Јужна Кореја призна дека се бори со вториот бран на коронавирусот

Здравствените власти на Јужна Кореја денеска објавија дека земјата е во вториот бран на коронавирус во околината на Сеул, каде што има послабо, но постојано ширење на инфекцијата по мајските празници.

Корејскиот центар за контрола и превенција на болести (KCDC) претходно објави дека првиот бран во Јужна Кореја никогаш не завршил.

Директорот на КЦДЦ Џонг Еун-кјонг изјави дека станало јасно дека празничниот викенд на почетокот на мај го означи почетокот на новиот бран на зараза концентриран во густо населената поширока област околу Сеул, каде што претходно имало регистрирано само мал број случаи.

„Веруваме дека првиот бран во градското подрачје беше од март до април, но и од февруари до март. Вториот бран започна со празникот во мај“, рече Џонг.

Кон крајот на февруари и во екот на епидемијата во таа земја, имало повеќе од 900 случаи на ден, што било првото големо ширење на инфекцијата надвор од Кина.

Интензивното пребарување по заразените и тестирањата ги намалило новите случаи до единоцифрени бројки до крајот на април.

Исто како што земјата се подготвуваше да објави олеснување на мерките за социјална оддалеченост на почетокот на мај, се појавија нови случаи, делумно кај млади луѓе кои излегувале во ноќни клубови и барови во Сеул за време на празничниот викенд.

„Првично предвидовме дека ќе избие втор бран на есен или зима“, рече Џонг.

„Нашите предвидувања се покажаа погрешни. Сè додека луѓето имаат близок контакт со други, веруваме дека ќе има инфекција“.

Иако дневниот број на случаи е на ниво што може да се контролира, доколку ширењето на инфекцијата продолжи во градот може да има стотици случаи на ден, изјави градоначалникот на Сеул Парк Вон-сун.

Јужна Кореја забележа 17 нови случаи во неделата. За прв пат по скоро еден месец, тој број се спушти под 20. Во петокот и саботата, заболени биле 48 , односно 67 лица.

Во земјата има вкупно 12.438 заразени и 280 жртви.

Армијата на Конго тврди дека спречила државен удар, три лица загинале во престрелката

Армијата на Конго соопшти денеска дека рано изутрината „спречила државен удар“ и ги уапсила сторителите, меѓу кои и неколку странци, а забележано е и пукање во главниот град Киншаса, при што загинаа три лица.

Портпаролот на армијата на Конго, генерал Силвен Екенге, на прес-конференција соопшти дека обидот за државен удар бил спречен од конгоанските одбранбени и безбедносни сили и дека ситуацијата е под контрола, но не даде повеќе детали.

Покрај тоа, се судриле луѓе во воени униформи и обезбедувањето на локален политичар во неговата куќа, на околу два километри од претседателската палата и делот од градот каде се наоѓаат некои амбасади. /МИА

Сабаленка за поразот од Швјонтек: Сè уште сум среќна со резултатот во Рим

Белоруската тенисерка Арина Сабаленка го коментираше поразот од полската претставничка Ига Швјонтек во финалето на турнирот во Рим. 

Таа истакна дека генерално е задоволна од нејзиниот настап во главниот град на Италија.

- Иако работите не одеа во моја корист, сепак сум среќен со резултатот во Рим. Во првиот сет не играв многу добро и не ја чувствував мојата игра. Во вториот се обидов да бидам малку поагресивна. Имав неколку можности да направам брејк. Можеби ако ги реализирав, натпреварот ќе испаднеше поинаку. Но, јас не го направив тоа. Ќе се обидам подобро следниот пат, рече Сабаленка на прес-конференција.

Во меч што траеше 1 час 29 минути Швјонтек победи со резултат 6:2, 6:3. Првиот светски рекет ја освои својата четврта ВТА титула во сезоната и 21-ва во кариерата.

Ова е втор меч на тенисерките во последните две недели. Швјонтек и Сабаленка се сретнаа на 4 мај во решавачкиот меч на турнирот во Мадрид. Тогаш победи исто така првиот рекет на светот. /МИА

Фјури побара реванш, Усик прифати

Британскиот боксер Тајсон Фјури, по поразот од Украинецот Олександр Усик во главниот меч на боксерската вечер во Ријад, потсети на клаузулата во договорот која предвидува реванш.

По објавувањето на резултатот, боксерите разговараа за одржување на реванш во октомври.

Усик, кој стана првиот апсолутен светски шампион во тешка категорија во 21 век, одговори: „Подготвен сум“.

За 35-годишниот Фјури ова беше прв пораз во кариерата. Пред оваа борба тој освои 34 победи и една борба со негово учество заврши нерешено.

Триесет и седумгодишниот Усик сега има 22 победи во 22 борби./МИА

притисни ентер