Ју Ес Опен: Сабаленка и Пегула финалистки

Американката Џесика Пегула и Белорусинката Арина Сабаленка ќе играат во финалето на последниот сезонски Грен слем турнир Ју Ес Опен во Њујорк.

Пегула во полуфиналето синоќа ја совлада Каролина Мучова од Чешка со 1-6, 6-4, 6-2.

Претходно во првото полуфинале на женскиот турнир, втората тенисерка во светот Сабаленка ја совлада младата американска сензација Ема Наваро со 6-3, 7-6 (2).

За триесетгодишната Пегула ова е прво грен слем финале во кариерата. Американката го загуби првиот сет со 1-6, а во вториот заостануваше со 0-2 и 30-40, но потоа направи пресврт и по два часа и 12 минути стигна до најголемата победа во кариерата.

Нејзините браќа и сестри и нејзиниот татко, 73-годишниот милијардер Теренс Пегула, гласно навиваа за неа на трибините. Таткото, кој го стекнал богатството во бизнис со нафта и гас, е еден од 400-те најбогати луѓе во светот според Форбс и поседува голема спортска империја.ег

Сабаленка по четврти пат стигна до финалето на грен слем турнирите, а досега двапати го освои Австралија опен. Ова е втор пат по ред да се најде во финалето на Ју Ес Опен каде лани загуби од локалната тенисерка Коко Гауф. /МИА

Киелини доби менаџерска улога во Јувентус

 Поранешниот долгогодишен фудбалер и капитен на Јувентус, Џорџо Киелини, се врати во италијанскиот гигант во улога на менаџер.

„Се вратив дома, во друга форма и улога, Јувентус е дел од мене“, објави синоќа Киелини на социјалните мрежи.

Тој ќе ја извршува административната улога на директор за институционални односи на Јувентус.

Киелини со Јувентус одигра 561 натпревари, а освои девет титули во Серија А, пет во Купот на Италија и двапати стигна до финалето на Лигата на шампиони (2015, 2017).

Киелини ја заврши својата фудбалска кариера минатата година, додека настапуваше за Лос Анџелес./МИА

Индија наскоро ќе го започне со години одложуваниот попис

Индија наскоро ќе го започне својот тригодишен одложен попис, објави денеска индискиот министер за внатрешни работи Амит Шах, цитиран од британските медиуми.

Националниот попис, кој се спроведува еднаш во деценијата, требаше да се спроведува во 2021 година, но беше одложен и поради пандемијата на Ковид-19 и поради технички и организациски причини, соопшти агенцијата.

Владата на индискиот премиер Нарендра Моди има за цел да пополни значајни празнини во податоците за населението на земјата во третиот мандат на премиерот по долгогодишни критики за ова прашање. За новата студија на Индија ќе и бидат потребни околу 18 месеци./МИА

Видео: Бразилски политичар удрил друг со стол за време на дебата

Еден од кандидатите за градоначалник на Сао Паоло, Бразил нападнал друг со столче за време на дебата. Хозе Луиз Датена и Пабло Марсало се расправаа, а потоа Датена замавна со стол кон својот противник.

Сè беше пренесувано во живо од ТВ Култура. Подоцна, Датена изјави за ТВ Култура дека го нападнал Маршал затоа што изнел стари наводи за сексуално вознемирување против него, кои биле отфрлени пред неколку години.

-Дојде со предмет кој беше архивиран, кој полицијата не го ни истражуваше бидејќи немаше докази. Нешто од пред 11 години што предизвика многу сериозна ситуација во моето семејство, изјави Датена.

Иако беше исфрлен од дебатата, тој во вчерашната изјава инсистираше дека не се кае за своите постапки, пишува Си-Ен-Ен.

Маршал беше примен во болницата Сирио Либанес. Неговиот тим соопшти дека тој бил примен во болница со можна фрактура во пределот на градниот кош и дека има потешкотии со дишењето. Од болницата велат дека се здобил со повреди на градниот кош и зглобот, но дека нема поголеми компликации./МИА

притисни ентер