ФБИ спроведува голема истрага за тоа дали полицајците вклучени во случајот ги прекршиле федералните закони, соопшти Министерството за правда.
Изјавата е одговор на вториот ден на протести во Минеаполис поради смртта на Афроамериканецот. Во видеото што се шири на социјалните медиуми, Флојд се обидува да дојде до воздух, додека белиот полицаец го стега на вратот со коленото.
Флојд (46) почина во понеделникот. Неговата средба со полицијата ја снимил случаен минувач. На снимката, Флојд лежи со лице надолу на земја, со лисици на рацете, моли за помош и повторува дека не може да дише пред да престане да се движи.
Вториот ден од протестот, придружуван од грабеж и вандализам, започна откако градоначалникот на Минеаполис ,Џејкоб Фреј ги повика обвинителите да поднесат кривични пријави против полицаецот кој со коленото го притискал Флојд.
Братот на жртвата, Филониз Флојд, денеска изјави за Си-Ен-Ен дека е „уморен од гледање како црнците умираат“ и дека го разбира гневот на луѓето, но ги повика да протестираат мирно.
„Сакам полицијата да ја направи вистинската работа и да започне да ја работи својата работа како што треба, бидејќи тоа сè уште не сум го видел“, рече Флојд.
„Сакам правда, само сакам правда“, додаде тој, едвај задржувајќи ги солзите.