие поинаков изглед, а со патека за авантуристички велосипедизам долга 35 километри ќе биде поврзан со Кочани и со планинскиот центар Пониква, истакна градоначалникот Илијев.

Од спортско-риболовното здружение „Кочански рибар" најавија дека до крајот на годината планираат најмалку уште две порибувања на езерото Гратче, а ќе ја продолжат и соработката со Општината за реализација на други проекти за збогатување на рибниот фонд и зачувување на природната околина.

Кнежевското семејство од Монако вознемирено од обвинувањата за прекумерно трошење пари

Принцот Албер од Монако, во ново интервју за „Пари мач“ (Paris Match), по повод неговиот 66-ти роденден, изјави дека неговото семејство и јавноста го поддржале откако поранешен сметководител го обвини за финансиски неправилности. 

Сепак, тој призна дека неговата сопруга, принцезата Шарлин, е вознемирена поради сѐ тоа.

- Шарлин беше многу вознемирена и тажна поради одредени работи што се појавија во медиумите. Но, ние се поддржувавме меѓусебе, изјави принцот Албер.

Принцот (66) зборуваше за тоа два месеци откако неговиот поранешен вработен Клод Палмеро тврдеше дека личните трошоци на Шарлин скокнале на повеќе од милион евра годишно. Палмеро (67) беше задолжен за финансиите на кнежевското семејство од Монако повеќе од 20 години, но се повлече во јули. Протечените документи го обвинуваат семејството и дека наводно вработувало нелегални имигранти.

Принцезата Шарлин ја нарекуваат „најтажната принцеза на светот“, поради нејзиното наводно постојано лошо расположение, како што се говори. И за нејзиниот брак со Албер често се јавуваат гласини дека е во криза, но кнежевската двојка и натаму се појавува заедно во јавноста.

Еврокомесарот Рејндерс од 25 април ја става функцијата во мирување

Во соопштението се посочува дека функцијата на Рејндерс ќе биде во мирување од 25 април, кога официјално стартува изборната кампања за нов генерален секретар на Советот на ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го одобри барањето еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс за неплатено отсуство од должноста, откако на почетокот на неделава Комитетот на министри на Советот на Европа ја поддржа неговата кандидатура за нов генерален секретар на оваа паневропска организација, соопшти ЕК.

Во соопштението се посочува дека функцијата на Рејндерс ќе биде во мирување од 25 април, кога официјално стартува изборната кампања за нов генерален секретар на Советот на ЕУ, па до гласањето за избор во Парламентарното собрание на Организацијата, што е предвидено за во јуни.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ЕК информира дека имајќи ја предвид заложбата на Рејндерс да се воздржи од директно и индиректно учество во каква било активност поврзана со изборната кампања до 25 април, да гарантира дека таква активност не се спроведува во негово име, како и да избегне какви било дополнителни дејствија што би можеле да се перципираат како конфликт на интереси, Фон дер Лајен му одобри неплатено отсуство, нагласувајќи дека и во тој период за него ќе важат одредбите и правилата од Кодексот за однесување на членовите на Европската комисија.

- Претседателката посебно ја истакна обврската да не ги користи човечките или материјалните ресурси на Комисијата во периодот на кампањата и да продолжи со почитување на принципите на доверливост и колегијалност, како и со општите обврски утврдени во Кодексот на однесување, се додава во соопштението, при што се посочува дека за привременото повлекување на Рејндерс, ЕК ги информирала и Европскиот парламент и Советот на ЕУ.

Рејндерс е еврокомесар за правда од декември 2019 година, на која должност дојде од местото белгиски министер за надворешни работи, функција што ја извршуваше од декември 2011 година во влади на тројца премиери. Пред тоа, од јули 1999 до декември 2011 тој беше министер за финансии на Белгија. Од декември 2018 до ноември 2019 паралелно со должноста шеф на дипломатијата, беше и министер за одбрана. Тој веќе беше кандидат за генерален секретар на Советот на Европа во 2019 година, но загуби од актуелната шефица на Организацијата, Марија Пејчиновиќ Буриќ.

Негови противкандидати за функцијата се донеодамнешниот швајцарски министер за внатрешни работи Ален Берсет и поранешниот естонски министер за култура Индрек Сар.

Засега е не јасно дали доколку биде избран на новата должност, Рејндерс уште веднаш ќе го напушти местото еврокомесар или ќе го истурка целиот мандат до крај. Мандатот на сегашната Европска комисија и на нејзините членови истекува со изборот на новиот состав на извршното тело на ЕУ, што се очекува да се случи во октомври или ноември. Од друга страна актуелниот мандат на Пејчиновиќ Буриќ истекува во септември.

„Гответе со Дракче“ - Шпагети со школки

Во среда (27.03.2024) во емисијата гостин ни беше Катерина Танева.

Состојки за денешниот рецепт:

1 пакетче шпагети

2 пакетчиња школки

2 конзерви пасиран домат

1 главица лук

1 лимон

бибер, сув зачин, сол по потреба

Погледнете како се подготвува овој рецепт:

притисни ентер