Кајли Џенер е најследена жена на Инстаграм, има 300 милиони следбеници (ФОТО)

Кајли Џенер стана првата жена која достигна речиси неверојатна бројка од 300 милиони следбеници на Инстаграм.

Познатата инфлуенсерка ја престигна пејачката Аријана Гранде која досега беше најследената жена на популарната социјална мрежа, а не ја спречи тоа што во последно време се` помалку објавува поради бременоста. Најследена личност на Инстаграм и натаму е фудбалерот Кристијано Роналдо со 388 милиони следбеници.

Друга причина зошто таа објавува помалку од порано е нејзиното момче, раперот Тревис Скот. Имено, тој неодамна беше организатор и главен изведувач на фестивалот Astroworld каде што во стампедо загинаа 10 луѓе.

Инаку, фановите на популарната инфлуенсерка развија теорија дека таа веќе го родила своето второ дете во тајност, бидејќи Скот на Instagram Story објавил фотографија од божиќната атмосфера во нивниот дом, а на масата имало бебешка цуцла. Семејството Кардашијан-Џенер заедно го прославиле Божиќ, а Кајли ваквото шишенце го користела кога се родила нејзината прва ќерка Сторми.

Петков ја предаде апликацијата ,,dDnevnik" на Ковачевски за превенција и лекување дијабет

Бугарскиот премиер Кирил Петков на претседателот на Владата ,Димитар Ковачевски му ја предаде апликацијата „dDnevnik" која ќе им го олесни животот на болните од дијабетес во нашата земја.

Софтверското решение „dDnevnik" го изготвија врвните таленти на компанијата „Скеил Фокус", која како најголема странска инвестиција од Бугарија во ИТ секторот работи во нашата земја од 2019 година.

Станува збор за Проект подржан од Министерството за надворешни работи на Бугарија, преку оперативната Програма за развој, во кој компанијата „Скеил Фокус" е партнер заедно со Фондацијата Метаморфозис од Скопје, која има за мисија да ги доближи дигиталните технологии до сите граѓани.

Идејата за развој на ваков вид апликација е поддржана и прифатена и од Министерството за здравство на Република Северна Македонија.

Тимот на Скеил Фокус за време на реализацијата на Проектот ја развиваше апликацијата „dDnevnik", консултирајќи се со лекари, ендокринолози и секако со здруженијата на пациентите со дијабетес.

Корисниците на оваа апликација ќе имаат можност бесплатно да ја користат на македонски и албански јазик и ќе биде достапна за корисниците од февруари годинава. За неколку месеци, оваа апликација ќе стане активна и на бугарски јазик во Република Бугарија, за тамошните пациенти. Оваа мобилна апликација е достапна на двете платформи за IOS и за Android.

Претседателот на Бордот на директори на Скеил Фокус, Пламен Цеков пред присутните порача дека преку апликацијата „dDnevnik" дијабетичарите успешно ќе можат да се справат со предизвиците што ги носи дијабетесот и ќе им помогне во превенцијата и за поефикасно лекување.

„„dDnevnik" овозможува пациентите да ги запишуваат измерените вредности за нивото на шеќер во крвта на нивните мобилни телефони, наместо на хартија. Добиените анализи за одреден временски период, апликацијата овозможува да бидат споделени со лекарите или други блиски членови од семејството, преку однапред дефинирани правила од страна на корисникот", истакна Цеков.

Генералната менаџерка на „Скеил Фокус" за Македонија, Софче Јовановска порача дека голема е професионалната сатисфакција на целиот тим на компанијата од креирањето на ваков тип на апликација, која ќе им го олесни животот на болните од дијабетес, а на лекарите ќе им овозможи полесен пристап до аналитички податоци за здравјето на пациентите.

Ова е само еден од над 500 светски проекти, кои „Скеил Фокус" ги има испорачано за повеќе од 300 клиенти низ светот, во Америка, Европа и Азија. Токму годинава, „Скеил Фокус" слави 10 годишен јубилеј, 10 години забрзан раст и развој, препознаен и од реномираните Форбс и Фајненшл Тајмс кои што изминативе години ја вброија компанијата и во најбрзо растечките компании во Европа, се наведува во соопштението од Владата.

Во Скопје компанијата започна да работи со 10 вработени, а денеска бројката надминува 130 луѓе. Бизнис планот на „Скеил Фокус" е да ги мотивира и задржи младите ИТ кадри да останат во земјата.

Средба на претседателот Пендаровски со бугарскиот премиер Петков

Претседателот Стево Пендаровски го прими претседателот на Владата на Бугарија, Кирил Петков, кој престојува во официјална посета на Македонија, се наведува во соопштението на кабинетот на претседателот. 

На средбата се разговараше за можностите за унапредување на билатералната соработка во повеќе сфери од заеднички интерес, со оглед на тоа дека Македонија и Бугарија се блиски соседи и сојузници во НАТО. Во таа насока претседателот изрази поддршка за започнатиот дијалог меѓу двете влади, изнесените конкретни предлози, како и намерите за интензивирање на разговорите во наредниот период со цел постигнување мерливи резултати во интерес на граѓаните.

Во однос на отворените прашања меѓу двете земји, претседателот посочи дека е потребно враќање на довербата меѓу двете влади, што ќе придонесе за засилување на добрососедските односи и политичкиот дијалог за почувствителните прашања. Надминувањето на меѓусебните недоразбирања е важно за напречено одвивање на македонските евроинтеграциски процеси, како и за неутрализирање на растечкиот евроскептицизам и негативните тенденции во регионот.

Претседателот Пендаровски истакна дека Македонија во духот на добрососедството и почитување на принципот на еднаквост меѓу двете страни, има силна политичка волја да го продолжи дијалогот, со цел изнаоѓање на компромисно решение за отворените прашања.

Тој додаде дека отпочнувањето на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија ќе претставува придобивка за просперитетот и стабилноста на целиот регион. Тоа дополнително ќе влијае на унапредување на соработката во економијата, трговската размена, инфраструктурното поврзување како и соработката во областите на образованието, здравството и културата.

Вториот човек на Ватикан позитивен на коронавирусот

Италијанскиот кардинал Пјетро Паролин, државен секретар и втор човек на Ватикан, како и неговиот заменик, се позитивни на коронавирусот, соопшти денеска ватиканската медиумска служба.

„Паролин (67) е позитивен на Ковид, но со благи симптоми и сега е во изолација", изјави Матео Бруни, директор на медиумската служба.

Позитивен е и неговиот заменик Едгар Пења Пара, венецуелски надбискуп, и нема симптоми, додаде тој.

И двајцата биле вакцинирани против вирусот.

Папата Франциск (85), кој исто така е вакциниран, често се среќава со Паролин, кој му е десна рака и добар познавач на дипломатските прашања.

притисни ентер