Клара Добрев: Унгарија никогаш не била поблиску до излез од ЕУ - Канал 5

Клара Добрев: Унгарија никогаш не била поблиску до излез од ЕУ

Унгарија никогаш не била толку блиску до напуштање на Европската Унија и приклучување кон руската сфера на влијание, изјави денеска европратеничката Клара Добрев од опозициската Демократска коалиција, цитирана од унгарската агенција МТИ.

Клара Добрев: Унгарија никогаш не била поблиску до излез од ЕУ

На прес-конференција одржана онлајн, Добрев го коментираше неодамнешниот предлог на лидерот на парламентарната група на владејачката партија ФИДЕС, Мате Кочиш, за измена на уставот што би овозможила протерување на граѓани со двојно државјанство од Унгарија.

„Ако владата сака да го усвои овој амандман, тогаш Унгарија прво мора да ја напушти Советот на Европа“, рече Добрев, нагласувајќи дека според Европската повелба за човекови права, државјаните не можат да бидат протерани од својата земја.

Таа оцени дека ФИДЕС само „измислува изговор“ за напуштање на Советот на Европа, што може да биде чекор кон излегување од ЕУ.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Audi“ инвестира 4 милијарди долари во САД: Подготовки за производство на големи теренски возила

„Audi“ планира изградба на фабрика во Америка со годишен капацитет од 200.000 возила, со цел да ги избегне „царините на Трамп“.

„Audi“ инвестира 4 милијарди долари во САД: Подготовки за производство на големи теренски возила

„Audi“ планира да ја изгради својата прва фабрика во Соединетите Американски Држави, со инвестиција од приближно четири милијарди долари.

Се очекува објектот, кој ќе се наоѓа во сојузната држава Џорџија, да вработи 4.500 луѓе и да има годишен производствен капацитет од 200.000 возила.

Изградбата треба да започне во 2027 година, а почетокот на производството се очекува на почетокот на 2030-тите години.

Локалното производство ќе му овозможи на „Audi“ да произведува возила поблиску до американските купувачи, да ја намали зависноста од увоз од Европа и да го ублажи влијанието на царините врз возилата произведени во странство.

Германскиот производител сè уште официјално нема потврдено кои модели ќе се произведуваат во новиот погон.

Сепак, најавено е дека фабриката ќе биде наменета за големи, луксузни „SUV“ модели, прилагодени за северноамериканскиот пазар.

Меѓу потенцијалните кандидати се идните генерации на моделите „Q7“ и „Q9“. Исто така, не е исклучено ниту производството на следната генерација на „Q8“ – модел кој ја дели платформата со „Q7“.

Зошто „Audi“ гради посебна фабрика?

Интересно е тоа што „Volkswagen Group“ веќе инвестира околу две милијарди долари во фабрика на „Scout Motors“ во Јужна Каролина.

Во тој погон е предвидено производство на „SUV“ моделот „Traveler“ и пикап возилото „Terra“, со планиран годишен капацитет до 200.000 возила.

Бидејќи и двата објекти се наоѓаат во југоисточниот дел на САД, се поставува прашањето зошто „Volkswagen Group“ не би ја искористила постоечката инфраструктура за производство на моделите на „Audi“.

Една од причините би можела да биде различната природа на возилата. „Scout“ развива робусни модели со традиционална шасија, додека „Audi“ би произведувал луксузни „SUV“ возила, што подразбира поинакви технички и производни барања.

Оваа инвестиција доаѓа во момент кога „Volkswagen Group“ спроведува обемна програма за намалување на трошоците и се обидува да ја подобри профитабилноста – потег што делумно е поттикнат од силната конкуренција на кинескиот пазар. „Audi“, сепак, смета дека локалното производство ќе помогне да се зајакне неговата позиција во Северна Америка и да се зголеми неговата конкурентност на еден од најважните светски пазари за луксузни автомобили.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кинеската комунистичка партија усвојува мерки за „сеопфатно и строго самоуправување“

Си го запозна Централниот комитет со нацрт-документ кој, според државната новинска агенција „Синхуа“, се осврнува на предизвиците со кои се соочува Партијата.

Кинеската комунистичка партија усвојува мерки за „сеопфатно и строго самоуправување“

Кинеската комунистичка партија денеска започна четиридневен состанок на високи функционери, со цел усвојување конкретни мерки за „сеопфатно и строго самоуправување на Партијата“, додека претседателот Си Џинпинг се обидува да го зацврсти својот авторитет и да наметне идеолошко единство.

Си го запозна Централниот комитет со нацрт-документ кој, според државната новинска агенција „Синхуа“, се осврнува на предизвиците со кои се соочува Партијата – вклучително и зајакнување на капацитетите за управување и борбата против корупцијата, прашање на кое претседателот посвети посебно внимание во текот на својот мандат.

Спроведувањето на клучните одлуки и планови на Централниот комитет не смее да се сведе на празна реторика, истакна кинеската новинска агенција во својот коментар. „Од клучно значење е да се усовршат институционалните правила и прописи за да се затворат правните празнини, да се зајакнат заштитните механизми и да се обезбеди нивна ефективна примена“, се наведува во текстот.

„Мораме повторно да се родиме како феникс.“

Централниот комитет ќе одржи седница зад затворени врати од денеска до четврток. Ова е петти ваков состанок откако сегашниот состав беше формиран во 2022 година, поради што се нарекува „Петти пленум“. Аналитичарите проценуваат дека ова би можело да биде последниот голем партиски собир пред промените во раководството во 2027 година, кога се очекува Си да ја задржи својата највисока функција за четврти мандат. Во последните години, кинескиот претседател предводеше кампања против корупцијата, која доведе до отстранување на стотици високи функционери и генерали – вклучително и некои од неговите поранешни сојузници.

Критичарите тврдат дека овие чистки, особено оние насочени кон највисоките ешалони на вооружените сили, ја дестабилизираат војската и ја поткопуваат нејзината борбена готовност. Партијата, сепак, ја претставува оваа кампања како неопходна и регенеративна, тврдејќи дека војската мора да доживее „преродба“ – слично на феникс – преку „капење во пламен и повторно калење“.

„Способноста и владеењето на правото имаат предност пред врските и поткупот“

Во коментар на агенцијата „Синхуа“ се истакнува антикорупциската кампања како доказ за „континуирано и систематско“ управување, чија цел е „да се осигура дека функционерите не се осмелуваат, не можат и немаат желба да се впуштат во корупција“.

„За глобалните инвеститори и креаторите на политики, ова укажува на поголема предвидливост“, се наведува во коментарот, при што се појаснува дека Кина создава потранспарентна средина за меѓународна соработка – средина во која способноста и владеењето на правото имаат предност пред личните врски и поткупот.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Второ издание на Меѓународната научна конференција Мит и драма во Скопје

Во просториите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје ќе се одржи второт издание на меѓународната научна конференција со наслов Мит и драма: кризи, граници, другости (27-28 октомври 2026). 

Второ издание на Меѓународната научна конференција Мит и драма во Скопје

Настанот е организиран под покровителство на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје, а во соорганизација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, УКИМ, Скопје, Институтот за македонска литература, УКИМ, Скопје и Факултетот за драмски уметности, УКИМ, Скопје. Шеесетина експерти од областа на хуманистичките науки и театарските студии, кои истражуваат во земјава и во странство (Франција, Обединетото Кралство, Шведска, Соединети Американски Држави, Грција, Полска, Турција, Индија, Шпанија, Италија, Словенија, Хрватска, Србија, Нигер и др.), ќе дискутираат за комплексните релации меѓу драмата и митот, од времето на антиката па сѐ до денес, во глобални рамки.

Конференцијата предвидува и три пленарни предавања, од истакнати професори и професорки од оваа област: Пјер Лонгенес, Оддел за театарски студии, Универзитет Нова Сорбона – Париз 3, Душка Радосављевиќ, Универзитет во Лондон и Универзитет во Лунд, и Маја Бојаџиевска, Филолошки факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Свеченото отворање на конференцијата е закажано за 27 октомври во 9:30 часот, во просториите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

Конференцијата е отворена за сите заинтересирани, а програмата е достапна на следниов линк:

https://flf.ukim.mk/wp-content/uploads/Programme-Myth-and-Drama-2026.pdf

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер