Јанчев: ГФК Тиквеш 1930 Кавадарци оди во финале во Купот на Македонија!

Спортско Кавадарци денеска има причина за големо славје откако фудбалерите на Тиквеш во драматична завршница во пенал-рулетот го елиминираа Шкупи и се пласираа во финалето од Купот на Македонија.

Ова е прво финале во клупската историја на Тиквеш, па разбирлива е еуфоријата кај кавадарчани, воедно и оптимизмот пред мечот за трофејот што овој тим ќе го води следниот месец против Воска.

Пишуваме историја!

ГФК Тиквеш 1930 Кавадарци/FC Tikves 1930 Kavadarci оди во финале во Купот на Македонија!

Спортско Кавадарци!

Убаво Кавадарци!

Честитки момци, честитки кавадарчани!, објави градоначалникот Митко Јанчев со заедничка фотографија од соблекувалната.

Винска визија на Отворен Балкан во Белград ги поканува изложувачите

Третиот саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ ќе се одржи на Белградскиот саем од 22 до 24 ноември 2024 година со поддршка на владите на Република Србија, Македонија и Албанија, јави дописникот на МИА од Белград.

Саемот Винска Визија на Отворен Балкан е единствена и најголема регионална платформа за поврзување на винарите, дестилаторите, дистрибутерите, како и професионалците од винската индустрија. Саемот од година во година собира сè поголем број излагачи и професионални купувачи, отворајќи нови пазари и деловни можности за домашните производители.

Во 2023 година, саемот собра повеќе од 600 изложувачи од 29 земји, при што беа одржани повеќе од 2.000 B2B состаноци со дистрибутери од повеќе од 40 земји.

-Надоврзувајќи се на успехот и растот што го постигна саемот од година во година, ги покануваме сите излагачи да бидат дел од најголемата винска и дестилеријска манифестација во регионот, која дава можност за презентирање и пласирање на производите на меѓународно ниво, се наведува во соопштението на Стопанската комора на Србија (ПКС) во поканата до изложувачите на Винска Визија на ОБ.

Пријавите за саемот траат до 21 јуни 2024 година, а може да се преземат од официјалната веб-страница на Винска визија на Отворен Балкан: https://exhibitors.winevision.biz/.

Теракотните икони од Виничкото Кале на едномесечна изложба во Црна Гора

 Репрезентативна збирка од познатите теракотни икони од Виничкото Кале е претставена на едномесечна изложба во музејот Куслевова куќа во црногорскиот главен град Подгорица, како резултат на воспоставената соработка со музејот „Теракота“ од Виница.

Изложбата ја отвори македонскиот амбасадор во Црна Гора, Зеќир Рамчиловиќ при што истакна дека се работи за едно од најавтентичните и најзначајни сведоштва за ранохристијанството на балканските простори. Пред црногорската културна јавност се претставени 12 теракотни икони и осум пишани материјали.

-Гостувањето на изложбата во Црна Гора се договараше неколку години, но поради објективни причини беше одложувано. Конечно, со многу топлина и во одличен естетски амбиент, теракотните икони се изложени за посетителите. Се работи за простор во музејски објект што е добротворен дар од стоматологот Христо Куслев, алтруист со македонско потекло, кој во минатиот век направил убави хумани дела на црногорско тло. Морам да ја истакнам одличната соработка со кустосот Драган Радовиќ и директорката Ивана Чупиќ од Музеи и галерија на Подгорица, кои дадоа особен придонес во реализацијата на поставката. Поради големиот интерес, наместо до 7 мај, како што првично беше договорено, изложбата ќе трае до крајот на месецот, истакна Сара Даневска, директорка на музејот „Теракота“ – Виница.

По гостувањето во Подгорица во тек се договори виничките теракотни икони да бидат претставени и во другите црногорски градови. Поддршка во реализацијата на изложбата даде и Општина Виница. /МИА

ОН: Отстранувањето на експлозивните направи во Газа ќе трае 14 години

Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (ОЦА) соопшти дека отстранувањето на бомбите и другите видови неексплодирани убојни средства во Газа може да потрае 14 години.

Според проценките на ОН, за време на војната низ Газа биле создадени 37,5 милиони тони урнатини, од кои повеќето биле од бомби и други видови муниција кои не експлодирале.

ОЦА наведува дека околу два милиона луѓе или половина од населението на Газа нашле засолниште во Рафа. Тие имаат потешкотии да пристапат до основните потреби, како што се здравствената заштита, чиста вода и санитарни јазли.

Во извештајот на OЦA се додава соопштение од водоводните претпријатија од крајбрежните општини во Газа, во кое се предупредува дека водоводните и канализациските системи се блиску до целосен колапс.

притисни ентер