Кинескиот претседател повика на градење мостови на соработка во светската економија

Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на изградба на „мостови“ на соработка во светската економија додека Пекинг се бори со економски и безбедносни спорови со своите соседи и трговски партнери ширум светот.

-Кина никогаш нема да го напушти патот на мирен развој. Соочувајќи се со историјата на мирот или војната, единството или конфронтацијата, мораме да го пренесеме духот и конотацијата на „петте принципи“ на мирен соживот, рече Си на конференцијата по повод Водечките принципи на Кина во надворешните работи, што првпат беа формулирани пред 70 години , пренесуваат британските медиуми.

„Петте принципи“ првпат се појавија во пактот од 1952 година постигнат со регионалниот ривал Индија за нивната хималајска граница.

Откако Кина минатата година посредуваше во неочекуваниот детант меѓу Иран и Саудиска Арабија, првиот кинески дипломат Ванг Ји изјави дека земјата ќе продолжи да игра конструктивна улога во решавањето на глобалните проблеми.

Британските медиуми пренесуваат дека трговските врски на Кина со Европската унија се под притисок бидејќи 27-члениот блок планира да воведе дополнителни царини за електричните возила од кинеско производство.

Европската унија ја обвинува Кина дека го преплави нивниот пазар со евтини електрични возила произведени од кинеските производители на автомобили, кои имаат корист од големите владини субвенции.

-Во ерата на економската глобализација, важно е да не се создаваат поделби, туку да се градат мостови на комуникација, да не се крева железната завеса на конфронтација, туку да се отвори патот за соработка, рече Си.

Гувернерот на Истанбул ја забрани Парадата на гордоста, го затвори центарот на градот

Гувернерот на Истанбул Давут Ѓул денеска ја забрани овогодинешната Парада на гордоста во Истанбул и го затвори центарот на градот.

„Настанот нема да биде одобрен“, соопштија од канцеларијата на гувернерот, без да наведат причина.

„Илегалните групи повикаа на неовластен протестен марш“, се додава во соопштението.

Областа околу централниот плоштад Таксим е затворена за возила, а движењето на пешаците е под контрола. Полицијата претходната вечер веќе постави бариери во центарот на градот.

Активистите повикаа на протести во корист на правата на ЛГБТК лицата.

Владата со години се обидува да го спречи одржувањето на Парадата на гордоста. Минатата година беа приведени голем број лица.

Како што наведуваат локалните медиуми, хомосексуалните односи не се нелегални во Турција, но владините претставници и претседателот Реџеп Таип Ердоган постојано изразуваат отворено непријателство кон ЛГБТК лицата. /МИА

Французите масовно гласаат во првиот круг од парламентарните избори

 Французите денеска масовно излегуваат на првиот круг од вонредните парламентарни избори, што би можело да го отвори патот на екстремната десница да дојде на власт, пренесуваат странските агенции.

Излезноста на гласачите до пладне беше 25,90 отсто, односно повеќе од претходните избори во 2022 година, кога до пладне гласаа 18,43 отсто од граѓаните.

Многу политичари гласаа во нивните области утринава, вклучително и претседателот Емануел Макрон, лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен и премиерот Габриел Атал.

Првите резултати од излезните анкети ќе бидат познати околу 20 часот по затворањето на гласачките места.

Според последните анкети, екстремната десница предводена од младиот Жордан Бардела (28) би можела да освои меѓу 35 и 36,5 отсто од гласовите.

На второ место треба да биде левата коалиција, во која радикалната левичарска партија Непокорна Франција е со 27,5 до 29 отсто од гласовите, додека центристичката коалиција на Макрон е на трето место со 20,5 до 21 отсто од гласовите. /МИА

За влез во земјава на „Табановце“ се чека два часа, на останатите премини околу еден час

Зголемена е фреквенцијата на сите гранични премини за влез во земјава, информираат од АМСМ за МИА. 

Најголем интензитет на сообраќај има на Граничниот премин „Табановце“, каде се чека околу два часа, додека на останатите гранични премини од АМСМ велат дека се чека по околу еден час.

Од АМСМ нагласуваат дека зголемен е интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини. Препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

притисни ентер