Кинескиот премиер е во прва посета на Австралија по седум години

Кинескиот премиер Ли Кианг, кој е во посета на Австралија, се фокусираше на позитивните аспекти на билатералните односи, пренесоа светските агенции. Ли Кианг вчера вечерта пристигна во Аделаида, главниот град на државата Јужна Австралија. 

Таа произведува најмногу австралиско вино увезено во Кина.

Ли ја посети локалната зоолошка градина, која до ноември минатата година беше дом на две кинески џиновски панди речиси 15 години. Во ноември минатата година се вратија во татковината. Сега Ли вети уште две панди во зоолошката градина.

-Односите меѓу Кина и Австралија се вратија на вистинскиот пат по период на подеми и падови и сега носат опипливи придобивки за народите на двете земји, рече Ли.

Ова е прва посета на кинески премиер во последните седум години. Тоа е одговор на посетата на австралискиот премиер Ентони Албанезе на Кина, која се одржа во ноември минатата година. Посетата тогаш беше и прва на австралиски премиер на Кина од 2016 година.

-Историјата покажа дека меѓусебното почитување, барањето разбирање, надминувањето на разликите и стремежот за заемно корисна соработка се драгоцени искуства во растечките кинеско-австралиски односи, рече Ли, додавајќи дека овие напори треба да се поддржат и да означат уште поголем напредок.

Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг рече дека посетата на Ли е резултат на двегодишната работа на австралиската влада за стабилизирање на билатералните врски и отстранување на бариерите за трговијата.

Ли утре ќе ја посети Канбера, како и фабрика за преработка на литиум контролирана од Кина во државата западна Австралија богата со ресурси во вторник.

Австралискиот премиер Албанезе рече дека ќе го покрене со Ли прашањето за неодамнешните инциденти меѓу војските на двете земји во Јужното Кинеско и Жолтото Море.

По Австралија, Ли ќе ја посети Малезија, а претходно беше во Нов Зеланд.

Поплавени подруми, оштетени автомобили, паднати дрвја–последици од невремето во Скопје и Тетово

Скопје полека заздравува од опасното синоќешно невреме каде дрвја се кршеа како гранчиња, летаа покриви по булеварите, а сообраќајни сигнализации и заштитни огради им висеа на скопјани над глава.

Ова е дел семафорот кој од синоќешното време беше пресечен како со брусалица, а денеска екипите на терен и го заменија со нов кој е поставен на истото место.

За среќа нема жртви, ниту повредени. Но телефонот на ЦУК ѕвонел непрекинато, имале над 2700 повици, најголемиот дел се за оштетувања...

-Силниот ветер сруши повеќе дрва, повеќе гранки, некои од нив паднаа врз возила, но исто така паѓаа и сообраќајни знаци, семафори, најголемата опасност беше од металната ограда од железничкиот мост во автокоманда која за среќа ниту уби, ниту повреди некого, а тоа за малку можеше да се случи и третиот момент е градот кој што нанесе големи штети на земјоделските површини,- -Стојанче Ангелов – Директор на ЦУК.

Скопјани сведочат невремето било страшно, а дел од конструкциите, како оградата на железничкиот мост која падна во автокоманда велат требало да биде претходно санирана за при невремиња да не создаваат опасност..

Невремето најсилно ги погоди Тетово и околината, каде улиците се претворија во реки со заглавени автомобили, а подрумите на 50тина куќи и тетовската болница во базени, па граѓаните бараа да се исклучи и струјата во градот за да не дојде до хаварија или опасност по нечиј живот.

Автопатот помеѓу Скопје – Гостивар на неколку места беше непрооден, поради врнежите од град коли застануваа на бензиски пумпи, наплатни рампи, а некои на среде автопат.

А, во водената стихија, во Јегуновце шест члено семејство остана заглавено во својот дом... со брзата реакција на службите бргу се надмина ситуацијата, а таму присутен беше и Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода – Орце Ѓеорѓиевски.

Помогнавме со потопни пумпи за да можеме да помогнеме на домаќинствата кои што беа поплавени таму, таму беше сериозно лоша сликата, но веќе утринава стапив повторно во контакт, надминати се генерлано проблемите, има во Јегуновце уште неколку дворови каде што треба да се испумпа водата, мислам дека се нормализира состојбата.

Сега на ред е комисијата која функционира како дел од Владата, да ги процени штетите, а граѓаните со соодветна документација да побараат обештетувања...

Меџити ја презеде функцијата министер за животна средина и просторно планирање

Новименуваниот министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска ја презеде функцијата од досегашната министерка Каја Шукова.

Шукова го информираше Меџити за тековните процеси и актуелните предизвици во животнтата средина и му посака успех во извршувањето на функцијата.

Министерот Меџити најави дека во иднина Министерството за животна средина и просторно планирање ќе предлага и спроведува политики за подобрување на животната средина и на квалитетот на животот на граѓаните како апсолутен приоритет и дека во овој предизвик Владата ќе биде заедно со граѓаните и граѓанскиот сектор за секоја иницијатива која за цел го има општото добро.

Димитриеска-Кочоска ја презеде функцијата министер за финансии

Се обврза на посветена и чесна работа

Гордана Кочоска Димитриеска изутрината ја презеде функцијата министер за финансии од досегашниот министер Фатмир Бесими.

Ја презедов оваа функција од мојот претходник, поранешниот министер Фатмир Бесими, обврзувајќи се на посветена и чесна работа за време на извршувањето на функцијата, напиша министерката Димитриеска-Кочоска на својот ФБ профил.

Бесими кој со ресорот раководеше од септември 2020 година ја запознал новата министерка со тековните активности и проекти на кои се работи во Министерството за финансии. При тоа било посочено дека Министерството има значајна улога и оти е најважно да се спроведат реформи коишто ќе обезбедат одржливост во финансиите и економски раст.

Димитриеска-Кочоска е дел од Владата на премиерот Христијан Мицкоски, која беше изгласана вчера во Собранието.

Родена е на 6 јуни 1983 година во Тетово. Дипломирала на Економскиот факултет Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ каде била студент на генерација 2020-2006 со просек 9,55, по што на Економскиот институт Скопје магистрирала економски науки од областа на финансискиот менаџмент. Има специјализација и последипломско неформално дообразување во областа на финансии и контролинг: едногодишна Контролинг академија, спроведена од Менаџмент центар Белград, и едногодишна програма за сертифициран сметководствен аналитичар, спроведена од АБИТ Академија, Скопје.

Од странски јазици знае англиски одлично и шпански добро, а од компјутерски вештини Microsoft.

Покрај ангажман како дополнителен заменик министер за финансии во техничката Влада во 2020 година, од 2018 до 2020 и од 2020 до 2024 година работела како финансиски консултант во област на контролинг, финансии и даноци во КФК ДООЕЛ. Од 2014 до 2017 година е член на УО и директор за финансии во АД Електрани на Македонија, а претходно седум години работела во Секторот за корпоративно банкарство во Стопанска банка АД Скопје и една година во Министерството за финансии, Кабинет на министер во Сектор за јавен долг и Одделение за единици на локална самоуправа.

притисни ентер