Портпаролот на премиерот издаде изјава вчеравечер во која се вели дека премиерот не го прекршил законот или правилата на однесување и ги следел упатствата од јавните здравствени установи додека бил на излет во паркот Феникс.
Имено, на социјалните мрежи се појавија фотографии од Варадкар без маица и во шорцеви во дружба со неговиот партнер Метју Барет и пријателите.
Неговиот престој во природа е во спротивност со препораките дадени на прес-конференцијата минатата недела од страна на Лиз Канаван, помошник државен секретар во Владата.
- Ако посетувате јавни места, избегнувајте да останете подолго време на исто место или да одите на излети. После рекреацијата, вратете се дома, рече таа.
Некои критичари го обвинија премиерот дека е лош пример сличен на Доминик Камингс, кој отиде 400 милји од Лондон во куќата во северна Англија за време на неговиот карантин поради „Ковид-19“.
Во соопштението од канцеларијата на Варадкар се вели дека првата фаза на укинувањето на ограничувањата во Ирска дозволила група од четири лица да се сретнат на отворено, сè додека биле на пет милји од нивниот дом и одржувале физичка дистанца и лична хигиена.
- Нема посебни владини упатства за оброци на отворено или излети, се наведува.
За време на пандемијата на коронавирус, Лео Варадкар живеел во државната резиденција Фармлих, сместена покрај паркот Феникс.
Тони Холохан, началник на ирскиот штаб за антиковид, исто така, се согласува со изјавата. Тој смета дека премиерот, судејќи според фотографиите, ги почитувал епидемиолошките мерки.
Ирска вчера објави дека за прв пат од 21 март досега нема пријавени смртни случаи од „Ковид-19“ и имало 59 нови случаи на зараза. Вкупно 1.606 луѓе починале од коронавирус во Ирска.
Лео Варадкар вчера го прогласи денот за ден на надеж.