Интервју со добитникот на „Златен венец" на Струшките вечери на поезијата Адам Загајевски - Канал 5

Интервју со добитникот на „Златен венец" на Струшките вечери на поезијата Адам Загајевски

 Тивок и повлечен човек, вака сам се опишува добитникот на највисокото признание „Златен венец“ на 57. Струшки вечери на поезијата, полскиот поет Адам Загајевски. 

Интервју со добитникот на „Златен венец" на Струшките вечери на поезијата Адам Загајевски

Во ексклузивно интервју за МИА говори за моќта на поезијата, егзилот како најзастапена тема во неговото творење, но и за впечатоците од Македонија и фестивалот.

Што значи наградата „Златен венец“ за Вас, како ја доживеавте?

Тоа е знак за признание. „Златниот венец“ е една од најубавите награди во Европа и целиот свет. И поетите се човечки суштества, па се радуваат на добри вести. Среќен сум што се вброив во листата со големи поетски имиња, некои од нив добитници и на Нобеловата награда.

Претпоставувам дека сте слушнале за последниот настан, церемонијата кога ќе ви биде врачено признанието „Златен венец“ на манифестацијата „Мостови“. Какво е вашето мислење за овој настан?

Сум читал за настанот и ми се допаѓа неговата симболика. Мислам дека е многу убав симбол на сплотување, на заборавање на разликите. И го видов мостот... бев на прошетка со некои луѓе кои беа тука првпат, но знаев на кој мост би бил настанот и реков – видете, ова е типичен мост на поезија.

Од каде црпете инспирација за творење?

Секогаш различно. Некогаш ме инспирира музичка композиција, другпат лицето на некоја жена или маж. Тоа не значи дека пишувам песни секој ден. Нема правило, нема систем. Може да се случи спонтано да дојде од воздухот. Забележав дека инспирацијата полесно доаѓа кога не си никаде, како во воз. Или во авион. Кога си надвор од редовниот систем на живеење, на работење. Би рекол дека најдобро е во воз.

Живееме во едно турбулнетно време. Според вас колкава е моќта на поезијата за рушење на јазичните бариери?

Поезијата е само за мали групи луѓе. Единствената утеха е дека овие мали групи се доста влијателни. Тие пренесуваат. Се работи за писатели, новинари, професори, па таквото пренесување е доста нормално во општеството. На повозвишените работи им треба подолго да се пренесат. И на тој начин поезијата има некакво влијание во рушењето на јазичните бариери, но секако тоа не е огромно.

Дали и колку поезијата може да направи културен мост меѓу народите?

Да, може. Но повторно, само меѓу мали групи на луѓе. Мали групи кои не се дефинирани престрого. Ми се случува да добијам електронска порака од некој од Индија или Кина во која ми кажува дека му се допаѓаат моите песни и секако тоа нема влијание на интернационалната ситуација. Немам илузии. Но, тоа е барем човечки знак за некаква солидарност. Знаете, знак дека во секоја држава има луѓе кои умеат да се приклучат на добар разговор. Но, немам илузии дека тоа би го сменило светот. Не очекувајте од мене таква изјава.

Егзилот е една од главните теми во вашата поезија. Кога бевте повеќе мотивирани да пишувате за егзилот, кога живеевте во него или сега кога живеете во Полска?

Па, има две работи. Едната е на некој начин од техничка природа, каде да се биде за да се пишува. Кога реков „во воз“, не морам да сум надвор од Полска, може да биде воз меѓу Краков и Варшава, кој впрочем е навистина добар воз. Имало моменти како на пример, додека неколку години предавав во САД, еден семестар годишно во Хјустон, Тексас, напишав многу песни. Ми се допаѓа оти е толку неевропско место. Различно е од тоа што го знам, имаше некаков парадоксичен ефект на мене да пишувам, но повеќе не одам во Хјустон па ете...

Првпат сте во Македонија. Кои се вашите впечатоци?

Можам да кажам дека ја знам Македонија и ги знам луѓето од фестивалот. Сите се многу пријателски расположени и целата атмосфера на фестивалот е прекрасна. Ако целата држава Македонија е како фестивалот, тогаш таа е преубаво место.

Какви беа вашите очекувања?

Па не знам. Немав конкретни очекувања. Претходните години гостував на фестивали. Ми се чини дека сум престар за фестивали. Фестивалите се за млади луѓе. Јас веќе не сум толку млад. Исто така проблемот со фестивалите е што јас сум повлечен човек, сакам да сум сам, а одненадеж ве фрлаат во толпата, го поминувате речиси цел ден со други луѓе. Значи проблематично е, но по некое време почнува да ви се допаѓа и ми се допаѓа тука.

И за крај кој е Адам Загајевски, во неколку реченици?

Па, ви кажав, јас сум повлечен човек... Повлечен човек, кој ги сака луѓето, па не сум, знаете, мизантроп. Малку сум и фамилијарен човек, но не премногу. Сакам музика, слушам музика, сакам долги прошетки, се што би очекувале од поет. Не сум многу посебен. Такви се поетите, сакаат музика, сакаат прошетки, сакаат да читаат книги, а и јас многу сакам да читам книги. Па ете, јас сум мошне неинтересен претставник на родот поети./МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Беким Сали од Даблин: Наследството на Охридскиот договор треба да се одразува во секојдневниот живот на граѓаните

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, одржа говор во Институтот за меѓународни и европски прашања (IIEA) во Даблин, посветен на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор.

Беким Сали од Даблин: Наследството на Охридскиот договор треба да се одразува во секојдневниот живот на граѓаните

Министерот Сали го истакна историското значење на Охридскиот договор за завршувањето на конфликтот во 2001 година и поставувањето на темелите за поинклузивно општество, засновано врз дијалог, еднаквост и меѓусебна почит.

Тој нагласи дека Охридскиот договор не треба да се гледа само како историски документ, туку како трајна обврска за градење институции што им служат подеднакво на сите граѓани.

„Наследството на Охридскиот договор ќе биде најсилно кога еднаквото граѓанство ќе стане вообичаено искуство во секојдневниот живот“, беше една од централните пораки на министерот.

Осврнувајќи се на искуството на Ирска со Договорот од Велики петок од 1998 година, министерот го истакна значењето на политичкиот компромис, помирувањето и континуираниот дијалог за одржлив мир. Тој посочи дека, и покрај историските и уставните разлики, двата договора ја потврдуваат потребата од доверливи институции и заедничка одговорност.

Министерот ја нагласи потребата од ефективно остварување на правата, правична застапеност на заедниците, професионална администрација, функционална децентрализација и еднакви можности за младите.

Посебно внимание беше посветено на европската перспектива на Македонија. Министерот истакна дека владеењето на правото, заштитата од дискриминација, отчетните институции и почитувањето на различностите се истовремено принципи на Охридскиот договор и темелни вредности на европската интеграција.

Тој нагласи дека кредибилен процес на пристапување кон Европската Унија е важен за реформите, стабилноста и довербата на граѓаните во европската иднина на земјата.

Настанот продолжи со дискусија за наследството на Охридскиот рамковен договор, предизвиците во неговото спроведување и поуките од европските искуства во градењето мир.

Кабинет на министерот за европски прашања

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Американскиот Конгрес застана во одбрана на Килијан Мбапе!

Од Вашингтон велат дека светската фудбалска ѕвезда не смее да се извинува за зборовите кажани за Мао Це Тунг!

Американскиот Конгрес застана во одбрана на Килијан Мбапе!

Специјалниот комитет при Претставничкиот дом на САД за Комунистичката партија на Кина упати остра порака до јавноста, нагласувајќи дека француската фудбалска ѕвезда Килијан Мбапе не треба да се извинува што го нарече поранешниот кинески лидер Мао Це Тунг тиранин.

Во официјалното соопштение на американските претставници се истакнува дека Мао Це Тунг бил несомнен диктатор, кој со своите деструктивни одлуки и автократија му нанел на кинескиот народ неспоредливо поголема штета отколку што тоа би можела да го стори која било изјава на некој врвен спортист.

Американските законодавци потсетија дека Мао Це Тунг, како еден од основачите и долгогодишен лидер на Комунистичката партија на Кина уште од нејзиниот прв собир во 1921 година, е главната историска личност одговорна за децениско угнетување, идеолошки чистки и тешки страдања.

Неговото владеење го одбележаа трагични периоди, како што се таканаречената Културна револуција и Големиот глад, за време на кои десетици милиони невини луѓе ги загубија своите животи.

Властите во Пекинг и денес продолжуваат со истата практика на ускратување на основните човекови права – вклучително и слободата на говорот и вероисповедта – права што ги уживаат Мбапе и милиони граѓани ширум слободниот свет.

Посебниот акцент во соопштението е насочен кон меѓународните компании кои побрзаа да се извинат и да ја прекинат соработката, со цел да го зачуваат пристапот до кинескиот пазар. Вашингтон потсетува дека Комунистичката партија на Кина е најголемиот угнетувач на сопствениот народ и дека секое потчинување на нејзините барања од страна на западните компании претставува срамно оправдување на угнетувањето и прифаќање на условите што ги диктира еден недемократски режим.

Според американските претставници, Мбапе би требало да ја искористи својата светска препознатливост за да продолжи да сведочи за вистината за природата на автократијата во Кина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со словачкиот министер за надворешни и европски работи, Јурај Бланар

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими министерот за надворешни и европски работи на Словачката Република, Јурај Бланар, кој престојува во официјална посета на земјава.

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со словачкиот министер за надворешни и европски работи, Јурај Бланар

На средбата беа потврдени пријателските македонско-словачки односи.

Сиљановска-Давкова ја акцентираше важноста на континуираната словачка поддршка на македонскиот пат кон Европската Унија, нагласувајќи дека пристапниот процес треба да биде кредибилен, предвидлив и заснован врз заслуги и исполнување на Копенхашките критериуми.

За неа, постепената интеграција и пристапот до единствениот европски пазар, европските фондови и заедничките програми, води кон приближување кон ЕУ, но не може да биде замена за полноправното членство.

Таа изрази подготвеност за сестран дијалог со Република Бугарија, во духот на европските принципи и вредности, гарантирани во основачките документи.

Министерот Бланар ја реафирмираше словачката заинтересираност и посветеност на евроинтеграцијата на земјите од Западниот Балкан, вклучувајќи ја и нашата.

Тој силно го поддржа македонско-бугарскиот дијалог, како единствен начин за надминување на проблемите.

Како многупати досега, министерот нагласи дека Словачка е против било какви двојни стандарди во третирањето на земјите-кандидати за ЕУ.

Соговорниците ги истакнаа блиските јазични и културни врски меѓу двете земји, втемелени во делото на сесловенските браќа Кирил и Методиј.

Претседателката изрази длабока благодарност за објавувањето на првиот учебник за изучување на македонскиот јазик за словачките говорители и отворањето на првиот лекторат по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Нитра, соопштуваат од Кабинетот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер