Интернет центарот за македонски јазик ја промовира македонската култура во САД - Канал 5

Интернет центарот за македонски јазик ја промовира македонската култура во САД

Интернет центарот за македонски јазик, http://makedonskijazik.org, минатиот месец одбележа десетгодишнина од своето постоење. Центарот е невладина организација базирана во САД, која им овозможува на луѓето од целиот свет да го учат македонскиот јазик како странски преку Интернет, со тутори или самостојно, користејќи мултимедијални материјали кои центарот ги произведува.

Интернет центарот за македонски јазик ја промовира македонската култура во САД



Во 2007 година, основачот на овој центар, д-р. Билјана Беламариќ Вилси, Македонка која долги години живее во САД, лингвист и педагог, го замисли како виртуелен центар каде заинтересираните за учење на македонскиот јазик и зачувување на неговата употреба во дијаспората ќе можат да најдат бесплатни квалитетни мултимедијални ресурси кои отсликуваат не само педагошки-препорачани практики туку и македонската култура и тоа користејќи компјутерска технологија на 21-виот век.

На Интернет страницата на овој центар можат да се најдат интерактивни туторијали за учење македонски јазик на почетничко ниво, каде граматика се објаснува аудиовизуелно низ низа примери во дијалози, кои се придружени со тестови за проверка на знаење, прости текстови со аудио снимки за вежбање на читање и слушање, како и посложени текстови во кои се објаснуваат делови од македонската култура. Наставници и тутори по македонски јазик можат да најдат и вежби со пополнување на празни линии кои се базирани на литературни, музички и филмски продукти од македонската култура но организирани според граматички теми кои се обработуваат на часови по македонски јазик како странски.

- Иако можеби претпоставувате дека најзаинтересирани за изучување на македонскиот јазик се деца или внуци на иселеници, моето истражување покажа дека тоа почесто се луѓе кои немаат македонско потекло, изјави за МИА Беламариќ-Вилси.

Според неа, тоа се животни партнери на Македонци (вереници, сопружници...) или пријатели. Понатаму има полиглоти, истражувачи, или лингвисти кои се заинтересирани за изучување на нов јазик и го одбираат македонскиот. И на крај, бизнисмени и припадници на интернационални организации кои ќе работат или веќе работат во Македонија.

Беламариќ-Вилси вели дека повеќето што го изучуваат македонскиот со материјалите на Центарот се од англиското говорно подрачје. Како најтешки граматички особености на македонскиот јазик им се удвоениот предмет, глаголскиот вид (свршен, несвршен) и минатото неопределено време. Но, вели, ако некој е мотивиран, ќе напредува, особено ако е во посета на Македонија.

- Она што често го слушам од студентите кои се во Македонија е дека често се обидуваат да зборуваат македонски, а Македонците им зборуваат на англиски. Иако така им е полесно на студентите, со тоа им се одзема шансата да го вежбаат она што го научиле и ако тоа се повторува често, тие ќе ја загубат потребата да го научат јазикот и со тоа и мотивацијата, оцени таа за МИА.

Согледувајќи дека во дијаспората постои потреба за зачувување на македонското културно наследство низ јазикот, д-р. Беламариќ Вилси исто така на страниците на центарот објавува традиционални детски песнички и игри како „Коледе“, „Две рачички“, или „Сакате ли војна?“ кои им се многу добро познати на децата од Македонија, но често не се пренесуваат од колено на колено во дијаспората, особено во делови на светот каде што нема многу Македонци.

Таа сето тоа го има почувствувано лично со своите три ќерки и сака да им овозможи не само ним, туку и на други семејства кои се во истата ситуација да ги запознаваат своите деца и нивните другарчиња со македонскиот јазик и култура во местата каде што животот ги однел.

За таа цел, таа исто така има дизајнирано и објавено неколку интерактивни игри, што децата можат да ги играат на компјутер и во кои компјутерот им се обраќа на македонски јазик, барајќи да комуницираат преку македонскиот јазик за да бидат наградени. Тоа е многу важен аспект особено за децата во дијаспората кои растат во делови каде немаат други допири со македонскиот јазик.

Уште еден извор на македонски јазик за деца во дијаспората се четири билингвални (македонски-англиски) книги за деца, кои се продаваат преку интернет страницата на центарот и до сега се многу добро примени од читателите. Неколку од нив се и аудио-книги достапни преку иБоокс. Книгите, како и веб страницата, го отсликуваат педагошкиот приод на Беламариќ-Вилси кон сите нејзини потфати - таа се потпира на аудиовизуелна помош да се долови значењето на зборовите, на често повторување на зборовите за полесно да се запаметат, вклопувајќи автентични делови од македонската култура како лични имиња, објекти од историско значење, или типично македонски начини на изразување.

Дејноста на центарот беше интернационално признаена со наградата „Пристап до јазично образование“ во 2012 од страна на Конзорциумот за изучување на јазици преку компјутери (ЦАЛИЦО), а Беламариќ-Вилси беше избрана за една од 40-те најуспешни Македонци во дијаспората во 2015 од страна на организацијата Обединета македонска дијаспора.

Земајќи ги предвид сите постигнувања и признанија на центарот и неговата работа, можеби најневообичаено е што сето тоа е постигнато на волонтерска база. Воедно, самото тоа е и своевидно признание за тоа колку им значи македонскиот јазик и култура на Македонците во дијаспората.

Статистика за центарот

Број на регистрирани корисници (во последните четири години) - 1.280. Најчести земји на посетителите (статистика од последните пет години): Македонија, САД, Австралија, Србија, Косово, Обединето кралство, Турција, Германија, Канада, Словенија, Италија, Франција, Босна и Херцеговина, Индонезија, Грција, Русија, Шведска, Швајцарија, Бугарија, Албанија...

Неда Димова Прокиќ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Германска „Луфтханза“ укинува уште 1.000 работни места- планираните отпуштања сега достигнаа 5.000 луѓе

Германската авиокомпанија „Луфтханза“ планира да скрати уште 1.000 работни места во Франкфурт и Минхен, покрај 4.000-те што ги објави групацијата „Луфтханза“ во септември 2025 година.

Германска „Луфтханза“ укинува уште 1.000 работни места- планираните отпуштања сега достигнаа 5.000 луѓе

Портпарол на компанијата потврди за германскиот портал за авијација Airliners.de на 24 ноември дека намалувањата ќе вклучуваат дополнителни нивоа на персонал, кои ќе ги покриваат административните и оперативните задачи.

Менаџментот на „Луфтханза“ ги информираше вработените за новите мерки во интерен меморандум на 19 ноември, наведувајќи дека компанијата повеќе не е конкурентна во голем број деловни сегменти.

„Луфтханза“ забележа прилагодена оперативна загуба од 180 милиони евра во првите девет месеци од 2026 година.

Покрај намалувањата на персоналот, компанијата планира да го намали капацитетот на кратките и средните рути, а некои од нејзините авиони од семејството „Ербас А320“ треба да бидат заменети со помали авиони „Ербас А220“.

На 29 септември 2025 година, групацијата „Луфтханза“ презентираше план за елиминирање на околу 4.000, главно административни, работни места до 2030 година, со поголема употреба на дигитализација, автоматизација и вештачка интелигенција. На крајот од истата година, групацијата имаше околу 67.100 вработени во Германија, што е за еден процент повеќе од претходната година.

Компанијата сè уште не објави рок за дополнителните 1.000 намалувања на работни места, ниту како ќе се спроведе намалувањето на бројот на вработени.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Белгиска милионерка е фатена како краде во супермаркет, ноќта ја поминала во притвор

Богата Белгијка била фатена како краде во супермаркет во Швајцарија откако не успеала да скенира петнаесет производи на касата за самопослужување. 

Белгиска милионерка е фатена како краде во супермаркет, ноќта ја поминала во притвор

Жена во педесеттите години, чие богатство се проценува на 3,8 милиони евра, завршила во полициската станица, каде што ја поминала ноќта во ќелија. Деталите за случајот беа откриени во пресудата на Врховниот суд на Швајцарија, пишува белгискиот HLN.

Ја запрело обезбедувањето

Инцидентот се случил кон крајот на октомври 2022 година во супермаркет во Женева, каде што живее Белгијката. Таа се обидела да ја напушти продавницата со околу петнаесет неплатени производи на дното од нејзината торба за пазарење, чија вкупна вредност надминувала 340 швајцарски франци, или 366 евра.

Обезбедувањето ја запрело милионерката на излезот од продавницата и ја повикало полицијата. Жената била уапсена, а полицајците го претресле нејзиниот автомобил и дом. Таа ја поминала ноќта во ќелија и била ослободена дури следниот ден, откако била испрашувана од канцеларијата на државниот обвинител.

Таа тврдеше дека заборавила на производите

Судот во Женева ја прогласи за виновна, но Белгијката поднесе жалба до Федералниот Врховен суд, надевајќи се на ослободителна пресуда.

Во своја одбрана таа тврдеше дека немала намера да краде, туку дека само сакала да оди до автомобилот за да ја земе банкарската картичка. Наводно, трите производи што ги држела во рацете ги вратила на полиците, додека целосно ги заборавила производите во торбата, како што тврди.

Судиите не го прифатија нејзиното објаснување. Тие истакнаа дека таа не му ја спомнала заборавената банкарска картичка на обезбедувачот и дека му ја признала кражбата.

Ѝ беше изречена условна казна

Судот заклучи дека големото лично богатство не ја исклучува можноста некој намерно да изврши кражба.

Белгијката се пожали и на однесувањето на полицијата, лисиците и ноќта помината во ќелијата. Судиите ги отфрлија и тие приговори, заклучувајќи дека апсењето и претресот на домот се последица на нејзините постапки.

Таа беше осудена на условна парична казна од 15 дневни износи од 300 швајцарски франци, што е вкупно 4.500 франци, или околу 4.850 евра.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кина по изборите на Тајван: Никој не може да го запре обединувањето

Кина утрово предупреди дека „обединувањето“ не може да се запре, реагирајќи на резултатите од локалните избори во Тајван, на кои владејачката Демократска прогресивна партија (ДПП) го дуплираше бројот на градови и окрузи под нејзина власт.

Кина по изборите на Тајван: Никој не може да го запре обединувањето

Кина утрово предупреди дека „обединувањето“ не може да се запре, реагирајќи на резултатите од локалните избори во Тајван, на кои владејачката Демократска прогресивна партија (ДПП) го дуплираше бројот на градови и окрузи под нејзина власт, и покрај тоа што ја загуби трката за градоначалник на Тајпеј.

Кина го смета демократски управуваниот Тајван за дел од својата територија и никогаш не ја исклучила можноста за употреба на сила за да го стави островот под своја контрола. Тајванската влада ги отфрла територијалните претензии на Пекинг.

Кина: Обединувањето е неизбежно

Канцеларијата за прашања на Тајван на Кина соопшти дека ги зема предвид резултатите од изборите, додавајќи дека мнозинството Тајванци сакаат мир, развој, размена и соработка.

„Без оглед на промените на политичката сцена на Тајван, тие не можат да го променат правецот и развојот на односите меѓу двете страни на Тајванскиот теснец или да го запрат историскиот процес во кој татковината мора и неизбежно ќе биде повторно обединета“, се вели во соопштението.

Кинеската влада ќе продолжи „решително да се справува со сепаратистичките сили кои се залагаат за независност на Тајван и да се спротивставува на надворешното мешање“ и да ја промовира „големата цел за национално обединување“, додаде таа.

Тајван му одговори на Пекинг

Тајванската влада изјави дека Кина треба да го почитува демократскиот систем на Тајван и одлуките на неговите граѓани и прагматично да пристапи кон резултатите од изборите.

Пекинг треба да води разговори со демократски избраната, легитимна влада на Тајван врз основа на еднаквост и меѓусебно почитување, без поставување предуслови, изјави Советот за прашања на континентална Кина на Тајван, кој е задолжен за обликување на политиката кон Пекинг.

Кина одбива да разговара со претседателот на Тајван, Лаи Чинг-те, кого го нарекува „сепаратист“. Лаи, кој е и претседател на ДПП, истакнува дека само народот на Тајван може да одлучи за својата иднина.

Пред изборите, Кина испрати десетици воени авиони и бродови во Тајван

Односите со Кина не беа меѓу главните теми на изборната кампања, која се фокусираше на домашни прашања како што се безбедноста на водата и училишните оброци.

Сепак, Кина постојано го критикуваше кандидатот на ДПП за градоначалник на Тајпеј, Пума Шен, пред изборите и му воведе санкции за „сепаратизам“.

Во петокот, Кина испрати десетици воени авиони и воени бродови во воздушниот простор и водите околу Тајван.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер