Изборната кампања да не се почнува предвреме, предупреди ДИК

По потврдување на регуларноста на кандидатурите на тројцата претседателски кандидати и по утврдување на редоследот на гласачкото ливче, за помалку од десет дена, односно од 1 април, официјално ќе стартува изборната кампања за претседател на државава.

Претседателските кандидати, кои во изминатите седмици редовно известуваа за своите активности низ земјава, со што неофицијално веќе ја почнаа кампањата, вчера добија предупредување од ДИК да не ја почнуваат предвреме кампањата.

Членот на ДИК Борис Кондарко, на 27-та седница на Комисијата, упати апел до кандидатите да се придржуваат кон членот 69-а од Изборниот законик, во кој е детално дефинирано што се се подразбира под кампања, од која тие треба да се воздржуваат до нејзиниот официјален почеток, на 1 април.

– За изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми, го цитираше Кондарко членот 69-а.

Посочи дека секој со сопствен пример може да даде придонес за успешни избори, но и сликата за изборниот процес да биде позитивна.

– Севкупната слика за изборниот процес и за нашата држава зависи од тоа како ќе се спроведат овие избори, затоа ги повикуваме сите, но пред се кандидатите за претседател во овој период пред почетокот на кампањата но и за време на кампањата, строго да се придржуваат, да бидат одговорни и сериозно да се однесуваат кон сите пропишани правила во Изборниот законик, што се однесуваат на предвремено почнување на кампањата, рече Кондарко.

Повика и побара коректна, чиста позитивна европска кампања, бидејќи, како што рече, тоа е во интерес на сите, пред се на кандидатите, на нивниот интегритет, во интерес на политичките партии, во интерес на ДИК, и во интерес на целата држава.

– Нема потреба поради определени непромислени постапки и изјави ние како ДИК да се ставаме во улога на судија и да одлучуваме по некакви приговори, подвлече Кондарко.

Во ДИК вчера беше спроведено жребувањето за редоследот на кандидатите за претседател на гласачкото ливче. Кандидатот на албанската опозиција за претстојните претседателски избори Блерим Река ќе биде прв на избирачкото ливче, втора е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова, а трет е кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски.

Во вториот круг нема да се прави нова жрепка, а кандидатите кои ќе влезат во вториот круг ќе го задржат редниот број од првиот круг.

Претставниците на претседателските кандидати, кои ги влечеа бројчињата, изјавија дека очекуваат фер, демократска и пред се кампања во духот на европските вредности.

Дарко Каевски, претставник на СДСМ и на коалицијата за кандидатот Стево Пендаровски, по утврдувањето на редоследот на претседателските кандидати, изјави кампањата што ќе ја водат ќе биде европска и оти од денеска па се до 1 април, кога е официјалниот почеток, ќе се воздржуваат од кампања и од јавни настапи и ќе ги почитуваат сите законски прописи.

Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ, претставник на кандидатката Гордана Силјановска Давкова, рече дека веќе прекинале со сите активности што не смеат да бидат емитувани и реализирани, како на терен, така и медиумски. Посочи дека ќе се залагаат за европска, фер и демократска кампања и ќе ги следат сите норми и начела што се припишани од страна на Изборната комисија. Истото, како што рече, го очекуваат и од власта.

Рамадан Реџепи, портпарол на кандидатот Блерим Река, рече оти се надеваат на фер и пред се мирни и европски избори и оти ќе се придржуваат кон тоа да ја почнат кампањата на 1 април.

ДИК во четвртокот официјално ја потврди регуларноста на кандидатурите на тројцата претседателски кандидати.

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски апелираше до сите учесници во кампањата изборите да поминат во фер и коректна атмосфера, да претставуваат вистински политички натпревар на идеи, со цел да се добијат кристално чисти избори што ќе значат еден плус повеќе за развој на демократскиот капацитет на државата.

Кампањата за претседател на државата почнува на 1 април и ќе трае до 19 април по што следува изборниот молк. Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот за 5 мај. /МИА

Лестер се врати во Премиер лигата

Фудбалерите на Лестер Сити се враќаат во англиската Премиер лига по поразот на својот конкурент Лидс Јунајтед во Лондон од Квинс Парк Ренџерс (0-4).

На две кола до крајот на сезоната во Чемпионшип лигата, Лестер обезбеди пласман на едно од првите две места, бидејќи е лидер на табелата со 94 бодови, четири повеќе од второпласираниот Лидс, кој има одиграно натпревар повеќе.

Третопласиран е Ипсвич со 89 бодови и натпревар помалку.

Минатата сезона Лестер испадна од елитната дивизија, а во 2016 година беше сензационален шампион на Англија.

Во Скопје санкционирани 105 возачи

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот. 

На територија на град Скопје изречени се вкупно 105 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 13 санкции, 12 мерки за користење мобилен телефон при возење, пет санкции за некористење сигурносен појас, четири за брзо возење, три за минување на црвено светло...

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Од полицијата апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот и заедно да се придонесе за посигурни патишта.

Денеска е Лазарова сабота, утре Цветници - празници предвесници на Велигден

 Саботата пред Цветници се вика Лазарова сабота или Лазарица. Православните верници на овој ден си споменуваат за чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос. 

Овој настан бил на шест дена пред предавството и распнувањето на Христос на Голгота.

Според преданието во саботата умрел Лазар од Витанија, а во неделата Исус го воскреснал. Поради тоа во народот неделата се смета за поголем празник од саботата. Според тогашните закони учител можело да биде само лице што наполнило триесет години.

Исус веќе четврта година го проповедал своето учење, а бидејќи за Пасха мноштво народ доаѓал во Ерусалим за да го прослави празникот и Исус по четврти пат доаѓал како учител. Но тогаш разбрал дека неговиот пријател Лазар од Витанија е тешко болен. Исус веднаш се упатил таму, но стигнал четири дена по неговата смрт и по погребот. Сестрите на Лазар Марта и Марија го прекориле Исуса велејќи му дека ако дојдел навреме немало Лазар да умре. Марта му рекла: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде“. Преданието вели дека Бог сакал Лазар да умре за врз него да се манифестира силата Божја.

Кога дошол до гробот Исус го повикал Лазара: „Лазаре, излези надвор“. И Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со крпа околу лицето. Сите што го виделе тоа се почудиле и поверувале дека Исус е синот Божји. Со овој чин Исус уште повеќе се здобил со слава.

[Православните христијани денеска го слават празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица. Цветници секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегување]

И пак се упатил кон Ерусалим. Кога стигнал во подножјето на Маслиновата гора Исус пратил двајца свои ученици во Витфагија да му донесат осле (магаре) и ослица. Им рекол: „Одете во селоно, што е наспроти вас и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа; одврзете ги и доведете ми ги. А ако ви рече некој нешто, ќе му кажете дека му се потребни на Господа и веднаш ќе ги прати“. Учениците ги донесле, а потоа ги ставиле на ослето своите облеки врз кои седнал Исус и така влегол во Ерусалим поздравен од мноштво народ. Ваквиот пречек на Исус во Ерусалим бил последица од неговата голема популарност меѓу народот уште повеќе зголемена по воскреснувањето на Лазара. Се поставува прашањето, зошто Исус во Ерусалим влегол качен на магаре? Толкувачите на Светото писмо истакнуваат дека кај источните народи магарето било симбол на мирот наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот како што и Исус му служел на народот. Пречекувајќи го Исуса воодушевениот народ со цвеќе, врбови гранки, но и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на висините“.

Воскреснувањето на Лазар претставува предвесник на Христовото воскресенување, но и праобраз на општото воскресение на сите луѓе при Второто Христово пришествие. Затоа, впрочем и има големо значаење. Со своето воскресение Исус потврдил дека претстои воскресение за сите луѓе. „Значи нема да воскреснат само праведниците, а грешниците да исчезнат, туку сите ќе воскреснат и ќе се претстават пред Страшниот Христов Суд.“ Со Лазарева сабота се поврзани повеќе обичаи и песни познати како лазарски. Од раните утрински часови групи девојчиња облечени во традиционална невестинска облека одат низ населените места и пеат лазарски песни, кои се со оптимистична и духовита содржина и посакуваат здравје, успех и напредок. Именден празнуваат: Лазар, Лазарка, Лазо, Цветан Цвета и сите имиња што произлегуваат од билки: Лилјана, Калина.

притисни ентер