Истражување: Честото пиење алкохол носи поголеми опасности од мозочните удари - Канал 5

Истражување: Честото пиење алкохол носи поголеми опасности од мозочните удари

Постраствените љубители на алкохол, во просек на возраст од 64 години доживуваат мозочен удар, во споредба со просекот од 75 години кај луѓето кои пијат помалку алкохол. 

Истражување: Честото пиење алкохол носи поголеми опасности од мозочните удари

Ново истражување, објавено во списанието „Неуролоџи“ (Neurology), покажува дека честото пиење алкохол може да предизвика мозочен удар, во просек - едно десетлетие порано.

- Нашите наоди посочуваат дека (пречестото пиење) не само што ја зголемува сериозноста од мозочен удар со крварење, туку може да го забрза и долгорочното оштетување на малите крвни садови во мозокот, изјави д-р Едип Гурол, невролог за мозочни удари на Универзитетот Харвард во Кембриџ, САД, и еден од авторите на научниот труд.

Испитувањата опфатиле 1.600 возрасни лица со просечна возраст од 75 години, кои биле хоспитализирани поради интрацеребрално крварење. Кај луѓето кои пијат три или повеќе алкохолни пијалаци на ден (тн. „тешки љубители на алкохол“), има поголема веројатност да доживеат интрацеребрално крварење - смртоносен вид мозочен удар предизвикан од крварење во мозокот. Покрај тоа, кај овие лица е забележана и поголема опасност од болест или оштетување на малите крвни садови во мозокот, што го зголемува ризикот од деменција.

Така, „тешките љубители на алкохол“ имале просечна возраст од 64 години кога доживеале мозочен удар. Нивните мозочни крварења биле, исто така, за 70 отсто почести во просек.

Медицинските тестови покажаа дека „тешките љубители на алкохол“ имале и помал број на тромбоцити во крвта и повисок крвен притисок кога биле хоспитализирани, што може да влијае и на сериозноста на мозочниот удар и на закрепнувањето. Наодите можеби укажуваат дека ограничувањето на внос на алкохол може да помогне во промовирањето на здраво стареење и здравје на мозокот.

- Намалувањето на прекумерната употреба на алкохол не само што може да ја намали опасноста од крварење кај еден човек, туку може да ја забави и прогресијата на болеста на малите крвни садови во мозокот, што пак, може да ги намали можностите за последователен мозочен удар, когнитивен пад и долгорочна повреда. Поттикнувањето промени во животниот стил, како што е откажувањето од алкохол, треба да биде дел од напорите за превенција од мозочен удар, особено за лицата со поголем ризик за удар, додаде Гурол.

Трудот има и некои ограничувања и слабости, особено затоа што ги проучува навиките на пациентите во кратко време, наместо да ги следи луѓето во подолг дел од нивниот живот. Истражувачите, исто така, не знаат со сигурност дали некои од испитаниците можеби погрешно ги пријавиле своите навики на пиење.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кинотеката во септември: Филмот како историја и отворена културна територија

Септемвриската програма на Кинотеката на Македонија повторно ја потврдува нејзината суштинска улога како простор во кој филмот не е само средство за гледање, туку и начин на паметење, преиспитување и откривање на различните лица на кинематографијата

Кинотеката во септември: Филмот како историја и отворена културна територија

Септемвриската програма на Кинотеката на Македонија повторно ја потврдува нејзината суштинска улога како простор во кој филмот не е само средство за гледање, туку и начин на паметење, преиспитување и откривање на различните лица на кинематографијата. Програмата обединува дела од македонската продукција, филмови од поширокиот балкански простор, класици на светската кинематографија, неми и класични филмови, како и посебни програмски целини посветени на хрватскиот филм и на филмската и културната традиција.

Месецот започнува со „Сведок“ на Митко Панов, драма во која потрагата по сведок на воени злосторства постепено се претвора во сложена приказна за вината, правдата, политичката меморија и границите на поделбата меѓу доброто и злото. Филмот, снимен на македонски, хрватски и ирски локации, отвора простор за преиспитување на едноставните историски и морални категории, особено во општествата што сè уште живеат со последиците од насилното минато.

Во продолжение, септемвриската програма се свртува кон класичниот американски филм со неколку значајни остварувања. „Beat the Devil“ на Џон Хјустон, со Хамфри Богарт, Џенифер Џонс и Питер Лоре, е иронична и жанровски разиграна авантуристичка комедија во која режисерот ги превртува конвенциите на авантуристичкиот филм и ги претвора алчноста, измамата и човечката слабост во црна комедија на апсурдот.

„Suddenly“, политичкиот трилер на Луис Ален со Френк Синатра, ја гради својата тензија врз идејата за атентат и опасноста што ненадејно навлегува во навидум мирната секојдневност. Филмот е истовремено и интересен пример за атмосферата на американската жанровска кинематографија од педесеттите години, кога стравот, политичката параноја и насилството постепено стануваат дел од популарната филмска имагинација.

Посебно место има и „Angel and the Badman“ на Џејмс Едвард Грант, класичен вестерн со Џон Вејн, во кој мотивот на преобразбата станува основа за приказна за насилството, искупувањето и можноста човекот да избере поинаков живот. Традиционалниот вестерн овде добива и морална димензија, спротивставувајќи ги културата на оружјето и логиката на одмаздата со идејата за ненасилство и човечка промена.

Септември носи и посебна целина посветена на немиот и класичниот филм, со која Кинотеката повторно ја нагласува потребата од курирано присуство на филмското наследство во современиот културен простор. Ваквите проекции се потсетување дека историјата на филмот е жива уметничка традиција која и денес може да вибрира со својата естетика, јазик и радикалност.

Во рамките на месецот е предвидена и програмата „Денови на хрватскиот филм“, која отвора простор за претставување на хрватската кинематографија во нејзините различни историски, естетски и тематски пројави. Во таа смисла, програмата е и можност за повторно согледување на заедничките културни и филмски врски на просторот на поранешна Југославија, како и на специфичните патишта по кои се развивале националните кинематографии.

Месецот завршува со „The Man with the Golden Arm“ на Ото Премингер, еден од значајните филмови на американскиот филмски модернизам од педесеттите години. Со својата смела тематизација на зависноста, социјалната маргинализација и човечката слабост, филмот претставува дело што во своето време ги поместил границите на она што холивудскиот филм можел отворено да прикаже. Воедно, визуелниот и графичкиот стил на Премингер останува еден од препознатливите примери за модернизацијата на американскиот филмски израз.

Така конципирана, септемвриската програма ја потврдува филмската разновидност како една од најголемите вредности на Кинотеката. Од македонскиот филм до класичниот Холивуд, од балканските трауми до европските културни судири, од вестернот и политичкиот трилер до немиот филм и регионалната кинематографија, септември нуди повеќе увиди во спектарот на кинематографската уметност.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Видео: Поплави во Кина, евакуирани 54000 жители

Во Кина, околу 54.000 луѓе се евакуирани поради поплави, вклучително и 8.000 преместени во привремени прифатилишта, што е последица на обилните врнежи предизвикани од тајфунот Нара.

Видео: Поплави во Кина, евакуирани 54000 жители

Поплавите особено го погодија регионот Гуангси, а метеоролозите предупредуваат на нови обилни врнежи во наредните денови, јавува CCTV. Водостоите на 15 реки го надминаа прагот за издавање предупредувања.

Снимките емитувани на кинеската телевизија прикажаа поплавени патишта и спасувачи кои газат низ вода длабока до колена, користејќи гумени чамци за да ги евакуираат жителите од поплавените населби.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Драма во Романија, веднаш подигнати два авиона Ф-16

 Радарскиот систем за надзор на Министерството за национална одбрана на Романија регистрираше повремени сигнали во воздушниот простор на Република Молдавија, во областа Кахул, утрово околу 6 часот, поради што беа испратени борбени авиони.

Драма во Романија, веднаш подигнати два авиона Ф-16

Како што беше наведено, еден од тие сигнали подоцна се појавил во областа Таргу Бујор, во округот Галац.

Според соопштението на Министерството за национална одбрана, два авиони Ф-16 на романското воено воздухопловство и еден хеликоптер биле подигнати за да ја следат ситуацијата, пренесува Аџерпрес.

Како што беше наведено, Националниот центар за воена команда го извести Генералниот инспекторат за вонредни ситуации за воспоставувањето мерки за предупредување на населението во зафатеното подрачје.

Ова не е првпат Романија да крева борбени авиони поради војната во Украина, бидејќи беспилотните летала, поради попречување на сигналот, често завршуваат во земјите што граничат со Украина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер