Коалицијата на власт заеднички во трката за претседател, името на кандидатот утре

СДСМ и ДУИ на претседателските избори во април ќе излезат со заеднички кандидат. 

Лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера по средбата со Заев рече дека ваквиот договор во иднина треба да биде стандард во нашата земја кој ќе биде корисен за граѓаните и за државата.

– Направивме суштинска анализа, имајќи предвид дека треба да воспоставиме еден стандард во нашата земја, иако обиди за тоа имаше и порано но беа неуспешни. За да дадеме една здрава порака кон нашите граѓани дека имаме доволно зрели политички партии но и општество за да донесат заеднички одлуки за претседател на државата. Се договоривме на овие избори да излеземе со заеднички кандидат. Ова да стане стандард и во иднина кој ќе биде еден од корисните нови стандарди за граѓаните и државата, нагласи Ахмети.

Во однос на името на кандидатот, претседателот на ДУИ рече дека се разговара за имињата кои се спомнуваат во медиумите и дека наредните денови ќе има состаноци за да се одлучи за нив, а ќе има состаноици и со другите политички партии за да се здружат со, како што рече, оваа инцијатива за заеднички кандидат.

СДСМ за недела најави Конгрес на кој ќе биде соопштено името на кандидатот за претседател на Република Северна Македонија. Лидерот на СДСМ Зоран Заев пред првиот координативен состанок на партијата во вторникот вечерта на кој ги разгледувале извештаите од општинските организации и пристигнатите самокандидирањата, рече дека во тек е постапката за селектирање избор на заеднички кандидат.

-Ќе имаме и доста телефонски контакти и други видови на разговори со нашите секретари кои се во комуникaција со органите на политички партии со кои разговараме за да видиме дали има евентуално исчекор или можност да се дојде до заеднички кандидат. Информациите ми се позитивни, не сме многу далеку. Верувам дека имињата ќе бидат конечната причина за изнаоѓање на заеднички кандидат, рече Заев.

Коментирајќи го договорот помеѓу СДСМ и ДУИ за заеднички претседателски кандидат, лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера во интервју на 1тв рече дека е убеден оти тој е „најмалку консензуален кандидат".

– Тој кандидат е најмалку консензуален, туку заеднички кандидат поддржан од овие две партии за да го намали поразот на претседателските избори и кратко да ја продолжи политичката кариера на политичарите од овие две политички партии. Јас сум сигурен ако излезат со посебен кандидат ќе изгубат од Силјановска, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Конкурсот на СДСМ за пријавување на кандидати за претседател на државата заврши на 19 февруари. Единствено за кој е познато дека има поднесено кандидатура за претседател од СДСМ е поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов. /МИА

Шестите претседателски избори беа распишани од претседателот на Собранието, Талат Џафери на 8 февруари. Првиот изборен круг е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.

Северозападна Индија ја зафати топлотен бран, температурата во Њу Делхи достигна 47,1 степен

Топлотен бран зафати делови од северозападна Индија, а главниот град Њу Делхи е ставен во состојба на готовност поради опасно топло време.

Температурата во Њу Делхи достигна 47,1 степен Целзиусов, а блиските држави Пенџаб, Харајана и Раџастан исто така забележаа пораст на температурата што се очекува да се задржи во следните неколку дена.

Индискиот метеоролошки оддел ги предупреди луѓето да не излегуваат на Сонце во попладневните часови, да пијат многу вода и да носат соодветна облека. На ранливите лица, особено на постарите, им е препорачано да не излегуваат надвор.

Во април, мај и јуни секогаш има високи температури во поголемиот дел од Индија, но жештините станаа поинтензивни во текот на изминатата деценија./МИА

Усик стана првиот апсолутен светски шампион во тешка категорија во 21 век

Украинскиот боксер Олександар Усик го победи Британецот Тајсон Фјури во главната борба на боксерската вечер во Ријад и ја освои титулата апсолутен светски шампион во тешка категорија. 

Борбата траеше сите 12 рунди. Судиите со поделена одлука му ја доделија победата на Украинецот - 115:112, 113:114, 114:113.

Триесет и седумгодишниот Усик стана првиот неприкосновен светски шампион во тешка категорија по Ленокс Луис (41-2) во 2000 година и прв во ерата со четири појаси.

Претходно, во ерата на три појаси, само Ивандер Холифилд (44-10) беше апсолутен светски шампион во тешка категорија.

Сега украинскиот боксер има шест појаси: четири големи: ВБА (Супер), ВБЦ, ИБФ, ВБО и два помали: ИБО и Ринг.

За 35-годишниот Фјури ова беше прв пораз во кариерата. Пред оваа борба тој забележа 34 победи и една борба со негово учество заврши нерешено.

Усик сега има 22 победи во 22 борби./МИА

ИДФ ги повика Палестинците да ги евакуираат крајбрежните населби во северниот дел на Газа

Израелската армија ги повика Палестинците во крајбрежните населби во северниот дел на Газа да ја евакуираат областа додека ја продолжува операцијата во Џабалија.

Портпаролот на Израелските безбедносни сили (ИДФ) на арапски јазик, Авичај Адри, објави список на нови зони што треба да се евакуираат, а на палестинските цивили им беше кажано да се преселат во засолништа западно од градот Газа, пишува „Tајмс оф Израел“.

Минатиот викенд, ИДФ издаде предупредување за евакуација на градот Џабалија, пред да биде извршен нападот.

Оттогаш, армијата двапати ја прошири зоната за евакуација, а најновата најава ги вклучува областите Ал-Ататра и Ал-Карам во Појасот Газа. /МИА

притисни ентер