Калас го повика Иран да ги обнови преговорите за нуклеарната програма - Канал 5

Калас го повика Иран да ги обнови преговорите за нуклеарната програма

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, вчера во телефонски разговор со шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, го повика Техеран веднаш да ги обнови преговорите за прекин на неговата нуклеарна програма.

Калас го повика Иран да ги обнови преговорите за нуклеарната програма

-Заканите за повлекување од Договорот за неширење само дополнително ги зголемуваат тензиите, нагласи Калас, потсетувајќи на заканите на Иран за повлекување од овој договор.

Таа додаде дека соработката со Меѓународната агенција за атомско оружје (МААЕ) мора да се обнови и дека ЕУ е подготвена да го олесни тој процес, пишува Политико.

Арагчи рече дека за време на разговорот ја изразил длабоката недоверба на Техеран кон САД, осудувајќи го „деструктивниот пристап“ што го презедоа „некои европски земји“ и генералниот директор на МААЕ во врска со неодамнешниот конфликт меѓу Израел и Иран.

Почина поранешниот нигериски претседател Мухамаду Бухари

 Поранешниот нигериски претседател Мухамаду Бухари, кој ја водеше својата земја прво како војник, а потоа како избран претседател, почина вчера во болница во Лондон на 82-годишна возраст, изјави неговиот поранешен портпарол.

Почина поранешниот нигериски претседател Мухамаду Бухари

„Семејството на поранешниот претседател ја објави смртта на Мухамаду Бухари попладнево во клиника во Лондон“, објави на социјалните мрежи Гарба Шеху, кој беше негов портпарол за време на неговото претседателствување (2015-2023).

Бухари владееше со Нигерија со железна тупаница како војник во 1980-тите, пред да се преобрази во „пресоблечен демократ“, отслужувајќи два мандата како претседател, од 2015 до 2023 година.

Сегашниот претседател Бола Тинубу рече дека разговарал со сопругата на Бухари и му наложил на потпретседателот Кашим Шетима да отпатува во Англија за да го врати телото во Нигерија.

Бухари, по потекло од далечниот север на Нигерија, влезе во историјата во 2015 година станувајќи првиот кандидат на опозицијата што победил актуелен претседател.

Неговата изборна победа, во земја каде што реизборот на актуелен претседател се сметаше за однапред одреден, се сметаше за ретка можност за промени во Нигерија.

Но, неговото доаѓање на власт не успеа да ги реши тековните проблеми на земјата, вклучувајќи ја корупцијата, несигурноста и економските проблеми со кои се соочува нафтениот гигант.

Силен земјотрес од 6,9 степени ја погоди областа Танимбар во Индонезија

Земјотрес со јачина од 6,9 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди морскиот дел, југозападно од регионот Југоисточен Малуку во Индонезија, соопшти Индонезиската агенција за метеорологија, климатологија и геофизика (BMKG).

Силен земјотрес од 6,9 степени ја погоди областа Танимбар во Индонезија

Потресот е регистриран во 12:49 часот по локално време, со епицентар на околу 170 километри југозападно од островот Танимбар, на длабочина од 108 километри, се наведува на официјалната веб-страница на BMKG и во објавата на агенцијата на социјалните мрежи.

Според Германскиот центар за геонауки (GFZ), иницијално било наведено дека епицентарот се наоѓа во море, на длабочина од 10 километри, но подоцнежните податоци на BMKG укажуваат на значително поголема длабочина од 108 километри, што е вообичаено за т.н. „интермедијарни земјотреси“.

Засега нема информации за евентуални жртви или материјални штети. Локалните власти внимателно ја следат состојбата и апелираат до граѓаните на погодените подрачја да останат внимателни и да ги следат официјалните известувања и препораки од надлежните институции.

Иако не е издадено предупредување за цунами, граѓаните се повикани на зголемена претпазливост поради можност од последователни потреси.

Индонезија се наоѓа на т.н. Пацифички „Огнен прстен“, сеизмички активна зона каде се среќаваат неколку тектонски плочи, поради што оваа земја често се соочува со силни земјотреси и вулкански ерупции.

Американскиот специјален пратеник Келог пристигна во Украина

 Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог, пристигна во посета на Украина, каде што ќе разговара за голем број теми со раководството на земјата.

Американскиот специјален пратеник Келог пристигна во Украина

„Го пречекуваме специјалниот претставник на претседателот на САД, Кит Келог, во Украина. Одбрана, зајакнување на безбедноста, оружје, санкции, заштита на нашите луѓе, зајакнување на соработката меѓу Украина и САД - има многу теми за дискусија“, напиша Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, на својот профил на платформата Телеграм.

Јермак истакна дека Русија не сака прекин на огнот.

„Мир преку сила е принципот на американскиот претседател Доналд Трамп и ние го поддржуваме тој пристап“, рече тој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно истакна дека Украина подготвува информации за разговорите со Келог и дека смета на целосно разбирање на Вашингтон за тоа што може да се направи за да се „наметне мир“ врз Русија.

притисни ентер