Истражување: Србите имаат 50 отсто словенско потекло

Остатокот е на генетиката на старобалканско население.

Денешните Срби имаат околу 50-60 отсто словенско потекло, а останатото е генетиката на старобалканското население измешано со доселеници од Анадолија, од урбаните центри како Константинопол и Ефес, покажале резултатите од истражувањата за потеклото на Србите и другите балкански народи, јави дописникот на МИА од Белград.

Тие резултати под наслов „Геномската историја на Балканот од римската граница до словенските миграции“ беа објавени во угледниот светски магазин „Cell“.

Користејќи ги најновите геномски технологии и истражувајќи ја античката ДНК на Балканот, тим на истражувачи од Србија, Шпанија и САД го покажаа континуитетот на гените на денешното српско и старобалканското население уште од бронзеното доба.

Истражувањето го иницираа истражувачите од Биолошкиот факултет во Белград, професорите Миодраг Грбиќ, Жељко Томановиќ, дописен член на САНУ и професор Душан Кецкаревиќ, како и истражувачите од Археолошкиот институт Илија Микиќ, Миомир Корач и Снежана Голубовиќ, во соработка со Универзитетот во Барселона и Харвард.

Со анализа на древната ДНК на повеќе од 30 локалитети, истражувањето покажува пресек на генетски промени и миграции на населението на Балканот, низ повеќе од два милениуми.

Утврдена е ДНК секвенцата на повеќе од 140 скелети од периодот од 1 до 10 век од Србија, Македонија, Бугарија, Романија, Албанија и Грција.

По првпат беа секвенционирани и геномите на модерната популација.

Според професорот Миодраг Грбиќ, потврдено е дека во VI и VII век имало масовни словенски преселби кои оставиле длабока генетска трага кај сите народи на Балканот.

И Хрватите, Романците и Бугарите имаат околу 50-60 отсто од словенската генетика. Одејќи кон Грција, тој процент паѓа на само четири до 20 проценти на грчките острови.

-Различните јазици, религијата и култура укажуваат на демографски и културни процеси во текот на милениумите на историјата, иако тие се генетски многу блиски, изјави професорот Душан Кецкаревиќ

Тој додава дека анализата на денешниот геном покажува најголема генетска блискост на Србите, Хрватите и Романците. /МИА

Небензја: Украина сè уште може да се зачува, во некоја форма, ако тоа го сака Западот

Постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации, Василиј Небензја, на почетокот на седницата на Советот за безбедност за Украина изјави дека нема намера да ги слуша говорите на пријавените европски претставници, бидејќи тие се како „копирани“.

„Се наоѓаме во преполна сала, иако не само што е полна салата, туку и списокот на говорници кои не се членови на СБ, а кои себеси се нарекуваат министри за надворешни работи на европските земји. Сакам однапред да ве предупредам дека нема да ги слушам ритуалните говори на претставниците на европските метрополи. Нека ја практикуваат својата елоквентност едни пред други, изнесувајќи го своето лицемерно излагање. Во ЕУ, со ретки исклучоци, нема земја со независна надворешна политика“, рече Небензја.

Според тоа, додаде тој, нема министри за надворешни работи, туку функционери кои се претставуваат како такви.

„Сакам да ве потсетам дека ниту една земја во ЕУ или на Запад не презеде иницијатива да свика барем еден состанок на Советот за безбедност за Газа. Ова експлицитно говори за вашето лицемерие и двојни стандарди“, нагласи Небензја.

Според него, целата надворешна политика на Европската унија е во рацете на Брисел, а Брисел е во рацете на Вашингтон.

„Одговорете ми на едно реторичко прашање: каква дополнителна вредност ќе имаат говорите на овие претставници кои се како копии, освен можноста да се појават на телевизиските екрани во нивните земји, изразувајќи безусловна, непоколеблива поддршка за нивните клиенти од Киев?“, праша Небензја.

Рускиот дипломат истакна дека во Њујорк е присутен и претставникот на Европската унија во ОН, кој „може да зборува во име на сите“.

- Сè уште е можно да се зачува Украина во некоја форма, но таа мора да биде мирна и неутрална земја, рече Небензја.

Тој додаде дека Западот со сите средства се обидува со измама да ги вовлече земјите од глобалното мнозинство во своите интриги во Украина, иако им е јасно дека да се разговара за што било без Русија е бесмислено.

„Русија е подготвена да се бори во Украина до крај, а Западот треба да избере дали сака да го стори тоа или дали сака да спаси нешто од таа држава. Сè уште е можно да се зачува Украина во некоја форма, но таа мора да биде мирна, неутрална земја, во која нема дискриминација и русофобија и во која нацистичките криминалци не се величат и од која нема закана за Русија“, нагласи тој.

Тој предупреди дека колективниот Запад ќе мора да одговара за она што и е направено на Украина, а „формулата за мир“ на Владимир Зеленски ја нарече „лажна на која не вреди да се губи време“.

Небензја истакна дека Русија жали за Украинците, кои беа испратени да гинат за геополитичките интереси на Западот, истакнувајќи дека „Москва започна Специјална воена операција за да ја запре војната што ја водеше режимот поддржан од Западот осум години против цивилното население на Донбас“, пренесува РТ Балкан. /МИА

Манчестер јунајтед загуби од Фулам и ја прекина серијата од пет победи

 Манчестер јунајтед попладнево загуби на домашен терен од Фулам со 2:1 во натпреварот од 26. коло на англискиот фудбалски шампионат. 

„Црвените ѓаволи“ ја прекинаа серијата од пет победи во низа во сите натпреварувања.

Првиот гол го постигна дефанзивецот на гостите Калвин Баси во 65. минута. На минута пред крајот на основните 90, Хари Мегваер го израмни резултатот. Алекс Ивоби им донесе победа на лондонскиот тим во седмата минута од судиското надополнување.

Манчестер јунајтед се наоѓа на 6. позиција во Премиер лигата со 44 бодови. Фулам има 32 бода и се наоѓа на 12. место.

На другите досега завршени натпревари од ова коло:

Астон вила – Нотингем Форест 4:2

Брајтон – Евертон 1:1

Кристал Палас – Барнли 3:0. /МИА

Телото на Навални вратено на неговата мајка

Телото на рускиот опозиционер Алексеј Навални и е вратено на неговата мајка, соопшти неговата портпаролка Кира Јармуш на социјалната мрежа Икс.

Погребот се уште се чека. Не знаеме дали властите ќе се мешаат да се спроведе како што сака семејството и како што заслужува Алексеј. Ќе ве известиме штом има новости“, соопшти Јармуш. Најпознатиот политички противник на Владимир Путин ненадејно почина во затвор пред една недела, а неговата мајка со денови бараше властите да и го предадат телото.

притисни ентер