IQAir: Пакистан лани беше најзагадената земја во светот - Канал 5

IQAir: Пакистан лани беше најзагадената земја во светот

Бангладеш и Таџикистан се втори и трети на листата на најзагадени. 

IQAir: Пакистан лани беше најзагадената земја во светот

Пакистан во текот на изминатата 2025 година беше најзагадената земја во светот со концентрации на опасни ситни честички познати како PM2.5 до 13 пати повисоки од препорачаното ниво на Светската здравствена организација (СЗО), покажа годишниот извештај објавен денеска.

Швајцарската компанија за следење на квалитетот на воздухот IQAir во својот годишен извештај изјави дека 13 земји и територии ги одржувале просечните нивоа на честички PM2.5 под стандардот на СЗО од пет микрограми на кубен метар минатата година, во споредба со седум во 2024 година.

Од 143 земји и територии што беа следени, 130 не ги исполнија упатствата на СЗО.

Бангладеш и Таџикистан се втори и трети на листата на најзагадени. Чад, статистички земјата со највисоко ниво на смог во 2024 година, се најде на четврто место во 2025 година, но падот на концентрациите на PM2.5 минатата година веројатно е резултат на недостаток на податоци.

САД минатиот март ја суспендираа глобалната програма за мониторинг што ги собираше податоците за загадувањето собрани од зградите на нивните амбасади и конзулати, наведувајќи ги буџетските ограничувања.

„Губењето на податоците во март направи да изгледа дека има значителен пад на нивоата на PM2.5 (во Чад), но ние навистина не знаеме“, рече Кристи Честер Шредер, главен автор на извештајот на IQAir.

Одлуката на САД го елиминираше примарниот извор на податоци за многу земји склони кон смог, а Бурунди, Туркменистан и Того не беа вклучени во извештајот за 2025 година поради недостаток на информации.

Индискиот град Лони беше најзагаден во светот во 2025 година, со просечно ниво на PM2.5 од 112,5 микрограми на кубен метар, по што следеше Хотан во северозападниот регион Синџијанг, во Кина, со 109,6 микрограми.

Во Индија, Пакистан и Кина се 25-те најзагадени градови во светот во изминатаа година.

Само 14 проценти од светските градови го исполнија стандардот на СЗО во 2025 година, што е намалување во споредба со 17 проценти претходната година, а канадските пожари предизвикаа зголемување на PM2.5 низ САД, па сè до Европа.

Меѓу земјите што ги исполнија критериумите на СЗО во 2025 година беа Австралија, Исланд, Естонија и Панама.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Русите го погодија Институтот за нуклеарни истражувања во Киев

Руски дрон вчера ги погоди просториите на Институтот за нуклеарни истражувања во Киев. 

Русите го погодија Институтот за нуклеарни истражувања во Киев

Според соопштението на Државниот инспекторат за нуклеарна регулација на Украина, истражувачкиот нуклеарен реактор што се наоѓа таму не е оштетен.

Нападот се случил во 18:18 часот, објави Институтот за нуклеарни истражувања на Националната академија на науките. По ударот, избувнал пожар, кој брзо бил изгаснат. Во нападот немало жртви, а истрагата и проценката на штетата се во тек.

Реакторот е безбеден и надвор од употреба

Во извештајот се наведува дека самиот реактор и безбедносните критични системи не се оштетени. Нивоата на позадинското зрачење не се промениле и останале во рамките на природните вредности, од 0,16 до 0,20 микросиверти на час.

Реакторот бил исклучен во февруари 2022 година со цел да се намалат радиолошките ризици, а потоа неговото јадро било целосно испразнето. Неговата работа во моментов е ограничена на редовно одржување на безбедносните системи.

Научници: Нападот е воено злосторство

Реакторот VVR-M нормално служи како извор на неутрони за фундаментални и применети истражувања во областа на нуклеарната физика. Затоа, научниците нагласуваат дека нападот врз областа на Институтот е всушност напад врз мирновременски нуклеарен објект кој се користи исклучиво за научни цели.

Тие веруваат дека ова е уште еден пример за циничното непочитување на Русија кон меѓународно признатите принципи за нуклеарна безбедност и дека претставува воено злосторство.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Поповска: Посакувам успешен исход од посетата на фон дер Лајен

Македонија, уморна и резигнирана како запоставена љубовница, чека надежна порака дека сепак има иднина за нашата врска со саканата Европа и дека конечно, таа турбулентна врска ќе биде озаконета. 

Поповска: Посакувам успешен исход од посетата на фон дер Лајен

Зашто, љубовта знае и да простува.

Непосредно пред доаѓањето на претседателката на Европската комисија во Скопје, си правам рекапитулар на сето она што сме го доживеале во последниве 35 години како македонски граѓани и како Македонци дома и низ светот, поврзано со македонската евроинтеграција. Колку надеж, ентузијазам, напори, вложувања, па удари и разочарувања, па повторно станувања, борби и докажувања… Петре има право, пиреј е овој народ.

Еве нѐ, заглавени во полу-започнати преговори со ЕУ, блокирани со билатерален спор со Бугарија, ама аминуван од европската политичка олигархија. Зашто Францускиот преговарачки пакет го здроби, го стутка, го искривоколчи европското право. Што ли сѐ морале да проголтаат и да измислуваат формални покритија стручните правници во правните служби на комплексната европска администрација, по барање на нивните налогодавци – моќните политичари! Ова ни доаѓа како „утеха“ за делови од македонското право, изгазено и стуткано во некои наши закони, договори, протоколи, кои ќе треба, дел по дел, да се испеглаат. Та не сме саде ние, та не сме саде тука… ПРАВОТО е можеби најголемата жртва на светската политократија.

Пред повеќе од една година, минатиот јули 2025, ја поднесов Уставната иницијатива за поништување на Вториот протокол со Бугарија, зашто е кочница на нашата евроинтеграција. Тоа е оној записник од меѓувладина комисија со непристојни бугарски барања и условувања, со идеја за бугаризација на Македонија. Нон-документ по процедура и по содржина, спротивен на македонското, европското и меѓународното право.

Протоколот е кочница за евроинтеграцијата, зашто е дел од преговарачкиот пакет и како поим се спомнува во важни документи на Советот на ЕУ, изгласани од сите 27 држави на 18 јули 2022. Но, изгледа „имаме среќа во несреќа“. Во хаосот на бугарското вешто лобирање, француските кралски манири и нашата инфериорност, направени се серија „грешки“ и повреди на европското и меѓународното право. Па, можеби ќе може да се искористат.

Ќе спомнам само една таква „грешка“. И досега имам кажано дека Протоколот не е спомнат експлицитно, со име, во самата Преговарачка рамка, усвоена од Советот на ЕУ на 30 јуни 2022 (тогаш сѐ уште не беше ПОТпишан, но беше НАпишан и ИЗГЛАСАН од бугарското Собрание на 24 јуни 2022). Но, она што досега не е спомнато во јавност е фактот дека, според достапните документи, Протоколот како документ НЕ БИЛ ДЕЛ од работниот пакет ЗА ГЛАСАЊЕ, споделен до секоја држава на 18 јули 2022. Чудна процедура, аналогна на онаа во македонското Собрание на 16 јули, еден ден пред потпишувањето на Протоколот на 17 јули, кога на нашите пратеници им било доставено едно ливче за гласање на нашата преговарачка рамка, БЕЗ текстот на документот!?

Еве веќе три месеци се допишувам со европските институции, од овој јули 2026, заедно со мојот соборец за правда, Гоце Пероски, македонски активист од Германија. Тој, како роден Европеец, јас како граѓанка на земја-кандидат за ЕУ, побаравме од Европската комисија и од Советот на ЕУ пристап до информации поврзани со Вториот протокол и Преговарачката рамка, како и за стручно правно мислење за Изјавата на Бугарија во врска со непризнавањето на македонскиот јазик. За оние што не се во тек, оваа бугарска Изјава е исто така дел од преговарачкиот пакет, покрај друг документ што е Став на Советот на ЕУ во врска со јазикот, а кој е афирмативен за нас, секако. Но, САМОТО ВНЕСУВАЊЕ на оваа анти-цивилизациска изјава за негирање на нечиј јазик, е флагрантно кршење на сите базични принципи за почитување на човековите права и слободи! И наместо да биде отфрлена, таа Изјава е тука, изгласана како составен дел на нашата рамка. Дали тоа нешто значи и може ли да произведе проблеми во блиска и подалечна иднина? Секако.

Во оваа прилика сакам да искажам благодарност до сите избрани и именувани лица, како и до сите професионалци од стручните служби во Европската комисија и во Советот на ЕУ, кои учествуваа во комплицираното расплеткување на македонскиот преговарачки пакет и кои изнаоѓаа начини како да ни одговорат, почитувајќи ја европската регулатива за транспарентност, а да не бидат спречени од одредени центри на моќ кои се трудат да и удоволат на моменталната бугарска политика. Бугарија ги живее своите ѕвездени мигови поради актуалната геостратешка важност, блазе си и! Одредени документи останаа недостапни за нас во моментов, поради одредени „чувствителни“ информации кои би можеле „да ја нарушат заштитата на јавниот интерес за меѓународните односи“. Дали нашата држава имала и/или има пристап до нив?

Чекајќи ја официјалната изјава на Урсула Фон дер Лајен од Скопје, посакувам македонската Влада да ѝ биде добар домаќин, според нашата балканска традиција, но и да ѝ укаже на неколку важни работи. Македонските граѓани во убедливо мнозинство сакаат во ЕУ, но исто така со убедливо мнозинство не сакаат второто полувреме од отворањето на преговорите да се претвори во долго и болно самоубиство. Европската Унија може и треба да разреши неколку работи сама со себе, а и со нас: 1) Со официјален акт да потврди дека Протоколот не е дел од Преговарачката рамка и да направи ПОПРАВКА (corrigendum) на Заклучокот на Советот на ЕУ од 18 јули 2022, отстранувајќи го како термин од текстот; 2) Да издејствува конечно регистрирање на македонските здруженија во Бугарија, по најмалку 14-те пресуди на Судот во Стразбур, за да бидат Македонците признаени во Бугарија, како прв чекор кон признавање на Македонците во Македонија; 3) Да го прифати рационалниот предлог на нашата Влада и Претседателка за внесување на Бугарите во Уставот со одложено дејство, по влезот на Македонија во ЕУ, како ЕДИНСТВЕНА реална заштита на државата, за да не ни експлодира бомба во пазуви.

Лично, морам да кажам дека влезот на Бугарите во Уставот НЕ Е ПРИРОДЕН, затоа што тие никогаш во историјата не работеле на градење на нашата држава, туку на разградување. И ако некој решил дека тоа мора да се направи, потребна ни е тројна панцир заштита на Уставот: одложено дејство, вградена заштитна клаузула за поништување и признавање на македонското малцинство во Бугарија!

Посакувам успешен исход од посетата. Македонија, уморна и резигнирана како запоставена љубовница, чека надежна порака дека сепак има иднина за нашата врска со саканата Европа и дека конечно, таа турбулентна врска ќе биде озаконета. Зашто, љубовта знае и да простува, објави на ФБ Лилјана Поповска.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Зајакнати акциски контроли на товарни и моторни возила – констатирани 112 неправилности

На 30.09.2026 година, во периодот од 07:00 до 12:00 часот, на територијата на целата држава, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола насочена кон товарните возила.

Зајакнати акциски контроли на товарни и моторни возила – констатирани 112 неправилности

На 30.09.2026 година, во периодот од 07:00 до 12:00 часот, на територијата на целата држава, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола насочена кон товарните возила, како и кон моторните возила кои се вклучуваат во сообраќајот од земјен пат, градилиште и други површини и притоа оставаат кал на коловозот.

Контролите кај товарните возила беа насочени кон утврдување неправилности поврзани со претовар, неправилно сместен и необезбеден товар, техничка неисправност, недозволен превоз на лица и други прекршоци.

Во рамки на контролата, вкупно се контролирани 738 возила, при што 184 возила се испратени во станица за технички преглед. Констатирани се вкупно 112 неправилности, од кои најголем број на подрачјето на СВР Тетово – 28, СВР Скопје – 23 и СВР Штип – 20, додека останатите се констатирани на подрачјата на другите сектори за внатрешни работи.

За констатираните неправилности преземени се вкупно 112 мерки, при што 37 возила се исклучени од сообраќај, а за 13 случаи поднесени се барања за поведување прекршочна постапка. За сите констатирани прекршоци преземени се соодветни мерки и изречени се санкции согласно законските прописи.

Во текот на контролата констатирани се и 162 прекршоци од друг вид.

Министерството за внатрешни работи продолжува со спроведување на зајакнати сообраќајни контроли, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот, спречување на неправилности и доследно почитување на сообраќајните правила и прописи, соопштуваат од МВР.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер